post

Pomodoro техника за зголемување на продуктивноста

Кога зборуваме за претприемаштво, претприемачот и бизнисот воопшто неизоставен дел е продуктивноста.

Поголема продуктивност, поголема севкупна успешност на бизнисот.

Подобрување на вашата лична и на вашите вработени продуктивност претставува и севкупно подобрување на вашиот бизнис.

Во еден од претходните наслови (Како до потребниот фокус) најавив дека подетално ќе опишам една техника за зголемување на продуктивноста – Pomodoro техника.

Pomodoro техника ја има токму таа цел, зголемување и постојано подобрување на вашата продуктивност, што значи завршување на повеќе работи, поквалитетно и побргу.

Што претставува Pomodoro техника?

Најпросто кажано оваа техника како алатка претставува еден систем за менаџирање на времето, но не само тоа туку систем кој овозможува бележење и подобрување на истото.

Техниката е креирана од страна на Francesco Cirillo во 1980-тите години, а името доаѓа од кујнскиот часовник кој се користи заради мерење на времето во форма на домат (pomodoro).

Што ви е потребно за користење на техниката?

За да ја користите оваа техника не ви треба вложување во нешто што веќе го немате. Но, без разлика на елементите кои ќе ги набројам подолу сепак заради успешна имплементација најмногу ќе ви треба волја и желба да се подобрите. Без тоа, не верувам дека ќе успеете.

Сепак ќе ви треба и:

  • Часовник со тајмер,
  • “Да направам” листа
  • Листа со активности кои планирате да ги спроведете
  • Листа со имплементирани активности

Процес на користење на Pomodoro техника

Кога веќе го имате она што ви е потребно за техникава можете да започнете со имплементацијата. Но, тука би напоменал дека ќе ви треба солидна упорност и истрајност за да ја зголемите вашата продуктивност.

Еве го процесот на имплементација на техникава:

  • Ставете ги сите активности кои планирате да ги спроведете на посебна листа со активности. Вообичаено јас моите идеи за активности ги бележам во  Evernote каде едноставно ми се нафрлани сите активности и тој нотес претставува една ваква моја листа. Еднаш неделно вршам приоритизација заради полесно снаоѓање во понатамошниот процес.
  • Секојдневно изберете ги најважните задачи од таа листа и внесете ги во “да направам” листа. Во мојот случај ова го изведувам со пренос на најважните задачи во апликација за менаџирање на задачи (користам OmniFocus која е достапна само за Mac корисници, но постојат многу слични апликации и за Windows но и веб базирани апликации).
  • Започнете со работа на задачите од “да направам” листата. Започнете со најважните (најприоритетните) задачи, поставете го pomodoro-то (тајмерот) на 25 минути и работете се додека не заѕвони тајмерот со што ќе ви каже дека поминале тие 25 минути.
  • Направете кратка пауза од 5 минути и продолжете со работата на таа задача повторно по 25 минути работа, 5 минути пауза се додека не ја завршите задачата. Кога ќе ја завршите задачата прецртајте ја на вашата “да направам” листа. На секои 4 pomodoro (25 минути) направете подолга пауза од 30 минути.
  • На листата со имплементирани активности бележете се што се случува во секој работен интервал од 25 минути и секое прекинување на вашиот работен тек. Овие прекинувања може да бидат станување да земете нешто, ѕвонење на телефон, влегување на еден од вашите соработници… За секое прекинување во листата наведете што реба да преземете за да не се повтори во иднина. на пример за влегување на вработените да ги информирате, за ѕвонење на телефон да го исклучите…

Правила и препораки за користење на техниката

  • Доколку задачата има повеќе од 5-7 pomodoro, расчлени ја истата во две или три задачи.
  • Доколку една задача ја завршувате побрзо од еден pomodoro, комбинирајте ја со некоја друга задача.
  • Кога започне pomodoro, не прекинувајте се додека не заѕвони.

Повеќе можете да прочитате на Pomodoro Technique®.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*