post

Комуникација и Продуктивност – Google Wave

Google Wave беше бомбастично најавен од страна на Google како нешто што во целост ќе ја замени комуникацијата која што денес ја познаваме. Од пред 5-6 месеци ги следев случувањата и си замислував какво ќе биде тоа ново чудо. кога станува збор за Google и нивната иновативност немам зборови, а не можам и да не верувам дека навистина ќе се изроди едно ново чудовиште кое ќе ги смени нашите животи. Од друга страна американците полудеа со ова ново чудо.

Прв вистински интерес за Google Wave пројавив кога една колешка од Канада (блогер за жени претприемачи со која контактирав бидејќи го препорачав нејзиниот блог), страствено бараше покана за Google Wave вториот ден откако Google го пушти онлајн.

Пред едно месец дена конечно и јас добив покана за оваа чудовиште од комуникациска алатка кое не е само за комуникација туку и за соработка преку веб на повеќе лица одеднаш. Со многумина со кои контактирав велат дека не можат сеуште да ги воочат придобивките од користење на Google Wave. Но, сметам дека реалноста е сосема друга.

Затоа во овој напис би споделил неколку работи за кои сметам дека Google Wave навистина може да ја зголеми Вашата лична продуктивност како претприемач, како и продуктивноста на Вашиот тим.

1. Real Time комуникација и соработка

комуникација во вистинско време преку Google Wave

Ова е една од главните придобивки на Google Wave. Во real time ќе можете да комуницирате со Вашиот партнер од другата страна без разлика каде се наоѓа. Можеби ќе кажете дека и e-mail ќе ви го овозможи тоа. Да, и e-mail-от овозможува комуникација но не ваква во real time. Всушност на секој нов wave како што пишува вашиот соговорник така и излегува на Вашиот екран. Оваа е во стилот на Wiki пишување, што значи дека ќе можете да го едитирате, да додадете или пак да го измените секој сегмент од еден wave. Од друга страна имате можност и да ја видите целата комуникација како се одвива од почеток до крај во вид на еден филм преку Playback копчето.

Оваа можност може да се користи за размена на идеи, преговори, договарање, планирање на активности, истовремено работење на еден проект или за било што што ќе има примена за Вас лично или пак Вашиот бизнис.

2. Да/Не/Можеби Анкета

Прашалници и анкети преку Google Wave

Со едноставно поставување на прашање и избирање на луѓе од контакт листата можам да спроведам анкета чии одговори се Да, Не или пак можеби. Овој додаток е достапен со самиот пристап на Google Wave и едноставно по вашето прашање можете да го додадете овој Gadget. Автоматски ќе се собираат одговорите и ќе можете да видите што мислат вашите соговорници или Вашиот тим за некои од активностите што ги планирате.

3. Brainstorming преку Mind Mapping

Brainstorming сесија преку Google Wave

Ставање на идеите на хартија е доста продуктивен начин на соработка. Но, доколку во исто време на иста хартија одеднаш ставаат организирани идеи повеќе луѓе продуктивноста расте со светлосна брзина. А, пак доколку тоа го додадеме да биде графички прикажано во вид на Mind Map веќе неможете ни да замислите колку Вие како претприемач и Вашиот тим ќе бидете попродуктивни и ќе генерирате квалитетни идеи.

4. Организираност

Организација преку фолдери во Google Wave Кога станува збор за организираност го користам Google Wave како место каде што ги сместувам моите идеи (на пример идеи за написи на претприемач). Втората работа за организираноста е тоа што направив посебни Wave-ови како активности кои треба да ги спроведам. Ова не е целосно автоматизирано како на пример во Google Calendar но, она што го сакам е се да имам на едно место, односно да не корстам 5-10 различни алатки, а со тоа да си ја зголемам сопствената продуктивност.

За ова користам различни фолдери кои се наоѓаат од левата страна на кои им додадов различна боја. Секој Wave е означен во некој од фолдерите и се појавува во различна боја согласно бојата на фолдерот. На ваков начин можам да ги приоритизирам работите (Wave-овите) и кога го користам како алатка за комуникација и соработка.

Можностите се навистина големи. Ова е еден начин на користење кој го стекнав за помалку од еден месец и секако на една preview верзија бидејќи Google Wave не е сеуште во својата фул официјална верзија. Од вашата креативност ќе зависи и користењето на истиот за да се организирате подобро. Се надевам дека набргу ќе има и некоја можност за интеграција на останатите алатки на Google како што е Google Calendar за да оваа организираност биде на повисоко ниво.

5. Видео и теле конференциска врска

Ова се навистина кул можности кои можат да се користат со посебни додатоци, но за жал не можат да се користат за телефонски броеви од Македонија.

6. Пробивање на јазични граници во комуникација и соработка

Автоматски превод при комуницирање со Google Wave

Ова е едно чудо кое е најавено од Google и кое се нарекува Rosy а всушност претставува робот кој автоматски ги преведува на посакуваниот јазик вашите пораки или пишувања. Замислете ваш соговорник од другата страна да е Кинез. Вие не знаете кинески а сакате да комуницирате со него за да го прашате нешто за нивната понуда до Вашиот бизнис. Со овој робот едноставно Вие ќе си пишувате на македонски, а Вашиот соговорник Кинез ќе го гледа поставеното прашање на кинески. Дали ова не е вредна и неприменлива алатка?

Овој робот наречен Rosy сеуште е во тест фаза и не е пуштен официјално од Google, но пронајдов привремена алатка која ја заменува официјалната и која е изработена од друга компанија (види слика погоре).

7. Рекреација

Рекреација со Google Wave

За крај она што еден претприемач често го заборава е рекреација. Најдов една игра Sudoku која може да се игра со повеќе соговорници од другата страна. едноставно малку да го оладиме мозокот од бизнисот.

Ова е се за што најдов одредена примена во мојот секојдневен живот на ова ново чудо наречено Wave. Мислам дека ова е само почетокот. Но, едно нешто е важно: Wave е корисно доколку имате некого од друга страна да го користите, доколку не тогаш навистина е непотребен. Би сакал да напоменам дека Wave не е замена за е-mail туку замена на досегашниот начин на комуникација со е-mail.

Google Wave сеуште работи на база на покана. Значи секој нов корисник има можност да прати 10 покани на други корисници. Јас имам уште 3 отворени покани.

Доколку сте заинтересирани би бил задоволен да ви пратам покана. Затоа оставете коментар за овој напис во врска со некои Ваши идеи за кои би можеле да го користите Wave и на тројца од Вас ќе ви пратам покана за Google Wave.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*