Овој пост е напишан од М-р Илија Чубровиќ, коавтор на книгата Менаџмент на Претприемничкиот Бизнис и еден од креаторите на идејата за овој веб сајт.

6 Концепции за претприемништвото
Што е претприемништво? Кои се карактеристиките на успешен претприемач? (Пред една година направивме една анализа на фактори кои еден претприемач го прават успешен.) Со години праксата и науката се обидуваат да дадат одговор на оваа прашање. При овие обиди се појавуваат повеќе концепции за претприемништвото кои претприемачот го гледаат од различни аспекти.
Постојат многу концепции за претприемаштво и за претприемачот.
Некои истражувачи сметаат дека претприемаштвото е умешност и дека тоа не може да се научи.
Други сметаат дека претприемаштвото може да се изучува и со тоа организирано да се применува.
Некои сметаат дека претприемачот треба да се роди со одредени карактеристики, а понатаму преку едукација (учење), тие карактеристики да се развиваат.
Има мислења дека претприемаштвото е карактеристика на одредени иселенички структури, а има и стреотип околу полова припадност (сметат дека мажите се подобри претприемачи).
Некои сметаат дека првородените деца се поуспешни претприемачи.
Сите тие теоретичари имаат разни мислења, па поради тоа, треба да се изврши детално теоретско проучување на сите тие укажувања.
Во зависност од факторите кои се потенцираат, претприемаштвото може да се набљудува од аспект на:
1. Концепт на голема личност
Тука се анализира прашањето: дали претприемачот се раѓа или се школува? Тоа се личности кои се способни идејата да ја презентираат на интересен и стимулативен начин. Тие се сметаат за луѓе кои имаат вродена интуиција, самостојност во работата, истрајност, сила и самодоверба, како и верба во своите квалитети.
2. Концепт на психолошки карактеристики
Според овој концепт, претприемачите имаат посебен систем на вреднување на работата, бизнисот, животот и др. Се смета дека претприемништвото не може да се научи и дека уште во младост претприемачот треба да стекне претприемачки карактеристики во училиштето, во црквата, во семејството и сл.
3. Претприемаштвото – способност за забележување шанси
Schumpeter и многу други истражувачи сметаат дека клучен фактор во претприемаштвото е иновативноста на поединецот, односно т.н. креативна деструкција. Се смета дека претприемачот е револуционерен иноватор и дека тој ја користи шансата за да ги задоволи незадоволените или неадеквантно задоволените потреби.
4. Менаџмент – концепт на претприемништвото
Основите на претприемништвото се гледаат во менаџментот. Претприемачите можат да се образуваат и школуваат, при што се истакнува дека главна причина за пропаѓање на многу фирми е недоволното знаење од областа на менаџментот, маркетингот, финансиите и др.
5. Лидерски концепт
Претприемачот треба да има вештина при комуницирањето со сопственото опкружувањето. Тој треба да има визија за да ги мотивира и насочува луѓето за остварување на неговата идеја и концепција.
6. Концептот на внатрешно претприемаштво или интрапретприемаштво.
Претприемачот не поседува сопственост, а главна функција му е да ја зголеми оперативната ефикасност во големите компании.