post

5 Слоеви за успешен бизнис блог

5 Слоеви на бизнис блог

5 Слоеви на бизнис блог

Блогирање во бизнис цели претставува дел од маркетинг стратегија која веќе „мора“ да биде содржана во секој маркетинг план на малиот бизнис. Се повеќе и повеќе претприемачи откриваат дека оваа стратегија е навистина успешна за нивниот бизнис. Некои мали бизниси пак нивната целосна маркетинг сратегија ја базираат на и околу нивниот бизнис блог.

Што претставува успешен блог за бизнис цели?

Ова е едно најчесто поставуваните прашања? Пред било што друго, мора да знаеме што ќе претставува успешен бизнис блог за бизнис цели. Многу поголем процент е на неуспешни отколку успешни бизнис блогови.

Наједноставно кажано:

Успешен бизнис блог претставува оној блог кој овозможува остварување на целите за онлајн присутноста на бизнисот.

Што сакаме да оствариме со ова маркетинг средство? Доколку го оствариме она што сакаме да го оствариме ќе можеме да кажеме дека бизнис блогот е успешен.

Секојдневно на веб просторот се појавуваат нови блогови креирани за бизнис цели. Некои се многу успешни, некои пак преосечни, додек другите освен денот на појавување понатаму остануваат незабележителни.

Секој бизнис на различен начин може да го концепира својот блог. Како и да е, потребно е да се воспостават одредени слоеви како камен темелници на кои секој бизнис блог ќе се развива.

Слоеви за успешен бизнис блог

За да изградите успешен бизнис блог мора да го градите истиот на 5 слоеви, започнувајќи од првиот до 5-тиот слој.

Слој 1: Цели

Првиот слој на кој оваа маркетинг средство треба да се базира претставуваат поставените цели кои треба да се постигнат со него. Ова е важен слој бидејќи сите останати слоеви ќе се базираат токму на овој.

Кога воспоставуваме цели за онлајн присутноста на бизнисот можеме да имаме два вида на цели: примарни и секундарни. На пример, за еден бизнис примарни цели би изгледале вака:

  • Градење на бренд
  • Рекламирање
  • Продажба
  • Обезбедување на информации за производи и/или услуги
  • Обезбедување на информации за бизнисот
  • Обезбедување на услуги и поддршка на купувачите
  • Подобрување на интеракција со тековни и потенцијални купувачи.

Додека секундарни цели би биле следниве:

  • Блогот треба да биде дизајниран согласно SEO принципите и да обезбеди да биде лесно најдени и повторување на посетите.
  • Блогот треба да има инкорпорирано елементи на вирозен маркетинг за да ги поттикне посетителите да ги преопрачуваат производите, услугите или постовите на други.
  • Блогот треба да обезбеди посетителите да останат подолго на него.
  • Блогот ќе треба да поттикне интерес за бизнисот, производите и услугите.
  • Блогот треба да ги конвертира посетителите во потенцијални купувачи и купувачи.
  • Блогот треба да има инкорпорирано e-mail маркетинг кој ќе ги конвертира потенцијалните купувачи во купувачи.

Ова е само пример кој би ребало да ве наведе на едно вакво размислување.

Слој 2: Технички слој

Кога ќе завршиме со првиот слој – целите, ќе можеме да започнеме со градење на техничкиот слој на нашиот бизнис блог. Овој слој мора да биде базиран на претходниот слој, односно целите кои блогот мора да ги исполни. Кога зборуваме за техничкиот слој мора да одлучиме за следниве прашања:

  • Која платформа за блогирање ќе ја користиме?
  • Статичка или динамична почетна страна?
  • Каков дизајн ќе се користи?
  • Каква и која графика ќе се користи?
  • Кои додатоци ќе се користат?

Слој 3: Содржина

Третиот и најважниот слој е содржината. Прашањето на кое треба да се одговори во овој дел е што ќе се објавува на блогот? Во 10 блог теми за Вашиот бизнис блог ги презентирав следниве идеи:

  1. Блог написи за производи и/или услуги.
  2. Блог написи за индустријата.
  3. Блог написи за Вашата експертиза.
  4. Блог написи за искуството на задоволни потрошувачи.
  5. Блог написи за проблеми на потрошувачи.
  6. Видео презентации.
  7. Блог написи за резултати од прашалници.
  8. Блог написи за тековни настани.
  9. Одговарајте на прашања од коментари.
  10. Општи теми.

Не се ограничувајте само на овие теми, можеби ќе имате уште десетици и стотици идеи за теми, едноставно бреинстормирајте ги и искористете се што мислите дек ќе биде интересно за оној за кој е наменет блогот.

Слој 4: Маркетинг

Овој слој се однесува на маркетинг функцијата на бизнис блогот. Сите претходни слоеви помагаат да се изгради овој слој со следниве елементи за успешен бизнис блог:

  • Репутација. Блогот претставува навистина одлична алатка за градење на добра претприемничка и бизнис репутација. Овој елемент треба да овозможи да се разликувате од конкуренцијата. Репутацијата претставува мислење на личност, група или организација која го има за Вас или Вашиот бизнис. Затоа е важна.
  • Кредибилитет. Кредибилитетот претставува верување дека некое лица има експертиза и знаење и може да биде сигурен за бизнис со него. Доколку го користите блогот на вистинскиот начин ќе можете да изградите добар кредибилитет како претприемач и бизнис.
  • Бреднирање. Одлично место за градење на силно препознатлив бренд за Вашиот бизнис претставува токму Вашиот бизнис блог. Секој блог пост мора да има нешто преку што ќе се комуницира Вашиот личен и бизнис бренд на посетителите и читателите.
  • Поврзување. Вашиот блог ќе ве поврзе сомногу поединци и бизниси кои можат да станат Ваши купувачи или бизнис партнери.
  • Релации. Една можност која што ја обезбедува блогот е создавање на квалитетни релации сопосетители и читатели. Коментарите се една опција која овозможува ова да биде навистина едноставно.
  • Вирозни елементи. Постовите се вирозни и секој пост може да биде проследен до пријател. Добар блог пост може да биде виден од голем број на потенцијални купувачи.

Слој 5: Бизнис

Да бидеме реални за момент. Целта на секој бизнис блог е да создаде бизнис со потенцијални купувачи. Затоа последниот слој во градење на еден бизнис блог е да му се даде бизнис карактер на истиот. Секој бизнис продава нешто и целта е да се зголеми продажбата. Затоа блогот мора да ги содржи бармен следниве можности:

  • Да овозможи лесен контакт до бизнисот.
  • Да бидат презентирани производите и/или услугите во форма на бенефиции (полезности).
  • Да овозможи лесно купување на производите и/или услугите.
  • Да овозможи подршка за купувачите.
post

Претприемничко блогирање во период на годишен одмор

Бизнис блогирање во период на годишен одмор

Бизнис блогирање во период на годишен одмор

Блогот како маркетинг средство е се позначајно маркетинг средство за малите бизниси и претприемачите. Но, време е за годишни одмори. Малите бизниси најголем проблем кој го имаат во однос на ова маркетинг средство претставуваат ресурсите. Недостаток на човечки ресурси кои ќе придонесуваат да не замре Вашиот бизнис блог во летниот период претставува вистинска закана за оваа маркетинг средство. Во многу случаи претприемачот е тој кој во целост ги изведува активностите на оваа маркетинг средство.

Затоа во овој пост ќе се обидам да презентирам неколку идеи кои можете да ги искористите за соодветно организирање како на Вас како претприемачи така и на Вашиот тим доколку го имате.

Доколку имаш време…

Овој дел се однесува на идеи кои можете да ги спроведете доколку обезбедите повеќе време пред тргнување на годишен одмор, така да успеете да имате распоредено постови кои ќе се објавуваат и додека не сте тука. Во Word Press оваа е многу едноставно.

1. Распореди ги написите за период на одмор

Оваа опција навистина е доста полезна кога станува збор за блогот. Едноставно доколку ги подготвите постовите пред време ќе можете да ги распоредите за објавување во соодветниот временски интервал иако Вие нема да сте присутни пред Вашиот компјутер.

Распореди написи за иднина!

2. Подготви серија на постови

Доколку имаш време добро би било да избереш еден до два серијали на написи кои ќе ги подготвиш и ќе ги распоредиш за да се објавуваат во период кога се наоѓаш на годишниот одмор. Едноставно избери неколку теми, направи поднаслови, напиши ги и подеси ја блог платформата која ја користиш да се објават во иднина (период кога сте на годишен одмор).

3. Понеси лаптоп или блогирај преку мобилен

Како опција може да биде и Вашиот лап топ или мобилен телефон. Едноставно под претпоставка дека ќе имате интернет конекција онаму каде што ќе одите ќе можете да издвоите половина час од неколку дена за да напишете некои написи или пак некои случки кои може да бидат поврзани со Вашата индустрија. Но, не заборавајте Вие сте на заслужен годишен одмор!

4. Избери неколку твита за кои сметаш дека се добри и коментирај ги

И оваа алтернатива е добра доколку имате време. Едноставно избери неколку твита од индустријата во која се наоѓа твојот бизнис, коментирај ги и во вид на пост постави да се објават во период кога сте на заслужен годишен одмор.

Доколку немаш време…

Она што е поверојатно е дека претприемачите немаат доволно време во периодот од неколку дена пред тргнување на годишен одмор за да подготват постови за период на годишен одмор.

Тука се претставени некои идеи за брзо креирање на содржина за Вашиот блог која ќе биде објавувана во иднина.

5. Назначи некој од твојот тим да биде одговорен за ажурирање

Ова е најдоброто решение доколку постојат ресурси во бизнисот. Назначи еден колега кој ќе биде одговорен за пишување и објавување на Вашиот бизнис блог во периодот кога Вие ќе бидете отсутен.

6. Подготви реанимација на стари, но популарни постови

Сигурно веќе имате повеќе постови кои се заборавени таму некаде во базата на податоци на Вашата платформ за блогирање. Изберете неколку попопуларни постови извлечете неколку интересни цитати од истите и дообјаснете ги или коментирајте ги.

7. Искористи неколку YouTube видеа со краток коментар

На популарниот сервис за споделување на кртки видео материјали има безброј видео клипчиња кои на некаков начин може да бидат поврзани со Вашата индустрија. Пронајдете неколку популарни и дадете Ваше мислење, објаснување или коментар.

8. Едноставно не објавувај ништо, но барем…

Како последна идеја е едноставно да не објавувате ништо. Но, пред да отидете пишете еден напис дека заради годишни одмори Вашиот блог во тој период нема да има ништо ново.

post

Блогирање како дел од SEO стратегија

Блог како дел од SEO стратегија

Блог како дел од SEO стратегија

Ќе продолжам со серијалот за SEO како дел од маркетинг средства на претприемач. Овој пост како дел од овој серијал е повеќе како средство кое може да ви помогне да го подобрите севкупниот процес за кој што досега стана збор. Досега во овој серијал поминавме нешто општо за SEO, потоа навлеговме во  тоа што претставува SEO, го претставивме првиот основен столб на еден ваков процес – истражување и анализа на клучни зборови, вториот столб – On-Page оптимизација или неколку најважни фактори за оптимизација кои се наоѓаат на самата страна и секако третиот SEO столб – Off-Page фактори за оптимизација.

Блогирање е еден од најдобрите алатки кога станува збор за SEO, особено што претставува и како посебно маркетинг средстви и како алатка за подобрување на Вашите напори во однос на SEO процес. Ова подобрување на еден SEO процес особено се однесува на фактот што блогот е одлично средство за градење на содржина на веб.

Корисност на блогот како дел од SEO стратегија

Постојат многу бенефиции за блогот да биде дел од Вашата онлајн стратегија, но тука во однос на еден SEO процес би претставил две најважни корисности.

1. Повеќе страни оптимизирани за повеќе зборови

Во претходниот пост каде што стана збор за Off-Page фактори за оптимизација наведов дека не може да се очекува тие неколку страни во вид на брошура дека ќе бидат оптимизирани за илјадници клучни зборови до кои што дојдовме при истражување и анализа на клучни зборови. Тие страни ќе бидат оптимизирани согласно нивната намена. На пример, Вашата страна со производи ќе биде оптимизирана за клучните зборови за тие производи кои се прикажани на таа страна. Вашата About страна ќе биде оптимизирана за Вашата компанија, на пример бизнис име, брендот, локација, експертиза…

Но, вие имате бреинстормирано илјадници зборови со кои различни категории на Ваши потенцијални купувачи ќе пребаруваат нешто на интернетот. Вашата цел како еден претприемач или маркетинг менаџер на една компанија е да успеете да бидете најдени (вашата веб страна да биде најдена) кога некој ќе пребарува некој од тие зборови. Затоа блогот е едно квалтетно средство преку кое ќе успеете со текот на времето да изградите илјадници страни со квалитетна содржина оптимизирани согласно различните клучни зборови. Ова е таа една предност на блог како дел од SEO стратегија.

2. Почесто нова содржина почесто индексирање

Пребарувачите користат специјални програмчиња наречени како Web Crawler или Web Spider. Овие програмчиња имаат за цел да го пребаруваат интернетот и да бараат нови веб страни на кои прават копија која влегува во базите на податоци на пребарувачите што претставува индексирање, за да се обезбеди побрзо пребарување. Ова значи дека Вие кога пребарувате нешто вие пребарувате низ таа база на податоци на пребарувачите. Затоа за да бидете прикажани на резултатите првин ќе мора тие веб страни да бидат индексирани од страна на пребарувачите.

За тоа какво значење има за еден бизнис кога повеќе веб страни се индексирани ќе можете да прочитате во Повеќе Индексирани Страни – Повеќе Потенцијални Купувачи.

Блогот едноставно претставува средство за постојано објавување на нова содржина на веб страната во вид на посебни артикли кои пак претставуваат посебни веб страни кои се индексираат од страна на пребарувачите. Затоа доколку пребарувачите увидат дека имате почесто додавање на нови веб страни тие почесто ќе доаѓаат да проверат дали има нешто ново заради индексирање. Тоа е нивната работа, тие сакаат содржина и тоа квалитетна содржина.

Неколку препораки за користење на блогот во SEO процес

Тука ќе се обидам накратко да наведам неколку препораки за тоа како да го искористите блогот во еден SEO процес.

1. Избери категории

Пред да започнеш со било што добро размисли за категории кои ќе бидат опфатени на блогот. Доколку веќе ги имаш резултатите од анализата и истражувањето на клучните зборови обиди се да најдеш од 6 до 10 клучни зборови кои ќе бидат категории на блогот. Во исто време, размислувај сите ие зборови да бидат важни и всушност да асоцираат на Вашиот бизнис или бизнис активности.

2. Користи ги препораките од SEO основни столбови

Се она што го наведов како важно во основните столбови на еден SEO процес искористете го и тука. Започнете од зборовите кои ги имате изберено, групирај ги во можни теми или наслови за постови и започни со пишување.

3. Обиди се да објавуваш нови написи барем 2 до 3 пати неделно

Блогот ќе Ви помогне во Вашите SEO напори само доколку останете конзистентни во намерата да успеете. Не можам да кажам дека ќе биде лесно. Ќе треба да дојдете до идеи за можни написи, да ги напишете да внимавате на столбовите, а во исто време да не забегате од содржината и квалитетот, односно од фокусот кон читателот или потенцијалниот клиент. Но, ова е единствениот начин блогот да ви помогне.

4. Ако се двоумиш за платформа, избери Word Press

Иако Word Press најмногу е познат како платформа за блогирање, се почесто гледам целосни веб решенија на оваа платформа. Минатата година е изберен како надобра Open Source CMS платформа за 2009 (платформа за менаџирање на содржина на интернетот). Повеќе детали за ова можете да прочитате на Open Source CMS Award.

Од друга страна кога станува збор за SEO ова е навистина едно квалитетно и солидно решение. Не сакам да навлегувам во детали, но затоа можете да го погледнете видеото од презентацијата на Matt Cutts од Web Spam тимот на Google (преку WorPress.tv) подолу во кое овој експерт дава некои мислења во однос на оваа прашање. Видеото е долго 46 минути, но вреди да се погледа презентацијата бидејќи само ќе го повтори и надополни сето она што можете да го прочитате во овој серијал.

https://videopress.com/v/wp-content/plugins/video/flvplayer.swf?ver=1.21

Продолжете со следниве написи:

post

Блог – Маркетинг Средство 55

Блог како маркетинг средство

Блог како маркетинг средство

Како 55-то маркетинг средство во овој серијал за маркетинг средства на претприемач ќе го презентирам едно од најмоќните онлајн маркетинг средства – блогот. Она што е карактеристично за блогот како маркетинг средство е дека може да има огромно влијание и врз другите онлајн маркетингс средства, но од друга страна не е лесно, бара многу повеќе работа и ангажман. Се надевам дека веќе имате онлјн стратегија за Вашиот бизнис во кој е или ќе биде опфатен блогот како еден вид на маркетингс средство.

Што претставува блог?

Постојат различни дефиниции за блоговите. Ќе наведам некои од нив:

  • Онлајн дневник на кој може да се пишува, чита и едитира.
  • Дневник кој е објавен или се објавува на интернет.
  • Веб страна која има јавен пристап и на која се објавуваат различни написи.
  • Специјализирана веб страна која им овозможува на индивиуалци или група на индивидуалци да делат различни лични информации од секојдневниот живот.
  • Веб страна на која написите се објавени во вид на весник и прикажани во хронолошки редослед.
  • Еден вид на веб страна која постојано се ажурира со написи, коментари, опис на случки, или пак други материјали во вид на аудио или пак видео, каде што овие написи се прикажани во хронолошки редослед.

Сметам дека ова се доволно дефиниции за да се види што е тоа блог.

Блогот (Blog) е кратенка од weblog што може да се преведе како веб дневник. Инаку од погоре наведените дефиниции ќе можеме да го кажеме следново:

  • Блог претставува веб страна
  • Блогот има различни написи
  • Блогот има динамична содржина што значи дека на него постојано се објавуваат нови содржини
  • Содржината може да биде во вид на напис, коментар, случки, слики, аудио и видео
  • Написите на блоговите може да бидат читани од страна на читателите на интернет
  • Читателите може да праќаат коментари на написите

Често пати поставувано прашање е во што се разликува блогот од класичните „нормални“ веб страни. Иако знаеме дека и блогот претставува веб страна. Еве во што се најголемите разлики:

  • Постојано ажурирање на содржината. Класичните „нормални“ веб страници не се менуваат често, па затоа кога ќе се навратите неколку пати и не забележите промена, веќе нема да ја посетувате таа веб страна. Ова значи и губење на посетители и намалување на моќта на веб страната како маркетинг средство. Со блог како посебен тип на веб страница содржината се менува постојано, дневно, неделно, месечни итн. Што почесто, толку подобро.
  • Можност читателите да остават коментар. Оваа е навистина огромна разлика во однос на статичните веб страни. Секој напис има функција за коментирање. На ваков начин се овозможува блогот да биде двонасочна комуникациска алатка и непресушен извор на информации за Вашиот бизнис.
  • Едноставност во објавување на написи. За да се објават написи на блогот не е потребно техничко лице. Оваа може да се изведе и од луѓе кои воопшто немаат познавање од техниката користена за веб страници. Објавувањето е едноставно и слично како да работите на Word документ или како што испраќате e-mail.
  • Хронолошки распоред на написите. Во блоговите написите се прикажани во хронолошки редослед со тоа што најновите написи се први. А, од друга страна до сите останати написи може да се дојде преку функција пребарување или пак листање на категориите на написите на блогот.

Како може да Ви помогне блогот како маркетинг средство?

Постојат многу придобивки кои ќе можете да ги искористите со Вашата веб презентација со блогот како посебен вид на веб страница.

Едноставно треба да се тргне дека интернетот претставува светско чудо на нашето време. Нема кој не е закачен на интернет. Според веб странатa www.internetworldstats.com која се занимава со статистика за користење на интернетот последните податоци за декември 2009 година покажуваат 1.802.330.457,00 интернет корисници на светско ниво што претставува 26,6% од глобалната популација на светот. Дали постои друго маркетинг средство кое има толкав број на корисници? И од друга страна кога ќе земеме дека оваа презентација може да се изведе со најмала инвестиција во споредба со другите маркетинг средства, во секој случај ќе влезе во категорија на едно од најефикасни и најефективни маркетинг средства.

Но, да тргнеме по ред. Што е она што може Вашиот бизнис да го добие со избор на блог како дел од Вашата веб презентација?

  • Со блогот Вашиот бизнис ќе добие веб присуство на глобалниот светски пазар. Веќе напоменавме дека 26,6% од глобалната популација користи интернет. Дури и да Вашиот бизнис е локален сепак еден ден ќе ги почувствувате придобивките од оваа презентација.
  • Повеќе индексирани страни од страна на Google претставува можност за повеќе потенцијални купувачи.
  • Презентација на Вашите производи. Можете да направите презентација на сите Ваши производи и/или услуги кои што ги нуди Вашиот бизнис. Овде можете да користите:
    • Текстуален материјал за опис на производите и/или услугите и коментари од Вашите постоечки потрошувачи
    • Слики на производи и/или услуги кои што ги нудите
    • Аудио записи за опис на Вашите производи и/или услуги како и коментари за истите од страна на постоечките потрошувачи
    • Видео материјали за Вашите производи и/или услуги како и коментари од Вашите постоечки потрошувачи.
    • Написи во форма на како да се направи нешто. Ова треба да биде поврзано со производите и/или услугите кои ги нудите.
  • Спроведување на анкети, анализи и истражувања. Блогот можете да го користите и за спроведување на различни анкети како би собрале информации за донесување на поквалитетни одлуки во иднина.
  • Објавување на прес конференции и маркетинг материјали. Секоја прес конференција или информација која се однесува за Вашиот бизнис или пак производите и/или услугите ќе можете да ги објавите преку Вашиот блог.
  • Блогот ќе ве поврзе со многу луѓе кои може да бидат Ваши потенцијални потрошувачи.
  • Ќе знаете што сакаат Вашите потрошувачи или пак потенцијални потрошувачи. Секој блог напис има интегрирано скрипта за коментирање. Секој коментар оставен на некој од Вашите написи ќе ви каже што е она што го сакаат потрошувачите, така да ќе можете да ги насочите сопствените активности во насока на задоволување на тие потреби.
  • Блог написите се вирозни. Вирозен маркетинг е нешто што го сонува секој претприемач. По секој напис може да има прати на пријател по е-mail. Така да можете да очекувате доколку Вашите написи навистина даваат некоја вредност за читателите брзо да се распространат до повеќе луѓе.
  • Блогот може да ви помогне да изградите бренд. Брендот ќе биде името на Вашиот бизнис, логото, слоганот и домеин името на Вашиот блог. На сите материјали што излегуваат од Вашиот бизнис ставајте ги тие работи.
  • Блогот може да ви помогне да изградите солидна репутација. Со објавување на различни написи за Вашата индустрија Вие ќе се градите како еден експерт од тоа подрачје. Оваа постојано ќе ви ја зголемува репутацијата како на Вас како претприемач така и на Вашиот бизнис.
  • Блогот ќе претставува извор на постојано зголемување на границите на вашиот пазар. Доколку имате повеќејазична верзија на блогот Вашиот потенцијален пазар ќе биде неограничен. Доколку сакате да извршите интернационализација на Вашиот бизнис препорака е да имате задолжително и англиска верзија на блогот.
  • Блогот ќе ве спои со потенцијални снабдувачи. Освен од потенцијални купувачи блогот може да биде читан и од потенцијални снабдувачи и тие самите да ве контактираат и бараат да работите заедно.

Ова се само некои од позначајните придобивки кои може да ги добие Вашиот бизнис со блогот. Инаку може да се набројат уште многу други.

Како да се имплементира?

Се надевам дека веќе имате бизнис веб страна, а со тоа и хостинг и бизнис домеин име. Доколку немате завршете ги тие активности пред да започнете со бизнис блогирање. Следете ги следниве чекори:

  • Направете план на темите кои ќе ги обработува Вашиот бизнис блог.
  • Врз основа на темите определете ги категориите.
  • Подгответе барем 10 написи уште пред започнување.
  • Одлучете за домеин името на блогот, односно URL-то. Дали ќе биде www.vasbiznis.com/blog или ќе биде во вид на поддомеин www.blog.vasbiznis.com или пак ќе биде на посебен домеин.
  • Инсталирајте WordPress.
  • Објавете го првиот напис од подготвените 10.
  • Одлучете на кој период ќе го ажурирате. Најдобро е секојдневно, но доколку немате време размислете да одите барем со неколку написи неделно.
  • Подесете ги останатите 9 подготвени написи.
  • Одлучете кој ќе биде одговорен за пишување и ажурирање.
  • Бреинстормирајте постојано нови идеи за написи.
  • Споделувајте се што може да биде интересно и корисно за Вашите потрошувачи.
  • Промовирајте го и со другите традиционални маркетинг средства.

Излезе предолг написов, а мислам дека не успеав се да опфатам. Но, сепак се обидов да претставам некои значења за блогот како едно маркетинг средство.

post

Бизнис идеи: Најдоброто на претприемач во 2009

Бизнис идеи се навистина една од почетните карики од синџирот за успешен бизнис и успешен претприемач. Навистина доста се концентриравме на бизнис идеите на претприемач изминатата година. Но, секогаш постои нешто што би го одделил како нешто навистина покорисно од друго. Бизнис идеите се еден од елемнтите кои ја зголемуваат бизнис потенцијалната енергија на секој бизнис.

Ова е втората тема од серијалот Најдоброто на претприемач за 2009 за бизнис идеи.

Во оваа листа за најдобрите написи на претприемач за бизнис идеи ќе се обидам да оставам еден комплетен прирачник за креација и имплементација на различни бизнис идеи.

  1. 20 Бизнис идеи за 2009 и по неа. При крај е обработката на втората верзија на збирката со 20 бизнис идеи и ќе биде доставена до сите регистрирани за неделни билтени на претприемач во јануари 2010.
  2. Како да откриете за што имате пасија? Пасија е важен претприемнички елемент кој ја дефинира идната успешност на бизнисот. Бизнис идеја без да биде интегрирана Вашата пасија во неа нема да биде со висока бизнис потенцијална енергија.
  3. Бизнис Идеја преку Одговор на 50 Прашања. Еден напис во кој се дизајнирани 50 прашања кои ќе ве водат низ процесот на генерирање на бизнис идеи.
  4. 3 Елементи кои Секоја Бизнис Идеја Мора да ги Има. Основните 3 елементи кои ќе морате да ги вклучите во дизајнот на Вашата бизнис идеја.
  5. Избегнување на негативците. Постои веројатност дека ќе бидете опкружени со негативци кога сакате да започнете сопствен бизнис.
  6. Книга со бизнис идеи. Користете книга со бизнис идеи постојано низ целиот Ваш претприемнички век. Темплејтот на книгата е во состав на 10 бизнис темплејти на претприемач.
  7. Како до вистински избор на бизнис идеја? Еден процес кој ќе ве води до избор на вистинската бизнис идеја.

Во премиум претприемач овој процес на креација, барање, зголемување на креативност и анализа и избор на бизнис идеи е разработен во 5 недели со 10-тина видео материјали, 10-тина алатки и темплејти како и акциони планови за секоја недела.

post

Претприемач: Најдоброто во 2009

Во првата тема од серијалот Најдоброто на претприемач за 2009 се однесува на темата за самиот претприемач. Ја избрав како прва бидејќи сметам дека претприемачот е централната фигура на секој бизнис. Претприемачот го осмислува, го започнува, го развива и проширува сопствениот бизнис. Доколку претприемачот нема капацитет или пак потенцијал за тие активности не можеме да очекуваме дека бизнисот ќе биде успешен, бидејќи сепак бизнисот е систем составен од биолошки, технички и организациски систем. А во центарот е претприемачот кој пак е дел и на биолошкиот систем.

Во оваа листа на најдобри написи на претприемач за самиот претприемач ќе се обидам да составам еден комплетен прирачник за сегашни или пак идни претприемачи.

  1. Како да го дизајнирате Вашиот бизнис? Правилен дизајн многу работи ќе ги олесни во иднина на бизнисот.
  2. Што Еден Претприемач Може Да Научи Од Google? Google е една од најуспешните компании на денешницата (а сепак млада компанија). Така да не е лошо да научиме нешто од него.
  3. Дали Претприемач Воркохолик е Успешен? Нешто што кај нас сосема обратно се пропагира кога станува збор за претприемачот. Ако сте претприемач воркохолик не значи и дека ќе имате успешен бизнис, туку само дека нема да можете да го развивате и ширите сопствениот бизнис.
  4. Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Реалност. Кои се одлучувачките фактори кои го подигаат потенцијалот на еден претприемач за да изгради успешен бизнис?
  5. Акција – Прва Претприемничка Особина. Ако не превземете акција џабе ви е и знаење и креативност и било што што би го подиганало потенцијалот за да бидете успешен претприемач.
  6. Заење и Креативност – Втор Слој за Успех на Еден Претприемач. Откако сте спремни за преземање на акција втората работа на која треба да се концентрирате е постојано да го зголемувате сопственото знаење и креативноста.
  7. Што е Претприемничка Продуктивност? Едноставна формула за да ја измерите Вашата продуктивност и секако да ја подобрите.
  8. Претприемнички Менаџмент – 10 Чекори. Како да имплементирате претприемнички менаџмент за да бидете повеќе фокусирани на развојот на сопствениот бизнис?
post

Најдоброто на претприемач во 2009 година

За некој ден ќе завршиме целосно со 2009 година која навистина за мене беше многу интересна. Точно една година од кога се играв на веб и закупив веб хостинг и домеин, поставив неколку странички кои ги крстив претприемач и се чудев што потоа.

Најдоброто на претприемач

Првин што ми текна беше содржина, ама не знаев каде и како да пишувам. Се прашував дали за секој текст за претприемништво да правам посебна страна, дали ова, дали она… Еден куп прашања. Налетав на Joomla и успеав да ја закачам на веб серверот и така започнаа артиклите на претприемач. И секој ден по еден нов текст и мачење со Joomla.

По некое време платив еден курс за блогирање каде увидов дека WordPress е она што ми треба. Па така излезе и блогот на претприемач што всушност сега е претприемач, бидејќи артиклите веќе не ги ажурирам (се откачив од Joomla) и онаа /blog го поставив директно на домеинот.

И така помина цела една година со 245 написи на претприемач и 123 написи на артиклите на претприемач или вкупно (да го земам дигитронот) 368 написи за претприемништво, претприемачите и малите бизниси – повеќе од еден дневно (а не сме весник). Некои и не беа нешто посебно, особено во првите денови кога повеќе ги пишував написите со еден научен поглед. Но, за некои сум навистина горд на самиот себеси, бидејќи сметам дека се навистина уникатни и од помош за претприемачите.

Би се заблагодарил на м-р Илија Чубровиќ кој скоро половина година учествуваше во овој проект и финансиски и едукациски во креација на некои од написите. Би се заблагодарил и на гостинските написи кои во неколку наврати беа објавени а се напишани од Предраг Стојковски – директор на компанијата Интрогруп која се занимава со финансиски консалтинг. Би се заблагодарил на Гого Рафајловски кој во повеќе наврати даваше навистина квалитетни коментари кои го подобруваа квалитетот на написите на претприемач. И на крај би се заблагодарил на сите кои било со коментари преку блогот, преку Twitter, Facebook или пак со директен mail ми даваа подршка преку нивната благодарност или пак прашањата кои ги поставија.

Тоа беше 2009 година, која би сакал да ја затворам со еден серијал за најдоброто на претприемач. А, 2010 ќе ја започнеме турбо преку продолжеток на серијалот за интернет бизнис и уште еден куп на написи и видео материјали кои ги имам во главата и еден по еден ќе ги изложувам тука. Освен тоа при крај е новата верзија на Збирка со бизнис идеи која ќе бидне надополнета со уште 20 бизнис идеи. Подготвувам една е-книга која ја нареков во работна верзија како Претприемнички буквар и која сите регистрирани за неделни билтени ќе ја добијат. И секако, најголемиот проект на претприемач досега кој ќе стартува во јануари е Премиум Претприемач кој ќе биде 54 неделен (годишен) курс, односно виртуелен консултант за претприемачите.

Во следните 2 дена ќе можете да видите серија на написи и артикли кои ќе дадат еден поглед кон најпопуларни написи на претприемач во 2009 година. Секој од тие написи ќе го групирам во теми како листата на написи во овој серијал би била покорисна.

Сепак она што ќе биде вклучено во овој серијал ќе биде сам еден мал дел од севкупниот материјал на претприемач, бидејќи има 368 написи тука, но се надевам дека ќе претставува корисен начин за да посетителите бргу поминат низ нешто што би претставувало како нешто што би требало да се прочита.

Темите кои ќе ги опфатам во овој серијал се:

Како што ќе ги објавувам написите така и ќе ги ажурирам линковите во оваа листа од овој серијал.

post

Достапна е нова верзија на Word Press 2.9 – Кармен

Пред неколку дена ја ажурирав платформата на која работи претприемач – WordPress на најновата верзија 2.9 наречена Кармен (Carmen). Бидејќи во 10-те видео материјали за изработка на веб презентација за Вашиот бизнис WordPress е главната опција, а и во написите и артиклите за интернет бизниси и интернет маркетинг, особено во написот за WordPress VS Joomla како победник го промовирав WordPress, би сакал накратко да ги искоментирам најновите опции кои што ги забележав во оваа најнова верзија.

Пред да преминам на тие карактеристики би напоменал дека пред некое време оваа моќна платформа е изберена за најдобра Open Source CMS платформа (платформа за менаџирање на содржина на интернетот). Повеќе детали за ова можете да прочитате на Open Source CMS Award. Инаку се до оваа година WordPress беше жртва на сопствениот успех како платформа за блогирање иако претставува комплетно CMS решение за комплексни веб страни. Но, оваа година грешката е исправена и конечно WordPress дојде на врвот каде што му е местото. Им честитам на сите дизајнери кои работат на усовршување на WordPress.

Па да преминам на главните карактеристики.

Едитирање на слики

Она што најмногу ми се допадна е што во оваа најнова верзија е додадена можност преку самата WordPress апликација да ги едитирате сликите кои што сакате да ги објавите на веб. Оваа нова функција овозможува 3 основни манипулации со сликите (Crop, Rotate и Flip).

WordPress Едитирање на слика

Корпа со отпадоци (Recycle Bin – Trash)

Она што ни е познато во Windows како корпа со отпадоци која служи да ги складира Вашите избришани податоци за уште една проверка за да не избришете нешто по грешка сега е додадено во WordPress како функција Trash. Оваа функција служи за бришење на одредени написи, но всушност не ги брише целосно туку се наоѓаат во Trash – Отпад од каде можете едноставно да ги избришете целосно или да ги вратите доколку сте избришале нешто по грешка.

Ажурирање на група на додатоци одеднаш

Досега доколку излезеше некоја нова верзија на некој додаток (Plugin) ќе моравте да одите еден по еден да го ажурирате. Во најновата верзија можете да ги ажурирате сите додатоци одеднаш при што WordPress ќе провери дали има нова верзија и дали е компатибилна со Вашата WordPress платформа. Нема веќе страв од тоа дека ќе инсталирате некомпатибилен додаток.

Едноставно внесување на видео од YouTube

Оваа опција не е само за YouTube туку и за Blip.tv, Flickr, Viddler и други познати видео сервиси на интернет. Наместо како досега да се копира и лепи кодот на видеото од сервисот каде е аплоадирано сега едноставно само со лепење на URL-то на видеото ќе можете да прикажете видео на Вашата веб страна.

Други подобрувања

Овие досегашни подобрувања се оние кои успеав да ги видам визуелно како нови опции. Но, прочитав дека во најновата верзија се опфатени уште еден куп на други подобрувања кои се однесуваат на безбедноста, на бубачки во кодот и функционалности во однос на коментарите и оптимизација на базата на податоци.

Во секој случај мислам дека оваа верзија 2.9 претставува претставува револуционерна верзија на овој систем за менаџирање на содржина на интернетот. Верувам дека согласно досегашната практика на дечките од WordPress набргу ќе излезе подверзија на оваа верзија, бидејќи за само една година започнав со верзијата 2.7 па следуваа подверзии, за потоа да се појави верзијата 2.8 која многу повеќе се однесуваше на безбедносните елементи и сега пристигна оваа верзија со повеќе функционални елементи.