Пред извесен период наидов на една навистина едноставна но, алатка која ми остави силен впечаток кога станува збор за полека но сигурно пренесување на дел од нашите секојдневни бизнис активности онлајн.
Времето во бизнисот значи и пари, а пари значат можност за раст на бизнисот. Затоа и оваа алатка (релативно нова, од септември 2009) може навистина да биде корисна за претприемачите.

Само едно копче кое може да измени се!
Што претставува Setster?
Setster претставува веб базирана апликација која едноставно може да ја замени Вашата секретарка за закажување на состаноци. Целната група на корисници може да бидат сите бизниси кои сопствента работа ја базираат на давање на услуга преку одреден вид на состаноци, како на пример консултанти, адвокати, матични лекари, забари, професори…
Замислете едноставно дека веќе нема да имате потреба од роковници во кои ќе ги заведувате сите ваши бизнис состаноци со клиенти. Ова едноставно се изведува преку Вашата веб страна каде клиентот самиот си закажува во слободен термин. Вашата работа е само да го прегледате календарот и да постапувате согласно закажаното.
Карактеристики на Setster
Како едни од најважните карактеристики за претприемачите би ги издвоил следниве:
- Онлајн календар за следење на закажување и откажување на состаноци.
- Можност за автоматско ажурирање на Вашиот Microsoft Outlook календар или Google Calendar.
- На веќе закажаните термини не може друг клиент да закаже состанок.
- Можност за додавање на различни услуги.
- Едноставно инсталирање на Вашата бизнис веб страна или блог.
- Можност да се изврши закажување до една година однапред (Дај боже да имате толку работа.).
- Можност за автоматско генерирање на фактура преку интеграција со FreshBooks (бесплатна верзија до 3 клиенти).
- Можност за делумна или целосна наплата преку PayPal (што за нас сеуште е недостапно).
- Можност за градење на листа преку интеграција со SalesForce.
- Дефинирање на период во кој може да се откаже некој состанок.
Ова се само дел од карактеристиките на оваа веб апликација. За нас од Македонија единствен недостаток е што сеуште не можеме да ги користиме услугите на PayPal.
Сите гореспоменати претприемачи ќе имаат потреба од една ваква алатка, бидејќи продуктивноста мора да биде на прво место за успешен бизнис.