Секоја компанија работи и дејствува во определено опкружување. Опкружувањето најчесто се дели на внатрешно и надворешно.
Она што доаѓа од внатрешноста на компанијата е внатрешно опкружување. Тоа се: вработените, акционерите, технологијата, менаџментот, маркетингот…
Надворешното опкружување може да биде: природно, економско, социокултурно, демографско, политичко, правно, општествено, научно, технолошко и меѓународно опкружување.
Компанијата влијае врз своето опкружување, но и опкружувањето влијае врз компанијата. Од меѓусебната силина ќе зависи големината на меѓусебното влијание. Од опкружувањето доаѓаат можности но и закани. Во интерес на компанијата е можностите да ги искористи, а од заканите да се одбрани.
Околината на компанијата може да биде статичка и динамичка. Многу ретко се случува околината да биде статична. Најчесто, голем број на фактори влијаат врз секоја околина. Голем број на фактори кои дејствуваат од опкружувањето можат да се контролираат, но има и голем број на фактори кои влијаат на работењето на компанијата, а не можаат да се контролираат. Има и голем број на влијателни фактори за кои не се знае во одреден момент на планирањето, а одредени фактори можат и отпосле да се актуелизираат (Пример: одредени законски решенија или одредени акции на конкуренцијата. Компанијата во некои случаи е принудена да се прилагодува на опкружувањето. Доколку се набљудува меѓународното опкружување, мора да се смета на голем број на фактори, бидејќи случувањата во меѓународното опкружување се менуваат многу често, а променливите големини се во огромен број. Тие промени на меѓународните менаџери им создаваат големи обврски во процесот на усогласување на интересите на компанијата со интересите на опкружувањето.
Голем број на земји, меѓународната соработка ја отпочнуваат поради желбата за: постигнување на профит, спротивставување на конкуренцијата, обезбедување на евтини суровини и енергенси, дислоцирање на валканата или старата технологија или поради тоа што се задолжени, па се принудени, преку меѓународната соработка да обезбедат средства за враќање на долгот.
Презадолженоста влијае врз зголемување на напорите, преку извозот да се обезбедат средства за сервисирање на долговите. Доколку државата има слаб извоз, обврските за отплата на странските долгови ја намалуваат паричната ефектива, па доаѓа до загрозување на платниот биланс, а со тоа и до намалување на националниот бруто производ (бруто националниот производ ги мери вкупните вредности на стоките и услугите кои се произведуват годишно), заради што државата дополнително се задолжува за да го покрие тој дефицит. Често задолжувањето во странство не се искористува рационално, за развој на економијата, туку може да се користи за пополнување на буџетскиот дефицит, односно средствата се трошат ненаменски, наместо да се инвестираат. Оваа појава, на развиените земји им отвара уште една можност за заработка преку наплата на камати. Некогаш политичарите мора да се задолжуваат, бидејќи претходната политичка структура не оставила доволно финансиски средства за функционирање на државата, па е неопходно да се изврши додатно задолжување, за да се купи социјален мир.
Секој политичар кој има патриотски чувства, треба да ја гради економската основа на својата држава, на која би можеле нивните синови и внуци да ја градат понатаму својата егзистенција. (Во голем број книги може да се најде пишуван документ дека странските земји и транснационалните компании, најлесно влијаније врз одредена земја постигнуваат преку контролата на локалните политичари. Мислењето на голем број на луѓе е дека политичарите се виновни за лошата економска состојба во државата, но сепак тие во голем број на случаи не успеваат скоро ништа да постигат, за да ги натераат политичарите да делуваат патриотски во рамките на своите можности.)
Наспроти тоа, голем број на политичари, поаѓајки од поговорката “по мене потоп”, одат по лесни пари и се задолжуваат, со што се уништува економската подлога на државата, а на младите луѓе им се уништува перспективата. Кога државата ќе се задолжи во висина, од над 25% од општествениот производ, државата ја губи кредитна способност, па земјата доверител е во состојба да диктира одредени услови во работењето. Со прекумерното задолжување, земјата влегува во должничко ропство и мора да испорачува суровини, производи, да ги почитува политички интереси на земјата доверител и слично ( Со увоз на евтини суровини компаниите стануваат конкурентни на светскиот пазар, па може да дојде и до судир помеѓу компаниите или државите, чии компании се репрезенти на борбата за евтини суровини). Државата која е доведена во таквата состојба, често не е во можност да преземе решителни чекори, кои би воделе кон подобрување на економската состојба во држава.
Во меѓународното работење постои стоковна и нестоковна размена, а недоволното знаење или искуство во меѓународнот бизнис претставува опасна работа (Лошиот или коруптивниот образовен систем во неразвиените земји, овозможува промоции на недоволно способни или недоволно образовани луѓе, кои често поради своето незнаење – да го исклучиме постоењето на лошите намери – склучуваат договори кои се штетни).
Со одбегнување на двојното оданочување на компанијата, може да се влијае врз обемот на економската соработка помеѓу оделни земји. Некои автори сметаат дека третата светска војна ќе биде всушност трговска војна. Познати се случаи на избувнување на воени судири, поради желбата да се остварат економски интереси. Одредени држави економски соработуваат и додека се во меѓусебни воени судири, бидејќи парите не познаваат непријатели, додека одредени држави ги намалуват и воените судири поради економските интереси. (Додека траеше војната во поранешна Југославија, завојуваните страни често наоѓаа производи со кои можеа да тргуваат и не е познат ниеден случај на настанување проблем помеѓу трговските партнери, без оглед на тоа што меѓусебно војуваа. Слични примери можат да се најдат и во светот.)
Ние заклучуваме дека економската состојба во една држава длабоко ги засега сите жители, па тие, со сиот свој потенцијал, треба да се насочат кон создавање на добра економска состојба, а со тоа и кон подобар живот.
Девизниот прилив може да се оствари преку: извоз на производи, услуги (интелектуална сопственост, менаџмент), капитал, увоз на евтини суровини, енергенси, уплати кои ги вршат иселениците или вработените надвор од матичната држава, продажба на фабрики, рудници, нафтени наоѓалишта или други капацитети (доколку правилно се искористат, државата може добро да напредува), наплати на воени репарации, прилив од сообраќајно транспортни капацитети, прилив од туризам (спортски, верски, рекреациони, вселенски) и слично.
Можно е во странство да се извршат градежни работи (згради, бункери, мостови, брани) и од тоа да се заработи. Образовниот систем во развиените земји е квалитетен и тој придонесува за создавање на дополнителни приходи за државата, бидејќи голем број на млади и амбициозни луѓе доаѓат во тие земји за едукација и обука и плаќат високи школарини. Но, се создава и дополнителен ефект, при што голем број на амбициозни луѓе остануваат да живеат и работат во овие земји по завршување на школата или специјализацијата. Одлив на мозоците за развиените земји претставува уште еден лост на развојот, а на сиромашните земји уште еден лост за осиромашување. Девизниот прилив, остварен по различни основи, потребно е домаќински да се чува и да се настојува да се искористи за добробит на сите жители.
За да биде економската состојба во определена држава добра, компаниите кои се лоцирани во таа држава треба да работат профитабилно. На профитабилното работење на компаниите влијаат: недостатокот од репроматеријали, големите трошоци за енергија, исполнувањето на еколошките барања, политиката на државните органи, дури и климатските услови. Богатите земји немаат ограничување околу трансферот на фабриките во различните земји, доколку тоа го налага профитот или некој друг интерес.
Компаниите се во состојба да ги лоцираат производните објекти било каде во светот, а потоа да извезуваат во земјите каде постои побарување за тие производи. Богатите и сиромашните земји извезуваат различни видови стоки. Суровините претставуваат 80 % од извозот на неразвиените земји, додека капиталот, технологијата и знаењето ги извезуваат развиените земји. Со извозот на технолошки производи се остваруваат поголеми профити, отколку со извозот на суровини. Овој факт придонесува за зголемување на јазот помеѓу богатите и сиромашните земји.
Технолошкиот прогрес и растечкото производство, овозможуваат напредок на одделни нации и се создава потреба за меѓународно работење. Доколку одредена земја дојде до нови техничко-технолошки решенија, таа може да ги диктира условите во светското работење. Развиените земји не извезуваат високи технолошки достигнувања. (Контрирањето при извозот на суровини или технолошки решенија помеѓу сиромашните и богатите земји, создава уште поголем јаз помеѓу богатите и сиромашните.) Најчесто се извезуваат технологии со одминат рок или репарирани технологии, бидејќи треба да се направи простор компанијата да воведе нова посовршена опрема, а старата им пречи и не им е потребна, па ја извезуваат во неразвиените земји. Но, и доколку е опремата добра, со брзиот напредок на технологијата, по одреден период таа опрема застарува и многу ретко неразвиените земји навремено отпочнуваат со амортизацијата и создавање на финансиски средства за купување на нова технолошка опрема. Опремата најчесто се користи до максимум, а за да се одржи социјален мир се вработуваат преголем број на работници кои ја трошат заработката, па кога опремата ќе престане да функционира најчесто нема пари да се купи нова.
Висока технолошка развиеност, условува и создавање на голема загаденост. Па и високата стапка на загаденост во индустриски развиените земји, може да претставува фактор кој предизвикува создавање потреба за меѓународна соработка.
Поради концентрацијата на голем број на производствени капацитети, загадувањето е големо, па влијателните фактори (политичари, индустријалци, банкари), во развиените земји, инсистираат да се дислоцираат одредени производствени капацитети во неразвиените земји. Најчесто се дислоцира таканаречената валкана или технолошки заостаната технологија, односно технологијата која ја загадува почвата, водата и воздухот или се користи без вградени филтри и други заштити, со што се поевтинува процесот на производството. Државата и граѓаните од развиените земји добиваат почиста околина, спречуваат наплив на емигранти и слично. Компанијата добива евтина работна сила, покомотни еколошки закони, со што го зголемува профитот. Неразвиените земји добиваат за нив нова технологија, нови работни места, мал дел од профитот и висок степен на загадување и искористување на природните богаства. Но, во крајна инстанца се покренува меѓународна соработка.
Speak Your Mind