post

Бизнис план и што на еден претприемач му треба

Претприемач новогодишно 2012

Претприемач новогодишно 2012

Не, не значи дека не треба да имаш бизнис план. Сега, ќе звучам многу збунувачки, но сепак ова е почеток и доколку сте со нас и наредната година, полека ќе ги разјаснуваме работите за новите потреби за еден бизнис и претприемач. Можеби нема да се вика бизнис план, туку “мој процес”. Можеби ќе се вика “мој пат” или пак “како да ги исполнам моите цели”.

Името не е важно, не е важна формата, не е важен документот важно е што ќе направиш со него.

Ајде уште еднаш да го погледнеме видеото од бизнис план – нови погледи.

Не гледам ништо страшно, во поглед на некои крупни промени околу потребата или корисноста. Но, гледам крупни промени во однос на практицирање на процесот на бизнис планирање и секако обликот.

Прашањето е што му треба на еден претприемач?

  • Динамичното време во кое опстојува еден бизнис се повеќе врши притисок врз долгите активности, долгите размислувања, долгите акции… Потребна е брза реакција, откако нешто брзо ќе се направи, понуди, испорача… Потребен е еден поглед и воочување на погрешните чекори, погрешните претпоставки, погрешните хипотези, погрешните предвидувања… А ќе ги има, не дека ќе ги нема. Значи првата потреба е лесно воочување на она што било испланирано или предвидено со онаа што претставува реалност.
  • Потребно е нешто што ќе овозможи соодветно тестирање на почетните хипотези и воглавно погрешните претпоставки. На пример, планираме одлична 2012 година, раст на производство, бруто домашен производ… Се базираме на претпоставките и базирањата кои ги има Владата при подготовка на буџетот. Но, едно нешто треба да ни биде јасно, Владите манипулираат со бројките, а ти како претприемач немаш можност за манипулација, ти мора цврсто да газиш. Грешките Владите си ги исправаат без нив директно да ги боли, но тебе таквите грешки и цврсто држење до бројките за индустријата, за растот, за БДП и така натаму може да ти бидат катастрофални. Претпоставките базирани на таквите бројки мора да се проверат колку што може побрзо и доколку се открие нешто да се преземат соодветни мерки или промена на претпоставките.
  • Ни требаат податоци од денес, но и за утре. Најчесто хипотезите ги базираме на податоци од претходни години и статистички анализи на минатото. Не дека тие не се корисни, но корисни се само заради првично поставување на хипотезите, а не за понатамошно туркање и базирање на нашиот бизнис на нив. Нас ни требаат податоци од денес за денес, а ако може да добиеме и за утре податоци за да ги користиме денес ќе биде уште подобро.
  • Ни требаат сосема нови мерки или мерни индикатори. Финансиските показатели и натаму остануваат во игра, но тие премногу се базирани на внатрешноста на бизнисот. Денес еден бизнис функционира во многу пошироки граници во однос на минатото. Чекори со километри далеку од бизнисот, може утре или за месец дена да имаат огромно влијание врз самиот бизнис. Затоа е потребно целосно ревидирање на мерните индикатори и показатели кои ќе бидат содржани во еден бизнис план.
  • Ни требаат алатки за повеќестрано разгледување на анализите на податоците. Исти податоци презентирани на различен начин даваат различни заклучоци, кои понекогаш може да бидат дијаметрално спротивставени. Во еден начин на презентација на податоците (график) може твојот бизнис да биде супер, но во друг вид на график да забележиш дека нешто не “штима” со твојот бизнис. Затоа треба комплетно да го редизајнираме сегашниот модел на подготовка на еден бизнис план во нешто многу подинамично и нешто што реално можеме да го контролираме. Нас ни е важно да донесеме правилни заклучоци и да ги базираме нашите постапки на тие заклучоци.

Заради овие потреби и уште повеќе други кои ќе ги образложиме во наредната година започнав со дизајнирање на еден сеопфатен процес за градење на стартап. За да биде завршен овој процес користам и ќе користам илјадници книги, интервјурам и ќе интервјуирам повеќе претприемачи, ќе спроведам повеќе анкети од кои дел ќе бидат спроведени и тука на претприемач и ќе го склопам во еден едноставен процес кој ќе ги обезбеди најпотребните факти и податоци на кои ќе ги градиме нашите хипотези и секако одлуки.

Во секој случај, кога станува збор за бизнис план на претприемач, ова е само почеток за она што ќе не очекува следната година.

post

Прирачник за бизнис планирање, темплејт и алатки за бизнис план

Бизнис план е една доста популарна тема за која имаме доста пишувано, но и ќе пишуваме особено во 2012 година кога ќе опфатиме теми за едно сосема поинакво размислување во однос на еден бизнис план или подобро кажано процес на бизнис планирање.

бизнис план

Овој пост сакам да го искористам како информација за она што е додадено при регистрација за бесплатните билтени на претприемач. Имено, пред извесен период сите регистрирани за билтените добија пристап до:

  • Прирачник за процес на бизнис планирање
  • Бизнис план темплејт во MS Word
  • Алатки за процес на планирање и изработка на бизнис план во MS Excel кои служат за пополнување на темплејтот.

Овие алатки беа превенствено креирани минатата година за премиум членови на претприемач.

Така да сега како благодарност од наша страна за регистрација на билтените на претприемач ќе добиете:

  • Се за бизнис план (што напоменавме погоре)
  • Е-книга за блогирање за бизнис
  • 10 Бизнис темплејти
  • Калкулатор за готовински тек во MS Excel и
  • 10 Видео материјали за веб презентација на твојот бизнис.

Но, со ова ја завршуваме оваа година, а за следната уште многу материјали. Тука ќе ја најавм само е-книгата блогирање за бизнис за 30 дена која ќе биде полна со информации и совети (Се надевам дека ќе биде во јанураи). Истата планираме да биде споделена во две верзии како pdf книга, но и како epub и kindle книга, така да можете да си ги читате и преку омилениот ридер на вашиот мобилен или таблет. Ќе има и нова верзија на е-книгата за блогирање за бизнис надополнета со уште совети. И секако, останатите ќе останат изненадување, а ќе има многу.

post

[Видео] Бизнис план – Нови погледи

Минатата недела пишував за тоа како да напишеш бизнис план, тоа беше малку провокативен пост со цел да се поттикне едно поинакво размислување.

Веќе подолго време не сум голем фан на бизнис планови што може да се види и од повеќето постови за бизнис план, но и од прирачникот за процес на бизнис планирање каде се вметнати многу повеќе нетрадиционални елементи на едне бизнис план.

Имам забележано повеќе цитати, од многу книги, изјави на претприемачи, научни работници од полето на претприемништвото и малите бизниси. Во оваа видео се обидов да презентирам некои. Ова се цитати кои целосно кореспондираат со нашето време во кое живееме.

Што мислите за овие цитати, точни се или неточни? Да напоменам повеќето, ако не и сите се од луѓе кои изградиле успешен бизнис во последниве години.

post

Ден 13: Бизнис цели – 77 подобрувања за 77 дена

Подобрување на креативност Да продолжиме со тринаесетиот ден од предизвикот за подобрување на твојот бизнис за 77 дена. Сеуште сме во делот на подобрување на процесот на бизнис планирање како дел од севкупните бизнис подобрувања.

Веќе имаш работено на подобрување на претходно искуство со планирање, предвидување, знаење и бизнис моделот.

Сега, можеме да продолжиме со поспецифичните подрачја за подобрување кога станува збор за подготовка на твојот бизнис план. Денес, твојата задача ќе биде да работиш на подобрување на твоите бизнис цели.

Треба да запомниш дека твоите бизнис цели се првата специфична работа на која се останато во процесот на бизнис планирање ќе се базира.

Доколку погрешиш тука, целокпниот процес исто така ќе биде погрешен.

Бизнис цели

Твоите цели се нешто што твојот бизнис треба да постигне во определен временски период во иднина. Тие се составени од:

  • Нешто што треба да се постигне. На пример, зголемување на продажба е нешто што треба да се постигне.
  • Нешто што ќе прикаже мерка. На пример, целта зголемување на продажба не ни кажува нешто многу вредно затоа што не ни кажува за колку треба да се зголеми целта. Така, нашата цел сега би била зголемување на продажба за 10% во однос на минатата година. Оваа е многу подобра цел.
  • Време во кое тоа нешто треба да се постигне. На пример, целта е зголемување на продажба за 10% во однос на минатата година во следната година.

Каде треба да се фокусираш при подобрување?

Кога зборуваме за можните подобрувања во однос на бизнис целите ќе треба да го насочиш твоето внимание на следниве елементи:

#1 Мора да си објективен кога ги поставуваш целите

Да, можеш да започнеш со она што сакаш да го постигнеш, но тоа треба и да го провериш. Дали твоите цели се нешто што може да стане реалност? Понекогаш е подобро да поставиш ниски, но остварливи наместо превисоки неостварливи цели.

#2 Обврзување

Втората работа на која треба да се фокусираш при подобрување е твоето лично обврзување за остварување на целите кои ќе ги поставиш.

Замисли цел на еден претприемач каде тој/таа не се обврзани за постигнување. Дали ова има логика? Дали се имаш најдено во таква ситуација?

Доколку еден претприемач не е обврзан за постигнување на целите, тогаш како може да очекува вработените да се обврзат? Веројатно, и тие ќе го направат исто како и претприемачот. едноставно ќе ги игнорираат целите. Зошто треба да губиш време за поставување на цели за кои во една таква ситуација никој нема да се грижи?

Твојот пишан бизнис план би можел да биде првиот чекор кон тоа обврзување за постигнување на целите.

Но, важно е да знаеш дека доколку целите се напишани на хартија, ќе бидат во категорија на цели со поголемо обврзување за остварување во однос на цели кои остануваат само во твојата глава.

#3 SMART

И да, твоите цели треба да бидат SMART цели, што значи:

  • Да се специфични,
  • да се мерливи,
  • Да се остварливи,
  • Да се реалистични, и
  • Да се временски ограничени.

Прашања кои ќе треба да ги одговориш

Користи ги слениве прашања за да те водат низ процесот на можни подобрувања на твоите бизнис цели:

  1. Како можам да бидам објективен кога поставувам цели за мојот бизнис?
  2. Каква е мојата визија?
  3. Што сакам да постигнам во иднина?
  4. Каде сакам да ја видам мојата компанија во иднина?
  5. Какви се трендовите во мојата индустрија, пазарот или блиското опкружување на мојот бизнис?
  6. Што се случува во индустријата каде што функционира мојот бизнис?
  7. Каков е просекот во индустријата во последните неколку години?
  8. Кои се квантитативните ограничувања на пазарот?
  9. Дали квалитетот на мојата понуда е во согласност со потребите на пазарот?
  10. Што е со ресурсите? Ги имам ли доволно за да го постигнам тоа што го сакам?
  11. Каде во моментов се наоѓа мојата компанија во однос на потрошувачи, продажба, приход и профит?
  12. Какви се резултатите од минатото? Зошто ги имам постигнато целите кои се постигнати и зошто ги немам постигнато целите кои ги немам постигнато?
  13. Што е она што можам да го подобрам во процесот на поставување на цели врз основа на одговорите од претходните две прашања?
  14. каде сакам да ја видам мојата компанија во однос на потрошувачи, продажба, приходи и профит во следните пет години?
  15. Кои се моите таргети за следните 5 години?
  16. Постојат ли било какви препреки за остварување на таргетите?
  17. Како да ги надминам препреките доколку постојат?
  18. Што ќе се случи во иднината?
  19. Какви промени сакам да видам во мојата компанија во следните неколку години?
  20. какви промени сакам да видам надвор од мојата компанија во следните 5 години? Можни ли се и колку?
  21. Кои ќе бидат моите цели врз основа на одговорите на сите претходни прашања?
  22. Дали моите бизнис цели се специфични?
  23. Дали моите бизнис цели се мерливи?
  24. Дали моите бизнис цели се остварливи?
  25. Дали моите бизнис цели се реалистични?
  26. Дали моите бизнис цели се временски ограничени?
  27. Ги имам ли алоцирано одговорностите за секоја цел?
  28. Кои акции треба да ги преземам за остварување на секоја од поставените цели?
  29. Дали е тоа, она што сакам да го постигнам?
post

Ден 10: Предвидување – 77 подобрувања за 77 дена

Подобрување на креативност Да продолжиме со нашиот предизвик да го подобриш твојот бизнис за 77 дена.

Претходниот ден на кој што работеше е за подобрување на твоето претходно искуство со процесот на бизнис планирање. Денес, ќе продолжиме со еден од најважните елементи на процеот на планирање, а тоа е предвидување.

Што можеш да подобриш во твоето предвидување?

Предвидувањето е важно бидејќи секој бизнис план се базира токму на него, а понекогаш се нарекува и претпоставување бидејќи не можеме секогаш да ја предвидиме иднината. Би било премногу едноставно да бидеш претприемач доколку можеш да гледаш во иднината. Реалноста е многу поинаква и поради тоа многуте од твои идни активности ќе бидат базирани на твоите планови, кои пак од друга страна се базираат на предвидување и претпоставување.

Најголемиот предизвик за подобрување на предвидувањето е да успееш истото да биде колку што може поблиску до реалноста кога ќе се случи. Ова значи дека целите на твоите напори за подобрување ќе бидат да ја намалиш разликата помеѓу предвидената ситуација и вистинската ситуација.

На пример, доколку предвидиш дека твојата продажба во следните 6 месеци ќе биде 1000 парчиња, ќе сакаш на крајот од шестиот месец да имаш реализирано продажба која ќе е блиску до тој број. Доброто предвидување ќе значи дека имаш реализирано продажба помеѓу 900 и 1100 парчиња. Доколку имаш помалку, ќе треба да работиш на подобрување на твоите предвидувања за следниот циклус.

Кои се факторите кои влијаат на твоето предвидување?

Постојат повеќе фактори, но најважните за тебе се:

#1 Квалитет на историски податоци.

Секое предвидување започнува со анализа на твоите историски податоци, нешто што твојата компанија го има во некаков вид на запис во минатото.

Доколку немаш такви податоци, ќе бидеш навистина во една незгодна ситуација за твоите предвидувања, бидејќи ако сакаш да направиш добри предвидувања на иднината ќе ти треба нешто од каде би можел да започнеш, а твоите историски податоци се одлично место за започнување.

Да видиме што можеш да подобриш во овој дел:

  • Доколку немаш база на податоци за следење и запишување на податоци од твојот сопствен бизнис, започни со креирање на нешто такво.
  • Осигурај се дека најмалку ги имаш податоците од продажба, трошоците и односи со потрошувачите.
  • Обезбеди дека лесно можеш да пристапиш и да ги анализираш податоците.

#2 Надворешни фактори

Иако не можеш да имаш некое големо влијание на надворешните фактори, треба да ги користиш во твоите предвидувања бидејќи тие имаат огромно влијание на твојата бизнис иденина.

Ти треба систем за следење и подобрување на твоето сопствено знаење најмалку за овие фактори:

  • конкуренција,
  • општи бизнис услови,
  • општи економски услови и
  • трендови на пазарот.

#3 Внатрешни фактори

Освен надворешни фактори, твоите предвидувања треба да содржат и некои дополнителни внатрешни фактори како што се твоите планови во однос на реклами, промоции, развој на нови производи и процеси, ценовни политики…

Дали имаш јасен поглед на се она што сакаш да го постигнеш во иднина?

Доколку немаш, обиди се да бидеш сигурен за тоа.

#4 Временска рамка

Твоето предвидување како и разликата помеѓу предвидување и реалноста во голем дел зависи од временската рамка за која ќе се однесуваат предвидувањата. Помеѓу нив постои вистинска позитивна корелација. Доколку временската рамка е помала, помала ќе биде и разликата предвиденото и реалноста и обратно.

Доколку сакаш да го подобриш твоето предвидување и бизнисот во целост, ќе треба да користиш планови кои ќе се базираат на пократок временски период, па така и предвидувањата ќе се однесуваат на пократок временски период. На таков начин ќе ја зголемиш успешноста на твоите предвидувања.

Секогаш подобро можеш да предвидиш што ќе се случи утре отколку следниот месец.

#5 Твоите сопствени вештини

Ти си претприемач и ти требаат различни претприемнички и менаџерски вештини за да ја предвидиш иднината. Еден дел од процесот на подобрување е секогаш да ги подобруваш твоите вештини.

Читај книги, читај списанија и весници поврзани со индустријата, читај блогови од индустријата, читај се што на некаков начин е поврзано со твојата индустрија и твојот пазар… Така секогаш ќе знаеш што се случува надвор од твојот бизнис.

#6 Секогаш обидувај се да вметнеш проценка на грешка

Повеќето од твоите идни активности ќе се базираат на предвидување за кое знаеш дека не може да биде 100% точно. Зошто не се обидеш да ги процениш можните грешки и да ги користиш во процесот на имплементација?

На ваков начин ќе можеш да знаеш каде би можело да треба да вметнеш некои промени кога имплементираш нешто врз основа на предвидувања со поголема проценка на грешки.

post

Ден 9: Претходно искуство – 77 Подобрувања за 77 дена

Подобрување на креативност Започнуваме со вториот дел од нашиот предизвик за подобрување на твојот бизнис во 77 дена. Овој дел се однесува на подобрувања во однос на процесот на бизнис планирање.

Најдобар начин за да започнеш со подобрување на процесот на бизнис планирање е со твоето претходно искуство во еден таков процес.

Ти знаеш, што си направил добро, а што лошо во минатото. Знаеш што ти ги донело посакуваните резултати, а што не. Ги знаеш сите твои грешки. Тоа знаење ќе ти ги даде можните места каде треба да започнеш со подобрување на процесот на бизнис планирање.

Интересно е што постои голема корелација (силна) помеѓу подобрувањата во процесот на планирање и севкупните бизнис подобрувања. Преку подобрувања во процесот на планирање, ја подобруваш и иднината на твојот бизнис.

Да погледнеме во прашањата кои ќе те водат кон можните подобрувања:

  • Во претходно искуство, кои се целите во твојот бизнис план кои не си ги постигнал? Зошто не си ги постигнал тие цели?
  • Во прерходно искуство, кои се целите во твојот бизнис план кои што си ги постигнал? Зошто си успеал да ги постигнеш тие цели?
  • Дали постои нешто во твоите производи или услуги што може да биде подобрено врз основа на имплементација на претходните бизнис планови?
  • Дали твоите производи или услуги се во согласност со вистинските потреби на твоите потрошувачи? Зошто не се, доколку не се во согласност со вистинските потреби?
  • Дали твојот бизнис модел е нешто што ја дозволил имплементацијата на претходните бизнис планови такви како што биле без проблем?
  • Какво е твоето претходно искуство со предвидување на продажбата? Дали реализираните бројки се исти со планираните? Зошто се различни доколку се различни? Кои се причините за разликите?
  • Кога ќе погледнеш во твоите продажни бројки, може ли да видиш некои “шила” во нив? Зошто постојат такви нагли зголемувања или намалувања? Што можеш да научиш од нив?
  • Дали твоите претходни бизнис планови си ги базирал на потребите на потрошувачите? Дали тие потреби се менуваат брзо или пак остануваат непроменети во текот на целиот процес на имплементација на планот? Можеш ли да најдеш нешто повеќе за нивните потреби што би се вклучило во идните активности од процесот на бизнис планирање?
  • Дали некои потрошувачи си ги вклучил во твоите предвидувања, но тие едноставно не купиле ништо од тебе? Зошто? Можеш ли да ги повратиш и како?
  • Твоите бизнис планови се базираат на претпоставки и хипотези. Можеш ли да ги идентификуваш грешките во твоите претпоставки и хипотези? Можеш ли да ги подобриш претпоставките и хипотезите? Можеш ли да го подобриш бизнис планот кога се имплементира, доколку откриеш дека тој се базира на погрешни претпоставки и хипотези?

Одговори ги овие прашања и ќе ги откриеш подрачјата каде ќе треба да имплементираш подобрувања за идните процеси на бизнис планирање.

Следниот ден од овој предизвик е подобрување на предвидувањето како важен сегмент од процесот на бизнис планирање.

post

Ден 5: План за имплементација – 77 Подобрувања за 77 дена

Подобрување на креативност Продолжуваме со петтиот ден во нашиот предизвик за подобрување на твојот бизнис во 77 дена. Претходниот ден се однесуваше за приоритизација на твоите идеи што ти обезбеди јасна слика за тоа што треба да спроведеш како прво.

До денес во овој предизвик, ние ги  подготвувавме нашите сништа, но сега сакаме да го направиме нашиот прв чекор со нешто опипливо, што ќе не подготви за ефективна имплементација на процесот.

Многу добри идеи не се трансформираат во успешен бизниси, или пак во успех на постоечки бизнис, едноставно затоа што тие не се спроведени. Меѓутоа, ако се направи добар план за имплементација, половина од спроведувањето ќе биде завршено.

Од друга страна, добри идеи се добри само додека не застарат. Да, ти имаш приоритети, но ако не започнеш со имплементација веднаш за да бидеш прв на пазарот со тоа што идејата го обезбедува, твојата идеја ќе застаре и ќе ја изгубиш конкурентската предност.

Кога зборуваме за планирање на имплементација, постои нешто што може да биде многу опасно за твојот бизнис. Тоа е кога ќе се обидеш да бараш перфекционизам во сè. Важно е се да биде перфектно, но понекогаш тоа може да те однесе во еден бескраен циклус на планирање. Ваквите планови никогаш не се спроведуваат затоа што не се перфектни.

Друга работа што сакам да ја напоменам кога станува збор за планови и процесот на планирање е дека најдобар бизнис план е план кој е целосно имплементиран.

Тука се дадени неколку прашања кои ќе те доведат до брзо планирање во процесот на имплементација на твоите идеи.

  • Која е целта на идејата што ќе треба да се спроведе?
  • Колку време ќе биде потребно за да се спроведе идејата?
  • Каков ќе биде процесот на имплементација?
  • Кој ќе биде одговорен за имплементацијата?
  • Кои чекори ќе треба да се спроведат?
  • Кој ќе биде одговорен за тие чекори и кога?
  • Кои ќе бидат показателите за мерење на процесот на имплементација?
  • Што треба да се подобри врз основа на процесот на имплементација?

Тоа е тоа! Одговори на прашања и ќе имаш план за имплементација. Што е уште поважно е дека овој вид на прашања, исто така, ќе те одведат во еден процес на континуирано подобрување.

Ќе продолжиме со шестиот ден, каде што ќе започнеме со процесот на имплементација.

post

Бизнис план и маневри на еден претприемач

Бизнис план

Бизнис план

Значењето на еден бизнис план за еден претприемач без разлика дали неговата компанија е стартап бизнис кој штотуку започнува или пак е веќе компанија застаната на нозе, никогаш не го доведувам во прашање.

Бизнис план е потребен, па дури и повеќе од потребен. Но, она што ме загрижува е што честопати ги усложнуваме работите или пак одиме еден чекор понапред и претеруваме со цврсто врзување за еден таков план.

На пример, стартап бизнис има потреба од бизнис план бидејќи по дефиниција и по сите логики еден стартап функционира во една огромна неизвесност. Ќе потенцирам повторно неизвеснот.

Дали за веќе формиран бизнис кој излегол од стартап нивото не постои неизвесност? Иако, таа неизвесност е намалена, сепак постои.

Значи клучен збор карактеристичен за бизниси, и ова особено се однесува за мали бизниси е НЕИЗВЕСНОСТ.

Од друга страна, еден бизнис план го правиме денес, а се однесува за утре. И нормално, целта е колку што можеме повеќе да влијаеме на таа неизвесност за да ја предвидиме. Но, мора да бидеме реални затоа што кога работиме во една огромна неизвесност тешко може да ја предвидиме во целост. Всушност, тоа е невозможно.

Па зошто тогаш мора да се врземе за бизнис планот кога не гарантира дека условите кои сме ги предвиделе ќе бидат исти кога ќе ги применуваме чекорите дефинирани во тој план?

Не мора. Кој вели дека мора? Твојот бизнис план е твој патоказ за патот кој води до целта заради реализација на твојата визија. Но, не значи дека тоа е единстевниот пат и дека на патоказот не треба да се додаде некоја дополнителна насока.

Можеби и најважните делови во твојот бизнис план се деловите каде ги дефинираш мисијата и визијата за твојот бизнис како и целите кои сакаш да ги постигнеш во тој период. Тој е единствениот точен во целост дел од твојот бизнис план. Тој е делот на кој најчесто ќе треба да се навраќаш за да видиш дали си на вистинскиот пат.

Но, доколку не започнеш со имплементацијата на планот, никогаш не можеш да знаеш дека си на правиот пат и дека одиш кон исполнување на твоите цели. Ова е исто како кога планираш едно патување.

Знаеш каде треба да стигнеш. Си го испланирал патот. Но, кога поаѓаш на пат се може да се случи. Може да има застој, може да има работа на пат, може да има сообраќајка, може да има одрон, може да има блокада… Тоа се неизвесности на кои немаш влијание и кои бараат одреден маневар од твоја страна кој значи скршнување од твојот зацртан пат од планот. Што правиш во тој момент? Твојот мозок веднаш размислува за друг алтернативен пат кој ќе те одведе до целта. И доколку си упорен наоѓаш начин да се извлечеш од моменталната status quo ситуација.

Истото е и со еден бизнис план. Си испланирал се супер. Си ставил одлични колор графици, табели… Но, сепак реалноста станува поинаква од она што си го испланирал. Хипотезите и претпоставките може да бидат погрешни (а еден план во голем дел се базира на тие хипотези и претпоставки). Но, како еден успешен претприемач не велиш што да правам виша сила, туку правиш маневар, бараш друг пат, други хипотези и други претпоставки за да дојдеш до воспоставените цели.

Овие маневри може да се потребни по еден месец, можеби три или пак по една година. Сепак се реалност и мора да се направат. Инаку светот на бизнисот би бил премногу лесен доколку се она што го ставиме на хартија во вид на план е така како што сме го замислиле.

post

Планирање на 2012 – Време е да се започне

SEO елементи Како што сме се поблиску и поблиску до 2012 година, треба да го почнеш планирањето на твоите идни бизнис чекори, или што се ќе треба твојата компанија да направи во 2012 година. Не ми се допаѓаат класичните бизнис планови со многу делови извлечени од книгите. Не ми се допаѓаат бизнис планови тешки за следење и имплементирање. Тоа е затоа што имам лошо искуство со таков бизнис план кој е многу непродуктивен.

Мојот идеален бизнис план е план кој што е целосно имплементиран, кој мерлив и лесно може да се анализира. Овој бизнис план може да ми донесе повеќе знаење и идни подобрувања за мене и за мојот бизнис.

Сепак, прашањето е што можеме да направиме во овој период на годината што може да го направи нашиот бизнис план поефикасен за следната година? Треба да ги започнеме подготовките затоа што времето не не чека нас.

Ајде да зборуваме за некои можни подготовки кои можат да се превземат од денес.

1. Проекции на продажба

До денес, веќе имаш солидна количина на податоци за продажбата кои можат да се споредат со планираните. Исто така, овие податоци можат да ти дадат некои можни трендови кои можеш да ги практикуваш во проекциите за наредната година. Треба да одовориш на следните прашања:

  • Дали планираните продажни бројки, се поголеми или помали од реализираните оваа година?
  • Зошто тие се поголеми или помали? Кои се причините за разликите?
  • Има ли нешто што може да се види како шило (големи натфрлувања)? Зошто се појавуваат такви шила? Што е она што твојата компанија ја имплементирала и резултирало со таков скок? Дали шилата се само за време на празниците или тие се исто така и во некои од останатите денови?
  • Дали има некои фактори во околината кои влијаеле на твојата продажбата за оваа година? Кои се тие? Како реагираше на нив? Дали твоите акции во справувањето со нив донеле резултати или не?
  • Дали има некои потенцијални фактори од околината кои ќе можат да влијаат на продажбата следната година? Што би можело тоа да биде? Како може да се справиш со нив? Што треба да направиш за да се справиш со нив?
  • Што мислиш за побарувачката за следната година? Може ли да се зголеми и што можеш да направиш за да ја зголемиш побарувачката на твоите производи и услуги за следната година?
  • Колкава продажба може да се очекува следната година врз основа на твоите бизнис цели и претходно одговарените прашања? Дали треба да се направи нешто повеќе за да се остварат продажните бројки во следната година?

2. Буџетот за 2012 година

Сега кога ги знаеш продажните бројки, и знаеш што може да влијае на нив и што е она што треба да го знаеш, сега може да започнеш со подготовка на твојот буџет за следната година.

3. Потреби на купувачи

Треба да ги знаеш твоите потрошувачи. Тоа значи дека треба да знаеш што сакаат, кои им се потреби, желби, сонувања, емоции … Кога зборуваме за бизнис план тебе ти треба ова знаење за да гоимплементираш во твојот план. Користи ги следниве прашања за да го прошириш знаењето за твоите купувачи:

  • Кои се прашањата што тие ги поставувале оваа година?
  • Има ли нешто дополнително што тие имаат потреба од твојата компанија? Што е тоа? Може ли да се спроведе тоа?
  • Дали има некои потрошувачи кои не купиле нешто од твојата компанија годинава? Зошто? Можеш ли да ги прашаш нив?
  • Дали има некои купувачи кои рапидно го зголемиле нивното купување од кај тебе оваа година? Зошто? Дали си направил нешто поради тоа? Можеш ли да ги прашаш за тоа?

Можеш да подготвиш едноставен прашалник за да ги прашаш за нивните потреби, проблеми, желби, најголемите фрустрации, соништа … Ова е најдобар начин да се соберат информации за потребите на потрошувачите.

4. Најголемите проблеми од 2011

Не постојат мали бизниси без проблеми. Ако не постојат проблеми веројатно не постои ни бизнисот во целина. Твојот бизнис план е нешто со што сакаш да ја подобриш твојата компанија. Зошто да не запреш еден момент и да размислиш за најголемите проблеми кои си ги имал оваа година и да најдеш начини да ги избегнеш истите следната година.

5. Најголеми пречки од 2011 година

Освен проблемите, исто така има и пречки кои го уназадуваат твојот бизнис успех. Кои се најголемите пречки? Што треба да направиш за да ги избегнеш следната година?

6. Маркетинг план

Ги имаш проценетите бројки за твојот буџет. Знаеш што ти треба за да ги исполниш очекуваните продажни бројки во следната година. Сега треба да направиш едноставен маркетинг план. Користи ги 5-те прашања и една табела за да го направиш твојот маркетинг план:

  • Кој е твојот целен пазар за следната година? Дали е истиот како и оваа година? Кои се промените на пазарот?
  • Кои се твоите маркетинг цели за следната година?
  • Кои ќе бидат твоите маркетинг стратегии за да се исполнат маркетинг целите?
  • Кои ќе бидат твоите маркетинг тактики (средства, канали)?
  • Кои ќе ти бидат активности и одговорности за спроведување на твојот маркетинг план?
post

Твојот бизнис план корегиран

Бизнис план

Бизнис план

Како еден претприемач, веројатно користите процес на планирање за да обезбедите дека вашиот бизнис е на вистинскиот пат до успехот. Бизнис планот има голема бизнис потенцијална енергија складирано во себе. Тој е вашиот патоказ кон успехот.

Како и да е, во исто време погрешните претпоставки и предвидувања кои не се невозможни во процесотна планирање може да бидат штетни за вашиот бизнис.

Дали си ти претприемач кој се што ќе стави на хартија базирано на претпоставки и предвидувања за иднината успева и да го реализира онака како што е во пракса?

Дали ти си претприемач кој секогаш има доволно пари потребни за идните бизнис активности онака како што се планирани?

Дали бројките од продажба во реалноста се исти како оние кои се планирани?

Веројатноста дека одговорот на овие прашања ќе биде да е многу мала. Како претприемачи, постои веројатност дека нема секогаш да бидеме рационални или доволно реални  кога планираме за нашиот бизнис. Тоа значи дека можеме да планираме да потрошиме 2.000.000 денари, но навистина имаме потреба да потрошиме 3.000.000 денари за да обезбедиме нормано функционирање на бизнисот. Можеме да планираме да оствариме продажба од 8.000.000 денари базирајќи се на претпоставки и предвидувања, но продажбата да биде 6.000.000 денари.

Затоа реба да ги зголемуваш или намалуваш бројките во твојот бизнис план.

Поголемиот дел од иднината на твојата компанија ќе биде базирана на претпоставки и предвидувања во однос на продажбата што бизнисот ќе ја генерира и трошоците кои ќе бидат потребни за да се поддржи нормалното функционирање на бизнисот во иднина. Од овие бројки ќе зависи буџетот за твоите маркетинг иницијативи, продажни иницијативи, истражување и развој… Доколку не се погодат истите бројки нема да можеш да ги реализираш планираните активности. Твојата компанија ќе навлезе во една зона на стагнирање, и ќе постои опасност да губите потрошувачи и пари кои нема да влезат во твојот бизнис.

За да обезбедиш дека се ќе биде онака како што треба, едноставно ќе треба да ги помножиш иницијалните планирани трошоци со 1,2 до 1,5 и да ја поделиш планираната продажба со 1,2 до 1,5. Откако ќе го изведеш ова, наврати се на потребните корекции на останатите делови од твојот бизнис план, а кои се базираат токму на овие предвидувања.

Во инженерството ова вообичаено се нарекува степен на сигурност кој се користи при димензионирање на различни објекти. Зошто да не се користи и во процесот на бизнис планирање?