Бизнис модел е нешто што јасно и недвосмислено ги дава внатрешните и надворешните врски на еден бизнис. Бизнис модел ви помага јасно и недвосмислено да знаете што вашиот бизнис прави и како тоа го прави. Бизнис модел ги поврзува вашите снабдувачи преку вашиот бизнис со вашите купувачи. Бизнис модел е… најважното нешто за еден бизнис.
Доколку сте редовен читател на претприемач сигурно сте забележале дека сум голем подржувач на бизнис модел како еден елемент кој во многу „лични“ ситуации може да го замени и бизнис планот. Лични го ставив во наводници бидејќи сеуште кај нас преку бизнис модел не можете да комуницирате со инвеститори, банки и други институции кои обезбедуваат средства за малите бизниси.
Во овој пост сакам да претставам една книга насловена како Business Model Generation од Alexander Osterwalder и Yves Pigneur. Книга која можеби ќе го смени начинот на пишување на бизнис книги. Книга која можеби ќе го смени, ако веќе и не го менува начинот на моделирање на бизниси.
Од внатрешноста на книгата…
Книгата е навистина неконвенционална особенопоради тоа што не е напишана онака како што сме научиле да се пишуваат книгите кои обработуваат бизнис проблематика. Составена е од 5 дела:
- Платна на бизнис моделот. Ова се алатки за дизајнирање, анализирање и опишување на еден бизнис модел. Овој начин на прикажување на бизнис моделот ги опаќа четирите главни подрачја на еден бизнис: потрошувачи, понуда, инфраструктура и финансиска одржливост на бизнисот.
- „Модели“ на бизнис модели. Во овој дел од книгата авторите презентираат 5 модели од бизнис литературата. Сите модели се опишани преку јазикот на платната од првиот дел на книгата.
- Дизајн. Овој дел од книгата опфаќа техники кои може да помогнат во дизајнирање на бизнис модели. Објаснети се 6 техники како увид во потрошувачи, идеи, визуелно размислување, прототип, приказни и сценарио.
- Стратегија. Овој дел од книгата се однесува на реинтерпретација на стратегијата преку призмата на еден бизнис модел. Целта на овој дел е да обезбеди соодветни прашања за стратешка оценка на опкружувањето во кое егзистира постоечки бизнис модел.
- Процес. Петиот дел од книгата дава еден процес во кој ќе се измиксаат сите претходни елементи за да се дизајнира еден сосема нов и иновативен бизнис модел.
За кого е оваа книга?
Првата корист од оваа книга ја забележувам за врвните менаџерите кои управуваат бизниси и кои се соочуваат секојдневно со ре-размислување за тековниот бизнис модел. Оваа книга ќе им помогне да го погледнат бизнис моделот на компанијата која ја управуваат со еден сосема поедноставен, но комплетен приказ. Оваа книга ќе им даде алатки, техники и процеси за редизајнирање на постоечкиот бизнис модел.
Освен менаџерите, тука се и претприемачите кои се карактеризираат со препознавање на пазарна можност и започнување на нов бизнис или пак развој на нивниот постоечки бизнис. Оваа книга ќе им даде алатки со кои ќе можат да си ги средат сопствените идеи и да ги проверат истите преку дизајн на еден бизнис модел.
И на крај како трета група на луѓе кои би можеле да „профитираат“ од оваа книга се сите бизнис консултанти, кои ќе можат целосно да го променат нивниот концепт на „помагање“ на бизнисите, тргнувајќи од центарот на проблемот па се до најситниот детал за подобрување на еден бизнис.
Speak Your Mind