post

Како да напишеш бизнис план?

Бизнис план

Бизнис план

Како да напишеш бизнис план? Каков наслов? Може ли да одолам на еден ваков наслов кога популарноста е огрооомна на бизнис плановите. Ти бараат институциите, ти бараат на натпревари, излегуваат по весници, еден куп реклами… Па, ајде и ние тука малку да се позанимаваме на оваа подрачје, иако сакам да напоменам да не се изненадите кога во идните постови ќе ја докажувам обратната хипотеза – не ти треба бизнис план.

Некаде сум прочитал, но можеби во некои постари или списанија или книги каде што се вели дека бизнис планот не гарантира успех. Тоа е сосема точно. Ништо не гарантира успех. Нели, кажавме во насловот што е карактеристично за еден мал бизнис и еден претприемач дека тоа е неизвесноста. А, тоа значи нема гаранции, најмалку пак гаранции за успех.

Од друга страна пак доколку немаш бизнис план или пак нешто што се нарекува некаков документ во кој на било каков начин ќе го исцрта барем приближно твојот претприемнички пат ќе гарантира неуспех. И тоа може да биде точно, но сепак се коси со неизвесноста и дека не постои гаранција за успех, но математички гледано и за неуспех.

Кога работиш на твојот бизнис план, пред да одам со супер кратко и лесно упатство во 30 чекори за пишување (човече, велам пишување на бизнис план, а досега користев термин процес на бизнис планирање, но, што е тука е, сакам и јас да бидам модерен и во тренд), сакам да напоменам едно нешто. Оде.. ги сите оние за кои го пишуваш бизнис планот. Заборави ги, не постојат. Постои само една фигура за тебе, а тоа е потрошувачот. Твојот бизнис не е за оној кој ќе го чита и од чие да или не зависи некоја “сиќа” која ќе ја добиеш. Твојот бизнис ќе треба да постои за твоите потрошувачи, ако ги има, нормално.

Па, да не должам, одиме со супер, хипер, топ, нај, кратко и лесно упатство во 30 чекори за пишување на бизнис план (ако звучев неозбилен во овој вовед, сега ќе бидам крајно озбилен):

  1. Први, пред било што друго, започни да размислуваш на се околку твојот сегашен или иден бизнис.
  2. Напиши ги твоите цели на хартија. Не мисли на лични и бизнис, пиши што се сакаш да оствариш, нека ти олесни на душичката.
  3. Размисли повторно, но сега со фокус на целите кои ги напиша во претходниот чекор.
  4. Оддели ги личните од бизнис цели.
  5. Размисли повторно и за личните и за бизнис цели.
  6. Опиши го твојот бизнис во една едноставна реченица. Што, кого, како, каде и дали.
  7. Опиши ја вредноста на твојата бизнис понуда или понуда која ќе се понуди во иднина. И не мисли за оној што ќе го чита планот (дури и тоа да си ти), описот базирај го од перспектива на еден твој потрошувач (сегашен или иден, како сакаш).
  8. Опиши го твојот целен пазар.
  9. Опиши го твојот идеален купувач.
  10. Размисли повторно. Сега размислувај за предвидувањата за иднина.
  11. Напиши ги предвидувањата на хартија.
  12. Е сега малку треба да се помачиш. Излези надвор и истражувај.
  13. Провери ги откритијата од истражувањето со предвидувањата.
  14. Прилагоди ги прилагодувањата доколку сметаш дека не се совпаѓаат со резултати од истражувањето од точка 12.
  15. Одговори на прашањето: Дали предвидувањата се нешто што ја отсликува реалноста, или пак ја отсликуваат колку што може подобро реалноста во иднина, или пак тие едноставно се само твои желби? Доколку се нешто што ја отсликуваат реалноста може да продолжиш со следните чекори, доколку не, врати се на точка 10.
  16. Сега може повторно да ги напишеш предвидувањата на лист хартија или на што сакаш.
  17. Предвидувањата за продажба постави ги во една табела, но на месечно ниво. Може да направиш графичка презентација на табелата доколку сакаш да го подобриш фокусот на твоите предупредувања.
  18. Размисли повторно. Сега дали продажните бројки од предвидување се нешто што овозможуваат остварување на целите од точка 5.
  19. Доколку одговорот е да, може да продолжиш. Доколку одговорот е не, тогаш врати се на точката 10 за предвидувања, а може и на точката 5 кај што се целите.
  20. Размисли повторно, сега за тоа пто ќе треба да направиш за целите да се остварат.
  21. Напиши на лист хартија се она што ќе треба да го направиш.
  22. Размисли повторно, сега за тоа кој ќе треба што да прави.
  23. Во близина на секоја задача, напиши ги имињата на одговорните за нивно спроведување.
  24. размисли повторно, но сега за пари, за буџетот.
  25. Во близина на секоај задача, напиши колку пари ќе треба за секоја од задачите.
  26. Сега пресметај ги трошоците.
  27. Провери дали вкупните трошоци се покриваат со проекциите на продажба.
  28. Доколку приходот од продажба е поголем од трошоците, пресметај ги даноците. Доколку не се, врати се на точката 10.
  29. Провери колку пари ќе ти останат.
  30. Доколку не ти се доволни, врати се на точката 1.

Како што гледаш ова е процес. И теоретски гледано, со неизвесност и бла, бла сепак е процес кој не запира, не е пишување и документирање. Тоа е за административците, а претприемачите се далеку од административци.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*