post

Претприемничко однесување

Вредност Во текот на работењето, претприемачите мора да обрнат внимание на своето однесување за да остварат поголема ефикасност и ефективност. Одредени психолошки карактеристики претприемачите ги поседуваат од порано, но некои можат да се научат и развијат во текот на работењето. Ние ги потенцираме претприемнички однесувања презентирани подолу, како карактеристични и пожелни во работењето на секој претприемач.

#1 Способност да се забележи шанса и подготвеност перманентно да се бараат нови шанси

Шансата треба да се гледа во секој проблем. На пазарот има неограничен број шанси. Тие треба да се препознаат и да се операционализираат. Треба да се задоволат потребите кои не се задоволени или кои не се соодветно задоволени. Треба да се креира некоја потреба и да се забележи шансата која  останатите не можат да ја видат.

#2 Доверба во идејата и во сопствените квалитети

Претприемачот размислува слободно и самостојно, при што идеите на почеток претставуваат претприемачки сон. Тој мора да верува дека неговата идеја има пазарна оправданост. Пазарните потреби треба да се проценат реално, а тој треба да биде исполнет со самодоверба.

#3 Ориентираност кон иднината

Претприемачите живеат во сегашноста, но со мислите се во иднината. Претприемачите треба да размислуваат барем неколку години нанапред.

#4 Креативноста

Креативноста треба да е присутна во сите фази, а не само во почетната фаза. Треба да се размислува на неконвенционален и нетрадиционален начин. Треба да се има аверзија кон “status quo”. Образовниот систем ја задушува креативноста, бидејќи настојува да задржи униформно однесување за одредени ситуации, во кои може и покреативно да се реагира.

#5 Пазарна активност и желба за натпреварување

Успехот зависи од способноста да се задржат постојните и да се стекнат нови купувачи. При тоа треба да се поседува натпреварувачки дух и перманентно да се докажува и потврдува на пазарот. Постојано треба да се поставува прашањето: Што можам да направам за купувачите? бидејќи од купувачите зависи се.

Конкуренцијата претставува битен ориентир, кој му покажува на претприемачот каде тој во моментот се наоѓа на пазарот, кои се неговите предности и недостатоци.

#6 Флексибилност и адаптибилност

Мора да постои бизнис план, при што постојано се врши корекција. Треба да се биде флексибилен и да се располага со резервни деловни стратегии.

#7 Реален оптимизам

Оптимизмот е реален поглед на светот, животот и бизнисот и овозможува да се прескокнат пречките во животот и во работењето. При тоа во секоја пригода се гледа шанса. Претприемачот оптимист не гледа многу лошо на пропаѓањето на некој бизнис (макар што тоа не е пријатна случка), бидејќи тоа може да биде едно искуство, врз основа на кое понатаму би се отпочнало и развивало некое поуспешно претприемничко остварување.

Постојат два вида оптимизам:

  • реален оптимизам, кој промовира успех и
  • слеп оптимизам, кој води кон неуспех.

Успехот не значи само 100 % остварување на целите. Треба да се оперира со реални претпоставки и перспективи, при што целите и роковите се поставуваат реално.

#8 Способност за комуницирање

Претприемачите треба да бидат добро социјализирани и комуникативни во сите фази од работата. Тие треба квалитетно да комуницираат со финансиерите, потенцијалните купувачи, потенцијалните партнери, снабдувачите, вработените, треба да се научат да ги презентираат своите идеи, за да го задржат вниманието на слушателите, за да можат да ја постигнат својата цел.

#9 Подготвеност за големи откажувања и целосна посветеност на работата

Претприемништвото подразбира многу тешка работа. Треба и со телото и со духот да се биде посветен на работата. Да се заборави категоријата работно врeме, кое изнесува многу повеќе од 8 часа дневно. Има малку успеси преку ноќ, а семејството и пријателите се во втор план, како и забавата, разонодата, рекреацијата и сл.

#10 Прифаќање на ризик

Ризикот постои во секое одлучување и треба адекватно да биде управуван. Секој има толерантно ниво на ризик, за тоа што се губи во одредена ситуација. Дури и најуспешните претприемачи имале сериозни промашувања и при тоа се учеле на грешките.

#11 Истрајност и упорност

Истрајноста и упорноста се бара во сите фази. Во концепциската фаза – за да не се отфрли добра идеја. Во реализацијата – за да се задржи континуитетот, да се решаваат бројните проблеми и предизвици. Ако е во прашање тврдоглавоста и удирањето со глава во зид, тогаш истрајноста и упорноста немаат смисла.

#12 Акциска ориентираност

Клучен момент претставува реализирањето на идејата во практика. Многу луѓе имаат идеи, но нема многу луѓе кои тие идеи можат да ги реализираат. Бизнисот станува стварност кога претприемачот почнува со акција. Деловните одлуки понекогаш треба да се донесуваат веднаш, за да не се случи некој друг да ја “зграби” идејата за замислениот бизнис.

post

Невистини и вистини за претприемачи и претприемништво

Вистини и невистини за претприемачи Успешните претприемачи побудуваат голем интерес кај целото општество, претставуваат синоним за успех, поседуваат бизнис (што значи во состојба се некого да вработат), поседуваат пари, поседуваат коли и други вредни работи што претставува предмет на желбата на голем број луѓе. Бидејќи често се мета на позитивни а и негативни коментари, за претприемачите може да се слушат голем број на вистини но, секако и невистини

J.A.Timmons ги сублимирал и прецизно ги дефинирал невистините и вистините за претприемништвото и за претприемачите:

Невистина: Претприемачот се раѓа.

Вистина: Успешните претприемачи се оформуваат како резултат на адекватна комбинација од предодреденост, работно искуство, знаење, соодветни претприемнички способности, соодветни претприемнички однесувања и сл.

Невистина: Секој може да започне бизнис. Треба само среќа и одлучност.

Вистина: Ако сакате да започнете бизнис, треба да имате воочена шанса, дефинирана идеја и практична реализација. Треба да се размислува како иноватор, менаџер, администратор.

Невистина: Претприемачите се коцкари.

Вистина: Успешните претприемачи се многу внимателни и знаат да го управуваат ризикот.

Невистина: Подобро е да се биде сам во бизнисот.

Вистина: Тешко е да се работи сам. Посебно е тешко кога бизнисот ќе порасне и кога е невозможно “да се држат сите конци”. Треба да се побара партнер.

Невистина: Претприемачот е свој газда.

Вистина: Претприемачот е далеку од тоа да биде целосно независен. Тука се: инвеститорите (банките), купувачите, снабдувачите, државата, работниците, семејството и сл.

Невистина: Претприемачите се соочени со големи стресни ситуации и затоа плаќаат поголема цена за својот успех од другите.

Вистина: Претприемачот треба да биде подготвен да ја амортизира стресната ситуација. Дискутабилна е тезата дека претприемништвото е постресна професија од другите (политичари, артисти, офицери, пилоти и др.).

Невистина: Ако имаш пари имаш се.

Вистина: Парите не се фактор за успех на некој бизнис. Ако другите фактори се присутни, парите сигурно ќе се појават.

Невистина: Започнување на бизнис е за млади, енергични и темперементни луѓе.

Вистина: Староста не е бариера за отпочнување бизнис. Понекогаш староста може да биде и предност, бидејќи се располага со искуство, деловни пријатели и контакти. Едно истражување покажало дека 20 % од претприемачите се постари од 40 години, 55 % се во триесеттите години, 25 % се помлади од 30 години.

Невистина: Претприемачот е мотивиран исклучиво од финансиските резултати.

Вистина: Долгорочна визија за изградба на стабилна фирма. Реализација на долгорочно дефинирани цели. Инстант богатење не е пожелно.

post

Претприемачи и претприемништво – некои размислувања

Врз основа на детално проучување на голем број на литературни извори, издвоивме наши размислувања за претприемачите и претприемништвото, превземени од различни автори, со кои во голема мерка се осветлува оваа проблематика, а можат да претставуваат и мотивирачки фактор на претприемачите за нивните идни цели, акции и однесување.

Всушност, овие констатации се собрани од голем број на автори за потребата на изработка на трудот: Чубровиќ Илија: Анализа на Јачините и Слабостите, Шансите и Заканите (SWOT-анализа) на претприемничкиот менаџмент во малите производствени организации, магистерски труд.

  • Претприемачите создаваат нешто ново и нешто различно. Тие менуваат или претвораат едни вредности во други.
  • Претприемачот секогаш е во потрага по промени, одговара на нив и ги користи како можности.
  • Претприемачот ги префрлува ресурсите од сектор со ниска продуктивност и доход, во сектор со висока продуктивност и доход.
  • Претприемачите се луѓе кои ги препознаваат можностите на пазарот и ги насочуваат своите сили кон искористување на тие можности, поради лична корист.
  • Претприемачот може да се дефинира како лице кое ги препознава можностите на пазарот и има желба да ги подготви ресурсите неопходни за искористување на тие можности, поради долготрајна лична добивка.
  • Претприемачите се трагачи по можности, а не преземачи на ризици.
  • Претприемачите знаат кога да застанат, исто како што знаат кога да започнаат некоја работа.
  • Претприемачот работите ги испревртува и ги дезорганизира.
  • Претприемачот секогаш бара промени, одговара на нив и ги користи како можности.
  • Претприемачите бараат шанса, а ако шансите ги нема, тогаш тие ги создаваат.
  • Претприемачите се оптимисти. За нив чашата не е никогаш половина празна, туку е половина полна.
  • Ако му се даде можност да избира помеѓу извршувањето и размислувањето, претприемачот скоро секогаш ќе го избере извршувањето.
  • Секоја практика се засновува на теорија. Претприемништвото се базира на теоријата на стопанството и општеството.
  • Претприемништвото се дефинира како процес на идентификација на можностите на пазарот, наоѓање на ресурси кои ќе овозможат експлоатирање на тие можности и неопходно активирање поради искористување на можностите, со цел да се постигне долгорочна лична добивка.
  • Претприемништво е трансформирање на визиите во планови и на плановите во реалност.
  • Претприемништвото не е ниту наука, ниту уметност. Тоа е, првенствено практика.
  • Претприемништвото е храброст помножена со здрав разум, со цел да се разнишаат навиките.
post

Претприемништво: Дали си вистинската личност за ова…?

Претприемништво: Дали си вистинската личност? Дали мислиш дека ти си вистинската личност за претприемништво?

Дали си ти тој кој може да биде вистински претприемач?

Постојат различни сили – покренувачи за да се стане претприемач. Сепак,  дали тоа се вистинските сили, кои ќе ти донесат долгорочна успешност на твојот нов, или иден бизнис?

Една од најважните или највлијателните сили, кои ги туркаат лицата да станат претприемачи е обезбедување на подобар живот во иднина. Едноставно сакате да заработите повеќе пари со нешто што го знаете повеќе од другите.

Сакаш да го пренесеш твоето хоби и страст  во нешто што е вредно за бизнис. Но, дали е тоа доволно за да станеш успешен претприемач?

Сакаш да бидеш свој сопствен шеф, но дали сакаш повеќе шефови?

Сакаш да бидеш свој шеф. Но, да се биде шеф е различно од твојата страст или хоби. Да се ​​биде шеф не е исто што и твојот актуелен шеф на твојата моментална работа.

Како претприемач исто така, ќе имаш дури и повеќе шефови кои ќе управуваат со твоите дневни претприемачки активности и задачи.

Што мислш за твоите купувачи? Дали тие ќе ти бидат нови шефови? Ќе мора да ги решиш нивните проблеми. Мораш да ги исполнуваш нивните потреби. Мора да ги слушаш и спроведуваш сите нивни потреби во твојата понуда. Доколку не ги решаваш нивните проблеми, или не ги исполнуваш нивните потреби, или не ги слушаш и имплементираш тие потреби во твојата понуда, нема ни да имаш купувачи за твојот бизнис. Тоа значи дека ќе немаш ни бизнис воопшто. Бизнис без купувачине е бизнис, и претприемачи без бизнис не се претприемачи.

Твоите потрошувачи не се единствените газди во твојот бизнис. Тука се и твоите партнери, банки од кои си зел кредит, пријатели или семејството кои ти позајмуваат пари за стартување. Дали мислиш дека твојата сопруг/а и децата нема да бидеат твои шефови? Мора да им се објасни зошто не можете да им дадете се она што тие  би го сакале, бидејќи мораат да се купи нова опрема за поддршка на твојот бизнис.

Потребни се повеќе активности отколку што мислиш

Твојата потенцијална енергија е важна за твојот претприемнички пат. Ако сакаш да станеш претприемач, мораш да имаш знаење и искуство. Твојата пасија и хобито не се доволни. Посветеноста и парите не се доволни за да се стане претприемач. Ќе треба да преземаш ризик. Ќе мора да спроведеш многу повеќе активности отколку што мислиш дека треба. Ќе мора да ги маркетираш твоите производи и услуги за да најдеш купувачи за твојот бизнис. Мораш да ги менаџираш твоите вработени. Тоа значи да се  планира нивната работа, да се едуцираат и да се обучат, да ги контролираш, да ги мотивираш … Ќе треба да управуваш со сметководствените книги. Ќе мора да контактираш со сметководител и адвокат. Ќе треба да одговориш на жалбите од страна на твоите купувачи.

Дали и сега мислиш дека ќе го работиш само она што го знаеш? Мислиш ли дека си вистинската личност за претприемништво? Дали мислиш дека ова е вистинскиот момент за да станеш еден претприемач?

Претприемништвото не е формула за брзо богатење. За тоа треба да вложиш премногу време, пари и напор, како иден сопственик на бизнис. Размисли два пати пред да одлучиш да станеш претприемач. Скенирај се себеси за да ја најдеш твојата потенцијална енергија и скенирај ја твојата околина за да ги откриеш можностите кои ти се нудат.

post

Што е она што го продаваш на твоите потрошувачи?

Што ти или твојот бизнис им продава на потрошувачите? Твојот одговор како и одговорот на повеќето претприемачи би бил дека тоа се твоите производи и/или услуги.

Некој можеби ќе одговори дека продава решени за проблемите на целниот пазар. И тоа е точен одговор.

Некој пак може да одговори дека продава задоволување на потреби за потрошувачите. И тоа е точен одговор.

Како и да е, она што го забележувам во одговорите и секако од разговорите со претприемачите е многу тесен поглед при едни вакви одговори кога станува збор за вистинската ситуација на пазарот.

Денешните, но и идните пазари се како екосистеми. Потребите и решенијата кои им се нудат не се веќе само производи или услуги. Ова е една од најважните заклучоци до кои како еден претприемач мора да дојдеш заради идните подобрувања и прилагодувања на твојот бизнис.

Да, твојот суштински бизнис е продажба на производи или услуги, но ќе мора да продаваш многу повеќе од тоа доколку сакаш да опстоиш на пазарот.

На пример, Apple продава производ (hardware – iPhone, iPad), но исто така продава и производи на други луѓе или бизниси како апликации, игри, весници и магазини. Дали сметате дека оваа компанија би го имала денешниот успех доколку не успеала во привлекување на дизајнери и бизниси кои едноставно само додаваат вредност на нивниот основен производ?

Евиденција за истиот пазар е Nokia и нивните денешни проблеми иако имаат одлични производи, но немаат соодветен екосистем околу тие нивни производи. (Повеќе за Nokia и нивните проблеми во Писмо на CEO до вработените на Nokia).

Твоите производи и услуги се само еден мал дел од вашата севкупна понуда. Понудата може да биде вашиот основен производ или услуга и се друго што додава или има потенцијал да додаде вредност во очите на твоите потрошувачи. Тоа се друго може да биде:

  • Внатрешни елементи. Она што е додадено од твојот бизнис (логистика, гаранција, поврзани производи или услуги, бонуси, цени, поддршка, достапност…)
  • Надворешни елементи. Она што се додава во понудата а не излегува директно од твојот бизнис (производи и услуги кои на некаков начин се поврзани со твоите и можат да го подобрат задоволството на твоите купувачи, но се обезбедени од страна на други луѓе или бизниси).

Бизнис екосистеми

Сега, размисли каде е твојот бизнис во оваа борба на екосистеми.

Севкупна понуда и бизнис екосистеми

post

5 TED презентации кои ќе ви го зголемат знаењето

TED

TED

Во овој пост би сакале да предложиме неколку видео презентации од TED (Technology, Entertainment, Design) од кои навистина може да се извлечат корисни елементи за зголемување на знаењето на претприемачите.

1. Simon Sinek: Како големите лидери инспирираат акција

Во оваа презентација Simon Sinek зборува за тоа како големите лидери без разлика од која компанија доаѓаат или пак со што се занимаваат имаат заеднички особини – сите рзмислуваат, дејствуваат и комуницираат на ист начин.

2. Malcolm Gladwell за сос за шпагети

Во оваа презентација преку случај на сос за шпагети Malcol Gladwell (автор на бестселерот The Tipping Point) дава неколку аргументи за природата на изборот и среќата.

3. Seth Godin за племињата кои ги водиме

Во оваа презентација (алку постара од 2009-та година) Seth Godin авторот на повеќе книги бестселери од кои последната е Poke The Box зборува за влијанието на интернетот на традиционалниот маркетинг.

4. Dan Cobley: Што физиката ме научи за маркетингот

Dan Cobley, маркетинг директор во Google претставува врска помеѓу физиката за да ги објасни основните теории на брендирање.

5. Stanley McChrystal: Слушај, учи … потоа води

Неговото повеќе децениско искуство во армијата го преточува во одлични лекции за лидерство.

post

Претприемач во транснационалните компании

Претприемач во транснационални компании

Претприемач во транснационални компании

Претприемништвото како докажан менаџмент метод, во последниве децении влијае на дополнително забрзување на развојот на транснационални компании (ТНК), а со тоа и на развиените земји. Економска криза која настана во земјите од поранешниот социјалистички блок, на западните економии првично им донесе позитивни ефекти во економијата. Поради економската криза, образовани, но и други работоспособни луѓе од овие земји, масовно почнаа да емигрираат во западните земји, што даде дополнителен импулс во нивните економии. Но набргу почнаа и проблеми. Паралелно со оваа структура, најчесто поради сиромаштијата почнаа да се шират и криминални структури, како што е проституцијата, трговија со дрога, кражби и други облици на криминалот.

За да ги намалат овие негативности владите на западни земји заклучија дека со претприемништвото ќе овозможат овие појави да се ублажат и тргнаа во голема промоција на претприемништвото. Тие извршија голем притисок врз властите во земјите во транзиција за да се овозможи дејствување на претприемачите, бидејќи приватните активности во тие земји беа дури и законски забранувани. Притоа донираа определени финансиски средства создадоа институции кои имаа за цел да го следат развојот на претприемачите и преку финансиска подршка, но и преку обука во инкубатор центри да создадат поволно претприемничко опкружување. Во зависност од интересите на западните влади, но и од спремноста на локалните влади се создадоа некаде поголеми некаде помали ефекти, но во секој случај претприемништво си фати длабоки корени.

Стопанство во земјите во транзиција беше во хаос и без контрола па почнаа да дејствуваат четири вида на претприемачи:

  1. Првиот вид беа промотери кои чувствувајќи поволна прилика се збогатија со еден удар. Но бидејќи тие луѓе најчесто не поседуваа визија и доволни менаџерски знаења по некое време сопствените фирми ги згаснаа или се сведоа на маргинални нивоа.
  2. Втор тип беа таканаречени „претприемачи од мака“, кои најчесто со мали финансиски средства отворија пиљари, бакалници, работилници… Но, и нивното влијание е воглавно маргинализирано со отварање на големи трговски центри како Веро, Тинекс…
  3. Трети претприемачи беа луѓе кои имаа претходно знаење, искуство и способност, искористија поволни законски можности покренувајќи ги сопствените бизниси, иако и од овие претприемачи има голем број што не успеаа сепак има и голем број на компании кои успешно работат и претставуваат едни најздравите стопански субјекти.
  4. Четврти претприемачи беа поранешни директори на успешни компании, кои преку своите бајпас фирми регистрирани на име на своите блиски успеаа да создадат успешни семејни компании. Но, и нивното значење се маргинализира бидејки тоа воглавно беа луѓе во години, растени под еден друг систем и други работни навики и по успешно стартување на тие компании настана проблем со промена на генерациите па така голем број од овие компании згаснаа со работењето.

Во земјите во транзиција претприемништвото почна да се третира и во научен смисол, при што се промовираа голем број на книги кои промовираа менаџерски знаења и методи, најчесто пренесени од западната литература. Акцент се става на креативната деструкција, барањето на пазарни можности, користење на идеи, брза реакција, отварање на мали и средни компании за што се потребни помалку вложени парични средства.

На ваков начин претприемништвото влезе на голема врата во земјите во транзиција, а како главната придобивка на претприемништвото се смета зголемено вработување, што беше и цел на промотерите на претприемништвото.

Најчесто поставувано прашање е каков треба да биде претприемач, дали тој треба да започне сосема нов или може да превземе нечиј веќе разработен бизнис, дали претприемачот треба да биде работохоличар или мислител кој не работи многу. За да се објаснат одредени дилеми кои постојат прво би сакале да ја потенцираме потребата претприемништвото да се набљудува пошироко, не од една национална гледна точка, туку да се набљудува од една глобална перспектива, за да се согледат поелоквентни примери и можности. Во помалите земји пред претприемачите стојат ограничувања како: финансиски, просторни, образовни, подршка од државите не е секаде иста…

Како прво би сакал да потенцирам дека има голем број на различни видови на претприемачи. Претприемач може да биде и оној што отворил пиљара и стоматолошка ординација и механичарска работилница и оној што откупил па продолжил со работа во бурекџилница и Бил Гејтс кој формирал нова гигантска компанија, и Ворен Бафет кој купил веќе постоечка компанија, а потоа создал ТНК, и Крок кој од браќата Мекдоналдс одкупил патент и создал светски бренд. Мора да нагласиме дека во оваа друштво непречено влегуваат и жени претприемачи кои рамноправно дејствуваат со машките во голем број на сектори.

Поради оваа шареноликост која постои кај претприемачите, потребно е да определиме одредени карактеристики. Заклучуваме дека претприемачите се разликуваат по своите умствени капацитети, нивоа на образование, големината на вложените финансиски средства, како и во кое општество се оперира. Поради оваа разноликост одредени претприемачи можат да бидат мислители и креатори на нови идеи и нови индустрии, а другите да бидат работно многу поактивни односно да ги наречеме „воркохолици“, за да го одржат и сочуват своето „бебе“. Препорака е секој од овие претприемачи без оглед на својата претприемничка активност повеќе акцент стави кон интелектуалниот развој односно кон намалување на физичка а зголемување на ментална активност, бидејки само така ефектите во работењето драстично се зголемуваат.

Претприемачките активности најчесто се очекуваат во почетната фаза на создавање на компанијата. При отпочнување со бизнис активностите, претприемачот има можност да отпочне со работење во сосема нов бизнис или може да откупи веќе постоечки бизнис и да го доведе на посакувано ниво, но може да откупи и франшиза. Поимите претприемништво и претприемачи, обично се врзуваат за работењето во малиот бизнис, а поради брзото реагирање на профитна можност, малите компании имаат свои предности. Но, и гигантски компании поради своите големи капацитети можат да бидат значајни претприемачи. Поради своите капацитети, но и поради низа поволни околности голем број на претприемачи создадоа големи транснационални компании, како Ањели, Форд, Бил Гејтс до најновите оснивачи на Google и Facebook. Но како компанијата се развива и добива гигантскi пропорциi, претприемачот мора да стане менаџер или да ангажира другите менаџери да ја водат компанија. Ангажирање на други менаџери најчесто се спроведува ако претприемачот преку ноќ создаде голема компанија како што е случај со интернет компании, па најчесто не поседува доволно знаења и вештини и ангажира други прекалени менаџери се додека самите не се оспособат за тие функции (добар пример е Google).

Место на овие претприемачи односно иноватори (бидејќи идеи и иновации се најсилно оружје со кое располага еден претприемач) може да се согледа доколку се набљудува животниот циклус на бизнисот.

Иноватор, претприемач, менаџер, администратор

Иноватор, претприемач, менаџер, администратор

Со развојот и растот, компанијата мора да се трансформира од претприемничка во менаџерска а во некоја понатамошна фаза и административна (или бирократска). Тогаш е можно да се јават проблеми со раководење на компанија. Одлуките тешко се носат, бавна е нивната имплементација, се јавуваат грла во работењето и други проблеми, во врска со работење на компанијата, па од тука и потребата компанијата пак да стане претприемничка, односно се јавува потреба од интрапретприемачи. Поимот интрапретприемништво или внатрешно претприемништво е воведен 1985 година oд страна на Gifford Pinchot III. Интрапретприемништвото се врзува за подобрување на работењето во големите компании, а може да се користи и пошироко, секаде каде што постои голема бирократизираност. Такви институции можат да бидат: државната администрација, училиштата, болниците, спортските организации, односно секаде каде има отежнато работење.

Проблеми постојат во секоја компанија, некаде поголеми некаде помали, но влијанието на интрапретприемачи во нивното намалување е пожелно и затоа сите успешни големи компании го негуваат овој стил на работење.

post

4 Лекции за претприемништво од кум

Лекции за претприемништво од Кум

Лекции за претприемништво од Кум

Еден од најдобрите филмови од минатиот век беше Кум во кој главниот карактер е Дон Корлеоне, шефот на криминално семејство. Филмот го имам гледано неколку пати но пред повеќе години. Пред неколку месеци, ги гледав сите три дела повторно со поголемо внимание.

Оваа трилогија ни дава неколку лекции од претприемништвото. Филмот илустрира повеќе вредни лекции за претприемачите, но тука ќе презентирам некои од нив, оние кои ми оставија најголем впечаток.

1. Понуда која не може да се одбие

Еден од најважните елементи на секој бизнис претставува понуда. Доколку понудата е нешто што не може да се одбие, бизнисот нема да страда од недостаток на потрошувачи, бидејќи секогаш ќе има доволно потрошувачи кои ќе сакаат повеќе од бизнисот.

Во книгата The Irresistible Offer – How to Sell Your Products or Services in Тhree Seconds and Less, Mark Joyner вели:

Има 86400 секунди во еден ден.Вие имате точно 3 секунди од нив да го фатите умот на твојот потенцијален потрошувач.

2. Сакај ги пријателите, но повеќе сакај ги твоите непријатели

Ова е едно важно правило кое треба да биде применето во бизнис светот. Мора да ги сакате вашите непријатели (конкуренти), бидејќи сакате да соберете повеќе знаење за нив. Мора да ги сакате вашите непријатели бидејќи сакате да ги направите попредвидливи за целите на процесот за донесување на одлуки. Мора да ги сакате вашите непријатели доколку сакате да бидете еден чекор пред нив.

3. Се е бизнис, ништо лично

Во бизнисот ништо не е лично. Претприемачите првично го започнуваат бизнисот заради задоволување на личен интерес, но потоа ништо веќе не е лично.

Не најмувате вработени заради личен интерес. Ги најмувате бидејќи сакате да го развиете вашиот бизнис да биде успешен бизнис.

4. Секогаш внимавај на грбот

Во бизнис, вашите непријатели секогаш ќе бидат зад вас. Тие се на бојно поле со вас за истото нешто – поголемо учество на пазарот.

Подготви се со одбрамбени стратегии како одговор на твојот бизнис доколку некој те нападне.

 

post

Претприемач – Најдоброто од 2010 година

Категорија претприемач - Најдоброто за 2010

Категорија претприемач - Најдоброто за 2010

Во категоријата претприемач веќе има над 180 постови во вид на различни совети за претприемачите вооднос на водење на бизнисот. Ова е првата тема од серијалот Најдоброто на претприемач за 2010 година.

Во еден бизнис се зависи од претприемачот. А од кого друг би можело да зависи ако не од претприемачот? Од него започнува се и од него зависи колку ќе трае оваа бизнис авантура.

Следуваат најдобрите постови од оваа тема врз основа на најголема посетеност од страна на читателите на овој веб сајт:

  1. Бизнис успех во 50 чекори. Во постов се презентирани можни чекори кои имаат потенцијал да го одведат бизнисот кон успехот соберени низ моето искуство и искуството на успешните претприемачи. За некои претприемачи 30 чекори ќе бидат доволни, додека за некои ни сите 50 нема да се доволни.
  2. Претприемничката инерција: Идеи за да ја победите. Претприемничка инерција претставува една опасност за бизнисот. Доколку претприемачот е инертен многу е веројатно дека животниот циклус на тој бизнис ќе биде многу мал. Во постот се дадени 10 идеи како да ја победите таа инерција.
  3. Како да се преживее во слаба економија и конкурентен пазар? Во овој пост ќе прочитате 30 совети за тоа како да се преживее во тешки услови и високо конкурентен пазар.
  4. Баланс помеѓу работата и приватниот живот. Балансот помеѓу работата и приватниот живот е нешто во што страдаат премногу претприемачи.
  5. Претприемништво – Инфографик на претприемач. Погледнете еден инфографик за претприемништвото.
  6. Мултитаскинг – Паралелно на повеќе задачи. Мултитаскингот колку е добар толку може и да предизвика штета за еден претприемач. Во постот се дадени некои основи на истиот како и совети за избегнување.
  7. Услови за Стопанисување на Малите Бизниси. Во 2010 година спроведовме истражување за тоа во какви услови стопанисуваат претприемачите во Република Македонија. Вреди да се видат резултатите, особено од оние кои имаат моќ да ги подобрат – политичарите.
  8. Што еден претприемач има заедничко со агентот 007? Интересн споредба и заеднички карактеристики на успешен претприемач со популарниот агент 007.
  9. Претприемачи барајте знаци наместо одговори! Ние сме родени да размислуваме и да проценуваме и просудуваме согласно знаци. Од друга страна насекаде околу нас се знаци, а не одговори и затоа треба да ги бараме знаците наместо готовите одговори.
  10. 10 Прашања кои треба да се запрашате пред да започне следната недела. Сакате да бидете повеќе фокусирани на она што е важно? Сакате да бидете поефективни? Сакате постојано да се подобрувате и Вие и Вашиот бизнис? Во постот се дадени 10 прашања кои треба да ги одговорите пред започнување на следната недела.
  11. Претприемач визионер наспроти опортунист. Постојат претприемачи кои се визионери, но постојат и претприемачи кои се опортунисти. Кои би биле поуспешни би можеле да откриете со овој пост.

Овие 11 поста заедно со 8-те издвоени како најдобри за 2009 година може да ги користите како еден комплетен прирачник за Вас како сегашен или иден претприемач.

post

Претприемничката инерција: Идеи за да ја победите

Претприемничка инерција

Претприемничка инерција

Претприемничката инерција е нешто што предизвикува еден претприемач да се противи кон промените што е спротивно на она што по дефиниција треба да биде претприемачот.

Понекогаш навистина доаѓаме во ситуација и кога не сакаме да одбиеме нешто што претставува акција за нас или пак за нашиот бизнис. Ваквите ситуации сигурно сте ги окусиле во Вашиот живот.

Дали сте се нашле во ситуација кога сакате или мора да превземете акција, но не ги превземате?

Дали сте се нашле во позиција да сакате да започнете бизнис, но нешто ве повлекува наназад кон статус кво ситуацијата?

Дали сте се нашле во ситуација кога мора да донесете одлука, но сепак не ја ностите?

Дали сте се нашле себеси во ситуација да имате визија за нешто, но сепак да кажете нема врска?

Сите овие ситуации се пример на претприемничка инерција која може да го направи Вашиот претприемнички живот доста потежок.

1. Биди упорен, не се откажувај!

Упорноста е нешто што ќе ви даде способност никогаш да не бидете инертни во Вашиот бизнис. Доколку имате јасни цели и во исто време сте упорни да ги остварите тие цели никогаш нема да бидете дел од претприемничка инерција.

2. Отстранете ги сите можни препреки!

Пронаоѓање и перманентно елиминирање на препреките ќе ја зголеми Вашата лична и бизнис продуктивност. Продуктивноста претставува опозиција на инертноста. Од друга страна секогаш ќе постојат препреки во вид на страв, недостаток на талент, потреба од перфекционизам… Доколку сакате да побегнете од претприемничката инерција, отстранете ги од Вашиот мозок.

3. Не одложувајте!

Одложувањето е причина и влезна порта кон инертноста. Не одложувајте. Завршете се што имате на листата за денес и нема да бидете дел од претприемничката инерција.

4. За секоја бизнис одлука веднаш направете акциони чекори

Самата одлука не претставува акција. Нешто што не претставува акција со што ќе ве придвижи нанапред претставува дел од инерција. За да се осигурате дека ќе ја имплементирате секоја бизнис одлука веднаш по одлучувањето направете акциони чекори кои ќе ве водат кон имплементација.

5. Бидете јасни во вашите цели!

Нејасни цели ќе ве водат до скокнување на некои од нив и продолжување со наредните на листата. Доколку вашите цели се јасни и конкретни сите Ваши цели ќе бидат постигнати и никогаш нема да бидете дел од претприемничката инерција.

6. Направете сите Ваши идеи да станат реалност

Знам, сите ние имаме премногу идеи кои едноставно неможат да станат реалност. Но, доколку се организираме на вистинскиот начин се може да стане реалност. Прочитајте ја книгата Making Ideas Happen од Scott Belsky.

7. Не обидувајте се да биде перфектно

Понекогаш перфектноста може да биде многу далеку од нас. Но, тоа не значи дека ние ќе треба да ги запреме нашите бизнис активности. Ништо не е перфектно. Се може да се подобри.

8. Побегнете од негативците

Уште од самиот почеток на овој блог напишав наслов за негативците (всушност тоа беше заеднички напишано со мојот колега м-р Илија Чубровиќ). Негативците околу вас може да бидат голем извор на инертноста. Обидете се да избегате од нив, доколку не сакате нивната негативна енергија да биде пренесена на вас.

9. Наградете се!

Наградите навистина можат да бидат голем придвижувач нанапред. Наградете се за секое постигнување.

10. Објавете го она што планирате да го направите

Доколку нешто е јавно објавено, постои голема веројатност дека ќе биде и завршено. Доколку јавно обајвите дека нешто ќе направите ќе има поголема тежина доколку тоа го знаете само вие.