post

Критериуми за избор на меѓународна стратегија

Постојат одредени критериуми кои е потребно да ги применуваат врвните менаџери за да ја изберат најдобрата стратегија за влегување на определен меѓународен пазар.

Да реазгледаме некои од тие критериуми:

1. Правните прописи

Тие се специфични за секоја земја. Правните прописи ги детерминираат границите во кои ќе се остварува економијата. Од правните прописи најважни се: законот за странски вложувања, законот за сметководство, законот за работни односи и други. За полесно да се совладаат правните прописи, транснационалните компании најчесто ангажираат правни лица од земјата во која планираат да ја спроведат својата активност, за да не дојдат до можен судир со законите на таа држава.

2. Ризикот

Ризикот може да варира од земја до земја. Врвните менаџери секогаш се обидуваат да го предвидат секој можен ризик и начинот на кој може да го амортизираат потенцијалниот ризик. Постојат разни ризици, а најчести се политичките и економските. Заради тоа мора да се оцени нивото на ризикот и степенот до кој инвестициите можат да бидат заштитен од ризиците. Доколку ризикот се подели помеѓу партнерите, тогаш опасноста од ризикот е помала, бидејќи два или повеќе партнери го штитат заедничкиот интерес.

3. Трошоци

Трошоците се важан критериум за избор на меѓународна стратегија. Врвниот менаџмент може да одлучи да одстапи од дејствување во една земја, доколку трошоците за влез на тој пазар се големи и тешко можат да се надокнадат. Врз база на висината на трошоците ќе се примени стратегијата на целосна сопственост, стратегијата на заеднички вложувања, стратегиската алијанса или купување на компанијата.

4. Географско подрачје

Географското подрачје е многу важен критериум при избор на меѓународната стратегија за купување на компанијата, заедничките вложувања или стратегиските алијанси. Стратегиски важното географско подрачје за интересите на компанијата е од големо значење, затоа што може да се користат природните богатства, патните коридори или може да овозможи лесно пласирање на производите на компанијата во други региони или држави.

5. Јазик

Јазикот е критериум кој подеднакво е важен за сите видови на меѓународни стратегии, кој е потребен во текот на преговорите за купување или за разбирање и совладување на културните разлики. Јазикот во последно време се смета за еден од помалите проблеми, бидејќи англискиот јазик е широко распространет во сите држави.

6. Искуство

Врвниот менаџер најголемиот дел од знаењето го стекнува преку образованието или преку специјалистичките студии и семинари. Но знаењето кое се добива со искуството е немерливо и многу ценето, бидејќи праксата секогаш открива новини, кои теоретски не можат секогаш да се предвидат. Поради неискуството, врзано со меѓународното работење (извоз, увоз, инвестирање, работење), можат да настанат разни проблеми со големи последици.

7. Контрола

Важноста на контролата како критериум за избор на меѓународна стратегија се зголемува со зголемување на сопственоста. Компаниите кои ја применуваат стратегијата на директните инвестиции, извоз или лиценцирање, имаат помала можност за контрола, отколку при примена на меѓународната стратегија за целосна сопственост или купување на компанијата.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*