post

Договор одсега да се спроведува она што претходно било договорено…

Морам да го започнам и самиот овој пост со насловот

“Договор одсега да се спроведува она што претходно било договорено… :)”

Што мислите за реченицата?

Дали ви се случило на некој од состаноците на кои поминувате, да се навратите на она што сте го договориле на претходниот состанок, а на овој повторно да дискутирате и полемизирате и одлучите дека треба да се спроведува?

Договарање за договорен договор… 🙂

Одлучување за веќе донесена одлука… 🙂

Иако нема логика сепак се случува кај повеќето претпријатија.

Од иновирање и култура на иновирање, компанијата преминува во една бирократска култура во која се состаночи, дискутира, полемизира и реодлучува.

Ова е моментот кога за првпат основачот, претприемачот се соочува со потребата од менаџмент.  Тој момент значи дека компанијата досега доста успешно се справувла со сите досегашни фази од својот животен циклус, но сега се наоѓа во доста “деликатна” позиција која бара сосема поинакви одлуки отколку што било праксата досега.

Досега работите се завршувале, без здодевни состаноци, дискусии, полемики и реодлучувања. Еден носи одлука, без разлика дали е добра или лоша и таа се имплементира. Доколку е погрешна, се извлекува поука со што и претприемачот и бизнисот стануваат подобри, посилни, збогатени со дополнително знаење и искуство. Но, сега не е едноставно. Постои хиерархија, структура, правила, процедури…

Но, сепак насоката во која ќе се движи бизнисот сеуште зависи и се наоѓа во рацете на претприемачот. Тој го има клучот на вратата која води до раскрсница за тоа по кој пат ќе се продолжи. Колку побргу ја отвори вратата и го избере патот, толку побргу ќе се знае што ќе се случува понатаму.

Едниот од двата пата е да се забави со растот на компанијата и обид да се врати во претходната фаза кога едноставно семејната атмосфера која што постоела довела до растот кој е постигнат.

Вториот пат е да се продолжи со растот преку имплементација на менаџмент системи кои ќе бидат доволно силни за да го понесат теретот на трансформациите кои што следуваат. Но, прашањето е кој ќе ја преземе таа улога?

Во секој случај и двата пата се оправдани за претприемачот. Сепак, тој од ништо веќе создал нешто. Дали ќе се оддржи на патот на растот или пак едноставно претприемачот ќе си ги ужива благодетите од досега оствареното ќе зависи од него. Неговата одлука ќе биде една од најтешките во неговата претприемачка кариера.

 

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*