post

Извори на иновативни можности – Неочекувани случувања

Маркетинг пред започнување

Маркетинг пред започнување

Во претходниот пост зборувавме воопшто за иновативни можности кога станува збор за еден претприемач.

Тука би продолжил со уште една презентација на видови на иновативни можности која доаѓа од страна на Peter Drucker, таткото на модерниот менаџмент.

Peter Drucker ги разликува следниве извори на иновативни можности кога станува збор за неочекуваност:

#1 Неочекуван успех

Неочекуваниот успех нуди најголеми можности за реализирање на успешни иновации. Иновативните можности се најмалку ризични и нивното остварување е најлесно.

Неочекуваниот успех е честопати занемарен, а менаџерите покажуваат тенденција за негово негирање. 

Во 70-тите години од минатиот век големите челичарници не ја прифатиле идејата за мини челичарница. Опремата им била застарена, а за модернизација им биле потребни милијарди долари, но тие немале толку пари. Решението се гледало во отворање на мини челичарници. Во тоа време мини челичарниците доживеале голем успех.

Врвното раководство на една голема челичарница ја отфрлило идејата за мини челичарница, а луѓето што биле за оваа идеја биле отпуштени од работа. Успехот на мини челичарниците не бил прифатен. Врвното раководство било сентиментално врзано со“големиот челик”, а се друго за нив било мода. Тие не сакале да го видат овој неочекуван успех. 

Неочекуваниот успех може да иритира. Компанијата многу тешко се определува за каква било промена. Промените ги спроведува доколку е изложена на притисок од големите купувачи или од некоја влијателна личност. Меѓутоа, ретко кој очекува од таа постапка да дојде до подобрување на продажбата.

Кога “кучето” почнува да трча и почнува да ги загрозува “ѕвездите” доаѓа до изненадување, а со тоа и до несоодветно третирање на тој производ на пазарот.

Неочекуваниот успех најчесто не може да се види и никој на него не обрнува внимание. Поради тоа, никој и не ја користи можноста за негова понатамошна експлоатација, со неизбежен резултат конкурентите тоа да го воочат и од тоа да извлечат корист за себе. 

Можноста за искористување на иновацијата, која се појавува со неочекуваниот успех, бара посебна анализа. Неочекуваниот успех не е само една можност за иновација, тој бара иновација. Треба да се постават следниве прашања:

  • Кои основни промени сега се соодветни за таа организација?
  • Промена во нејзината технологија?
  • Нови пазари?

Кога ќе се соочат со тие прашања, тогаш неочекуваниот успех отвора најветувачки и најмалку ризични можности. 

За секој успех мора да се организира соодветно истражување. Првата работа која треба да се направи е да се обезбедат услови со кои неочекуваниот успех треба да се забележи. Раководството на компанијата мора да внимава на секој неочекуван успех, така што себеси ќе си ги поставува прашањата од типот: 

  • Што би значел успехот за нас доколку го искористиме?
  • Каде би можел да не однесе?
  • Што би требало да направиме за да го претвориме во можност?
  • Како ќе постапиме во врска со тоа? 

Раководството треба да одвои посебно време да расправа за секој неочекуван успех. Неочекуваниот успех бара да биде одржуван со помош на најспособни расположливи луѓе, а никако со било кои луѓе. Тој бара сериозност и поддршка од страна на раководството, сразмерно на можноста која се јавила.

#2 Неочекуваното промашување

Неочекувано промашување исто така е голем носител на иновативни можности.

За разлика од успехот, промашувањето не може да помине незабележано, но и тоа често не се гледа како симптом на можност.

Големиот број промашувања се резултат на алчност, глупост, на непромислено подржување на мнозинството или неспособност за проектирање или извршување на проекти.

Доколку нешто не се оствари, иако внимателно е планирано, таквото промашување често навестува промена.

Претпоставките на кои се засноваат производите или услугите, нивното проектирање или маркетиншка стратегија, можеби не одговара на реалноста.

Купувачите ја промениле својата вредност и забележување: иако се уште ја купуваат истата стока, тие сега всушност купуваат различна вредност.

Подеднакво се битни и неочекуваниот успех и неочекуваното промашување на директните конкуренти. Во двата случаја треба сериозно да се земе таквото случување како можен симптом за иновативни можности. Често се заклучува што се случува, не водејќи многу сметка зошто тоа се случува.

Фордов модел “Edsel” од 1957 год. бил детално планиран и стручно маркентишки воден. Ford бил на водечка позиција во три од четири пазарни класи (висока, средно-ниска и ниска). Останала само средно-високата класа и “Edsel” бил наменет за неа. Овој производ доживеал неуспех на пазарот и Ford почнал да истражува зошто овој модел не успеал. Заклучиле дека поделбата на класите од дваесетите години веќе не важи и дека настанале големи промени. Се појавила поделба на пазарот според стилот на живеење. Ова неочекувано промашување резултирало со нов модел (Thunderbird) и е постигнат најголем успех, по моделот “T” од 1908 год. Не било познато што ја предизвикало промената.

Неочекуваното промашување е преобразено во можност за остварување на ефикасна иновација. Тоа покажува дека и неочекуван успех и неочекуван неуспех, може да се претвори во можност за остварување на ефикасни и корисни иновации.

Пример кој покажува типични неочекувани надворешни случувања и нивно користење како главни можности за успешни иновации се однесува на IBM и персоналните компјутери.

Колку и да се разликувале мислењата на раководителите и инженерите во IBM, постоело единствено мислење дека иднината им припаѓа на централизираните системи на компјутери со големи можности, со најголема меморија и капацитет. IBM ги концентрирал напорите и ресурсите на одржување на лидерството на пазарот на големи централизирани компјутери. 

Во 1975 год., на општо изненадување, десетгодишните деца почнале да играт компјутерски игри, а нивните татковци посакале да имаат личен компјутер. Посебните машини чинат многу повеќе од еден терминал, а истовремено имаат далеку помал капацитет. Без оглед на таквите прогнози, дошло до ширење на компјутерите како и на нивните програми, а целата област на компјутерите станала хаотична, посебно во секторот на сервисирање и поправки. Меѓутоа, сето тоа ни најмалку не им пречело на купувачите.

Спротивно на очекувањата, американскиот пазар на персонални компјутери, во периодот 1979-1984 год. достигнал годишен обем на продажба од околу 15 милијарди долари. За таков “скок” на “големите” компјутери им требале 30 години. Во 1977 год. годишната продажба на персоналните компјутери била помала од 200 милиони долари (додека продажбата на “големите” била 7 милијарди долари) и IBM формирал свои тимови на стручни лица со задача да развијат нов модел на персонален компјутер.

IBM во 1980 година произвел сопствен персонален компјутер во моментот кога пазарот едноставно “експлодирал”.

Постов е дел од серијалот за иновативни можности. Можете да ги прочитате останатите:

 

post

Иновативни можности на еден претприемач

Kaizen подобрување, мало но големо Иновација и иновативност е нешто што е блиску поврзано со секој претприемач. Не зборуваме секогаш за високотехнолошки иновации кога зборуваме за иновативноста на претприемачот, но секој претприемач на ваков или онаков начин е поврзан со некаква иновација или препознаена иновативна можност, што всушност е и основата на неговиот бизнис.

Иновативноста претставува една организирана, систематска и рационална активност. Една од главните црти кои се провлекуваат во работење на претприемачите се иновации. Бидејќи претприемачите најчесто се со ограничени ресурси (финансиски, технолошки) тие мора да покажат големо ниво на итрост и со помош на иновациите да постигнуваат зголемени резултати во работењето.

Иновациите претставуваат специфично оружје на претприемачите, со чија помош ја користат промената како можност за извршување на разни производни и/или услужни активности. Претприемачите по правило носат некој вид иновации. Иновацијата претставува активност која ги дарува ресурсите со нови капацитети за создавање.

Иновациите можат да се толкуваат во смисла на промени на употребните вредности на ресурсот, за задоволување на некоја потреба на потрошувачот.

Успешните претприемачи не бараат по секоја цена големи инвестиции кои ќе развијат револуционерна индустрија, туку се задоволуваат и со помали иновации.

Огромен број успешни иновации користат промени. Иновативноста може да се претстави како научна дисциплина, подобна да биде научена и да биде практикувана. Претприемачите треба да истражуваат за можни извори на иновации, промени и нивните симптоми кои означуваат можност за остварување на успешни иновации. Тие треба да знаат и да го применуваат принципот на успешни иновации.

Разликуваме неколку видови иновации:

#1 Продорни иновации

Продорни иновации ги има најмалку, меѓутоа кога ќе дојде до правилно реализирање на овој тип на иновации, добиените резултати се најголеми. Овие иновации се случуват поретко и до нив се доаѓа потешко. Но, кога ќе се реализираат, може да настане и цела нова индустриска гранка, една цела нова потреба на пазарот за која ни самиот пазар не е свесен дека постои или ја има.

#2 Технолошки иновации

При секојдневна работа, како и со специјални истражувања, се доаѓа до овие иновации. Револуционерните технолошки иновации се поретки и секогаш бурно се проследени од јавноста. Секојдневните технолошки иновации всушност, претставуваат подобрување во процесот и се значајни за глобалните подобрувања на севкупниот процес.

#3 Обични иновации

Обичните иновации се најзастапени и се најмногу користени во практиката. Од нив не се очекува некоја спектакуларна добивка, меѓутоа тие се многу значајни за секој процес и носат големи подобрувања. ”Со ситни удари се постигнуваат значителни резултати”.

#4 Системските иновации

Систематските иновации се состојат од организирано барање на промени. Тоа се планирани промени во определени временски интервали кои едноставно на еден систематски начин овозможуваат еден организациски систем да провери дали се е онака како што треба и што би требало да се промени.

Во наредниот период ќе се занимаваме малку со иновативни можности, така да ќе опфатиме:

post

Иновација и различни погледи

Иновација

Иновација

Иновација е збор кој континуирано ги следи претприемачите и бизнисите, особено малите бизниси. Иновација е нешто што креира долгорочна вредност за еден бизнис. Иновација е нешто што има висок потенцијал да гарантира успешност. Иновација е нешто што може, но и не мора да значи, да биде забележано од потенцијалните купувачи.

Но, да бидеме реални за момент, многу бизниси пропаднале поради својата иновација. Многу бизниси кои иновирале одлични производи и/или услуги кои биле многу напред пред своето време денес воопшто и не постојат.

Ова е поради фактот што често иновацијата од страна на претприемачите и менаџерите се гледа еднострано. Ова еднострано гледање е поради тоа што за иновација се зема само едно гледиште и тоа најчесто во форма на:

  • Иновација на нов производ. Кога зборуваме за иновација прво нешто што ни доаѓа во умот е иновација на нов производ и/или услуга. Но, иновација на нов производ е креација само на еден подсистем во еден бизнис. Ваквата иновција е важна за секој бизнис, но не може да се стави во категорија на најважни бидејќи не мора да значи дека ќе донесе соодветен успех на севкупниот бизнис.
  • Иновација во производствен процес. Иновација во еден производствен процес е важна бидејќи ќе обезбеди зголемување на ефикасност и ефективност на еден производствен систем, ќе обезбеди намалување на трошоците, ќе ја зголеми продуктивноста… Но, повтроно тука е еден подсистем – производствен систем.

Сето ова е одлично, но сепак недостатсува една покомплетна целина која во пракса се заборава, а тоа е иновација која ќе влијае на севкпната стратегија на бизнисот.

  • Дали тој производ (иновација) ќе креира вредност за купувачите? Основното прашање кое треба секогаш да се постави пред започнување на било каква иновација во бизнисот. Зошто да се вложи енергија и пари за иновација доколку таа не креира видлива вредност во очите на купувачот?
  • Дали тој производствен процес ќе креира производи вредни за потрошувачи и во исто време ќе обезбедува профитабилност за бизнисот? Кога станува збор за производствениот процес, истиот ќе треба да обезбеди две страни – бизнисот преку помали трошоци и купувачот за кого ќе треба да се креира вредност.
  • Дали цената на тој производ е на ниво за кое потрошувачите се спремни да платат? Ова е трето прашање кое мора да се одговори. Можеме да креираме вредност, но во моментов таа вредност да е неодстижна или сеуште непрепознатлива како нешто вредно да се плати одредена сума на пари.
post

20 Цитати за Бизнис Иновација

Бизнис иновација претставува нешто ново, нешто неоткриено, нешто сеуште не пробано во бизнис светот и на пазарот на кој функционира самиот бизнис. За секоја иновација најголемата одговорност ја сноси самиот претприемач. Дури и бизнисот кој го креира претприемачот претставува одреден вид на иновација.

Бизнис иновација - цитати

Ќе продолжам со овој серијал на цитати на претприемач. Веќе имавте можност да прочитате за цитати за бизнис идеи. Сега ќе продолжиме со бизнис иновација.

Цитати за Бизнис Иновација

Иновација претставува креација на нешто ново или реаранжирање на нешто старо на нов начин – Michael Vance.

Иновацијата прави разлика помеѓу еден лидер и еден следач – Steve Jobs.

Иновацијата е ценрален елемент во економскиот просперитет – Michael Porter.

Иновацијата е специфичен инструмент на претприемништвото. Акт кој им овозможува на ресурсите нов капацитет да креираат богатство – Peter Drucker.

Учење и иновација одат рака под рака. Ароганцијата на успехот е да се мисли дека тоа што го направивте вчера, ќе биде доволно за утре – William Pollard.

Иновацијата не е производ на логично размислување, иако резултатот е врзан за логично структура – Albert Einstein.

Вообичаеното однесување претставува непријател на иновацијата – Rosabeth Moss Kanter.

Иновацијата по дефиниција нема да биде прифатена од прва. Тоа се едни повторувачки обиди, бескрајни демонстрациите, еднолични проби пред иновацијата да може да се прифати и интернализира од една организација. Ова бара “храбро трпение” – Warren Bennis.

Иновацијата претставува процес на трансформација на идеите во нешто што може да се произведе и во една пазарна форма – Watts Humprey.

Не можеме да веруваме дека ќе знаеме каде ќе оди светот. Но, се додека не сме поблиски со нашите потрошувачи, нашиот модел на светот ќе се разликува од реалниот. Не постои субститут на иновацијата, но иновацијата не е замена за да бидеме во контакт со околината – Steve Ballmer.

Како што енергијата е основа на самиот живот, идеите извор на иновација, така иновацијата е витален извор на сите човечки промени, подобрувања и прогрес – Ted Levitt.

Без промена не постои иновација, креативност или иницијативи за подобрување. Оние кои ги иницираат промените ќе имаат подобри можности да ги управуваат промените кои се неизбежни – William Pollard.

Бидејќи живееме во една ера на иновации, една практична иновација мора да го подготви човекот за работа која сеуште не постои и сеуште не може јасно да биде дефинирана – Peter Drucker.

Иновацијата нема ништо со тоа колку пари имате за истражување и развој. Кога Apple излезе со Mac, IBM трошеше најмалку 100 пати повеќе на истражување и развој. Не се работи за пари. Се работи за луѓето кои ги имате, како ги водите и колку добивате од нив – Steve Jobs.

Вистинскиот извор на богатството и капиталот во оваа нова ера не се материјалните работи… туку човечкиот ум, човечкиот дух, човечката имагинација и нашата верба во иднината – Steve Forbes.

Секој акт на креација првин е акт на деструкција – Picasso.

Иновацијата е поттикната со добивање на информации од новитеконекции; со увидот во патувања во нови дисциплини или пак места; од активни, колегијални мрежи и отворени граници. Иновацијата произлегува од тековната размена на информации, каде информацијата не е само акумулирана или складирана, туку креирана. Знаењето се генерира од конекциите кои не биле присутни претходно – Margaret J. Wheatley

Иновацијата е специфична алатка на претприемачите, средство со кое ги искористуваат промените како можности за различен бизнис или пак за различна услуга. Таа е во состојба да се претстави како дисциплина, може да се научи, да се практикува. Претприемачите треба да намерно  да бараат извори на иновациите, промените и нивните симптоми кои укажуваат на можности за успешни иновации. И тие треба да знаат и да ги применат принципите на успешна иновација – Peter Drucker.

Доколку ја прашав јавноста што тие сакаат, тие би одговориле дека сакаат брз коњ – Henry Ford.

Ние немаме традиционален процес на креирање на стратегии или пак процес на планирање кој ќе го видите во традиционалните технолошки компании. Тоа му овозможува на Google да иновира многу, многу бргу, што мислам дека претставува вистинска сила на компанијата – Eric Schmidt.

Неколку заклучоци и препораки

  • Иновација не значи дека треба да креирате само нешто ново, иновација претставува и подобрување на нешто старо или нешто веќе постоечко. Размислете за иновација во продажен процес, во тековен производствен процес или пак во тековниот маркетинг процес. Сето тоа подобрување претставува иновација.
  • Иновацијата е нешто што Вашиот бизнис ќе го направи уникатен, по што ќе се разликувате од конкуренцијата и што ќе ви донесе вистински просперитет на Вашиот бизнис.
  • Иновацијата како процес во еден здрав бизнис нема крај. Тоа е постојан процес на кој се мисли и дејствува секојдневно. Она што е иновирано денес нема да биде доволно утре. Ќе мора да се подобри.
  • Иновација бара креативност, односно излез од она што сметате дека е логично и нормално. Пореметувањето на тој секојдневен баланс на нормалното предизвикува креативност, а креативноста ја предизвикува иновацијата. Она нормалното, вообичаеното однесување или самите воспоставени стандарди претставуваат најголем непријател на иновацијата.
  • За иновацијата да биде прифатена во организацијата потребни се долготрајни експерименти, обиди и трпение. Бидејќи луѓето може да не го очекуваат она што самата иновација го нуди. Од друга срана секоја иновација организациските членови ги изместува од удобната status quo ситуација. Отпорноста кон иновацијата е неминовна.
  • За успешна иновација потребно е да имаме слух за она што се случува во околината. Да бидеме во еден близок контакт со нашите потрошувачи. Тие во голем дел можат да ни помогнат во избор на вистинската иновација во нашиот бизнис. Претприемачите треба да ги бараат изворите на иновации и веднаш да започнат со акт на иновација.
  • Промените се во тесна врска со иновацијата. Без промени нема ни иновација.
  • Дали секој може подобро да ја изведува сопствената работа утре. Секако. Но, дали тој човек, ваш вработен е поттикнат да размислува за подобрување на неговата сопствена работа? Кога нешто ќе се стандардизира веројатноста е дека секој вработен ќе си остане во полето на тие стандарди без да размислува за подобрување на тие стандарди. Секоја иновација започнува со рушење на сегашноста, како што вели Picasso.
post

Иновација како основа во Facebook

Минатата недела гледав едно интервју со Mark Zuckerberg основачот и CEO на Facebook спонзорирано од Mercedes а исполнето од Business Insider. Нема потреба да пишувам што значи Facebook за денешниов секојдневен живот. Само една статистика би навел накратко:

Над 300 милиони корисници ширум светот. Повеќе од вкупниот број на жители на САД.

Во Македонија е на прво место по популарност согласно Alexa Ranking дури и пред Google, што сеуште не сум сретнал на друго место.

Иако оваа е веќе 6-та година дури оваа година започнува да работи со профит. Значи типовите се навистина трпеливи 5 години со загуба, но визијата е поголема. (Шеста од 12 грешки – нетрпеливост)

Додека го гледав интервјуто не само што научив нешто од најпопуларниот бизнис во светот туку и правев графичка презентација на најважните елементи кои со овој напис сакам да ги споделам.

Првин 4 клучни елементи за нивниот успех во иновативноста:

  • Поинаку од другите. Секогаш бараат начин да бидат поинакви од другите. Дури и да користат туѓа идеја ја преработуваат во уникатна идеја. Не копираат, туку иновираат. Едно е сигурно копијата е секогаш копија на оригиналот и никогаш не може да биде оригинал.
  • Брзи промени. Промената е постојана во нивниот бизнис. Не постои ден без промена во начинот на работата или пак во некоја нова идеја. Брзите промени им овозможуваат да ги следат трендовите и желбите на сопствените корисници.
  • Поттикнување на луѓето. Секогаш се обидуваат да ги поттикнат луѓето за производство на идеи како на внатрешните вработени, така и на луѓето од надвор – корисници. Врз тие идеи го базираат сопствениот развој. Поголема креативност, повеќе идеи. Повеќе идеи, поголем развој.
  • Фокусиранот. Фокусирани се на постојан развој на нивниот бизнис со цел да излезат во пресрет на корисниците. Што значи дека нивната клучна предност е фокусот на корисниците.
  • Бизнис култура на иновација. Оснавата на нивната бизнис култура е иновација и тоа постојана иновација.
  • Самодоверба. Самодоверба да носат одлуки кои влијаат на милиони луѓе. Се сеќавате кога го сменија изгледот. Сите кукаа и цимолеа. Но, тие имаа храброст да го направат тоа.

И уште неколку интересни детали за тоа како работат успешните:

  • Немаат потреба, а ниту време да пишуваат бизнис план. Многу интересно и сосема спротивно од онаа што се пропагира на универзитетите и посебно кај нас воопшто. Оваа интервју го гледав токму тогаш кога правев brainstorming за еден напис за бизнис план кој набргу ќе го објавам и таму наведов некои опасности од преголемо фокусирање на бизнис планот во стилот планирај го твојот бизнис план. А бизнис светот е брз и лесно може нашата првобитна идеја да биде спроведена од некој друг. И токму онаа што мислев дека претеруваме понекогаш и не се свртуваме кон иновација заради преголемо планирање го слушнав од една од најуспешните компании во светот.
  • Сакаат кога луѓето врескаат и цимолат. Со секоја промена луѓето врескаат и не ја сакаат истата. Но тогаш откриваат што тие мислат, слушаат што ќе речат, го користат фидбекот на спствените корисници и на таков начин градат производ кој е подобар за сите. А подобар производ го користа повеќе луѓе.

Се надевам дека може да се извлечат навистина корисни лекции од интервјуто. Јас од оваа едно гледање го забележав оваа што го напишав. Слободно оставете коментар доколку откриете уште нешто што е корисно за развој на претприемачите и претприемничкиот дух во Република Македонија.  Можете да го погледате на Business Insider.