post

Како да препознаете лош бизнис партнер

За авторот: Гостински пост од Блаже Аризанов, раководител на одделот за Дигитален Маркетинг во Mobiloitte Индија.
Отпочнав бизнис иницијатива која се покажа неуспешна. Отпочнав уште една која повторно пропадна. И во двата случаи причината беше лош бизнис партнер. Ова е мојата приказна.

Состаноци за 27 минути

Да се започне нов бизнис повеќе не претставува исклучиво проблем поврзан со расположивост на парични средства. Барем не овде во Индија. Овде речиси стана дневен кафе муабет како еден довчерашен студент лансира ИТ стартап којшто наскоро доби финансиска инекција од крупни инвестициони фондови или бизнис ангели како на пример Sequola Capital или Vulcan Сapital.

Заборави го Американскиот сон човече. Почни да размислуваш за Индискиот сон. Не може повеќе да се случи во Америка. Мексико мака мачи со војни помеѓу влада и картели. Цензорството на Кина ќе Ви дозволи да напредувате само доколку Вашата идеа копира некоја постоечка од Западот.

Индија е она вистинското.

Ова е веќе трета година откако живеам во Делхи. Досега дури и успеав да заштедам неколку илјади Рупии настрана. Ја проширив значајно својата мрежа на контакти во Делхи и пан Индија. Се живо околу мене брмчеше и мирисаше на претприемништво и стартапи.

И последно а воедно и најдобро – добив идеа за нов бизнис!

Затоа помислив. Зошто да не. Ајде да се обидам и да видам до каде ќе стигнеме.

Тоа и го направив. Истото се покажа неуспешно. Не еднаш. Двапати

Првиот обид претставуваше идеа на мој свеж познаник во чијашто идеа решив да се приклучам и да овозможам нејзина реализација. Седнавме, типот имаше спремано некоку листа хартија со финансиски проекции (со тоа најмногу ме освои), и ми го образложи концептот. Се ракувавме и почнавме со работа.

Фаза 1 беше формално основање и лансирање на фирма (легалниот аспект беше еден од најбитните за ваков вид на бизнис). Бизнисот кој го планиравме беше тренинг институт којшто ќе пласира курсеви на свежо дипломирани студенти а кој после завршетокот на курсот ќе им  овозможи вработување во некоја од фирмите партнери на институтот. Институтот профитира од членарината која ја плаќаат студентите за курсот и надоместокот од компаниите кои имаат потреба од нови вработени. Ова е еден модел кој е доста застапен и лукративен во Индија со оглед на огромната маса на студенти која секоја година се јавува на пазарот на работна сила во големите метро градови.

Јас бев планиран да се приклучам како тренер и советник за кариерен развој, кариерна компетитивност, подготовка за интервју за работа и дигитален маркетинг.

Типот ме уверуваше дека нема да има потреба од партнерска инвестиција во било кој износ, дека тој самиот ќе инвестира сопствени средства и дека најважно од сè има инвеститор од Калкута кој само чека сигнал пред да ја уплати инвестицијата.

Не беше така. Наскоро дојде тој момент кој веќе го претпоставувате. Типот ме контактира телефонски едно врнежливо попладне пред околу 2 месеци и ми рече дека инвеститорот има здравствени проблеми (скршил нога на пат до банка) и дека нема да биде во можност веднаш да ја направи трансакцијата, но дека од друга страна потребно е одреден износ на средства да бидат уплатени веднаш бидејќи регистрацијата на фирмата е при крај.

Тоа и го направив. Се сретнавме истиот ден и му “подарив” 10.000 Рупии (речиси исто толку во денарска противвредност) со следните зборови – “Ти ги давам овие пари како знак на мојата верба во тебе и изводливоста на твојот сон. Не ме разочарувај.”

Додека ги изговарав тие зборови, во мене веќе оддекнуваше поинаков глас кој ми ја кажа вистината. Но успеав да не го слушам бидејќи не сакав една не толку голема сума на пари да покаже дека ете веќе веќе се сомневам и изразувам недостаток на верба во мојот иден бизнис партнер.

Тоа беше последниот пат кога воопшто ја сретнав таа личност. Мојот со-основач изчезна. Game Over.

Вториот тип испадна уште поголема ѕвезда. Припадник за заедница од северна Индија која во масовни бројки сега живее и просперира во повеќе Западни земји а најмногу во Канада. Така всушност ми се претстави – Технички и бизнис аналитичар кој работи за Италијанската Амбасада во Делхи, програмер и хакер, кој според распоредот на неговиот работодавец беше 3 месеци пласиран во Делхи.

Поради тоа што типот беше програмер и за кратко време мој добар пријател, решив да ја споделам со него идеата која ја нагласив погоре на почетокот преку кригла пиво. Типот беше инстантно заинтересиран и наскоро составивме Концепт, Предлог План, поделивме одговорности и дефиниравме рокови. Негова задача беше да ја програмира платформата онака како што ја замислував, а моја да ја промовирам истата, донесам почетни клиенти, одржувам релации со корпоративни клиенти и останати стеикхолдери и да барам инвеститори кога ќе дојде време за тоа.

Ништо од тоа не испадна реалност, туку напротив – илузија. Но од друга страна сосема реален беше паричниот износ (повторно 10.000 Рупии) кои ги платив по основ на дебагирање и тестирање на платформата од страна на одреден фриленсер и предлог дизајн на лого.

Бравос Блаже – Ете ти го по втор пат.

Кога размислив подлабоко после извесен период кога мислите ми беа на место сфатив дека се чувствувам среќен па дури и благодарен поради драгоцените лекции кои ми ги донесе ова искуство, како еден вид на забрзан курс (crash course) чија што цена беше 20.000 Рупии а кој доколку морав да го научам покасно кога би бил во можност да инвестирам повеќе пари од сега, би можел да ме чини многу повеќе.

Повелете лекциите кои ги научив од овие две сценарија. Нека ве служат мудро.

Пазете се од луѓе кои ветуваат многу

Обрнете внимание при селекцијата на Вашиот бизнис партнер. Пријател е едно, бизнис партнер сосема друго. Оној кој Ви е пријател може да се покаже како исклучиво лош бизнис партнер и да Ве предаде со едно трепнување на око, честопати ненамерно и незнајно. Нема смисла после тоа да станувате емотивни и да барате виновници онаму кадешто не требаше ниту да ги поставите на прво место.

Наблудувајте внимателно. Пазете се од луѓе кои ја ветуваат Ветената Земја. Никој не ја разбира Вашата идеа подобро од Вас самите. Проверете колку навистина личноста може да постигне или направи во одредено време. Претпочитајте реалистични и прагматични луѓе во фазата на развој на нов производ или идеа. Побавно е подобро во оваа фаза. Агресивните маркетинг потфати (growth hacking) ќе дојдат на ред кога ќе бидете подготвени за лансирање.

Наблудувајте ги нивните изјави

Едно од најважните нешта кои морате да ги барате од Вашиот иден бизнис партнер е – Интегритет. Мојот прв бизнис партнер сакаше да отвори  коучинг центар како одмазда за претходниот масивен коучинг гигант од каде што реши да даде оставка. Кога и да се сретневме, тој постојано ја напаѓаше таа компанија велејќи колку само многу изгубиле со тоа што решија да го остават да си замине, колку само лошо беше третиран и колкав наводен број на студенти се подготвени да го следат во неговиот нов сопствен тренинг институт.

Ја сфаќате поентата? Држете се настрана од такви личности, кои постојано и упорно се жалат на раката која до вчера им даваше леб, кои постојано обвинуваат други за нивната состојба и неделотворност. Тоа покажува недостиг на интегритет и карактер. Вистинскиот претприемач и лидер се грижи само за своите соништа и лесно е способен да ги испрати минатите лоши искуства па и целиот свет поѓаволите.

Внимателно следете го прогресот на проектот

Доколку веќе сте во фаза на развој на концептот, наблудувајте ја одблиску работата на Вашиот партнер. Доколку сте личност со скромни технолошки познавања редовно барајте детален и истовремено едноставен отчет за постигнатиот прогрес. Добар техничар и програмер не би требало да има проблем да на едноставен начин објасни комплексни детали.

Обрнете внимание на редундантност  (повторливост). Мојот втор бизнис партнер беше доволно смел да кога и да го прашам за извештај за прогресот на платформата тој постојано се заглавуваше себеси во објаснување околу тоа како прозорецот за социјален логин е речиси готов, дека посетителот ќе биде во можност после овие неколку линии на код да може да се логира на платформата преку Facebook, Twitter, Google Plus, а ако не му одговараат овие опции, да го направи истото преку email/password.

Пријателе, му велам – “Социjалниот login не е комплексна функционалност и може да биде направена и преку plugin. Објасни ми те молам како оди напредокот со главната датабаза, дали ќе биде во можност да ги изврши операциите кои ти ги опишав?”

Да, секако”, вообичаено беше неговиот одговор. “Датабазата е во процес на инсталирање и истата ќе биде во можност да извршува супер брзо благодарение на бесплатниот кредит кој го добивме од Амазон.”

Ова беше тоталниот истиот одговор кој го добив повеќе од 10 пати. Кога на крај го видов предлог логото за кое платив на наводниот дизајнер кој тој самиот го имаше ангажирано, лого кое веднаш се препознаваше дека беше направено на еден од купиштата сајтови кадешто тинејџерите додаваат ѕвездички и бои на своите имиња, ми се крена косата и решив да го испратам типот поѓаволите.

Истовремено дознав дека типот воопшто не работи за Италијанската Амбасада. Што да речам повеќе – второ па машко.

И за крај – големата слика

Не барајте бизнис партнер. Барајте човек, во хумана смисла на зборот, ако воопшто Ви е потребен ко-основач. Или тоа или барајте работна и само организирана личност која во секое време е способна да Ви демонстрира мерлив прогрес помеѓу две фази или пресвртници од проектот. После ова горчливо сценарио решив да самиот почнав да учам HTML5 програмирање, за да еден ден ја донесам својата идеа на светлината на денот.

Ова воедно се поклопува со мојата Новогодишна Резолуција кадешто си поставив за цел да во 2014 година научам два нови јазика – Хинди и HTML5

Ова е еден краток фрагмент од мојата Индиска приказна која е полна со пресврти. Сигурен сум дека мометнално и меѓу Вас оние кои го читате овој текст би се јавил некој кој има да сподели слична приказна. Ајде повелете во коментари и да научиме еден од друг.

Топли поздрави од Индија

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*