Без постојано подобрување, бизнисот стагнира, привремено се одржува во состојбата во која што е, но сепак тоа се знаци кои кажуваат дека започнува патот на назадување на компанијата.
Наједноставно кажано подобрување значи активност на промена на состојба на нешто, при што резултатот на таа нова состојба би бил нешто подобро за нас.
Кога станува збор за вас како претприемачи можеме да кажеме дека:
- Прво, морате да работите на всадување на култура на постојано подобрување и на производите и услугите кои ги нудите, но и на процесите кои ги користите во вашиот бизнис.
- Второ, вашата работа како претприемач е постојано да поттикнувате сите да размислуваат за подобрување и трансформација на вашиот бизнис без разлика на која позиција се наоѓа.
- И трето, постојано учење и експериментирање како од ваша страна, така и од страна на сите вработени ќе претставува добра основа за самоподобрување на сите членови во вашиот бизнис.
1. идеи за подобрување на производствениот систем
Секој бизнис произведува нешто, без разлика дали е тоа производ каде имаме класичен производствен систем или пак услуга каде се произведува самата услуга. Значи кога зборувам тука за производствен систем мислам за систем со кој се добива основната вредност која ја продавате – производот или услугата.
Што можете да подобрите во вашиот производствен систем?
- Прво, вашиот производствен систем како главен излез го има вашиот производ или услуга и првата работа на која ќе треба да се насочите е да го подобрите нивниот квалитет.
- Второ, подобрете го влезот во вашиот производствен систем.
- Трето е подобрување на самите елементи во производствениот систем.
2. идеи за подобрување на маркетинг систем
Исто како што и производствениот систем го гледате како еден систем, и маркетинг системот претставува систем со влез, трансформација и излез. Ваквото поставување и гледање на работите овозможува континуирано следење на перформансите, а со тоа и континуирано подобрување на целиот систем. Основната цел на маркетинг активностите во секој бизнис па и вашиот е да обезбеди соодветна комуникација со сегашни и идни купувачи, а со тоа да се обезбеди дека маркетинг инката секогаш ќе биде полна.
Имајќи во предвид дека секој маркетинг процес се одвива во повеќе фази, најдобар начин за да започнете со подобрување ќе претставува и подобрување на секоја фаза од инката посебно. Со подобрување на една фаза го подобрувате влезот во другата фаза, така да кога ќе ги поминете сите фази ќе се подобри и излезот од маркетинг системот, што значи и обезбедување на поголема продажба на вашите производи или услуги.
Во водич за маркетинг план кој можете бесплатно да го добиете преку Free Silver членство на премиум претприемач презентирав еден вид на инка која ги опфаќа следниве фази низ кои се движи еден потенцијален купувач:
- Прва фаза во која се наоѓа еден потенцијален купувач е кога тој воопшто не знае за производот или услугата кои вашиот бизнис ги нуди.
- Втората фаза во која се наоѓа еден потенцијален купувач е кога тој дознава за вас, вашиот бизнис како и производите и услугите кои ги нудите, но сепак сеуште не е свесен дека има потреба за вашиот производ или услуга.
- Трета фаза е кога потенцијалниот купувач и знае и станува свесен дека има проблем, но и потреба за негово решавање.
- Четвртата фаза е кога потенцијалниот купувач анализира и истражува за да може да донесе најдобра одлука за најдобро решение.
- Петата фаза е фаза на одлучување и избор, каде што доколку како излез од претходната фаза е позитивен ќе ве избере вас, доколку е негативен ќе излезе од инаката и задачата ќе ви биде да го вратите преку зголемување на трите клучни елементи кои ги споменав претходно – кредибилитет, репутација и доверба.
- Шестата фаза е фазата кога потенцијалниот купувач купува и со подобрувања во сите претходни фази ќе имате поголем број на купувачи.
- Седмата фаза е повторување на купување, но сепак маркетинг процесот не треба да заврши тука, кога веќе обезбедите дека еден купувач го повторува купувањето кај вас, зошто да не ги подбрите активностите за да создадете поголема конверзија за следната фаза.
- Последна фаза од овој циклус е препорачување.
Можете да имплементирате навистина илјадници подобрувања кога станува збор за маркетинг системот, сепак овие се доволни само како почеток на вашите напори за подобрување на вашиот бизнис.
3. идеи за подобрување на продажниот систем
Третиот важен систем во вашиот бизнис претставува продажен систем. Маркетинг системот кажува што треба и обезбедува купувачи, производствениот систем ја произведува вредноста, додека продажниот систем обезбедува дека вредноста ќе пристигне во рацете на купувачите.
Сега, кога станува збор за малите бизниси, многу работи кои ги кажав во маркетинг системот ќе се повторат и тука. Затоа најчесто кога работам на градење на системи во малите бизниси продажната и маркетинг функцијата ги создаваме како една функција, односно како еден систем поради причина што каде застанува едниот продолжува другиот, и еден без друг се навистина нефункционални. А, сепак станува збор за мал бизнис кој тешко може да си дозволи да има посебни ресурси и особено човечки ресурси во двете функции.
Но, тука би сакал да набројам неколку можни подобрувања кои би можеле да ги преземете уште денес:
- Постојано работете на подобрување на знаењето на вашиот продажен тим особено преку соодветни обуки и организација на состаноци каде ќе се споделуваат практичните искуства од страна на секој член на продажен тим.
- Обидете се да ги намалите чекорите кои вашиот купувач треба да ги преземе кога станува збор за имплементација на продажниот процес.
- Имплементирајте иницијативи за да продадете повеќе на секој купувач кој купува од вашиот бизнис.
- Работете на подобрување на вештините за преговарање.
- Дизајнирајте продажни процедури кои ќе бидат предмет на постојано подобрување.
Сметам дека се доволни овие идеи, инаку секогаш ќе има простор за повеќе, но идејата е да започнете, а кога ќе започнете дури тогаш ќе видите што се ќе треба да подобрите.
4. идеи за подобрување на човечки ресурси
Иако овој вид на подобрување можеби претставува и наједноставното подобрување бидејќи имаме неколку тактики на располагање сепак претставува доста заначјно бидејќи сите претходно споменати системи ги содржат човечките ресурси и без нивно подобрување, тешко можеме да очекуваме подобрување на останатите системи.
Кога станува збор за човечки ресурси и обезбедување на континуирано подобрување би предложил како за старт да ги следите следниве совети:
- Започнете со целосен редизајн на вашиот систем за регрутирање на човечки ресурси во вашиот бизнис.
- Најдобрите човечки ресурси се карактеризираат со солидни вештини, знаење и искуство. Подобрување во секој од тие карактеристики ќе значи постојано подобрување на вашиот бизнис.
- Институционализација на формални обуки е добра основа за постојано пдообрување и исто така претставува нешто што се препорачува од страна на Деминг во неговите 14 принципи и тоа преку тринаесетиот принцип кој бара институционализација на едукација и самоподобрување.
- Обезбедете постојани обуки на самото работно место исто така доаѓа од 14-те принципи на Деминг и тоа од шестиот принцип кој вели институционализирајте ја обуката на работното место. Оваа препорака бара освен обуки кои ги препорачав погоре кои ќе бидат на определен временски период и специјално дизајнирани однапред, ќе примените и обуки кои не се планирани и кои ќе се одвиваат по потреба на самото работно место. Тука менаџерите ќе имаат голема улога во спроведување на оваа препорака.
- Организирајте формални работлиници на точно определен временски период каде секој ќе има задача да го презентира неговото искуство од претходен период, како и чекорите кои ги презел и успесите кои ги постигнал со тие чекори. Ваквите работилници ќе ви овозможат и користење на разни идеи од практиката заради редизајнирање на различните деловни процеси во вашито бизнис.
- Организирајте неформални состаноци или забави на кои слободно може да се разменуваат искуства и на кои ќе се поттикне комуникација и градење на пријателство помеѓу сите вработени во вашата компанија.
Забележувате дека со импелементација на овие подобрувања, не само што постојано ќе ги подобрувате човечките ресурси и ќе влечете идеи за подобрување на процесите во вашиот бизнис, но и ќе изградите едно навистина солидно место за работа, со што луѓето ќе сакаат да бидат дел од него.
Speak Your Mind