post

Бизнис модел и онлајн стратегија

Бизнис модел и онлајн стратегија

Бизнис модел и онлајн стратегија

Во изминатиов период анализирав различни теоретски и практични согледувања за бизнис моделот и стратегиите кои што еден бизнис би требало да ги има во својата основа.

Она што е очигледно е дека постојат различни бизнис модели и различни стратегии кои треба да го поддржат тој бизнис модел. Она што ме натера да навлезам подлабоко во едни вакви теоретски и практични истражувања беше согледување на потребата од еден посеопфатен пристап кога станува збор за бизнис стратегии. Поточно и во постот дали онлајн стратегија претставува бизнис стратегија навлегов во еден покомплексен и посложен свет во кој функционираат бизнисите.

Сепак онлајн стратегија треба да го отсликува и да е во согласност со севкупниот бизнис модел и стратегијата која произлегува од него. Одлични причини за промашувања во однос на градење на онлајн присуство (како дел од онлајн стратегија) дава и Дарко од NewMedia MK во постот насловен како Ефективно присуство на интернет не е лесно остварливо, еве зошто. Сите тие причини наведени свои корени ги влечат од она што се нарекува бизнис модел.

Работејќи со неколку компании (некои спаѓаат во групата на “гиганти”) во изминатава година сфатив дека тие навлегуваат или сакаат да навлезат во еден сосема нов свет без воопшто да го променат сопствениот бизнис модел кој треба да биде прилагоден на тој нов свет. Многу би било полесно да се започне од самите корени, да се дојде до она што се сака и да се примени во работењето преку имплементација на таа стратегија.

На пример, започнуваат со градење на онлајн присутност (би требало да имаат онлајн стратегија која би го поддржала бизнис моделот) без воопшто да сфатат или да знаат што тоа значи и што би требало да значи за нивната компанија. Па затоа целиот проект иако со добри намери се доведува во опасност.

Уште од времето кога започнав да ги проучувам организациските промени (пред повеќе од 10 години) научив дека не треба да се започнува со проект кој ќе бара промени без целосна подршка и посветеност од страна на врвниот менаџмент.

Да се навратам на претпоследниот пасос (онлајн присутност) и последниот организациски промени и подршка од страна на менаџментот. Можеби се чини дека немаат никаква конекција – ова е една презентација (маркетинг активност) а другото е покомплексен организациски елемент. Но, сепак не е така. Една компанија прави веб сајт не за да нејзините вработени секое утро го посетат и се воодушуваат на убавината на истиот туку за да го поддржи бизнисот во кој се наоѓа таа компанија (односи со потрошувачи, канали за испорака на вредноста, партнерства… сите составни елементи на еден бизнис модел). Доволно е тој веб сајт само да има една контакт форма па да предизвика промена во организацијата:

  • Кој е одговорен за одговарање на контактите?
  • Кој е одговорен за подготовка на понуда?
  • Кој е одговорен за комуникација?
  • За кое време треба да се одговори?

Одговорот на овие прашања во бирократските системи доведува до еден раздор – не јас, ти. Ова е најпрост пример од еден проект кој треба да се имплементира во бизнисот. Затоа и потребата од подршка и пресечување од страна на менаџментот.

А, каква врска има ова со бизнис моделот?

Да тргнам од веб сајтот и неговите цели како еден пример во оваа презентација. Целта на веб сајтот може да биде:

  • компанијата да биде најдена од потенцијални купувачи,
  • овозможување на канал за комуникација со тие потенцијални купувачи,
  • компанијата да биде најдена од можни снабдувачи или други стејкхолдери,
  • компанија да биде најдена од можните партнери,
  • продажба на производи и/или услуги,
  • обезбедување на тренинг за користење на тие производи и/или услуги…

Сметам дека се доволни за оваа прилика. А што е бизнис моделот? Бизнис моделот ги дефинира и ја дава врската помеѓу:

  • производи и/или услуги,
  • купувачи
  • снабдувачи и други стејкхолдери
  • начин на комуникација и дистрибуција на вредноста кон купувачите.

Дали сега сметате дека еден мал проект како веб сајт за компанијата не поврзан директно со бизнис моделот? Доколку бизнис моделот не содржи елементи кои треба да се добијат со веб сајтот и не постои стратегија која ќе го подджи тој бизнис модел, имплементацијата на проектот ќе биде однапред осудена на пропаст. Штета!

Ова е само еден мал дел од склопувањето на коцките од моите белешки од изминатиов период, ќе следуваат уште.

post

Книга: Генерирање на бизнис модел

Книга: Генерирање на бизнис модел

Книга: Генерирање на бизнис модел

Бизнис модел е нешто што јасно и недвосмислено ги дава внатрешните и надворешните врски на еден бизнис. Бизнис модел ви помага јасно и недвосмислено да знаете што вашиот бизнис прави и како тоа го прави. Бизнис модел ги поврзува вашите снабдувачи преку вашиот бизнис со вашите купувачи. Бизнис модел е… најважното нешто за еден бизнис.

Доколку сте редовен читател на претприемач сигурно сте забележале дека сум голем подржувач на бизнис модел како еден елемент кој во многу „лични“ ситуации може да го замени и бизнис планот. Лични го ставив во наводници бидејќи сеуште кај нас преку бизнис модел не можете да комуницирате со инвеститори, банки и други институции кои обезбедуваат средства за малите бизниси.

Во овој пост сакам да претставам една книга насловена како Business Model Generation од Alexander Osterwalder и Yves Pigneur. Книга која можеби ќе го смени начинот на пишување на бизнис книги. Книга која можеби ќе го смени, ако веќе и не го менува начинот на моделирање на бизниси.

Од внатрешноста на книгата…

Книгата е навистина неконвенционална особенопоради тоа што не е напишана онака како што сме научиле да се пишуваат книгите кои обработуваат бизнис проблематика. Составена е од 5 дела:

  • Платна на бизнис моделот. Ова се алатки за дизајнирање, анализирање и опишување на еден бизнис модел. Овој начин на прикажување на бизнис моделот ги опаќа четирите главни подрачја на еден бизнис: потрошувачи, понуда, инфраструктура и финансиска одржливост на бизнисот.
  • „Модели“ на бизнис модели. Во овој дел од книгата авторите презентираат 5 модели од бизнис литературата. Сите модели се опишани преку јазикот на платната од првиот дел на книгата.
  • Дизајн. Овој дел од книгата опфаќа техники кои може да помогнат во дизајнирање на бизнис модели. Објаснети се 6 техники како увид во потрошувачи, идеи, визуелно размислување, прототип, приказни и сценарио.
  • Стратегија. Овој дел од книгата се однесува на реинтерпретација на стратегијата преку призмата на еден бизнис модел. Целта на овој дел е да обезбеди соодветни прашања за стратешка оценка на опкружувањето во кое егзистира постоечки бизнис модел.
  • Процес. Петиот дел од книгата дава еден процес во кој ќе се измиксаат сите претходни елементи за да се дизајнира еден сосема нов и иновативен бизнис модел.

За кого е оваа книга?

Првата корист од оваа книга ја забележувам за врвните менаџерите кои управуваат бизниси и кои се соочуваат секојдневно со ре-размислување за тековниот бизнис модел. Оваа книга ќе им помогне да го погледнат бизнис моделот на компанијата која ја управуваат со еден сосема поедноставен, но комплетен приказ. Оваа книга ќе им даде алатки, техники и процеси за редизајнирање на постоечкиот бизнис модел.

Освен менаџерите, тука се и претприемачите кои се карактеризираат со препознавање на пазарна можност и започнување на нов бизнис или пак развој на нивниот постоечки бизнис. Оваа книга ќе им даде алатки со кои ќе можат да си ги средат сопствените идеи и да ги проверат истите преку дизајн на еден бизнис модел.

И на крај како трета група на луѓе кои би можеле да „профитираат“ од оваа книга се сите бизнис консултанти, кои ќе можат целосно да го променат нивниот концепт на „помагање“ на бизнисите, тргнувајќи од центарот на проблемот па се до најситниот детал за подобрување на еден бизнис.

post

Бизнис Модел Наместо Бизнис План

Иницијатор за овој краток напис ми беше твитот од @GuyKawasaki за нешто што мора да биде прочитано од страна на претприемачите во однос на Бизнис план VS Бизнис модел. Ова е всушност линк до квалитетен напис на Steve Blank во однос на оваа тема. Моја препорака е да го прочитате бидејќи навистина ќе ви го претстави бизнис планот во едно поинакво светло.

Бизнис План - Бизнис Модел Извадок од Твит

Бизнис План наспроти Бизнис Модел Твит

За што всушност се однесува ова?

Во написот се прикажани примери на два стартап бизниси. Едниот кој изгубил 3-4 месеци на подготовка на бизнис план, оној таканаречен „формален“ и вториот кој воопшто не губел време на подготовка на бизнис планот туку едноставно се насочил на изработка на вистински бизнис модел.

Првиот бизнис по завршување на бизнис планот сфатил дека скоро половина од претпоставките во истиот не биле воопшто во согласност со претпоставките на потрошувачите. Додека вториот преку дизајнирање на бизнис модел кој ќе биде во согласност со потрошувачите, основното насочување му било тој бизнис модел да понуди вредност за потрошувачите, во што и успеал.

Воопшто не ме зачудува сето ова!

Сето ова воопшто не ме зачудува бидејќи и јас поминав низ слична ситуација пред неколку години при започнување на еден мој бизнис. Повеќе детали околу тоа мое патешествие можете да прочитате во Бизнис План – Опасности во стилот планирај го твојот бизнис план.

Од друга страна бизнис моделот е она што поминува на пазарот и што еден бизнис го прави различен од другите. Проекции во стилот на графикон на рентабилност, биланси на состојба, предвидувања на продажба … скоро сите се исти или слични. Тоа се темплејти кои секој претприемач може да ги подготви, разликата е што некој е подобар во предвидувањата во однос на друг. Но, моделот, односно дизајнот на бизнисот е она што се забележува од страна на потенцијалните потрошувачи бидејќи тие се опслужуваат преку еден бизнис модел.

Повеќе детали како и еден мој реален пример при дизајнирање на бизнис модел можете да прочитате во Бизнис модел – нешто што ќе ви помогне. И секако на крајот ќе треба да го вклопите и профитниот модел во дизајнот на Вашиот бизнис.

Ова е потврдено и од една од најбрзо растечките компании за што пишував во Иновација како основа во Facebook.

Па, дали имам потреба од бизнис план?

Ова е едно од основните прашања кои ми се вртат во глава по тоа мое искуство со бизнис планот. Кога ќе се навратам наназад во тој период единствено нешто од тој бизнис план што ми помогна беше тоа што успеав да навлезам во повеќе аспекти на тој нов бизнис уште пред стартување. Од друга страна вториот бизнис план во вид на листа на активности и секако рокови на завршување на истите ми помогна многу повеќе во таа прва година од постоење на бизнисот.

Така да не можам да кажам дека еден таков вид на формален план е бесполезен за еден претприемач на мал бизнис, а не можам да кажам и дека е суштински за опстанок.

Но, она што сметам дека може да биде Win-Win стратегија е да се почне со дизајн на бизнис моделот, па потоа да се инкорпорира тој бизнис модел во еден квалитетен бизнис план. Но, бизнис план кој ќе биде динамичен и кој ќе биде во функција на тековниот бизнис модел кој го користи претприемачот.