Повеќепати тука на претприемач пишував дека треба да се изгради систем за ова или пак систем за она. Но, што претставува еден систем?
Систем е збир на меѓусебно поврзани и меѓусебно зависни елементи кои функционираат и постојат за да го претворат влезот во системот во излез.
Можеме да забележиме неколку карактеристики:
- Системот е збир на повеќе елементи. Нема систем без минимално два елементи во неговиот состав.
- Елементите се меѓусебно поврзани. Елементите во системот се поврзани меѓу себе така да влезот во едниот претставува излез од другиот елемент, за да од последниот елемент излезот претставува излез од системот – целта на системот.
- Елементите се меѓусебно зависни. Елементите во системот се зависни помеѓу себе. Доколку се појави застој во едниот елемент се појавува пореметување и на другите елементи.
- Елементите постојат за да ја остварат целта на системот. Секој систем мора да има цел (претворање на влез во излез) која се остварува со помош на функционалноста на елементите од кои е составен системот.
Подсистеми на системот бизнис
Во последниот напис за 10 клучни работи кои треба да ги започнете во 2010 препорачав да:
- Интегрирате систем на постојано учење
- Воведете систем за квалитетно следење на конкуренција
- Воведете систем за квалитетна комуникација со Вашите купувачи
- Воведете систем за квалитетна комуникација со Вашите потенцијални купувачи.
Ова се само подсистеми на подсистеми на Вашиот бизнис. Доколку го примениме системскиот приод би кажале дека систем на постојано учење е подсистем на подсистемот развој додека останатите 3 се подсистеми на подсистемот маркетинг на системот бизнис. Па она погоре би изгледало вака:
- Систем Бизнис
- Систем Развој
- Систем за постојано учење
- Систем Маркетинг
- Систем за следење на конкуренција
- Систем за комуникација со купувачи
- Систем за комуникација со потенцијални купувачи.
- Систем Развој
Дали сега имаме поквалитетна слика за овие подсистеми во однос на тоа каде припаѓаат и чија е одговорноста за нивната примена? Дали сега можеме да видиме една поголема слика одколку претходно? Секако дека одговорот е да.
Дали бизнисот мора да има подсистеми?
Ништо не мора туку само треба. Ако Вашата цел како претприемач е да изградите успешен бизнис, кој ќе се развива и расте ќе треба да имате подсистеми во бизниот.
Вашиот бизнис мора да има различни системи кои што ќе претставуваат подсистеми на системот бизнис. Нефункционалноста на еден од потсистемите може да предизвика пад на целиот систем. Постои посебна наука која се занимава со управување со системите, а тоа е теорија на системите.
Земете го на пример автомобилот. Доколку се појави проблем во системот за подмачкување ќе дојде до проблем во системот мотор, при што вашиот автомобил (главен систем) нема да ја има функционалноста за која постои – да ве превезува од едно до друго место.
Како да воспоставиме подсистеми во бизнисот?
Одговорот е едноставен. Систематизирај! Да, твоја задача како претприемач е да го систематизираш сопствениот бизнис. Лесно е да се одговори, но многу потешко да се спроведе. Затоа ќе се обидам да го упростам ова.
1. Кои се целите на твојот бизнис?
Ако твојот бизнис има за цел да продава производи и услуги на крајните потрошувачи запрашај се што треба да направиш. Да го произведеш или пак набавиш производот. Веќе излегуваат четри можни подсистеми маркетинг, производство, истражување и развој и набавка. Нека следи веднаш прашањето како. Како се произведува? Како се истражува и развива? како се набавува? Така ќе дојдете до подсистемите на овие системи.
Следното што треба да направиш откако ќе го произведеш или пак набавиш производот е да го продадаеш. За оваа цел потребни ни се следните подсистеми: маркетинг, продажба и наплата. И повторно нека следи прашањето како. Како да се маркетира производот? Како да се продава? Како да се наплаќа?
2. Пронајди ги зависностите и врските.
Смести ги сите системи и сите подсистеми на хартија во еден хиерархиски редослед како што го претставив погоре. И едноставно означи ги врските и зависностите на еден подсистем со друг подсистем.
3. Определи ги активностите.
Конечниот елемент на последните расчленети подсистеми ќе бидат составен од активности. Определи ги сите активности со краток опис на истите.
4. Документирај.
Многу е важно сите подсистеми со сите активности да бидат документирани со што ќе се знае точно на кој подсистем кои се одговорностите и за кои активности е задолжен кој подсистем да ги спроведе.
5. Тестирај.
Откако се е веќе документирано тестирај ги сите подсистеми за да утврдиш да ли функционираат онака како што се замислени. Доколку се јават некои проблеми реши ги.
6. Имплементирај.
Имплементирај ги новоформираните системи во твојот бизнис. Доколку не ги имплементираш системите истите ќе останат само на хартија и ништо нема да добиеш од вложениот труд.
7. Следи и подобрувај.
Она што навистина е најзначајно за системите во Вашиот бизнис е тоа што ќе ви овозможат едноставно следење на нивното функционирање така да лесно можете да ги воочите сите подрачја на можни подобрувања. А, подобрувањето е нешто што е постојано, односно составен дел на секој систем.
Кои се придобивките за еден претприемач Следува…