post

Што да правам тие едноставно ме копираат?

Денес живееме во свет каде се и сешто се копира, и едноставно иновативните претприемачи доаѓаат до навистина една тешка позиција да се заштитат себеси и бизнисот кој што иновира. Фактот дека е полесно да се копира отколку иновира и дека може да даде огромни резултати можете да го потврдите и преку примерите на Microsoft во минатото но и преку чекорите на Samsung во последните неколку години при што од првично копирање влегуваат во драстични иновации.

Доколку не можете да го направите добро, направете најмалку да изгледа добро. – Bill Gates

Сепак, понекогаш станува проблем поради некои мали ситни иновативни решенија кои едноставно влијаат на купувачите, а сепак лесно може да се забележат од конкуренцијата сегашна или пак потенцијална и да биде интегрирано во нивните производи или пак деловни процеси.

Во минатиот период добив повеќе прашања од читатели на Entrepreneurship in a Box, но и случајно во тој период давајќи одговори и некои препораки на тие читатели, налетав и на некои практични примери кои што се случуваат во моментов. Затоа и се одлучив за еден ваков пост да го објавам првично тука на претприемач, а подоцна и на останатите сајтови (најверојатно) .

Прашањето на Entrepreneurship in a Box

Прашањето гласеше вака:

Започнав со уникатен веб базиран производ за кој добив одличен фидбек од страна на корисниците. Но, по неколку денови еден тип целосно ја копираше мојата идеја и податоците од мојот сајт со што се појави сличен производ како мојот. Интересен е фактот што тој веднаш го копира сето онаа ново што ќе биде имплементирано во мојот производ.

Навистина фрустрирачки за мене бидејќи со денови и ноќи работам на имплементација на разни карактеристики, а за ден или два тие се веќе копирани.

Овој проблем е навистина фрустрирачки за секој претприемач и е се повеќе забележителен.

Одговорот не може да биде едноставен и специфичен бидејќи комплексен проблем не може да бара едноставно решение, туку само комплексно решение. Освен едната работа со постојано иновирање да се прави разлика во однос на конкуренцијата и барање на правни заштити кои им стојат на располагање на претприемачите постојат уште многу работи кои може да се преземат од страна на претприемачите за да не да се заштитат од копирање, туку секогаш да бидат пред конкуренцијата која копира.

На пример, да нафрлам само неколку идеи:

  • Вклучување на купувачите во идниот развој на производот
  • Доближување до купувачите и постојана комуникација со нив
  • Градење на заедница која ќе биде горда во поддршка на бизнисот и производот
  • Повторно разгледување на бизнис идејата и утврдување на нејзината вредност, како и можен редизајн на истата.
  • Разгледување на бизнис моделот и редизајнирање на истиот со што копирањето ќе биде навистина потешко.
  • Барање на технички решенија во производот со што тешко може да се копира.

Оваа се само неколку можни чекори кои претприемачот кој ми го постави прашањето може да ги преземе, инаку листата лесно може да дојде до 100-тина мали но клучни активности кои ќе работат за решавање на овој проблем.

Проблемот со продавницата која наплаќа $5 за гледање

Ајде за уште еден пример за кој скоро прочитав на Marketing Pilgrim.

5 долари само за гледање

Примерот се однесува на компанија која носи одлука да им наплаќа $5 на сите кои влегуваат само заради гледање, а доколку купат во продавницата таа сума ќе биде одбиена. Обидот на менаџментот на компанијата е да се заштити бидејќи луѓето влегувале за да видат производи, а ги купуваат на друго место.

Концептот на вакво предвремено наплаќање не е нов. Се користел и се користи од страна на ноќни клубови кога плаќате при влез, а можете да земете пијачка за тие пари.

Сепак, иако претставува еден вид на решение за проблемот, оваа решение не смее да биде прво и единствено. Како што можете да забележите од сликата тие јасно го опишуваат нивниот проблем:

  • влегуваат доста луѓе но не купуваат,
  • купуваат на друго место,
  • потенцијалните купувачи не се свесни дека цените се скоро исти како и кај другите продавници и
  • не се забележуваат од страна на потенцијалните купувачи производите кои ги нема во другите конкурентски продавници.

Сега се поставува прашањето кој е виновен тука? Дали потенцијалните купувачи или компанијата?

Јас би кажал компанијата бидејќи треба да ги искористи сите стратегии и тактики за да обезбеди дека посетителите ќе се свесни за добрите цени, услугата од страна на персоналот да биде на високо ниво така што нема да им биде пријатно да излезат со празни раце и да се потенцираат уникатните производи како и разликата која ја има компанијата во однос на останатите конкурентски продавници.

Како купувач и јас сум го правел тоа во продавници за техничка стока. На пример, за телевизор ќе влезам да ги разгледам во однос на големината и перформансите, а анализата и споредба на цените ќе ја направам на интернет и ќе нарачам преку интернет. Сакам да ми биде доставен производот до дома, а не самиот да си го изнесувам и носам, а особено од продавници кои немаат обезбеден соодветен паркинг простор.

Што имате вие со сето тоа?

  • Едноставно проектите на кои работите со денови, недели или пак месеци се копираат за еден ден.
  • Вашата уникатност, и во некои случаи вашата суштествена конкурентска предност не е веќе уникатност или конкурентска предност.
  • Вашиот бизнис лесно може да губи дел од купувачите, бидејќи препознатливата разлика меѓу вас и конкурентите веќе не е јасно забележлива од страна на купувачите.

Па, прашањето што имате вие со тоа сега станува јасно. Имате, и тоа како имате. Морате да преземете нешто.

Иновативните бизниси немаат проблем, поточно имаат проблем, но наоѓаат начини како да го решат.

  1. Тие никогаш немаат недостаток на идеи за континуирана иновација во нивните производи, услуги или пак деловни процеси.
    • Бизнис идеите не се релевантни само за нови бизниси, тие се повеќе од потреба и за постоечки бизниси.
    • Бизнис идеите не се однесуваат само за производи или услуги, туку и на вашите деловни процеси, изглед на продажни простории, начин на испорака, сервис…
  2. Купувачите се секогаш во центарот на нивното внимание и сила која директно влијае на иновативниот процес во компанијата.
  3. Тие ги користат сите правни мерки за да се заштитат себеси од копијата.
    • Правните мерки никогаш не се на штета на нивните купувачи
    • Правните мерки мора претходно добро да бидат разработени и одобрени од соодветните институции

Apple е една од најиновативните компании во последната деценија. Доколку ги анализираме потезите на компанијата лесно ќе забележиме дека одат дури и претерано во некои нивни акции. На пример, дизајнот на изгледот на нивните продавници е обработен во најситни детали, но и го имаат заштитено. Затоа и очекувам дека набргу може лесно да се појават разни судски спорови околу продавници, односно физички локации.

Погрешен е пристапот на компанијата за која пишував погоре. Зошто?

  • Едноставно од далеку се гледа нивната слабост.
  • Наместо постојана иновација во корист на тековните и потенцијалните купувачи, се избира најнепопуларната мерка – да се заштитат со наплата на одредена сума на пари само заради гледање.

Препораки за претприемачи

  1. Постојано размислувајте за крупни иновации кои вашиот бизнис ќе го водат неколку километри понапред од останатите
  2. Но, не заборавајте и на малите инкрементални иновации во вид на постојани подобрувања со што само ќе го отежните патот на копирачите.
  3. Секогаш нагласувајте ја разликата помеѓу вашиот производ и конкурентскиот, помеѓу вас и конкуренцијата, помеѓу вас и вашиот производ и копирачот и копираниот производ.
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. darko says

    Odlicno napisano Dragan, bas vo momentov se soocuvam so ovaj problem mnogu e tesko da si go zastitis proizvodot od fotokopirive.pozz

Speak Your Mind

*