post

Кога е вистинското време за пивотирање?

Со развојот на една сосема нова филозофија се развива и нова терминологија во кажување на работите кои можеби и досега сме ги применувале но, без некое посебно име.

Пивотирање (pivot) како еден процес, особено кај стартап компании за првпат се појавува во The Lean Startup на Erick Ries, каде што е дефинирано како:

…структурирана корекција на курсот, која е дизајнирана за да се тестираат нови фундаментални хипотези за производот, стратегијата и машинеријата на растот.

Согласно таа дефиниција, пивотирањето не е ништо друго освен промена која има за цел да се тестираат нови хипотези. Но, можеби како израз е поволен кога станува збор за стартап компании каде промените се случуваат со хипербрзина (може да се мерат и во секунди).

Но, тука прашањето е кога е вистинското време за пивотирање?

Имате идеја, ја тестирате, го пакувате вашиот бизнис модел, повторно тестирате и доколку се е како што треба го започнувате бизнисот. Стартап фазата опфаќа се она што е пред официјално започнување, но и одреден дел откако официјално ќе се започне бизнисот.

Стартап фаза пред официјално започнување (Подготовка за патување)

Можеме да го презентираме оваа патешествие на еден претприемач како едно патување. Секое патување започнува со подготовка за патување, која може да содржи, избор на локација, разговор со пријатели кои го поминале тоа патување, пакување, подготовка на автомобилот, документацијата… Како и кога се подготвувате за патување така треба да се подготвите и за започнување на бизнисот.

Во овој период, односно во самата подготовка ќе имате многу пивотирања. Од основната идеја понекогаш ќе произлезе нешто сосема поинакво за што воопшто не сте ни размислувале дека ќе го работите.

Ваквата реалност се базира на тоа што вие како еден претприемач не сте личност која кажува што е добро, а што не е добро во основната бизнис идеја. Тоа го кажува вашиот купувач.

Од друга страна, основната бизнис идеја е само основата, но таа е составена од многу повеќе елементи кои ја надополнуваат, а кои не мора директно да се поврзани со самиот производ или услуга. На пример, начин на дистрибуција, начин на комуникација, дополнителни услуги, дополнителни подароци… Сето тоа ја дооформува вашата севкупна понуда, но и сето тоа го дефинирате во вашиот бизнис-модел.

Стартап фаза по официјално започнување (Започнување на патувањето)

Веќе тргнувате на патот и започнувате со реализација на сите активности за кои сте се подготвувале. Сепак, доколку сте се подготвиле да одите по еден пат, а на истиот забележите дека има пречки заради изведување на градежни работи, ништо не ве спречува да најдете обиколница и да не “дремете” и губите време чекајќи.

Официјалното започнување значи дека бизнисот ќе оперира во реални услови, со реални купувачи. Но, не значи дека немате право да следите, анализирате и преземате акции за подобрување на бизнисот.

Доколку во подготвителната фаза сте испланирале нешто во “идеални” услови или пак сте тестирале со група на купувачи кои сепак претставуваат мал примерок од реалниот сегмент на пазарот, официјалното започнување ќе ви ги покаже сите можни грешки од претходната фаза. Кога ќе се откријат грешките или пак можностите за подобрување, логично е да имате промена на стратегија, планот или пак целите.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*