post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 4

Во овој 4-ти дел од серијалот за започнување и водење на бизнис за 30 дена ќе продолжам со останатите 10 дена. Претходно имавте можност да ги прочитате Дел 1, Дел 2 и Дел 3. Ќе продолжиме со 21-иот ден од овој процес.

Започнување на бизнис за 30 дена

Ден 21: Разговарајте со повеќе луѓе за Вашиот бизнис

Овој ден искористете го за иницијална промоција на Вашиот бизнис пред вистинското стартување. Одете кај роднини и пријатели и зборувајте за она што ќе го работите и какви корисности Вашите потрошувачи ќе ги имаат од Вашиот бизнис. Зборувај со секое лице кое го познаваш и кое ќе го сретнеш на некој начин. Целта овој ден е лично да го претставиш твојот иден нов бизнис на сите оние кои ги познаваш и кои може да бидат твои потенцијални купувачи.

За секој нов бизнис, нели е потребно да постои барем еден потрошувач уште пред започнување.

Ден 22: Отворете сметка во банка

Денес мора да одлучите во која банка ќе отворите сметка за Вашиот нов бизнис. Размислете за услугите што сакате да ги имате од Вашата банка и анализирајте ги нивните понуди преку информациите кои се достапни на нивните веб страни. Изберете ја најдобрата банка и отворете сметка.

Ден 23: Легализирајте го бизнисот

Сега е време Вашиот нов бизнис да го ставите во правниот поредок како легален бизнис. Проучете ја националната легислатива за индустријата во која ќе оперира бизнисот и секако постапката за регистрација во Централен Регистар. Или пак најмете стручно лице кое ќе ги заврши овие работи за Вас. Но, моја препорака е сепак да ја проучите легислативата бидејќи ќе ви треба.

Ден 24: Направи бизнис картички

Бизнис картичките претставуваат важно промотивно оружје за секој бизнис во стартап фаза. Вашата денешна задача е да ги направите бизнис картичките кои ќе го содржат логото на бизнисот, слоганот, контакт деталите, веб страната и Вашето име и презиме.

Ден 25: Подгответе промотивни материјали

Кога ќе завршите со бизнис картичките започнете со подготовка на иницијалниот промотивен материјал како брошури и летоци. Овој иницијален промотивен материјал мора да го воведе вашиот нов бизнис на пазарот или заедницата во која ќе функционира. Ќе мора да направите навистина импресивни брошури и летоци. Доколку не можете најмете професионалец кој ќе го изведе тоа место Вас.

Ден 26: Направи план за денот на отворање

За денес Вашата задача е да направите план за денот на отворање. Колку луѓе ќе поканите? Кого ќе поканите? Што се ќе биде дел од програмот за отворање? Одговорете на овие прашања и направете план со сите задачи кои ќе мора да бидат завршени и со рокот на нивно завршување.

Ден 27: Кревај врева за денот на отворање

Денес мора да започнете со кревање на врева за денот на отворање. Користете ги социјалните медиуми кои ги избравте во 17-тиот ден. Зборувајте со сите луѓе за тој голем ден. Доколку кренете квалитетна врева околу Вашиот бизнис ќе ја зголемите и бизнис потенцијалната енергија за иднината на бизнисот.

Ден 28: Направи покани за денот на отворање

Денешната задача е да направите импресивни покани за денот на отворање на бизнисот. Вчера, дигнавте одредена врева за започнувањето што доколку добро е изведено ќе доведе луѓето едноставно да гладуваат да го видат она што ги очекува.

Ден 29: Поканете колку што можете повеќе гости на отворањето

Имате план, имате покани и едноставно сега спроведете го сето она што е планирано за отворањето. Доколку имате повеќе луѓе поголема е и веројатноста дека ќе имате повеќе потрошувачи од тие гости.

Ден 30: Започнете со продажба

Сега кога се е завршено, Вашата основна задача ќе биде да продавате.

Тоа е тоа! Ова се 30 дена кои Ви се потребни за започнување на бизнис.

Забелешка: Некои денови можат да бидат завршени во еден ден, но некои не можат да се завршат. Ова зависи од видот на бизнисот. Како и да е, доколку некоја задача бара повеќе од еден ден, едноставно дајте си дополнителен ден.

post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 3

Продолжуваме со третиот дел од серијалот на постови за започнување на бизнис за 30 дена. Веќе имавте можност да прочитате за првите 15 дена во Дел 1 и Дел 2 од овој серијал. Во тие први 15 дена веќе имаме завршено голема работа за нашиот нов бизнис. Сега ќе продолжиме со спроведување на останатите активности поделени по денови.

Започнување на бизнис за 30 дена

Деновите поминуваат, а бизнисот напредува!

Ден 16: Размисли и одлучи за бизнис веб страна

Денес еден бизнис не може да се замисли без сопствен веб презентација преку сопствена веб страна. Во овој 16-ти ден вие како иден претприемач ќе мора да донесете неколку важни одлуки за Вашата веб страна. Дали сакате да имате статична веб страна или една динамична која ќе биде основа за генерирање на потенцијални потрошувачи преку веб или пак комбинација на двете? Дали самите ќе ја изработувате или ќе најмите техничко лице кое ќе го стори тоа за вас? Доколку се одлучите за аутсурсинг одлучете кој ќе го изведе тоа.

Овој ден треба да го завршите со еден дизајн на хартија на Вашата веб страна кој ќе содржи:

  • Основни страни од кои ќе биде составена,
  • Текст за секоја страна,
  • Потребна графика,
  • Теми за блог доколку се одлучите за динамична веб страна,
  • 10 први блог написи за блогот,
  • Повик за акција кој ќе се примени,
  • Графички дизајн на процесот на генерирање на потенцијални купувачи.

Ова ќе биде доволно за да може техничкото лице да ја подготви Вашата веб страна.

Ден 17: Социјални медиуми

Во овој 17-ти ден Вашата задача ќе биде да ги изберете највлијателните социјални медиуми преку кои ќе се вмрежувате со потенцијални купувачи, пријатели, познаници и едноставно ќе споделувате информации како за Вашиот бизнис така и за се она што ќе биде од интерес на Вашите „социјални пријатели“. Откако ќе одлучите кои да ги користите (моја препорака е да не се распространите со премногу па на крајот ништо да не постигнете) веднаш направете профил и започнете со поврзувањето.

Обидете се да поставите и различни прашања во врска со Вашата бизнис идеја, можеби ќе добиете квалитетни информации за тоа како да го прилагодите Вашиот нов бизнис.

Ден 18: Анализирајте и изберете ја локацијата на Вашиот бизнис

Денешната задача е да ја пронајдете идеалната локација за Вашиот бизнис. Пред да започнете со барање, првин опишете што за Вас претставува идеална бизнис локација и забележете ги сите критериуми кои една таква локација ќе треба да ги има. Постои разлика за добри локација за различни типови на бизниси. На пример, едно од прашањата кои влијаат на локацијата е дали купувачите сами доаѓаат во бизнисот или пак едноставно бизнисот ги дистрибуира производите?

Кога ќе бидеш на чисто со потребната локација почни со барање и избери ја најквалитетната. Избегнувај ги грешките од следниов вид:

  • Избор на локација бидејќи е блиску до Вашиот дом. Вашиот дом не е важен за локација на бизнисот. Поголема е важноста на потрошувачите и потребите на самиот бизнис.
  • Избор на локација заради ниска цена. Локацијата претставува важен елемент на бизнисот кој влијае на целокупната бизнис потенцијална енергија.
  • Избор на локација заради Вас самите. Без постигнување на основните критериуми кои ги напоменавме погоре бизнис локацијата нема да биде добра за бизнисот.

Ден 19: Направете договор за локацијата

Кога веќе ја избравте локацијата која ќе биде идеална за Вашиот бизнис, овој ден ќе имате задача да го контактирате сопственикот на локацијата и да направите правен договор за закуп. Доколку локацијата е навистина идеална за Вашиот бизнис обидете се да направите долгорочен договор за закуп.

Ден 20: Изгради тим

Кој ќе работи за Вашиот бизнис. Кој ќе се занимава со продажба, кој со административните задачи, а кој со финансии маркетинг? Размислете за идеален тим кој може да победува. Можете да ја имате најдобрата технологија, најдобрите производи или услуги, најдобрите маркетинг активности, но без човечки ресурси Вашиот бизнис ќе биде ништо.

Овој 20-ти ден Вашата задача е да направите листа со можни луѓе кои Вие би сакале да работат во Вашиот нов бизнис. Откако ќе ја имате листата контактирајте ги за да направите еден иницијален договор.

Започнување и водење на бизнис за 30 дена – Дел 4 Следува …

post

Која е сличноста помеѓу Велигден и бизнис?

Овие два дена навистина се изморив премногу. Освен тоа што во четврток, петок и сабота решавав проблеми за еден клиент, неделата беше кулминација кога требаше традиционално да го прославувам овој голем христијански празник – Велигден. На овој ден вообичаено сакани луѓе доаѓаат кај мене дома и секако јас со моето семејство одиме кај саканите луѓе. Овој празник е особено интересен за децата кои добиваaт јајца и секако некоја паричка.

Бизнис и Велигден сличности

Бизнисот и Велигден имаат свои сличности

Но, за нас родителите навистина претставува голем замор и голем притисок, треба да се стигне на повеќе места, и секако треба да си дома да ги причекаш сите оние кои ќе ти дојдат.

Немам големо искуство бидејќи само 4 години славам велигден со мојот син. Но, мислам дека постојано се подобрувам во ефективноста и ефикасноста за разлика од првиот кога стигнав само на едно место, кај Кумот каде се напив и за мене тој ден беше завршен. Се напив затоа што имав постојан притисок дека треба да стигнам на повеќе места и секако морав да брзам со кревањето на чашката и наздравувањето.

Анализирајќи ги тие последни 4 години на овој голем ден можам да забележам неколку сличности со претприемачот и бизнисот кои можете да ги прочитате подолу:

1. Доколку станеш порано, ќе имаш повеќе време

Ова правило е присутно секаде. Сум станувал навистина доцна во некој период од мојот живот, работејќи до раните утрински часови, но мојата продуктивност при еден таков живот е навистина за никаде. Најпродуктивен во едни такви услови станувам во 21:00 часот кога никој друг не работи. Кога станам порано денот ми е навистина подолг.

2. Не можеш да се насочиш да постигнеш се одеднаш

Како што не можеш за тој еден ден на Велигден да стигнеш на сите места така не можеш и во бизнисот да започнеш повеќе проекти одеднаш бидејќи во еден таков случај квантитетот ќе го сруши квалитетот на завршената работа. Подобро е да се изберат неколку работи за кои имаме потенцијал да ги завршиме во даден временки период отколку да бидеме нереални и да се нафатиме со повеќе работи кои не можеме да ги завршиме. Како што и за Велигден ќе си направите приоритет каде да одите првиот, а каде вториот ден така и за бизнисот ќе треба да си поставите приоритети кои проекти треба да бидат завршени како први, а кои ќе се завршат по завршување на оние приоритетните.

3. Потребен е план

Можеби изгледа смешно, но без добар план не можеш ни на Велигден да си ја оствариш целта. По кој пат ќе се движиш, кој до кого е блиску за да поминеш без празни одови… Така е и во бизнисот кој без добар бизнис план ќе биде бизнис без компас.

4. Потребна е комуникација

Бидејќи на овој ден ти доаѓаат гости, и во исто време треба да одиш на гости, потребна е квалитетна комуникација со сите тие блиски со кои сакаш да се видиш на Велигден. Така е и во бизнисот кој денес претставува едноставно процес на комуникација со снабдувачи, купувачи, вработени…

5. Притисокот е негативен

Притисокот на никого не му е потребен бидејќи едноставно создава нервоза и паника, која во мојот случај на првиот Велигден со мојот син влијаеше катастрофално. Така е и во бизнисот. Проблемите не се решаваат со притисок. Менаџмент не значи вршење на притисок, туку извлекување на потенцијалот на вработените во корист на бизнисот. Планирани активности не се решаваат со притисок.

post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 2

Ќе продолжиме со вториот дел од серијалот на постови за започнување и водење на бизнис за 30 дена. Веќе имавте можност да прочитате за првите девет дена во насловот Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 1. Продолжуваме со десетиот ден од овој процес.

Започнување на бизнис за 30 дена

Календар за започнување на бизнис за 30 дена

Ден 10: Направете иницијално истражување на пазарот

Пред да го започнете бизнисот вие како иден претприемач ќе треба да разберете зошто луѓето купуваат одредени производи и услуги, а навистина може да постојат различни причини за тоа. Некои купувачи купуваат заради едни причини додека другите за други причини. Истражување на пазарот е значаен дел од секој бизнис кој сака да понуди производи или услуги на пазарот. Потрошете го 10-тиот ден за да направите одредено иницијално истражување на пазарот. Можете да ги користите упатствата за истражување на пазарот од следните постови:

Ден 11: Направете иницијално проценка на продажбата

Овој единаесети ден од започнување на бизнис за 30 дена потрошете го за да направите иницијална проценка или пак предвидување на продажбата која ќе се остварува во иднината. Ова не е едноставна задача, но ќе мора да ја завршите и имате цел еден ден. Повеќе детали за тоа како да го спроведете предвидувањето можете да прочитате во следниве постови:

Ден 12: Определете ги иницијалните трошоци

Во овој ден време е да го определите буџетот за трошоци кои ќе ги има вашиот нов бизнис за одреден период на време. Вклучете ги трошоците за наемнина, маркетинг, даноци и сите други трошоци кои ќе ги направите во периодот по започнување на бизнисот, а кои во вид на пари ќе треба да ги имате. Користете месечни проценки на трошоци.

Ден 13: Определете ги трошоците за започнување (стартап трошоци)

Откако веќе ги имате предвидено иницијалните трошоци можете да започнете со предвидувања и пресметки на стартап трошоците или трошоци за започнување на бизнисот. Користете ги сите трошоци кои ќе ги имате пред започнување на бизнисот како и потребната актива која ќе треба да ја имате по започнување на бизнисот.

Ден 14: Направете бизнис план

Бизнис планот е една од најопфатените материи на претприемач. Набргу ќе започнам со нов серијал за сите елементи, односно поднаслови на бизнис планот. Веќе досега ги имате направено различните делови од бизнис планот како проценка на продажба и трошоци. Дополнително ќе мора да вклучите и специфични активности кои ќе треба да ги спроведете во иднина, како и организациски дијаграм со различни позиции на различни луѓе во бизнисот. Вклучете и анализа на готовински тек во бизнис планот комбинирајќи ги податоците од проценката за продажба и трошоците.

Повеќе за бизнис планот можете да прочитате во БИЗНИС ПЛАН – СУБЛИМИРАЊЕ.

Ден 15: Направате маркетинг план

Добар маркетинг план ќе ви помогне да знаете кои чекори ќе треба да ги превземете за да привлечете доволен број на вистински потенцијални купувачи за Вашиот бизнис. Искористете го овој 15-ти ден за изработка на добар маркетинг план. Повеќе за маркетинг планот можете да прочитате во:

Започнување и Водење на Бизнис за 30 дена – Дел 3

post

Подобрување на бизнисот – Основни елементи

Подобрувањето на бизнисот е број еден задача на секој претприемач. Тоа е нешто што секојдневно треба да биде како приоритет број еден на работната маса. Основните прашања се:

  • Што може да се подобри денес?
  • Што може да се подобри утре?

Бизнис подобрување

Бизнис подобрување - Основни елементи

Бизнис елементи кои еден претприемач може да ги подобри веднаш ги опфатив на некој начин во насловот 5 Бизнис Елементи Кои еден Претприемач може да ги Подобри Уште Денес и тоа беа:

    1. Самиот претприемач
    2. Маркетинг
    3. Сратегија
    4. Бизнис модел
    5. Капитал

Во овој дел би сакал да додадам уште елементи кои може да се подобрат или би требало да се разгледаат како можни подрачја за подобрување.

1. Луѓе

Бизнисот е составен од луѓе. Тие се оние кои ги завршуваат бизнис активностите и без кои еден бизнис не може. Сите останати работи имаат врска со луѓето, односно врабтените во бизнисот. Побарајте одговор на следниве прашања:

  • Дали нивната секојдневна работа може да се подобри?
  • На кое ниво е ефикасноста и ефективноста?
  • На кое ниво е квалитетот на завршената работа и дали може да се подобри?
  • Што влијае на работата на Вашите вработени?

2. Ресурси

Досега кога се споменуваа ресурсите најчесто се мислеше на човечки, финансиски и материјални ресурси. Јас вообичаено додавам уште еден вид на ресурси за еден бизнис кои стануваат се поважни и поважни, а тоа се информациските ресурси. Потребно е секојдневно да се запрашате за следниве работи:

  • Каква е продуктивноста на сите ресурси?
  • Какова е корисноста на истите?
  • Има ли резултати од ресурсите кои се користат?
  • Каква е ефективноста и ефикасноста на истите?

3. Идеи

Идеите се основа за напредок и развој на еден бизнис. Идеите се оние кои прават разлика помеѓу бизнисите од иста индустрија и ист пазар. Затоа и потребата од постојано генерирање на нови идеи кои се преточуваат во иновација. Едноставно размислете за тоа:

  • Како се генерираат бизнис идеите?
  • Од каде најчесто доаѓаат?
  • Како се применуваат?
  • Колкава е временска рамка помеѓу генерирана идеја и реализација (иновација)?

4. Маркетинг и Продажба

Маркетингот и продажбата се елементи кои се надоврзуваат еден со друг и без кои ниеден (барем профитни) бизниси не можат да опстојат на пазарот. Затоа е потребно постојано да се размислува за подобрување на овие елементи.

  • Колкав е односот помеѓу маркетинг буџет и приходот?
  • Има ли потреба за зголемување на маркетинг буџетот?
  • Дали продажбата го следи маркетингот?
  • Кои маркетинг средства може да се додадат?
  • Кои маркетинг средства треба да се исфрлат?

5. Финансии

Без финансии нема ни бизнис. Сепак целта е правење на профит, а не само обезбедување на работа за претприемачот. Повремено поставувајте си ги следниве прашања:

  • Како се движи приходот?
  • Дали сме рентабилни?
  • Како стоиме со готовинскиот тек?
  • Што можеме да подобриме за поголем приход, поголема рентабилност и позитивен готовински тек?
post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 1

Периодот на започнување на секој бизнис може да претставува вистинска ноќна мора за еден претприемач. Постојат различни активности кои ќе треба да се завршат за да една идеја се трансформира во вистински бизнис.

Започнување на бизнис за 30 дена

Календар за започнување на бизнис за 30 дена

Во периодот на започнување едно прашање кое е актуелно е колку време му реба на еден претприемач да го започне својот бизнис. 30 дена за започнување е доволен период за сите важни задачи да бидат завршени, но ова не мора да значи дека е точно за сите видови на бизниси. Некои може да се започнат за помал временски период, други за подолг од овие 30 дена.

Во овој пост ќе презентирам започнувањето расчленето во период од 30 дена. За секој ден по една задача која ќе мора да се заврши или за некоја задача по неколку дена.

Ден 1: Прибирање на различни бизнис идеи

Секој бизнис започнува врз основа на идеја. Потрошете го првиот ден од вашиот претприемнички пат за да приберете различни идеи кои ќе можете да ги трансформирате во успешен бизнис. На овој ден ќе морате да бреинстормирате колку што можете повеќе идеи. На претприемач веќе има различни постови за развој на добра идеја:

Прочитајте ги овие написи од листата и користете ги за да дојдете до различни идеи кои потоа ќе ги забележите во книгата со бизнис идеи.

Ден 2 – 3: Анализа на бизнис идеите

Вториот и третиот ден потрошете ги на анализа на идеите кои ги собравте во првиот ден. Јас вообичаено сакам да користам една мерка која ќе ми ги даде најдобрите идеи, а тоа е бизнис потенцијалната енергија која е складирана во самите идеи.

Ден 4: Изберете ја најдобрата идеја

Во претходните три дена вие веќе собравте доволно идеи кои ги анализиравте. Сега е време да донесеме одлука која идеја ќе ја започнеме како бизнис. Подредете ги анализираните идеи од претходните два дена и изберете ја онаа која е на прво место.

на крајот на овој четврти ден ќе мора да бидете на чисто која идеја ќе ја започнете.

Ден 5: Сопствеништво

Овој ден ќе биде потребен доколку бизнисот ќе го започнете со некој партнер. И подобро е уште сега да го дефинирате сопствеништвото отколку подоцна кога бизнисот ќе започне да носи приходи и профит. Одговорете на следниве прашања:

  • Чија е идејата за да се започне овој бизнис?
  • Колку пари кој ќе инвестира?
  • Кој и што ќе работи?

Разговарајте со партнерите, евалуирајте и анализирајте. Целта е на крајот од овој ден да го имате процентуалното сопствеништво на секој од партнерите.

Ден 6: Направете иницијален договор за сопствеништво

Сега е време да се направи еден договор со партнерите за тоа кој колкаво учество ќе има во сопствеништвото. Овој договор ќе треба да ги содржи сите точки кои ги дефиниравте претходниот ден (инвестирани пари и време, работни активности и процентуално сопствеништво).

Ден 7: Brainstorm и Избор на најдобро име

Можеби ова звучи како премногу едноставна задача, но запомнете да обрнете поголемо внимание на името. Ова го знам од лично искуство од пред 6-7 месеци кога брзавме да започнеме, а сега се мислиме дали името е ОК за работата која ја изведуваме. Започнете со браинсторминг на повеќе имиња кои ќе го отсликуват Вашиот бизнис и личниот имиџ кој сакате да го изградите. Размислете за тоа како името ќе направи разлика и уникатност од остатаокот.

Ден 8: Направи добро лого

Логото е вториот идентификатор на Вашиот бизнис, односно сликовит приказ на името. Кога потрошувачите ќе размислуваат за Вашиот бизнис во главата ќе им се појави визуелната идентификација – Вашето лого.

Потрошете го 8-миот ден да дизајнирате добро лого или пак да најмите графички дизајнер за да ја заврши таа работа место вас.

Ден 9: Размисли и избери слоган

Слоганот е третиот идентификатор на бизнисот како надополнување на името и логото. Потрошете го овој ден за да дојдете до добар слоган. Добар слоган е оној слоган кој лесно може да се поврзе со Вашиот бизнис и кој лесно ќе се запамети од потрошувачите.

Доста е за овој прв дел, следуваат попрактични работи како истражување на пазарот, предвидувања, маркетинг план…

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 2

post

Како да ги промените работите кога промената е невозможна?

Промената е срцето на секој успешен бизнис. Колку побргу претприемачот свати дека промената е секојдневие на неговиот бизнис толку подобро за бизнисот воопшто.

Промена - Основа на бизнис живот

Се се менува околу нас. Со секој нов ден ние сме се поразлични и поразлични. Јас често пати ја користам промената за да анализирам што како влијае на одредени мои и бизнис перформанси. Како се однесува околината кога сум неактивен, а како кога сум активен?

Но понекогаш доаѓаме во состојба кога знаеме дека е потребно нешто да менуваме, но ни се чини дека една таква промена е невозможна. Едно нешто сум сигурен од моето лично искуство и мојата работна околина во последниве 14 години. Тоа е дека ништо не е невозможно. На пример, додека бев на факултет еден од моите колеги немаше верба во себе дека ќе може да заврши (а да бидам искрен и не се гледаше некој голем потенцијал особено заради математиката), но заедно успеавме да ги пребродиме сите кризи и сега тој мој пријател е машински инженер. На работа во царина имав неколку ситуации кога странците ми велеа тоа е невозможно да се направи, а по некој ден кога ќе го направам нивното воодушевување беше со зборовите Good Job My Friend.

Упорноста и желбата за да се најде решение на проблемот се основни за претворање на невозможното во возможно и очигледно.

Во овој напис сакам да дадам еден посистематски приод кога станува збор за бизниси кои не се поединци туку организациски системи и промените.

1. Визија

Пред да сакаме нешто да промениме мора да знаеме што сакаме да постигнеме. Ако сме сигурни какви сакаме да изгледаме во иднината, односно каков сакаме да биде нашиот бизнис во иднината веќе ќе го знаеме и половина пат до таа наша цел. Повеќе за визија и визионери пишував во Претприемач визионер наспроти опортунист. Одговорете на следниве прашања за да ја дефинирате Вашата визија:

  • Каде сакам да биде мојот бизнис во иднина? Јасно дефинирана позиција на Вашиот бизнис во иднина.
  • Што ќе треба да превземам за да стигнам таму? Активности кои ќе бидат потребни за да го постигнете одговорот од првотопрашање.
  • Што ќе претставува дестинацијата? Всушност со оваа прашање ќе треба да ги дефинирате мерните индикатори кои ќе ви кажат дека сте стигнале до местото кое што го дефиниравте со одговор на првото прашање.

2. Мотивација

Вашиот бизнис е составен од индивидуалци кои со нивните активности го прават Вашиот бизнис жив. Многу е неверојатно дека можете да бидете само Вие тој кој претставува биолошки систем во бизнисот. Затоа промената доколку не се спроведува од страна на вработените не претставува промена. Одговорете на следниве прашања:

  • Какви се моменталните чувства на сите членови на бизнисот?
  • Што ќе предизвика чувство на ургентност?
  • Какви ќе бидат наградите за стигнување на дестинацијата?

3. Акција

Планирање без акција претставува непотребно планирање. Потребно е сето она што го испланиравте во визија и мотивација да го примените во конкретни активности во бизнисот. Затоа го предлагам следново.

  • Систематизирај. Зголемете ја ефикасноста и ефективноста преку имплементирање на систематски приод во спроведување на активностите за промени во Вашиот бизнис.
  • Имплементирај. Имплементирај го системот за да можеш да ги спроведеш сите испланирани активности, но и за да можеш да имаш полесен пат при имплементација на следни слични промени во бизнисот.
  • Мери. Мери ги постигнувањата од имплементацијата и секако подобрувај го се она што не дава резултати.
post

Што Можеме Да Научиме од Amazon за Бизнис?

Продажбата едноставно претставува уметност и наука во исто време. Наука заради примена на научни методи и техники во системот на продажбата во која доминација има психологијата. Уметност бидејќи претставува креација на претприемачот со што креативноста е таа што ги прави успешните бизниси да се разликуваат од просечните.

Amazon e најголемиот продавач на интернетот. Иако, основното функционирање на оваа компанија е базирана на интернетот не значи дека принципите, методите и техниките, како и креативноста што ја имплементира во секојдневното функционирање нема врска со офлајн бизнисите.

Тие не измислиле ништо ново, едноставно направиле добра комбинација на продажните техники кои се користат кај успешните офлајн бизниси во градење на нивната онлајн империја.

Ајде да видиме како продавачот – робот на Amazon ја води продажбата. Во оваа презентација нема да одам по важност туку едноставно од врвот на веб страната, односно еден производ – книга која ќе ја користам за оваа презентација.

1. Препораки за мене

На сликата забележувате порака за добредојде и веднаш информација дека имаат препораки за мене. Amazon води евиденција, односно знае што претходно сум купувал и врз основа на одреден алгоритам прави препорака за тоа што тие сметаат дека јас ќе сакам да купам.

Познавање на Вашите потрошувачи е клучно за дизајнирање на Вашиот бизнис затоа и како посебно маркетинг средство го издвоивме познавањето на потрошувачите.

2. Запознавање со производот

Иако ова е електоронски продавач сепак особено внимание се обрнува на запознавање на потенцијалниот купувач со производот. Така да можете да ја видите содржината и одредени делови од некои поглавја кои имаат за цел да донесете одлука за купување. Во овој случај ова е книгата за која напишав мој преглед на претприемач.

3. Обид за Upsale

Доколку сеуште се мислам и одам подолу низ страната продавачот се обидува да направи Uppsale со тоа што ми препорачува уште една книга, кои доколку ги купам ќе добијам 5% попуст. Во бизнис поимникот ја опфативме оваа продажна техника:

Продажна техника каде продавачот му нуди на купувачот дополнителни производи како би извршил поголема продажба од тој еден купувач, а со тоа поголем приход и нормално поголем профит. Оваа техника се користи за да се извлече максимумот од секоја продажба.

Овој попуст не е којзнае колку голем (во случајов изнесува 1$), но од друга страна привлекува квалитетно внимание во вид на препорака и поволност. 5% звучи многу подобро и ќе привлече поголемо внимание отколку 1$ (45 денари во моментов).

4. Презентација и на други „поврзани“ производи

Понатаму продавачот – робот ми презентира други книги, но тоа се книги кои на некој начин се оврзани со мојот интерес, односно книги кои другите купувачи ги купиле, а ја имаат купено и оваа книга која во моментов јас како потенцијален купувач ја разгледувам. Доколку гледам книга поврзана со бизнис тематиката нема да ми понуди презентација на книги кои се однеуваат на рецепти за готвење.

Во овој момент, продавачот се обидува да ја зголеми продажбата или во краен случај да имам во предвид за идно купување на некои од овие други производи.

5. Дополнително запознавање со производот

И повторно продавачот сака да ме доближи до содржината на производот преку неколку збора од страна на издавачот. Но, она што е важно е содржината на овој преглед. Погледнете ги само подвлечените со црвено зборови. Тие не се карактеристики на производот туку едноставно корисности кои јас како кпотенцијален купувач ќе ги добијам доколку го купам овој производ.

6. Споредба со други потрошувачи

Секој сака да биде со мнозинството. Па, така и со овој обид продавачот сака да ми покаже дека 64% од другите потрошувачи веднаш ја купиле оваа книга. Од друга страна со листата подолу едноставно се обидува да направи Upsale и за останати популарни книги кои биле купени од потрошувачи кои го купиле производот кој во моментов се гледа.

7. Прегледи од страна на оние кои веќе го купиле производот

Преглед од страна на самите потрошувачи претставува доста моќно маркетинг средство. Доколку од сето она погоре сеуште се двоумам, продавачот едноставно ми дава шанса да прочитам што велат купувачите на тој производ како би ме поттикнале да донесам вистинска одлука за купување.

Оваа едноставно претставува препорака од страна на купувачите која бизнисот ја користи за да оствари или зголеми продажба.

Мислам дека е доволно за да се препознае логиката на еден продавач – робот.

Забележувате дека ништо не е ново во овој начин на продажба. На пример, McDonald’s постојано нуди комбинација на производи, продавачот постојано се обидува да направи Upsale, постојано имаат некои препораки…

Но, дали продавачите кај нас функционираат на ваков начин?

post

5-ти Слој за Успех на Еден Претприемач

Ќе продолжам со серијалот слоеви кои го формираат успехот на еден претприемач, а тоа е тимска работа, вкалкулиран ризик, самодоверба и искуство. Оваа е петиот слој од шесте можни слоеви кои ги дефиниравме.

Претходно ги поминавме следниве слоеви:

  1. Спремност да се преземе акција како најважен,
  2. Знаење и креативност како втор по важност
  3. Вештини и интелигенција како трет по важност и
  4. Истрајност и упорност како четврти по важност.

Овој слој е малку поинаков од претходните и е составен од повеќе елементи како што можете да забележите. Ќе започнам со секој елемент.

1. Тимска работа

Денеска скоро и да не може да се замилси завршување на било што, особено некоја бизнис активност без да се потпреме на тимската работа. Времето на поединците помина, сега е времето на тимови.

Тимската работа е нешто што во секој случај ќе помогне да се дополнат сите претходни слоеви за успех на еден претприемач. На пример доколку тимски се одлучи дека некоја акција треба да се превземе тогаш претприемачот секако дека ќе ја превземе таа акција. Проблемот со тимот е додека да се одлучи, но кога веќе ќе се одлучи претприемачот веќе го има првиот слој – да преземе акција за таа одлука.

Креативноста при работа во тимови е доста на повисоко ниво, додека знаењето кое недостасува кај еден член може да се надополни со знаењето на другиот член. Вештина интелигенција доколку недостасува кај некој член ќе се надополни со останатите. Никој не е супермен и сите имаме свои мани и предности, но тимот претставува еден збир на се што е предност кај поединците, притоа заради притисокот од тимот се елиминараат маните.

2. Вкалкулиран ризик

Спремен сум да превземам ризик но до тука. Тоа е всушност вкалкулиран ризик. Тоа е ризик кој може да се поднесе и доколку тој ризик се претвори во непријатност за претприемачот и бизнисот.

Постојат различни методи за квантификација на ризикот кои се користат за да на некој начин ризикот се изрази во некоја мерлива единица врз основа на која еден претприемач ќе знае до каде може да оди. Следниве активности се користат кога станува збор за ризик:

  • Дефинирање на ризични подрчја. На пример, финансии, производство, маркетинг…
  • Дефинирање на ризични профили. На пример, губење на пари во ризичното подрачје финансии.
  • Дефинирање на ризични индикатори. На пример, што се ќе доведе за да се случи ризичниот профил губење на пари во ризичното подрачје финансии.
  • Која е веројатноста да се случат тие ризични индикатори. Веројатноста претставува број на појавување на ризичниот индикатор во вкупен број на настани.

Ова би биле едни од основните активности кои може да се применат за проценка на ризикот и определување на што е тоа вкалкулиран ризик. Подетално за анализа и проценка на ризикот ќе опфатам во некој од наредните написи.

3. Самодоверба

Сметам дека секој претприемач има самодоверба како една особина, бидејќи луѓе без самодоверба не ни започнуваат бизнис. Од друга страна самодовербата иако е во петиот слој сепак претставува едно надополнување на првиот (најважниот) слој превземање на акција.

Самодоверба едноставно претставува верување во себе и она што една личност го прави. Честопати немање на самодоверба претставува и многу критичен елемент не само во бизнисот туку и во личниот живот. Ако некој нема самодоверба лесно може да се примети од непријателот (конкуренцијата во наш случај) и едноставно може да се случи да биде згазен.

Од друга страна самодовербата се стекнува со знаење, вештини, креативност, интелигенција и секако четвртиот елемент од овој слој искуството. На пример колку поголемо знаење имаме од една проблематика току ќе имаме и поголема самодоверба во активностите кои ги спроведуваме од таа проблематика. Истото е и со останатите карактеристики кои ги набројав.

4. Искуство

Иако последно во овој петти слој сепак не можам да кажам и дека претставува најмалку важен елемент или карактеристика. Искуството не може да се избрза и не се стекнува со притискање. За искуство сепак е потребно време кое треба да помине. На пример, знаењето ќе го зголемиме преку читање, учење, посетување курсеви… Додека искуството можеме само да чекаме самото да си дојде. На пример, денеска сум поискусен за уште еден ден.

Но, и за искуството да биде една практика потребно е согледување на работите за да тоа искуство на некој начин се влее во нашиот мозок и не излезе подолг период. Така да некои претприемачи едноставно водат дневник за поважните случки во денот или пак неделата, со што создаваат една база на податоци за акумулирано искуство во тој временски период. Оваа база на податоци постојано се надополнува. Навистина интересен начин да не се допушти искуството да избега.

post

Придобивки од систематизација на Вашиот бизнис

Системите се корисни за секој бизнис доколку правилно се дизајнираат и доколку претерано не ја нагласат административната функција во бизнисот со што истиот бизнис ќе се претвори во една бирократска организација.

Поволности од систематизирање на малите бизниси

Ова е втор дел од написот за Системски приод во бизнисот – Бизнис систематизирање во кој сакам да изложам неколку придобивки за еден претприемач и неговиот мал бизнис од еден ваков начин на поставување на работите.

Со вистинските бизнис системи Вашиот бизнис ќе:

1. Ги исполни очекувањата на потрошувачите

Вашиот маркетинг систем ќе има подсистем за следење на очекувањата и задоволството на потрошувачите. Тој подсистем ќе анализира, мери, споредува и дава заклучоци во однос на тоа што го сакаат потрошувачите. На ваков начин постојано ќе имате информации за она што треба да се подобри и како треба да се подобри.

Но, без системски приод маркетингот оваа нема да може да го изведе. На пример, доколку еден од начините на собирање на информации од потрошувачите е едноставна анкета на купувачот од страна на продажниот тим во моментот на купување, овој подсистем ќе мора да има соодветна интеграција со подсистемот продажба – вработени од продажба. Така една од задачите на подсистемот продажба ќе биде и собирање на информации за подсистемот маркетинг.

2. Произведува исти резултати секој пат

Ова е нешто што само системите го обезбедуваат во бизнисот. Замислете да немате систем во кој ќе биде структурирана секоја бизнис активност и секоја задача за секој вработен. Сите би работеле различно и при секое повторување на задачите би имале различни резултати од истите. Затоа системите треба да обезбедат квалитетно извршување на работата секој пат со ист или подобар квалитет од претходниот пат.

3. Ги подобри перформансите на вработените

Се сеќавате од написот за продуктивноста каде велевме дека продуктивност е извршена работа во единица време. Доколку завршиме иста работа за побрзо време нашата продуктивност ќе биде поголема. Доколку секоја работа или активност во бизнисот се завршува побрзо од минатиот пат Вашите вработени ќе стануваат се попродуктивни и попродуктивни. Со тоа и ќе се зголемат нивните перформанси. Целта е системот да им овозможи соодветна едукација и можности за завршување на работата ефикасно и ефективно.

4. Ги намали трошоците

Доколку активностите и работите во Вашиот бизнис не се повторуваат повеќе пати за да бидат завршени и бидат завршени квалитетно од првиот пат, тогаш драстично ќе се намалат трошоците како резултат на грешки во бизнисот.

5. Биде многу поорганизиран

Единствено нешто што овозможува квалитетна организација на бизнисот се бизнис системите. Без соодветни системи, тешко дека некој ќе биде квалитетно организиран во бизнисот, а со тоа и тешко дека ќе ги извршува задачите онака како што треба.

6. Ги решава проблемите на конзистентна основа

Системскиот приод овозможува повратна врска. Повратна врска (feedback) претставува како онаа сигнална сијаличка или звук кој дава сигнал да се стопира производството на производствената линија. Со една ваква „сигнална сијаличка“ едноставно секој проблем во бизнисот брзо ќе биде забележан и нормално решен. Решавање на проблеми претставува промена. Промена претставува подобрување. Така постојано ќе ги подобрувате системите во Вашиот бизнис а со тоа и севкупниот бизнис систем.

7. Ја зголеми профитабилноста

И секако на крај како резултат на сите претходни придобивки ќе се зголеми и профитабилноста на бизнисот. Со зголемување на продуктивноста и перформансите, со намалување на трошоците, со задоволување на очекувањата на потрошувачите, со испорака на исти резултати или подобрени резултати секојпат, со поголема организираност, со конзистентно решавање на проблемите ќе ја зголемите и профитабилноста на бизнисот. Зарем тоа не е Вашата цел.

Па затоа, потребно е само да потрошите неколку часа во наредните неколку недели за да воспоставите системски приод во Вашиот бизнис. Потоа, едноставено следете и подобрувајте. Овие придобивки се многу поголеми во однос на она што ќе реба да го вложите.