Прашање кое често пати се поставува од страна на претприемачите на мали бизниси e дали тие треба да иновираат? Мојот одговор секогаш ќе биде да, затоа што иновацијата е единствениот начин да се разликувате од останатите „играчи на пазарот”, без разлика дали станува збор за мали или големи играчи. А, кога се разликувате, веќе станува многу полесно вашите потенцијални купувачи да ја препознаат разликата во вредноста која ја нудите.
1. Каква иновација ќе практицира вашиот бизнис?
Првин мора да ви биде сосема јасно на што точно ќе го насочите вашиот главен фокус кога станува збор за иновации во вашиот мал бизнис. Дали ќе стане збор за иновација во однос на производи или услуги, или пак за технологија која се користи во вашиот бизнис, или пак иновација во самиот бизнис модел преку иновација на пазар, иновација на односи со купувачи, иновација на комуникација со купувачи, иновација на каналите на дистрибуција или пак со еден збор кажано иновација во процесите во вашиот бизнис.
Понатаму, иновацијата може да биде радикална, разорна иновација како сосема нов производ за сосема нов пазар. Но може да биде и инкрементална, постојана иновација како што е постојано подобрување на производот или услугата.
Значи, вашата иновациска стратегија мора да биде доволно јасна за тоа каков вид на иновација вашиот бизнис ќе практицира.
2. Што станува со иновацискиот фонд?
Да, се разбереме, секој иновациски проект во било кој бизнис бара дополнителни финансиски средства, но и ангажирање на дополнителни ресурси кои исто така лесно се претвораат во потрошени финансиски средства.
Затоа, доколку сакате иновациските процеси во вашиот бизнис да успеваат ќе мора да ги обезбедите сите неопходни ресурси за непречено функционирање на тој процес. А најдобар начин е уште во самата стратегија да дефинирате специфичен иновациски фонд, но и како тој фонд ќе се полни и празни од страна на вашата компанија.
3. Како ќе го обезбедите креативниот процес во вашата организација?
Успешни иновации се базираат на успешни идеи, а идеите се резултат, односно производ на креативниот процес во вашата компанија.
Мора да ви биде јасно дека без идеи за иновации, процесот воопшто нема да може ни да започне да се релизира. На кој начин ќе ја поттикнете креативноста во вашиот бизнис? Одговорот на оваа прашање мора да биде содржан во вашата иновациска стратегија.
4. Кои системи за поддршка се критични за успехот на иновацискиот процес?
Идеите се само старт на процесот, но сепак не се нешто што гарантираат и успех на истиот. Колку само идеи останале на ниво на идеи затоа што не се преземале конкретни следни чекори за нивна имплементација.
Затоа, за да обезбедите успех во иновирање, ќе морате да создадете правила и процедури кои ќе обезбедат соодветно процесирање на идеите за да се премине во следната фаза на иновацискиот процес. На пример, која идеја ќе има предност, или пак кој е одговорен за продолжување на процесот, како ќе продолжи процесот итн. Овие прашања мора да бидат одговорени во вашата иновациска стратегија.
5. Кои клучни индикатори ќе ги следите за да знаете дали еден иновативен процес е успешен или не е успешен?
Мора да имате индикатори кои ќе ги следите и анализирате едноставно за да знаете како вашиот бизнис се движи нанапред. Да бидеме јасни, не постои идеален процес па ни вашиот и особено од првапат не може да биде идеален и без грешки.
Доколку вашата стратегија содржи јасни индикатори кои ќе се следат лесно ќе можете да ги воочите сите слабости на процесот но и на системите кои служат како поддршка на самиот процес. Тоа пак е основа за подобрување, односно нова иновација во вашиот бизнис.
Speak Your Mind