post

Дизајн – Маркетинг средство 76

веб дизајн

Дизајн како маркетинг средство

Стигнавме до 76-тото маркетинг средство на претприемач како дел од серијалот 100 маркетинг средства. Досега ги обработивме веб сајтот, блогот и содржината како еден дел што ќе бидат опфатени во Вашата онлајн стратегија. Поминавме и два стила на привлекување на посетители – SEO оптимизација и PPC кампањи преку Google Adwords.

Но, што потоа? Имаме ваб сајт, имаме блог и имаме содржина, но каде е конверзијата? Што очекуваме еден посетител кој на одреден начин ќе пристигне до тие наши платформи да направи?

Во голем дел, конверзијата ќе зависи од дизајнот и пораката во тие платформи.

Со овој пост би сакал да опфатам неколку елементи на дизајнот:

  • Корисност
  • Начин на користење не од ваша страна, од страна на посетителите
  • Скенирање, не читање

Корисност

Првиот елемент кој сакам да го потенцирам е корисноста.

Корисноста наједноставно претставува лесно користење на платформата без разлика дали станува збор за веб сајтот или пак за блогот.

Кога станува збор за корисноста не можам а да не го споменам првиот закон на корисноста согласно Steve Krug во неговата книга Don’t Make Me Think!

Прв закон на корисноста: Не терај ме да мислам!

Тоа значи дека кога еден посетител ќе дојде ќе треба брзо и лесно да увиди:

  • Што има тука за него?
  • Што треба да направи?
  • Како треба да го направи тоа?

За да посетителот не размислува треба да се избегнат прашањата во неговата глава како следниве:

  • Каде да започнам?
  • Што понатаму?
  • Дали ова е мени?
  • Можам ли да кликнам тука?
  • Дали да кликнам тука?
  • Што значи ова или она?
  • Како да купам?
  • Зошто таа слика или тој текст е токму тука?

Ова се многу важни прашања за еден веб сајт или блог кога станува збор за онлајн маркетинг. На интернетот постоеле, постојат и ќе постојат конкуренти кои секогаш може да бидат привлечни. Па затоа доколку посетителот неможе брзо да се снајде, едноставно ќе го кликне знакчето X, што секако не го посакувате.

Како се користи страната од страна на посетителот

Можеме да најмиме одличен дизајнер кој визуелно ќе дизајнира чудо кое ќе предизвика кај нас воздишка. Има супер бои, супер анимации, супер музика во позадина… Но, посетителот не бара да види боја. Не бара да види и да чека анимација пред да се отвори она што го бара. Не бара да слуша музика, доколку е така ќе оди на онлајн радио. Тој едноставно:

  • Бара информација
  • Бара решение за својот проблем преку Ваш производ или услуга
  • Донел одлука за купување и сака да купи.

Затоа кога станува збор за дизајнот мора да се тргне од пазарот и да се одговори на следниве прашања:

  • Кои се целните посетители?
  • Што тие бараат на интернет?
  • Што сакаат да прочитаат?
  • Дали купуваат на интернет?
  • Како купуваат?
  • Кој е прецесот на нивното купување?

Скенирање, не читање

Кога сме поврзани на интернет и кога бараме нешто без разлика дали станува збор за информација или пак за производ кој можеби би го купиле ние не читаме се од збор до збор, ние скенираме. Зошто скенираме? Затоа што немаме време и така сме научени.

На пример кога бараме нешто на Google, на страната со резултатите ќе добиеме она што Google смета дека ние го сакаме. Но, ние не ги отвораме сите страни. Едноставно ги скенираме насловите бидејќи се најупадливи и доколку некој наслов го привлече нашето внимание, гледаме во описот (не читаме) и одлучуваме дали ќе кликнеме или не. Сетоа тоа се одвива во еден временски еприод од неколку секунди до неколку десетици секунди.

Истото се случува и кога читаме весник. Не верувам дека започнувате од првиот до последниот текст. Едноставно ги разлистувате страните, гледате во насловите и одлучувате дали ќе го читате текстот или не. Понекогаш и некоја слика ќе ви го привлече вниманието и ќе донесете одлука за продолжување на читање на тој текст или не.

Она што е карактеристично и најмалку што треба да го знаеме е дека:

  • Времето за донесување на одлука за она што сакаме еден посетител да го направи е многу пократко во однос на било кој друг маркетинг медиум.
  • Се што ќе поставиме или напишеме или презентираме нема да биде видено од првпат. Мора да имаме план Б.

Затоа пред да се одлучите за дизајнот:

  • Ставете се во улога на еден посетител и неговите цели.
  • Прашајте еден просечен купувач што би сакал.
  • Разговарајте со вашите роднини и пријатели за идеи или нивниот начин на користење на интернетот.
  • Направете различни профили на посетители врз основа на нивното различно однесување. Еден купувач не се однесува исто како еден барател на информација.
  • Прилагодете го дизајнот на тие профили.
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*