post

Патот од одличната идеја преку одличен производ до одличен бизнис

Секој бизнис започнува со идеја која ја има претприемачот.

Но, да се има бизнис идеја не е доволно за да се обезбеди одличен бизнис. За да се обезбеди нешто што ќе го подобри вашиот и животот на вашите купувачи.

Од друга страна потребна е акција во однос на најдобрите идеи кои ги имате доколку сакате да се осигурате дека тоа е нешто што навистина вреди, инако идејата е безвредна.

Подолу се дадени основните (поедноставени) чекори за претворање на една бизнис идеја во одличен производ и одличен бизнис.

 #1 Идејата е ваше лично мислење

Секоја идеја е резултат на некој проблем или потреба на претприемачот, или фаза на креативен момент кога едноставно се појавува во неговиот мозок.

Еден просечен човек може да има илјадници идеи за бизнис. Може да биде отворање на маалска “бакалница”, може да биде и производство на некој производ, но може да биде и продажба на некоја услуга.

Во секој случај, сите идеи ниту се добри, ниту можат да се реализираат, а ниту се нешто што во моментов може да се имплементира. Затоа и се прават анализи и селекција на истите.

#2 Барање на бизнис можности

Бизнис можност не претставува исто што и бизнис идеја.

За да се трансформира една бизнис идеја во бизнис можност потребно е на основната идеја да се додаде и купувачот или купувачи.

Ова значи дека прозиводот (односно она што ќе се продава) кој ќе биде резултат на таа бизнис идеја мора да има силна врска со проблем, потреба, фрустрација и желба на потенцијалниот купувач.

Доколку го обезбедите тоа, веќе имате можност која може да се трансферира во производ.

#3 Од каде да се започне: производ или купувач

Третиот чекор е одлуката за тоа од каде да започнете. Традиционално се развива прототип на производот, кој се тестира пред да се започне со сериско производство.

Сепак ви стојат следниве три опции на располагање:

  • Да за почнете веднаш со развој на “фул” верзијата на производот.
  • Првин да најдете неколку купувачи
  • Да комбинирате со претходните две опции (производ и купувачи)

#4 Прибирање на знаење и подобрување на производот

Без разлика која опција ќе ја изберете од претходниот чекор, овој чекор е клучен за понатамошниот успех на бизнисот кој го градите.

Мора постојано да прибирате знаење за вашиот производ или услуга, но и за вашите купувачи како постојано би го прилагодувале и подобрувале не согласно вашите лични мислења, туку согласно она што го бараат купувачите.

#5 Започнување со вистинската комбинација

Досега ги тестиравте сите можности за производот кој планирате да го претворите во бизнис.

Сега е време да одлучите како ќе изгледа тој производ конечно:

  • Кои проблеми ќе решава?
  • Кои ќелби на купувачите ќе бидат вклучени во него?
  • Какви фрустрации на купувачи ќе елиминира?
  • Какви бенефити за купувачите ќе понуди?
  • Која комбинација на карактеристики ќе содржи?
Кога ќе одлучите за овие прашања, не врз основа на ваше лично мислење, туку врз основа на тековните анализи, обиди за продажба, интервјуа и разговори со купувачите ќе можете да преминете во следната фаза.

#6 Градење на системи

Веќе имате и официјално бизнис, бидејќи имате производ и имате мала група на купувачи кои досега низ процесот ги развивавте.

Сега засега вие и вашиот мал тим успевате да ги менаџирате сите активности за оваа фаза од бизнисот, сепак овој успех нема да трае долго доколку не изградите системи на кои ќе се потпре вашиот бизнис со што ќе се обезбеди успешен развој на истиот во иднина.

Како што наведов во насловот што претставува еден претприемач, ќе ви бидат потребни следниве три системи:

  • Производ/услуга (Се она што придонесува да се изработи еден производ или услуга како дизајн, инженеринг и производство на истиот),
  • Маркетинг/продажба (Овој систем има за цел да го доближи производот или услугата до купувачите и секако да го продаде. Бидејќи зборуваме за мал бизнис наместо два системи дизајнирајте еден) и
  • Администрација (колку и да изгледа непотребно сепак некој мора да се занимава и со администрација како процесирање на разна документација, водење на книги, контролирање…)

#7 Постојано подобрување на сите аспекти на бизнисот

Ништо не е перфектно, и се може да се подобри. Затоа како последен чекор е да имплементирате филозофија на постојано подобрување на сите аспекти на вашиот бизнис.

Доколку успешно ги изградите потребните системи од претходниот чекор, ќе ви биде многу поедноставно во овој чекор.

post

Вредноста значи решавање на проблем

Многу често бизнисот го поврзуваме со вредноста која ја нуди. Една бизнис идеја претставува вредност. Она што го купуваат купувачите претставува вредност. Она што го прави бизнисот претставува вредност.

Па, што претставува вредност кога станува збор за бизнисот?

  • Вредноста ја дефинираме кога ја обликуваме бизнис идејата.
  • Вредноста е содржана во бизнис моделот кој претставува основа за развојот на нашиот бизнис.
  • Вредноста е нешто за што постојано еден претприемач размислува кога станува збор за подобрување.
  • Вредноста е нешто со што секојдневно се занимава еден бизнис, претприемачот и сите негови вработени.

Но, за вредноста постои и друга страна. Таа вредност не се вреднува од страна на бизнисот или претприемачот, туку од страна на купувачот. Затоа што вредноста значи решавање на проблем кој го има купувачот.

Од друга страна таа вредност не претставува неисцрпен елемент на еден бизнис. Може да биде со најголем потенцијал, но како одминува времето потенцијалот се намалува, а со тоа се намалува и севкупната бизнис потенцијална енергија на компанијата.

Па, како да се одржува потенцијалот на вредноста на највисоко можно ниво?

Продолжи…

post

3 Аспекти на една бизнис идеја

Постојат многу идеи во главата на еден претприемач, но само мал дел од нив може да бидат вистински бизнис идеи. Идеи кои претставуваат основа за успешен бизнис, или основа за развој на еден постоечки бизнис.

Знаеме дека бизнис идејата мора да решава проблем или задоволи потреба на потенцијален купувач. Знаеме дека тој потенцијален купувач мора да сака да го реши проблемот, односно да ја задоволи потребата, но и да биде спремен да плати за тоа негово задоволство.

Тогаш како треба да ја разгледаме секоја потенцијална бизнис идеја пред да донесеме одлука за започнување или имплементирање?

Следниве аспекти на разгледување на една бизнис идеја ќе ви бидат од корист при донесување на таа важна одлука – акција или следни чекори кои ќе треба да ги преземете.

Вистинска идеја

Дали ја имате вистинската идеја за вашиот нов бизнис или за идниот развој на вашиот постоечки бизнис?

Ова е првото прашање кое ќе треба да се запрашате и да одговорите за секоја бизнис идеја.

Што значи вистинска бизнис идеја за вас?

Досега овој аспект беше предмет на разгледување на претприемач. Станува збор за проблеми, потреби, купувачи, она што тие го сакаат… Можете да прочитате повеќе во категоријата за бизнис идеи.

Вистинско време

Кога зборуваме за бизнис идеи мора да го земеме во предвид и временскиот аспект. Кога фантазираме можеме да одиме далеку во иднината, нешто што нема да можеме да го имплементираме лесно денес, утре или во следниве неколку години. Сепак нам ни треба идеја која би можеле да ја имплементираме колку што може побргу, но таа да биде во согласност со сегашни проблеми или потреби на купувачите или барем потреби и проблеми кои ќе бидат актуелни во скорешно време.

Од друга страна постојат и многу идеи кои едноставно времето ги згазило и не се актуелни за денешното време во кое што живееме. Сигурно нема да биде добра идеја за некој дел на оние локомотиве на парен погон. Тие веќе не се користат.

Вистинско место

Секоја бизнис идеја е во цврста врска со пазарот за кој е наменета. Дали можете да извезвате пченица во Србија? Најголема глупост би била вашата бизнис идеја да се базира на извоз на пченица за Србија, кога знаеме дека во Србија е Војводина, еден од најголемите производители на пченица во регионот.

Секоја бизнис идеја мора да се провери во однос на местото, односно пазарот за кој се базира истата.

post

Зошто повеќето бизнис идеи не успеваат?

Статистички гледано повеќето бизниси не успеваат. Но доколку ги земеме бизнис идеите нивниот неуспех е уште поголем, бидејќи само мал дел од идеите се претвораат во бизнис.

Зошто повеќето бизнис идеи не успеваат?

Подолу се основните 7 причини, кои најчесто се комбинација, а не само една причина за неуспех на една бизнис идеја.

1. Идејата не е добра

Една од најчестите причини за неуспех на една бизнис идеја е доколку таа не е добра.

Што подразбираме под добра или лоша идеја?

Добрите идеи се оние кои нудат вистинска вредност за потенцијалните купувачи. Тие се решенија кои решаваат проблем, или задоволуваат одредена потреба за тие купувачи. Се останато е само идеја, без потенцијал да биде претворена во бизнис.

2. Не е вистинско време за идејата

Доколку идејата не е нешто што се однесува за времето во кое што живееме, веројатноста за неуспех ќе биде поголема.

Секоја бизнис идеја мора да биде во согласност со актуелната состојба на пазарот и актуелните трендови кои се однесуваат за тој пазар. Доколку се однесува на нешто што би можело да биде хит пред 10 или 20 години, или пак премногу е напред во однос на временската рамка и погледите на потенцијалните купувачи истата ќе доживее неуспех.

3. Идејата е добра, но пазарот не е вистинскиот

Добрата идеја, која е во вистинскио време може да доживее неуспех доколку се однесува за пазар кој не е вистинскиот за бизнис идејата.

Секој пазар си има свои специфики преку кои ќе се карактеризира една бизнис идеја. На пример, пазар каде преовалдуваат топли клими и горештини, нема да прифати зимски бунди.

4. Големината на пазарот не е доволна

Освен што пазарот треба да биде вистинскиот, тој треба да гарантира дека ќе има доволен број на луѓе кои ќе купуваат со што би се обезбедило нормално функционирање на бизнисот.

Одлична бизнис идеја на вистинскиот пазар и во вистинското време ќе бара и доволен број на потенцијални купувачи на тој пазар.

5. Бизнис моделот не е соодветен

Иако една бизнис идеја може да ги има сите претходни карактеристики, сепак слабо изработен бизнис модел кој не гарантира профитабилност на бизнисот може да доведе до неуспех на таа бизнис идеја.

Мора да се усогласат сите останати елементи на бизнисот како поддршка на бизнис идејата за да се обезбеди успехот. Станува збор за односите со купувачи, дистрибуција, трошочната структура, висината на приходите, стратегиите…

6. Претприемачот како причина за неуспех

Досега ги опфативме карактеристиките на идејата и идниот бизнис како причини, но и претприемачот како срцето на секој бизнис може да претставува пречка за успех.

Доколку еден претприемач нема соодветно знаење за имплементација на таа бизнис идеја, воопшто не сака да работи во едно такво подрачје, нема пасија за бизнисот како производ на таа идеја или пак не е во состојба да ја имплементира ќе дојде до неуспех.

7. Недостаток на вистински тим

И секако за крај, имплементацијата на идејата ќе бара вистински тим на луѓе кои ќе придонесат за успехот. Задачата на тимот е соодветно претворање на визијата на претприемачот во реалност.

post

Каде да ја побарате вашата следна бизнис идеја?

Не е важно дали сте претприемач и имате постоечки бизнис или пак сте потенцијален претприемач кој сака да започне бизнис, идеите се нешто што постојано ќе ви биде потребно.

Но, проблемот е што тие не доаѓаат лесно. Или пак ќе се појават кога воопшто не сме спремни и во една таква состојба си одат онака како што биле дојдени во мозокот.

Дали сте се обиделе да го насочите вашиот мозок да бреинстормира нешто тогаш кога вие сакате и се јавува блокада? Ништо не доаѓа. Гледате во различни страни, се обидувате да се фокусирате, да се напрегнете… Но, повторно ништо.

Во прилог се само дел од можните потенцијални места каде што можете да побарате квалитетна бизнис идеја. И запомнете, доаѓање до идеи бара слободен ум, без ограничувања или некакви правила.

Вашите лични потреби

Започнете од нешто за што знаете дека имате потреба, која сеуште никој не ја задоволил.

Вашите потреби кои никој не ги задоволува се одлична појдовна основа за нови бизнис идеи.

Трендови кои се актуелни во моментов

Секогаш може да се откријат одредени трендови во вашата околина. доволно е да ги забележите и да дојдете до повеќе идеи.

На пример зголемување на побарувачка на определен производ или услуга и недостаток на сегашните понудувачи да одговорат на таа побарувачка може да претставува одлична можност за вас како претприемач.

Ниша на пазар на кој настапуваат големи играчи

Сигурно дека лесно ќе дојдете до пазар на кој се наоѓаат големи играчи, а знаете дека вие нема да имате шанса.

Но, едноставно доколку се запрашање што може да се подобри, да се понуди подобрен производ или услуга или да се задоволи специфична потреба на тој пазар за која немаат интерес тие големи играчи, сигурно ќе дојдете до повеќе можности во форма на бизнис идеи.

Промени кои се случуваат во индустриите

Секоја индустрија е подложна на промени, а секоја промена претставува одлична можност за претприемачите кои ќе ја забележат приви и реагираат на вистинскиот начин.

Можеби ново законско решение, можеби заситување на пазарот, можеби нова структура на работна сила… Секоја промена може да биде извор на бизнис идеја.

Нови потреби на пазарот

Мислам дека нема потреба да се коментира дополнително. Бизнис идеите задоволуваат потреба на пазарот, па затоа и секоја потреба која ќе биде забележана претставува добра можност за бизнис.

Нови технологии

Новите технологии бараат ново знаење, ново однесување, нови структури… Сето тоа ново за еден претприемач претставува квалитетна можност за заработка.

Нови научни достигнувања

Развојот на науката, како и технологијата претставуваа извори на многу нови можности. Нов алгоритам, нов систем за автоматизација, ново хемиско соединение или пак нов биолошки пронајдок претставуваат добри можности за голем број на нови бизниси.

post

Комерцијално издржлива бизнис идеја

Бизнис идејата во главата на еден претприемач е почетокот на секој бизнис. Но, еден претприемач може и има повеќе бизнис идеи. Некои се комерцијално оддржливи, но некои не се.

Што значи комерцијално издржлива бизнис идеја?

Комерцијално издржлива бизнис идеја е бизнис идеја од која ќе резултираат производи или услуги која ќе обезбедат корисности за купувачите, со цена која е прифатлива за поголема маса на купувачи, со трошоци кои ќе обезбедат профитабилно работење на бизнисот и без пречки за реализација.

Следниве прашања ќе треба да се одговорат.

1. Дали во бизнис идејата лесно се препознава корисноста за купувачот?

Што ќе добие купувачот со користење на производот или услугата која е резултат на таа бизнис идеја? Секоја бизнис идеја треба да има содржано корисност за купувачот. Корисноста во оваа фаза се карактеризира преку потребата која ќе биде задоволена или проблем кој ќе биде решен.

Доколку бизнис идејата не ја покажува јасно корисноста не вреди да се разгледува во понатамошниот процес. Може да ја тргнете на страна, или едноставно да се навратите во нејзино преобликување се додека не дојдете до позитивен одговор на прашањето.

2. Дали цената на производот е прифатлива за поголема маса на купувачи?

Бизнис идејата може да има корисност за купувачите интегрирана во неа, сепак да не биде добра бизнис идеја, доколку купувачите нема да бидат спремни да го платат тој износ на пари дефиниран со ценовната стратегија на бизнис идејата.

Ако анализите ти покажат дека доволно голем број на купувачи е спремен да плати за тој производ или услуга, може да се оди на следната фаза од проверка на комерцијалната оддржливост на бизнис идејата. Доколку одговорот е негативен ќе мора да се вратите на почетокот во дефинирање на бизнис идејата.

Не се враќате во проверка на корисност, туку во самата бизнис идеја, бидејќи промена на бизнис идејата заради задоволување на прифатлива стратегија на цени може да промени нешто и во однос на корисноста.

3. Дали трошоците со таа ценовната стратегија ќе обезбедат посакувана профитабилност?

Кога веќе ќе дојдеш до оваа прашање значи дека бизнис идејата гарантира корисност и има прифатлива ценовна стратегија. Но, дали трошоците ќе бидат на тоа ниво со што при таа ценовна стратегија ќе се обезбеди профитабилноста на бизнисот?

Доколку одговорот е да, може да се оди на следното прашање од проверка на комерцијалната оддржливост на бизнис идејата, но доколку одговорот е не повторно се враќате во дефинирање на бизнис идејата и повторување на претходните прашања.

4. Дали постојат пречки за реализација на бизнис идејата?

Кога веќе стигнувате до оваа прашање вие веќе имате бизнис идеја која содржи корисност за купувачите, има одлична ценовна стратегија и трошоците за реализација на идејата при таа ценовна стратегија обезбедуваат профитабилност на бизнисот.

Но, сепак може да се појават некои други пречки, како што се обезбедување на финансии за реализација, недостаток на технологија за реализација, недостаток на луѓе за реализација и слично.

При оваа прашање мора да размислите за сите можни пречки за реализација на таа бизнис идеја. Доколку не дојдете до негативен одговор вие сеуште немате комерцијално издржлива бизнис идеја и мора да се вратите во самото дефинирање на идејата.

post

Избор на бизнис идеја од листа со бизнис идеи

Маркетинг пред започнување Како еден претприемач, или пак како некој кој ќе стане претприемач веројатно доаѓаш до голем број на идеи за бизнис. Денес кој нема идеи за бизнис? Барем идеите се најлесни. И тоа е добро, се додека водиш соодветна евиденција дали во твојата книга со бизнис идеи за која што пишував уште во 2009 година и која е дел од 10 бизнис темплејти или пак во некаков нотес било да станува збор за хартиен или пак електронски како што е Evernote.

На ваков начин барем обезбедуваш дека ништо нема да остане во заборав, туку дека можеби некој ден ќе дојде на ред да се претвори во конкретни акции или чекори како за започнување на нов бизнис така и за проширување на активностите на веќе постоечки бизнис.

Но, и тој збор можеби некој ден не гарантира дека некој ќе стане претприемач, ниту пак дека идеите ќе бидат имплементирани.

Вообичаено, претприемачот врши некоја анализа и ги споредува бизнис идеите една со друга врз база на таа анализа и одлучува која ќе ја започне. Иако, овој процес може да се спроведе различно и еден начин се презентира и ќе биде презентиран во текот на оваа година како дел од теорија на бизнис идеи која тука ја развиваме, сепак би сакал да ги опфатам тука можностите за избор на наједноставен можен начин. Во премиум претприемач користам посебна поопширна книга со бизнис идеи каде се врши иницијална анализа и со дополнителни анализи на пазарот и претприемачот се оценуваат бизнис идеите при што се избира онаа со најголема оценка.

Начините на кој може да се избере една бизнис идеја вредна за започнување генерално може да се групираат во:

  • Едноставен начин и
  • Комплексен начин.

1. Едноставен начин за избор на бизнис идеја

Што претставува едноставен начин за избор ан бизнис идеја за започнување?

Првин, овој начин претпоставува дека имаш повеќе бизнис идеи, можеби десетици. Второ, земаш една бизнис идеја и ја споредуваш со друга по случаен избор. При споредбата една ќе биде подобра, така да едната ќе отпадне. Потоа продолжуваш со идејата “победник” и некоја друга од листата и повторно ги споредуваш при што една од нив ќе отпадне. Процесот продолжува се додека не се дојде до една идеја “абсолутен победник”.

2. Комплексен начин за избор на бизнис идеја

Комплексниот начин претставува нешто посистематски начин на рангирање и избор на една од повеќе бизнис идеи преку поглед на различни влијателни фактори кои може да бидат значајни за успехот на бизнисот. На кратко процесот би изгледал вака:

  • Направи листа на атрибути кои ќе се вреднуваат. На пример, лична сатисфакција, големина на пазарот, можности за монетизација на идејата, ризик за неуспех, потребен труд…
  • Додади тежина на секој атрибут која ќе ја определи важноста на атрибутот во процесот валуацијата. На пример, доколку личната сатисфакција претставува нешто важно за тебе, ќе ставиш поголема тежина да има тој атрибут во однос на другите.
  • Оцени ја секоја идеја врз основа на секој атрибут. На пример, може да користи оценка од 1 до 5 или пак од 1 до 10. Внимавај оценката да има нумерички карактер.
  • Помножи ја секоја тежина од атрибутите со оценката на идеата. На ваков начин за секоја идеја ќе добиеш соодветна оценка за соодветен атрибут.
  • Собери ги поединечните оценки на атрибутите за секоја идеја. Ова веќе ќе претставува конечната оценка за секоја идеја.

Идејата со најголемата оценка е идејата која би требало да се избере. Процесот е сличен на оној кога ги споредувавме бизнис моделите.

post

Креирање на нова бизнис идеја преку комбинација на постоечки

Задачи пред започнување на бизнис Креирање на бизнис идеи претставува процес на иновативни можности на еден претприемач. Во серијалот за иновативни можности опфативме повеќе можности за креирање на бизнис идеи кои може да се искористат од еден претприемач.

Зошто на еден претприемач му требаат постојано нови идеи?

Ниеден бизнис не е имун на надворешното влијание. Претпоставките и за најиновативните бизниси дека можат да бидат мирни подолг временски период зарди недостаток на конкуренција не држат вода. Мора постојано да се иновира, менува и подобрува.

Како една можност за стекнување на добри бизнис идеи претставува комбинација на две или повеќе бизнис идеи во една.

Сите го знаеме примерот на појава на видео игри како резултат на еден човек кој работел во детски забавен парк и студирал електроника. Двете идеи, односно индустрии (забавен парк за деца и познавање од електроника) ги искомбинирал во тогашното чудо на техниката наречено како видео игри.

Подолу е еден процес кој би можел да го искористиш за оваа намена:

  • Бреинстормирај колку што можеш повеќе бизнис идеи.
  • Прегледај ги и групирај ги доколку некои се слични или имаат иста намена.
  • Направи табела со две колони во кои ќе ги смести бизнис идеите.
  • Започни со една идеја од првата колона и додека мислиш на неа разгледувај ги идеите од втората колона (без онаа која си ја избрал од првата) и размислувај за можна комбинација меѓу истите.
  • Кога ќе налеташ на идеја од втора колона која може да се комбинира со идеја од првата колона и притоа ти се чини интересна поврзи ги со стрелка.
  • Продолжи со истиот процес за секоја идеја од прва колона се до последната.
  • Во посебна табела извлечи ги можните комбинации.
  • Доколку сакаш да го повториш процесот за комбинација и на трета идеја во комбинација на првите две додади уште една колона каде ќе ги повториш иницијалните идеи.
  • Повтори го процесот на идеите (комбинации) од првата колона со втората колона (иницијални идеи).

Внимавајте при процесот да ги отфрлите сите предрасуди и размислувања за можната изводливост. Како еден претприемач ти бараш иновативна можност, идеја која може да го смени изгледот на светот.

Од друга страна не е лошо кога ќе дојдеш до повеќе комбинации да дадеш и сопствени размислувања, или идеи за подобрување на комбинацијата.

Целта е да дојдеш до идеја, а не до тоа дали е изводлива и дали купувачите ќе ја сакаат. Тој процес е опфатен со теорија на бизнис идеи.

 

post

[Вежба] Избор на бизнис модел кој ќе го тестираме понатаму

Вежба на претприемач Минатата недела секојдневно работевме на финализацијата на драфт верзијата или поточно верзиите на нашиот бизнис модел како дел од теорија на бизнис идеи која цела година ќе ја развиваме тука на претприемач.

Со претходната вежба која ја правевме тука за оваа теорија ти веќе имаш драфт верзија на твојот бизнис модел пополнет од десната страна со поставување на првата хипотеза (постои проблем) интегрирана во самиот бизнис модел. Сега пред да продолжиме со излегување надвор од канцеларија, таа драфт верзија на бизнис модел треба да ја дополниме, да ја поделиме во повеќе бизнис модели и да избереме еден кој ќе започнеме да го тестираме со потенцијалните купувачи.

Тоа беше теоретското излагање од минатата недела, сега е време на вас да го примените во пракса преку оваа вежба.

Да се потсетиме на постовите кои беа дел од она што го работевме минатата недела:

Чекори кои треба да ги спроведеш во вежбата:

  • Дополни ја драфт верзијата на бизнис моделот во однос на односи со купувачи, канали, приходи, клучни активности, клучни ресурси, клучни партнери и трошоци.
  • Дефинирај ги сите карактеристики кои ќе бидат или можат да бидат имплементирани во решението. Вметни се што мислиш дека треба да има како карактеристика, дури и најлудите или најнеизводливите идеи.
  • Процени ја големината на сегментите и до секој сегмент впиши ја неговата бројка.
  • Врз основа на карактеристиките како и сгементите од основниот еден бизнис модел направи повеќе. Главната поделба треба да ја изведеш врз база на карактеристиките на сегментите, како и карактеристиките на решението за соодветниот сегмент.
  • Процени ги трошоците како и приходите во комбинација со големината на сегментите и претпоставката за можното учество на пазарот за тоа решение.
  • Подели ги бизнис моделите на надежни и ненадежни врз основа на профитабилноста. Оној кој дава профит е надежен, додека оној кој не дава профит е ненадежен.
  • Разгледај ги оние ненадежните и провери дали тие карактеристики се потребни за тој сегмент, а врз основа на исфрлања на некои карактеристики ќе ги промениш  останатите елементи да тој бизнис модел.
  • Провери ја профитабилноста на тие ненадежни редефинирани и редизајнирани бизнис модели. Доколку станува профитабилен нека остане како работен, а сите непрофитабилни заборави ги.
  • Направи вредносна анализа како што е прикажана во постот од минатата недела и избери го најнадежниот бизнис модел на кој ќе продолжиш со работа.

На крајот од оваа недела ќе имаш еден бизнис модел кој следната недела ќе продолжиме да го развиваме и тестираме.

 

post

Теорија на бизнис идеи – Приоритизација на бизнис моделите

Сега веќе имаш повеќе бизнис модели спремни за тестирање. Твојата работа како иден претприемач досега беше да дојдеш до тие бизнис модели преку тестирање на трите основни хипотези и дизајнирање на тие бизнис модели како и имплементација на прилагодувања во истите врз основа на нови претпоставки и знаци кои ги наоѓаш а кои доаѓаат од надвор.

Бизнис моделите кои ги имаш содржат различни хипотези кои треба да се потврдат. Потврдата треба да дојде од потенцијалните купувачи, а не од тебе или твоите можни или идни вработени.

Од друга страна, овие бизнис модели се дефинирани врз основа на различни сегменти и различни потреби за карактеристики на решението, па затоа и не можеш да започнеш со тестирање на сите одеднаш. одлуката да ги тестираш сите само ќе те заглави во една напорна работа и ќе го одложи практичното започнување на самиот бизнис, а со тоа и почетокот на генерирање на приход ќе биде одложено. Не значи дека она што досега си го развил нема да се примени во иднина, но нашата цел е да започнеме со најнадежниот бизнис модел, оној со најголем потенцијал за генерирање на приход за твојот бизнис.

Затоа е потребна приоритизација на бизнис моделите кои досега ги имаш развиено.

Во зависност од бизнисот и сегментите на пазарот може да се користат различни критериуми за рангирање на овие бизнис модели. Тука ќе презентирам една можна приоритизација со едни од најважните критериуми:

  1. Ниво на потреба на решението. Ова веќе го подготвивме вчера и претставува нивото на болка или желба која сегментот ја чувствува за проблемот кој тој бизнис модел го решава. Ова е втората хипотеза од оние основните: се бара решение за проблемот.
  2. Големина на сегментот. Овој критериум исто така го имаме опфатено во бизнис моделот и го подготвивме во постот насловен како теорија на бизнис идеи – финализација на бизнис модел 1. Од друга страна ова претставува третата хипотеза дека постои доволно голема критична маса на купувачи кои имаат потреба од нашето решение.
  3. Цена. Колку можеш да наплатиш? Ова е важно прашање бидејќи како еден претприемач сакаш да наплатиш колку што може повеќе за твојот производ или услуга.
  4. Пристапност до сегментот. Како ќе дојдеш до определениот сегмент? Колку е полесна пристапноста, толку побргу ќе генерираш резултати. Затоа и важноста од овој критериум при приоритизација на развиените бизнис модели.

Овие критерими се наведени по важност, односно најважен е првиот, а најмалку важен е вториот. Заради еден ваков случај најдобро е да се подготви една вредносна анализа на бизнис моделите во однос на секој од критериумите.

Ќе го илустрирам ова преку еден пример. Првин ќе ги дефинирам тежините на секој од критериумите:

  • Ниво на потребно решение ќе има тежина 5
  • Големина на сегментот ќе има тежина 3
  • Цена ќе има тежина 2
  • Пристапност ќе има тежина 1

Ќе користиме оценка од 1 до 10. 10 најдобра, додека еден најслаба.

Во табелата подолу е прикажана оваа анализа и начинот на приоритизација на бизнис моделите.

Вредносна анализа за приоритизација на бизнис модели

Од анализата добиваме дека бизнис моделот 2 е највреден за да продолжиме со тестирање на хипотезите и развој на истиот во наш иден бизнис доколку се докажат хипотезите. Ќе продолжиме со подготовка на тестирањето.