post

Може ли да фунцкионира вашиот бизнис без вас

Знам дека вие сте претприемач, некој кој го создал своето бебе – бизнисот, некој кој вложил се да го застане на нозе, да прооди, да функционира…

Но, дали тоа функционирање е самостојно?

Што доколку не сте тука, да кажеме цел еден месец?

Дали во една таква состојба бизнисот може да преживее?

Непредвидливи работи се случуваат, но бизнисот мора да има вградени механизми да функционира и без вас.

При подготовка на Премиум претприемач 2.0 ги вклучив и овие елементи во посебен модул. Всушност тој модул е подготовка на вашите улоги во бизнисот во различни фази на истиот.

Добар бизнис значи дека ќе функционира и без и по претприемчот во него. Добар бизнис значи дека истиот нема да трпи доколку претприемачот мора непредвидено да излезе. Добар бизнис значи дека стратегиите и плановите ќе се имплементираат и без претприемачот да биде присутен во него.

Затоа и клучното прашање е како да се постигне таквото ниво?

Во стартап фазите не може да се избегне потребата од претприемачот, тоа е нормално, но затоа може и да не биде присутен кога неговиот бизнис ќе порасне и ќе креира сопствени стартапи. (затоа и во Премиум претприемач 2.0 посебен модул е за стартап, не само како нов бизнис, туку и како стартап во постоечка организација).

Она што е важно во една стартап фаза на еден нов бизнис е да се подготви дизајнот на бизнисот онака за да ги даде очекувањата за во иднина. Можеби дизајнот нема да ја отсликува реалноста, но сепак ќе биде камен темелник за градење за во иднина. Доколку потфрлите во овој дел, очекувајте големи потешкотии во иднина.

Секој бизнис во најголем дел се потпира на системи, не на луѓе. Ова не значи дека луѓето не се важни, но значи дека луѓето не го прават бизнисот, туку системите воспоставени од претприемачот е она што го прави еден бизнис да биде бизнис. Луѓето се учесници во процесите на тие системи (затоа и се важни за правилно функционирање на тие процеси), и може денес да бидат едни, утре други, во зависност од самиот бизнис.

Во секој случај, ова се само некои нафрлувања за насоките во кои треба да размислувате како претприемачи.

Добро е да се обидете да пробате да исчезнете некое време без телефон, без епошта, без никакви комуникациски канали.

Тестирајте, на пример нека ве нема еден ден. Што ќе се случи? Кои системи потфрлиле, а кои воопшто ги немате? Кои се тесните грла во процесите? Какво влијание на резултатите има тоа ваше “исчезнување”.

Потоа исправете ги работите, дополнете ги системите, прилагодете ги системите, отстранете ги тесните грла и повторно направете тест за еден ден. Повторно истите прашања и доколку се е ОК време е за друг тест, односно ист тест, со тоа што ќе го зголемувате времето на вашето одсуство.

Продолжете со тестирања и прилагодувања во бизнисот врз база на тие тестирања се додека не бидете цврсто убедени дека вашиот бизнис може да функционира без вас.

И за крај, ова не значи дека ќе треба да заминете, ова значи дека ќе имате многу повеќе време за нови предизвици кои бизнисот ќе ги бара од вас, а не само тековно одржување на функционирањето.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*