post

Google Adwords – Вредност на Посетителот

Google Adwords – Вредност на Посетителот

Google Adwords – Вредност на Посетителот

Ќе продолжиме со серијалот за Google Adwords како маркетинг средство. Претходниот во Воведни излагања ги опфативме основите за што претставува Google Adwords и дадовме некои размислувања за тоа како било порано и како треба денес да се процесираат ваквите PPC кампањи. Потоа навлеговме во клучните зборови преку посебни постови – клучни зборови и негативни зборови. Ова досега беше дел од домашната задача која треба да ја завршите пред започнување на било каква кампања. Но, Вашата домашна задача сеуште не е завршена. Треба да определите буџет за вакви кампањи.

Затоа како основа најдобро е да се тргне од вредноста на посетителот, мерка од која што во голем дел ќе зависи севкупната кампања.

Што претставува вредност на посетителот?

Наједноставно кажано вредност на посетителот претставува:

Одговор на прашањето: Колку еден просечен посетител вреди за Вашиот бизнис во приходи.

Ова е клучното прашање кога станува збор за интернет маркетинг воопшто и особено за ваквите PPC кампањи како што е Google Adwords.

Врз база на оваа мерка ќе можете да определите колку сте спремни или во можност да платите за еден клик.

За пресметување на вредноста на посетителот ќе треба да ги имате следниве елементи:

  • Број на уникатни посетители на Вашиот веб сајт
  • Број на продажби
  • Просечен приход по продажба

Тогаш ќе можете да ја искористите следнва формула:

Вредност на посетител = (Број на продажби Х Просечен приход по продажба)/Број на уникатни посетители

Пример за вредност на посетителот

Да земеме еден пример во кој ќе ја искористиме формулата и ќе ја пресметаме вредноста на посетител за еден веб сајт. Имаме веб сајт кој за определен временски период има:

  • 2000 уникатни посетители
  • 5 продажби
  • Просечен износ на продажба е 100$.

Вредност на посетител = (5 Х 100$)/2000 = 0,25$

Ова значи дека во просек можете да потрошите максимум 0,25$ за еден клик кон Вашиот веб сајт.

Што ќе се случи ако плаќате 0,3$ по клик и генерирате 2000 уникатни кликови кои имаат стапка на конверзија 0,25% или поточно кажано 5 продажби во просек по 100$. Кампањата ќе ве чини 600$, а ќе генерирате 500$ приход. Вашиот бизнис е во загуба.

Затоа при една ваква ситуација не смеете максималниот износ наддавање во PPC кампањи да го определите поголем од вредноста на посетителот.

Како да ја зголемам вредноста на посетителот?

Кога сте веќе корисник на ваквите кампањи (кои секако дека претставуваат едно моќно маркетинг средство) ќе мора постојано да ја зголемувате вредноста на посетителот.

  • Затоа што со поголема вредност на посетителот ќе можете да обезбедите профитабилност од PPC кампањите.
  • Затоа што со поголема вредност на посетителот ќе можете да си дозволите поголем CPC.
  • Затоа што со поголема вредност на посетителот и поголем CPC ќе имате можност за поголемо наддавање за главните и профитабилните клучни зборови.
  • Затоа што со поголема вредност на посетителот и поголем CPC и поголемо наддавање за главните и профитабилните клучни зборови ќе имате можност за повисоко рангирање во прикажување на рекламите. (Ова е точно, но не мора да значи, подетално ќе одиме со начинот на рангирање во следниот пост – Quality Score).

За да ја зголемиме вредноста на посетителот ќе мора да ги зголемиме:

  • Број на продажби
  • Просечен износ по продажба

Ова значи дека првин треба да ја зголемиме стапката на конверзија од посетител во купувач. Затоа страната каде ќе ги праќате мора да биде дизајнирана така за да овозможи максимална конверзија – максимален број на купувачи. Тука веќе станува збор за Вашата понуда, Copywriting, дизајн, Call to Action…

Затоа и постои една спрега помеѓу клучни зборови и типот на посетители кои Вие ќе ги сакате преку PPC кампањи. Не знам дали претходно некаде напоменав во клучните зборови, но сепак и доколку се повторувам не е страшно, на Вас ќе ви требаат:

  • Купувачи
  • Оние кои се блиску до одлуката за купување.

Сепак, ако сте мал бизнис за кои и служи овој блог, верувам дека немате пари за фрлање. Грешките скапо ќе ве чинат. Големите компании учат на сопствените грешки но нивните финансиски ресурси им го дозволуваат тоа. Но, она што е најважно тука е дека доколку изберете соодветни зборови ќе имате и поголема конверзија, а со тоа и поголема вредност на посетителот.

Вториот елемент кој директно влијае на зголемување на вредноста на посетителот претставува просечен износ на продажба. Тука повторно интернет маркетингот се јавува во своето вистинско светло. Како тој “продавач-робот” (Ваш веб сајт) да извлече поголема продажба од еден купувач. Многу онлајн бизниси имаа успех во трансферирање на најдобрите практики во офлајн продажбата во онлајн продажбата. Во постот Што можеме да научиме од Amazon за бизнис пишував за некои елементи од кои дел можат да влијаат на зголемување на просечниот износ на продажба од еден купувач. Тука само ќе ги напоменам:

  • Препораки за мене
  • Запознавање со производот
  • Обид за Upsale
  • Презентација и на други „поврзани“ производи
  • Споредба со други потрошувачи

За крај напомена, наместо заклучок…

Морам да напоменам нешто. Не мора да значи дека Вие мора да спроведувате PPC кампањи само за директна продажба преку Вашиот веб сајт. И доколку сте бизнис кој функционира само офлајн можете да имате вакви кампањи, но тогаш наместо до страна за продажба ќе ги праќате до страна преку која тие посетители ќе влезат во Вашата листа, за потоа да се обидете да ги конвертирате во купувачи.

Затоа е важно пред да започнете со PPC кампањи соодветно да ја дефинирате (па дури и да ја нацртате) Вашата продажна инка, како би ја искористиле во поквалитетен дизајн на овие кампањи и подобра оптимизација на истите откако ќе започнете.

Сепак ова е само дел од она што мора или би требало да го направите. Подетално со конкретни видео материјали од подготовка и активирање на кампања ќе обезбедиме во специјализираниот блог SEOLabs.

post

Google Adwords – Негативни зборови

Google Adwords - Негативни зборови

Google Adwords - Негативни зборови

Оваа е четвртиот пост од овој серијал на постови како дел од маркетинг средства за Google Adwords. Тука ќе стане збор, можеби за најважниот сегмент од клучни зборови при една PPC кампања. Велам најважен сегмент затоа што има потенцијал да ви заштеди пари, да го зголеми Quality Score на вашите зборови во кампањата, а со тоа и да имате подобар ранг на рекламата и секако подобра позиција. Сето ова ќе стане многу појасно во постот кога ќе зборуваме за Quality Score.

Што претставуваат негативни зборови?

Негативните зборови претставуваат 4-тиот сегмент на зборови како надополнување на претходните 3 за кои стана збор во Google Adwords – Клучни зборови: broad, phrase и exact.

Негативни зборови претставуваат зборови кои се додаваат во една кампања за кои рекламата нема да се покаже доколку пребарувањето го содржи тој термин (негативен збор).

Како да ги користите негативните зборови

Да го земам истиот пример како во Вовед во Google Adwords – business planning software за да претставам што претставуваат негативните зборови.

Имаме кампања каде во broad имаме збор business planning software. Како што кажавме рекламата ќе се појави кога некој ќе бара:

  • business planning software (тоа и го сакаме)
  • business planning software free
  • sample business planning software
  • USA business planning software

Нашиот софтвер не е бесплатен, ние сме во Македонија и немаме темплејти и примероци. Ова значи дека нашата реклама непотребно ќе се појавува при овие пребарувања. Ова е мој цврст став кога станува збор за ефикасна и ефективна PPC кампања.

Еве што се појавува при пребарување на business planning software:

Резултати за пребарување на business planning software

Резултати за пребарување на business planning software

Еве што се појавува при пребарување на free business planning software:

Резултати за пребарување на free business planning software

Резултати за пребарување на free business planning software

Што можеме да забележиме од овој пример:

  • Во првиот случај имаме 11 реклами (8+3) додека во вториот случај имаме 3 реклами. Не верувам дека некој од горните доколку има подесено кампања за free Google нема да го прикаже, но најверојатно тие не нудат бесплатен софтвер.
  • Една компанија се појавува и на двете пребарувања и во двата случаја нуди Free Trial.
  • Неколку страни кои што ги отворив немаат врска со онаа што јас го барам. Тоа се забележува и од самите реклами бидејќи најверојатно имаат користено broad зборови како Planning, Planning Software, Software… па затоа добивам и генерички реклами за кои не сум заинтересиран.
  • Овие реклами создаваат импресија (број на појавувања – прикажувања). Импресијата влијае на CTR, а јас на 80% нема да кликнам бидејќи она што го пишува не ми кажува дека тоа е тоа што го барам.

Да видиме кои се зборови кои ја содржат фразата business planning software се пребаруваат:

Можни пребарувања за Business planning software

business planning software

Да ги анализираме малку овие резултати:

Софтверот кој го продавам (не е бесплатен) може да се користи од страна на малите бизниси, но не е применлив за градежништво за што постои посебен модул кој се доплаќа. Од друга страна за стратешко бизнис планирање софтверот има посебен модул кој накнадно се доплаќа. Од друга страна претставува едно интегрирано решение кое може да се користи со други алатки.

Согласно горенаведеното негативните зборови конкретно за оваа моја измислена ситуација би ги избрал:

  • -free. Затоа што не е бесплатен, зошто да плаќам за клик кога некој бара бесплатно решение кое јас не го нудам – немам бесплатна проба.
  • -construction. Затоа што не е уникатно применлив за градежништво. Овој збор ќе го користам во посебна кампања која ќе се однесува за тој модул.
  • -strategic. Затоа што не е наменет за стратешко планирање. Овој збор ќе го користам во посебна кампања која ќе се однесува за тој модул.

Мислам дека можете да ја разберете логиката за негативните зборови. Затоа за секоја кампања пронајдете ги негативните зборови и внесете ги пред активирање на кампањата.

Важноста на негативните зборови

Се надевам дека од досега изложеното веќе ја согледувате важноста на истите. Токму негативните зборови претставуваат еден од најтешките одлуки во една ваква кампања особено поради фактот што претерано многу негативни зборови ќе доведат до ограничена аудиенција на рекламата. Затоа е потребно особено внимание при носење н ваквите одлуки. Од друга страна негативните зборови доведуваат до:

  • Отфрлање на несакани импресии
  • Зголемување на CTR
  • Редуцирање на CPC и
  • Зголемување на ROI на вашите кампањи.

Следува Google Adwords – Вредност на посетителот.

post

Google Adwords – Клучни зборови

Google Adwords - Клучни зборови

Google Adwords - Клучни зборови

Ќе продолжиме со серијалот за Google Adwords како маркетинг средство. Во претходниот пост насловен како Воведни излагања ги опфативме основите за што претставува Google Adwords и дадовме некои размислувања за тоа како било порано и како треба денес да се процесираат ваквите кампањи. Овој пост како дел од овој серијал е еден од основните бидејќи се однесува на клучните зборови од каде што се започнува.

Што претставуваат клучни зборови?

Како што наведовме во воведот рекламите може да се појават на:

  • Страни со резултати од пребарување – при што Google врз основа на внесениот клучен забор на оној кој бара нешто преку нивниот пребарувач проверува кои реклами се најадекватни и ги прикажува.
  • Страни каде што има интегрирано Adsense – каде врз основа на клучните зборови на таа страна Google определува кои реклами се најадекватни за таа страна.

И во двата случаи посетителот, оној кој бара некаква информација е во центарот на вниманието при прикажување на некоја реклама.

Слободно можеме да кажеме дека клучните зборови се основата која обезбедува оваа маркетинг средство да биде дел од контекстуален маркетинг. Тие се главниот елемент (иако не и единствен) врз основа на кој се определува:

  • Дали една реклама ќе се појави при одредено пребарување или на одреден веб сајт?
  • Кога таа реклама ќе се појави при одредено пребарување или на одреден веб сајт?
  • Каде таа реклама ќе се појави при одредено пребарување или на одреден веб сајт?

Видови на клучни зборови за Google Adwords

Бидејќи со SEO еден веб сајт се бори за органскиот дел од пребарувачите при што има повеќе веб страни со различни информации оптимизирани за различни клучни зборови особено поради фактот што имаме поголема слобода во одлучување за видот на посетителите кои сакаме да ги привлечеме. Додека при Google Adwords треба да бидеме свесни дека секој посетител ќе не чини и одредена сума на пари, а тоа ќе не ограничи да се обидеме секој посетител да го претвориме во купувач.

Затоа кога станува збор за Google Adwords кампањи треба да се внимава да имаме:

  • Купувачки зборови. Секој бизнис продава нешто и секоја маркетинг кампања служи за да поттикне продажба на тоа нешто без разлика дали станува збор за производ и/или услуга. Затоа и основата на ваквите кампањи претставуваат купувачки клучни зборови. Во SEO основни столбови – Столб – 1 Клучни зборови прикажав еден пример каде 6 зборови ги класифицирав во две групи – купувачка група и група за зајакнување на бренд. Идејата е дека некој кој има цел да купи нешто пребарува различен термин од некој кој има цел да најде само информација. На пример, некој кој бара по фраза фитнес трикови бара информација за некои трикови кои ќе му помогнат, додека некој кој бара најдобар фитнес клуб бара листа од фитнес клубови за да избере некој. Најдобрите купувачки зборови се акциони фрази – фрази кои претставуваат акција.
  • Примарни зборови. Овие зборови се носители на една кампања. Тоа се главните зборови околу кои ќе се одвива кампања со една или повеќе реклами. На пример, најдобар фитнес клуб може да биде еден примарен збор или пак носител на секундарните зборови. Целта е како што кажавме во воведните излагања дека за секој примарен (главен) збор да имаме посебна веб страна на која ќе го насочиме оној кој ќе кликне на рекламата. На пример, за најдобар фитнес клуб може да имаме веб страна со награди и признанија за постигнатото, слики од клубот… Од друга страна за друг примарен збор – членарини за фитнес може да имаме подесено веб страна со различни членарини, попусти, промоции…
  • Секундарни зборови. Секој примарен збор би требало да повлече повеќе секундарни зборови кои претставуваат различните варијации на примарните зборови. Ова не значи дека варијациите треба да бидат само од зборовите во фразата туку и различните поинакви изразувања кои имаат исто или пак слично значење. На пример, за примарниот збор членарини за фитнес може да имаме оптимални членарини за фитнес, промотивни членарини за фитнес…

Поклопување на клучни зборови (Keyword Matching)

При подесување на кампањите во Вашата сметка на Google Adwords имате опција да подесите поклопување на зборовите (Keyword Matching). Keyword Matching претставува можност да изберете кога да се појави вашата реклама при што можете да ја зголемите ефикасноста и ефективноста на истата со оптимално трошење на Вашите пари.

Постојат неколку опции при подесување на Вашите кампањи во согласност на клучните зборови:

  • Broad – Широк – Клучен збор. Оваа опција значи дека вашата реклама ќе се појави секогаш кога некој кога пребарува ќе го има тој збор како дел од пошироки фрази за пребарување. На пример: Вие имате поставено клучен збор – фитнес клуб. Со оваа опција Вашата реклама ќе се појави и кога некој ќе пребарува со следнава фраза: Како да ја запрама мојата жена да оди во фитнес клуб. Вашето влијание врз кампањата е најмало со оваа опција.
  • Phrase – Фраза – “Клучен збор”. Со оваа опција важно е вашата фраза да остане иста без варијација. Така да доколку Вашиот збор е “Фитнес клуб” Вашата реклама ќе се појави и кога некој ќе бара најдобар фитнес клуб, но и при фитнес клуб кој треба да се зибегне. Во ваков случај има одредена контрола врз кампањата но сепак тоа е далеку од она што треба да биде. Сигурно не сакате Вашата реклама да се појави при пребарување на фитнес клуб да се избегне.
  • Exact – Точно – [Клучен збор]. Со оваа опција рекламата ќе се покаже само кога точниот збор ќе се пребарува. На пример доколку Вашиот клучен збор е [фитнес клуб] рекламата ќе се појави само ако некој пребарува фитнес клуб додека нема да се појави при најдобар фитнес клуб. Со оваа опција имате најголемо влијание врз Вашата кампања во однос на тоа кога да се појави Вашата реклама.

Како што можете да забележите, како ќе ги внесете зборовите ќе има огромно влијание врз тоа кога Вашата реклама ќе се појави.

Препораки за клучни зборови

За крај уште неколку препораки кога станува збор за клучните зборови:

  • Започни со еден клучен збор кој најдобро го идентификува вашиот целен пазар. Влезете во мозокот на еден потенцијален купувач. Што тој би барал?
  • Избери еден главен клучен збор и прошири го на 15-тина варијации. Размисли на сите можни варијации и оние кои се најблиску до Вашиот бизнис и веб страната на која ќе се праќаат кликовите.
  • Започни кампања со exact-match за секоја од тие 15 варијации и следи што ќе се случува. Доколку има потреба слободно менувај.
  • Користи таргетирани страни за секој главен збор.
post

Google Adwords – Вовед

Google Adwords - Вовед

Google Adwords - Вовед

Овој пост е дел од серијалот маркетинг средства на претприемач кој се однесува на Google Adwords како маркетинг средство. Како што најавив во постот Google Adwords – маркетинг средство 74 во овој дел ќе навлеземе во тоа што претставува Google Adwords и некои правила во вид на тоа како било во минатото и како „треба“ да биде сега при спроведување на вакви маркетинг кампањи.

Што претставува Google Adwords

Google Adwords претставува еден вид на PPC или CPC маркетинг кампања што значи дека се плаќа по број на кликнување кон веб страната на која сакате да испратите посетител. Тоа значи дека вие му плаќате на Google за секој клик остварен преку кампањата која се појавува на страните за пребарување на Google и на веб сајтовите на кои се изложуваат тие реклами (поточно веб сајтови – корисници на еден друг сервис на Google наречен Adsense).

Еве како изгледаат тие реклами на страната со резултати од пребарување на Google:

Google Adwords на страната со резултати од пребарување

Google Adwords на страната со резултати од пребарување

Го дадов овој пример во кој се користи доста конкурентен збор, што го знам без да правам подетална анализа. Сметам дека е конкурентен бидејќи сите максимални простори се искористени. Да, Google не дозволува рекламите да преовладуваат на страната со резултати, што сметам дека навистина е една голема предност за корисниците, од кои голем дел не ни забележуваат дека е нешто различно од она што го бараат. Може да се појават максимум 8 реклами од десната страна вертикално и мислам дека беа максиму 3 на почетокот хоризонтално. Ова значи дека вашата реклама доколку не е ОК нема да се појави на првата страна.

Малку да навлеземе во процеот на оваа маркетинг средство. Јас барам преку Google компании кои продаваат софтвер за бизнис планирање. Го внесувам бараниот збор или фраза во полето за пребарување и кликам ентер (сега и не мора веќе со Instant) при што добивам два вида на резултати едниот органски (бесплатно) и другиот резултат неоргански (платежен). Секој различен збор кој се пребарува дава и различни резултати и во рекламите. Еве пример со бесплатен софтвер за бизнис планирање.

Google Adwords на страната со резултати од пребарување

Google Adwords на страната со резултати од пребарување

Забележувате дека со додавање на само еден збор free пред претходното пребарување бројот на реклами се намали на само 3. Велам само, затоа што повеќе ќе опфатиме во насловот за негативни зборови.

Она што е добро во ваквите кампањи е што тие се појавуваат само тогаш кога некој кој бара нешто, неговото барање е најблиску до она што Вашата кампања го нуди.

Минато VS Треба

Би сакал во овој воведен дел да навлеземе малку и во однос на тоа како било во минатото користење на Google Adwords а како треба да биде сега како би можеле да сфатите што ќе биде опфатено во наредните постови од овој серијал и како не би ја направиле грешката која многу компании ги чинела милиони долари.

  • Во минатото како по некое правило компаниите го користеле овој сервис со помош на многу клучни зборови за да ја направат кампањата поефикасна. Но, многу нетаргетирани зборови може да ви потрошат пари за кликови кои не обезбедуваат продажба. Денес треба да се фокусирате на мал сегмент таргетирани и профитабилни зборови (зборови кои се најверојатни да обезбедат продажба).
  • Сите кампањи биле сконцентрирани кликовите да ги праќаат кон една клучна страна, дали тоа ќе биде почетна страна на бизнисот или некоја друга во која се опишува производот и/или услугата кои се продаваат. Денес вие треба да користите повеќе страни на кои ќе се насочуваат кликовите согласно главниот клучен збор на кампањата доколку имате повеќе кампањи.
  • Во минатото не се обрнувало внимание во однос на тоа дали пребарувањето се однесува на broad, phrase и exact-match на сите клучни зборови. Додека денес би требало да започнете со exact match па доколку има потреба потоа да проширувате. Повеќе за оваа во следниот наслов – Клучни зборови.
  • Денес треба постојано да ја мерите и анализирате секоја кампања и секој клучен збор како би ги отстранувале сите непродуктивни зборови и во исто време би ја подобрувале севкупната кампања.
  • Особено внимание треба да посветите на Quality Score за секој збор за што ќе стане збор во посебен наслов од овој серијал.

Тоа би било се во овие воведни излагања, следува насловот за клучни зборови.

post

Google Adwords – Маркетинг средство 74

Google Adwords - Маркетинг Средство

Google Adwords - Маркетинг Средство

Стигнавме до 74-тото маркетинг средство на претприемач кои во изминатата година ги обработуваме по едно неделно. Како што најавив претходно, оваа маркетинг средство ќе биде претставено во еден серијал на неколку постови, бидејќи сметам дека е значајно, а не може да се опфати се одеднаш.

Како прво што можам да кажам е дека иако изгледа едноставно, сепак не е. Успешна Google Adwords кампања претставува комбинација на уметност и наука. Комбинација на креативност и математика. Комбинација на идеи и аналитичност. Доколку не се гледа вака, едноставно кампањата ќе е поблиску до неуспех, отколку до успех. Запомнете, неуспехот може да ве чини големи пари.

Во една ваква кампања постојат многу правци: од едноставни до сложени. Од оние кои ќе се завршат за неколку часа за активирање на кампањата, до оние за кои ќе бидат потребни неколку денови па дури и цела недела. Од оние кои ќе дадат резултати до оние кои само ќе ви потрошат одредена сума на пари. Целта на овој серијал на постови е да спроведете кампања која нема да биде дизајнирана за неколку часа и која нема единствениот ефект да биде потрошени пари.

Што ќе биде опфатено во овој серијал?

Серијалов сакам да биде колку што може покомплетен и затоа многу време потрошив во дизајнирање на квалитетна презентација преку блог постови. Не сакам да биде едноставен серијал од точки за тоа како да направите нешто бидејќи иако изгледа едноставно сепак претставува едно доста комплексно маркетинг средство. Доколку сакав да го претставам едноставно би го напишал во еден пост со следниве точки:

  • Регистрирај се за Google Adwords сметка
  • Избери клучни зборови
  • Постави ги тие клучни зборови во кампањата
  • Определи буџет
  • Активирај

Сепак, согласно мое лично искуство и проучувања во изминативе две години и согласно неколку обуки и вебинари (за кои плаќав и до 500 долари еден) не е така едноставно како што е наведено во горните подточки. Недостасува цел еден процес пред започнување и цел еден континуиран процес по започнување, кои всушност се клучните за успешна кампања и секако најсложените.

Затоа овој серијал ќе биде дизајниран без оние горни чекори (кои ќе бидат опфатени во насловите) туку со следниве наслови:

  • Вовед во Google Adwords. Во овој пост ќе навлеземе во Google Adwords како маркетинг средство. Ќе презентираме што претставува, како било во минатото и како „треба“ да биде сега.
  • Клучни зборови. Како и за SEO и овие кампањи бараат клучни зборови. Затоа посебен наслов ќе посветам на клучни зборови кои имаат сличност со она што го зборувавме за SEO но со некои разлики кои може да имаат големо влијание на кампањата.
  • Негативни зборови. Темата за негативни зборови ќе ја „начнеме“ во воведните излагања, но тука со овој наслов ќе навлеземе малку подлабоко во однос на тоа што претставуваат негативни зборови, зошто се важни и како да ги користите.
  • Вредноста на посетителот. Посебен наслов ќе посветам и на една мерка од која што во голем дел ќе зависи севкупната кампања, а тоа е вредноста на посетителот. Никој не сака да губи пари.
  • Петоаголник за рангирање на квалитет на кампања – Quality Score Pentagon. Рангирање на квалитетот на кампањите Google го изведува за секоја збор, не кампања. Затоа е и многу важно да севкупната кампања и соодветните зборови во истата да бидат во согласност со овој петоаголник кој ќе го презентираме тука.

Во меѓувреме доколку во текот на овие посебни постови дојдам до нешто што би сметал дека ќе биде важно ќе додадам нов наслов. Па, започнуваме уште оваа недела.

post

Вие не се борите со Google се борите со Вашата конкуренција

Овој пост првенствено е напишан за SEO Labs – нов проект на претпримач кој за одреден период ќе биде официјално пуштен. Додока да го лансираме (ќе има над 100 стартни постови со видео материјали и анализи) овој проект ќе објавиме некои делови од постовите за него.

Прво нешто што треба да ви биде јасно пред да започнете да размислувате за подобрување на Вашата веб присутност и особено зголемување на достапноста на Вашиот веб сајт на пребарувачите претставува јасно разграничување на следново:

Вие не се борите против Google, Вие се борите против Вашата конкуренција на веб просторот.

Погрешен чекор во оптимизација за пребарувачите претставува тоа дека Вие треба да се борите против Google за да бидете меѓу првите на страната со резултатите на пребарувачите.

Google не ми е конкурент!

Google не ми е конкурент!

Точно така, Google само си ја врши својата работа и може да претставува Вашиот најголем пријател за Вашиот бизнис.

Постојат многу мали бизниси кои тргнуваат со претпоставка дека тие треба да се борат со Google за да бидат рангирани повисоко. И така веднаш почнуваат да размислуваат како да го измамат, како да зголемуваат линкови за да имаат поголем Page Rank…

Но, целта не е да го победите Google. Целта е да ја победите конкуренцијата и доколку играте во играта поумно од нив резултатите ќе бидат бргу видливи.

Кога велам конкуренти не мислам само на Вистински конкурентски бизниси, туку и на сите веб страни кои не мора директно да претставуваат Ваша конкуренција, но сепак на веб просторот за посакуван клучен збор се конкуренција.

Затоа и секоја оптимизација на Вашиот веб сајт треба да започне со конкуренцијата.

Да бидеме јасни, Вие не можете да го победите алгоритмот на Google, на него работат илјадници доктори на науки и кандидати за доктори на науки. Затоа и нивниот алгоритам е така дизајниран за да не може да се победи, или пак во краен случај доколку некој се приближи доволно блиску тимот на Google едноставно го пресекуваат или ја пополнуваат дупката. Но, затоа можете да ја победите конкуренцијата за да бидете успешни.

Затоа и целта на оваа SEO лабораторија на претприемач е постојано да ве надополнува со нови идеи и можности како да се борите со конкуренцијата а не со Google.

post

Affiliate Маркетинг – Маркетинг средство 73

Affiliate маркетинг

Affiliate маркетинг

За оваа недела како 73-то маркетинг средство ќе го презентираме affiliate маркетинг. Доколку имате бизнис веб сајт и доколку имате e-commerce (продавница на Вашиот веб сајт) тогаш оваа маркетинг средство може да биде од голема корист за Вас бидејќи создавате една мрежа од повеќе веб сајтови како Ваши виртуелни продавачи (или едноставно реклами).

Оваа маркетинг средство се однесува на бизнисите, а не на оние бизниси или поединци кои се членови на еден ваков програм.

Што претставува Affiliate маркетинг?

Во бизнис поимникот на претприемач за affiliate маркетинг го напишавме следново:

Affiliate Marketing Претставува посебен вид на маркетинг практика која се користи на интернет преку која еден бизнис (веб сајт) станува affiliate (член на affiliate програмот) на вистинскиот продавач и тој affiliate добива награда од продавачот за секој пратен посетител на сајтот кој извршил купување. Овој процес стана бум во последните години и како интернет маркетинг средство се користи од сите светски познати интернет бизниси. Кај нас некои го нарекуват како мрежен маркетинг, но може да се каже дека претставува само еден вид на мрежен маркетинг.

Значи, вие како бизнис (продавач) подготвувате affilate програм во кој секој може да членува и преку кој давате секаква можна подршка за членовите на програмата за да можат да ги промовираат Вашите производи и/или услуги и доколку тој член успее да направи продажба преку неговиот веб сајт ќе добие процент од извршената продажба.

Неколку прашања на кои ќе треба пред да започнете

Би напоменал неколку прашања на кои ќе треба да се сконцентрирате уште пред да започнете со едно вакво маркетинг средство кое иако може да биде доста ефикасно и ефективно за Вашиот бизнис ќе бара доста ресурси за менаџирање.

  • Има ли потенцијал за успешност при користење на оваа маркетинг средство во мојата индустрија?
  • Кои производи и/или услуги можам да ги понудам во affiliate програмата?
  • Колкав процент од износот на продажбата ќе можам да го дадам на членот на продажбата?
  • Дали тој процент ќе биде примамлив за членовите на програмата?
  • Како ќе ги плаќам членовите? Автоматски или рачно по изминат период?
  • Дали мојот процесор за плаќање преку интернет ќе дозволи една ваква програма?
  • Како ќе го менаџирам процесот со залихи?
  • Каква подршка ќе обезбедам за членовите на програмата?
  • Дали и кои ограничувања би постоеле за членовите на програмата?

Ова се само дел од потребни одговори, но сметам дека се најважни за фазата одлучување за започнување со вакво маркетинг средство.

Потребна подршка

Вие како главен продавач со ова маркетинг средство креирате многу виртуелни продавачи за вашите производи и/или услуги но и потенцијал за многу поголемо распространување на информации и достапност за тие ваши производи и/или услуги.

За да постигнете успех на општо задоволство од двете страни ќе треба да обезбедите соодветна подршка на членовите на програмата. Оваа подршка особено ќе се однесува на маркетингот (кој сепак вие треба да го креирате) и плаќањето (кое е нјважно за членовите).

Вообичаено следењето на тоа кој продал што и во кој износ се врши преку линкот. Тоа значи дека секој член има свој уникатен линк за продажба на соодветниот производ и/или услуга. Затоа внимавајте да обезбедите едноставна достапност на линкот за секој член.

Маркетинг

Запомнете дека членовите претставуваат Ваш продажен тим. Доколку тие се успешни и Вашиот бизнис ќе биде успешен. Дајте им алатки за да им ја олесните работата.

  • Обезбедете маркетинг упатсво за членовите
  • Обезбедете различни видови и големини на банери со код за истите во кој е вклучен линкот на членот.
  • Обезбедете e-mail пораки кои членовите би ги користеле веднаш без да размислуваат тие самите да составуваат.
  • Обезбедете аналитика барем за CPC и CTR за секоја кампања на секој член.

Плаќање

Членовите на оваа прогрма се мотивираат преку финансиските средства кои ги оствариле. Постојат многу мали и ситни детали кои можат мотивацијата да ја зголемат. Но сепак најважно е:

  • Тие редовно да бидат исплатени за своите напори.
  • Да не се случуваат грешки во вид на непрезметани продажби.
  • По можност да се исплатат по секоја остварена продажба.
post

CTR – Click Through Rate – Маркетинг средство 72

Ќе продолжиме со 72-рото маркетинг средство на претприемач – CTR – Click Through Rate (стапка на кликнувања). Оваа маркетинг средство претставува уште една мерка која е во рацете на претприемачите и преку која може да се мери успешноста на една кампања. За разлика од претходната мерка CPC која се однесуваше на трошоците оваа се однесува на успешноста на една интернет рекламна порака. Оваа маркетинг средство ќе го користите скоро ви исте интернет базирани рекламни кампањи бидејќи едноставно претставува првата мерка на еден вид на конверзија помеѓу вашите маркетинг напори и она што сакате да го постигнете.

Што претставува CTR?

Наједноставно кажано CTR претставува стапка на кликнувања која се користи како мерка за мерење на успешноста на една онлајн рекламна кампања. Бидејќи претставува стапка значи дека се добива со делење на број на кликнувања со некоја референтна мерка. Како референтна мерка најчесто се користи број на импресии (колку пати една реклама е прикажана).

На пример, доколку еден банер е прикажан 100 пати (100 посетители денес го погледнале сајтот на кој е поставен тој банер) и е кликнат 3 пати, тогаш:

CTR = 3/100 = 0,03

Значи CTR ќе биде:

CTR = број на кликнувања/број на импресии

Доколку сакаме да го изразиме како процент едноставно ќе го помножиме износот со 100, па така за примерот за тој банер ќе имаме 3% CTR, додека формулата за пресметка ќе биде:

CTR = (број на кликнувања/број на импресии) x 100

Каде се може да се користи?

Буквално со секое онлајн маркетинг средство може да се користи оваа мерка. Ќе се обидам да набројам неколку:

  • Банер,
  • PPC кампањи (CTR)
  • Блог постови со промотивни линкови
  • Facebook
  • Twitter
  • Сите социјални мрежи

Забележувате дека скоро и да не постои онлајн маркетинг средство во кое не може како мерка за мерење на успешност да се користи CTR. На пример во однос на сите претходно наведени:

  • Имам банер н некој веб сајт кој е кликнат 5 пати по 100 прикажувања. CTR = 5%.
  • Имам Google Adwords кампања која е прикажана 1250 пати и 50 пати е кликнато на неа. CTR = 4%.
  • Имам блог пост во кој промовирам линк до некој производ. Постот е прочитан 1500 пати притоа кликнато е 300 пати на линкот. CTR = 20%.
  • Имам Facebook рекламна кампања при што мојата реклама е прикажана 150000 пати и кликнато е на неа 250 пати. CTR = 0,167%.
  • Имам Twitter акаунт и пратив информација за мојот производ и/или услуга со линк до истиот. Имам 150 следачи а кликнале двајца. CTR = 1,33%.

Што всушност ни кажува CTR?

Па да кажавме дека ни ја кажува успешноста на една онлајн рекламна кампања. Но, всушност ни покажува како таа кампања привлекува еден клик. Дали составот на кампањата е ОК. Дали постои интерес за такво нешто.

Сега на интернетот може да се користат различни кампањи. Како еден процес и можности за една кампања покажав погоре. Но, во суштина секоја рекламна кампања претставува микс од:

  • Наслов
  • Порака
  • Линк
  • Слика може и не мора.

На пример, Facebook реклама содржи наслов, слика, порака и линк. Од друга страна Google Adwords реклама содржи наслов, порака и линк за текстуалните реклами.

Секоја различна комбинација од овие елементи ќе даде различен CTR. Дури и еден збор може да доведе до драстични промени во CTR. Затоа и треба да се следи и подобрува постојано.

Што понатаму?

Понатаму останува да видите дали е постигната целта. Ако целта ви е продажба колку од тие кои кликнале преку таа кампања купиле, а колку не. Ако целта ви е број на фанови на Facebook страна, колку станале фанови а колку не, бидејќи можеби кликнал ја видел страната но сепак не кликнал на like.

Сето ова се елементи кои треба да се следат и земат во предвид. Подетално ќе ја разработам Google Adwords кампањата во некое од наредните маркетинг средства.

post

Вебинар – Маркетинг средство 63

Вебинар - Маркетинг средство

Вебинар - Маркетинг средство

Вебинар претставува 63-тото маркетинг средство на претприемач кое ќе го претставиме оваа недела. И оваа маркетинг средство претставува релативно ново, но сепак моќно средство кое обезбедува висок квалитет на комуникација и едукација помеѓу еден бизнис и потенцијалните или тековните купувачи.

Што претставува вебинар?

Вебинар е исто што и семинар само што разликата е во тоа што посетителите на семинарот не се во семинарска сала туку пред своите монитори и ја консумираат содржината преку интернет. Во исто време може да постават прашања, да добијат одговори, и да се вклучат интерактивно во комуникација со предавачот и останатите слушатели.

Вебинарот уште се нарекува и веб конференција, пред се затоа што се користи истата технологија за спроведување.

Значи вебинорот служи за спроведување на онлајн, во живо тренинзи, презентации и состаноци со аудиенцијата. Може да има еднонасочна комуникација што претставува презентација од страна на организаторот на вебинарот додека посетителите немаат можност да се вклучат во конверзацијата. Но, може и да се користи повеќенасочна комуникација при што презентерот презентира, а на крајот или во определени временски интервали овозможува поставување на прашања, споделување на идеи или сопствени искуства од страна на посетителите.

Она што е интересно е што одредени сервиси за веб конференциски врски, кои се користат за спроведување на вебинарот овозможуваат снимање на вебинарот при што ќе можете да го објавите на Вашиот блог и едноставно вебинарот да стане една вирозна содржина.

Идеи за користење на вебинарот

Креативноста на претприемачот е основата за идеи за користење на вебинар како маркетинг средство за бизнис цели. Сепак за искористување на целосниот потенцијал на вебинарот мора да се спроведе систематичен пристап со јасна цел за тоа што еден претприемач сака да постигне. Јасно дефинираната цел ќе доведе до јасни идеи и план за спроведување на оваа маркетинг средство во пракса.

  • Обука на потенцијални купувачи
  • Обука за тековните купувачи
  • Продажба преку вебинар
  • Претставување на производот и/или услуга
  • Споделување на знаење и искуство
  • Дознавање на желбите на потенцијални купувачи
  • Одржување на редовен контакт со купувачите

Чекори за спроведување

Она што е најважно при спроведување на вебинари е можноста луѓето навремено да бидат известени за да се пријават како посетители. Постои можност и за ограничување н број на посетители или ограничувањето да биде како дел од сервисот кој го овозможува вебинарот. Повеќето сервиси имаат ценовен план за користење на сервисот. Тој ценовен план најчесто зависи од бројот на посетители, можност за интерактивност и можност за снимање на целиот вебинар.

  • Избор на теми за вебинар
  • Изработка на план. Препорачливо е годишен план со специфични теми во определен период од годината.
  • Подготовка на вебинарот. Може да се користи Power Point презентација.
  • Избор на платформа за вебинарот.
  • Најавување на вебинарот со темата, точно време и датумот.
  • Потсетување најдоцна еден час пред започнување.
  • Имплементација на вебинарот.

Сервиси за спроведување на вебинари

Постојат повеќе сервиси кои нудат ваков вид на услуга. Тука само би ги набројал некои до кои дојдов при пребарување нa интернетот. Искрено, сум го користел само сервисот на GoToMeeting и како слушател и како тест во бесплатна проба. И доколку се одлучам да изработувам вебинари би го избрал овој сервис иако е нешто поскап од останатите. Па еве некои можни сервиси кои можете да ги разгледате споредите и изберете она што на Вас најмногу би ви одговарало врз основа на Вашите потреби и секако буџетот.

  • GoToMeeting.com. Во моментов цените се движат од 50$ до 150$ на месец врз основа на број на посетители и можностите на сервисот.
  • Webex.com. И ова е еден од премиум сервиси за вебинари чија почетна цена е 50$ на месец.
  • Zoho Meeting. Провајдерот на многу онлајн апликации има и сервис за веб конференции и вебинари. Цената за 5 партиципанти е 12$ месечно додека за 100 партиципанти е 49$ месечно.
  • Dim Dim. Овој сервис има бесплатна верзија до 20 партиципанти додека за повеќе ќе ве чини 25$ на месец.
  • Vyew. Бесплатната верзија на овој сервис е со 10 партиципанти и со реклами, додека имаат платежни опции од 7$ и 14$ месечно.
post

Домен име за Ваш бизнис – Совети за избор

Серијал на претприемач и МКХост

Серијал на претприемач и МКХост

Ќе продолжиме со серијалот на постови кои МКХост и Претприемач ги подготвуваат со цел еден претприемач да го зголеми своето знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена во деловниот свет. Денес ќе продолжиме со домен име, елемент кој навистина претставува еден од најзначајните пред започнување со интернет презентација на Вашиот бизнис и можеби најконтроверзно во поглед на она што е исправно или подобро.

Домен името најчесто е изговарано кај нас како domain name, домен, домејн. Името на веб страната е пратставено како домен име. Секоја веб страна има свој назив/име. Нашата веб страна е препознатлива со името: mkhost.com.mk. Така да секој што сака да не најде на интернет ќе ја внесете адресата во пребарувачот и ќе се прикаже веб страната. Многумина незнаат што всушност е домен име, а што веб хостинг, па за тие кои сеуште имаат дилеми може да проверат на следниот линк: разлика помеѓу веб хостинг и домен.

Вие како претприемач треба да го претставите вашиот бизнис и на интернет. Така да, доколку сеуште немате отворено интернет презентација сега е време за тоа. Со овој напис ќе ви помогнеме да се одлучите за домен името – како правилно да го изберете, да проверите дали е слободно и да започнете со презентацијата.

Регистрација на домен име е првиот чекор при стартување на вашата интернет презентација. Тоа го претставува идентитетот на вашиот бизнис на веб просторот, преку кој корисниците и веб пребарувачите ве препознаваат.

Избор на наставка (tld)

Доменот се состои од два дела, едниот е името, а вториот одделен со точка (.) е наставката позната како tld (top-level domain). Најдобро да дадеме пример: google.com , името е: google, а tld наставката е: com.

Постојат повеќе наставки распределени по одредена логика, а највеќе според географската локација (веб страна наменета на одреден регион, држава…) и врз основа на тоа за каква организација се работи (пр. училиште, владина институција, непрофитна организација, компанија, … ).

Генерални наставки

  • com – комерцијални организации, но не е стриктно
  • net – за мрежни инфраструктури, но не е стриктно
  • org – организации, но не е стриктгно
  • info – информативни сајтови, исто така не е стриктно
  • biz – за бизнис сајтови
  • name – за персонална употреба на едно лице или фамилијарно
  • gov – за државни институции
  • mobi – за мобилни уреди
  • travel – за туризам, туристички агенции, хотели и сл.

Како што може да забележите до краткото објаснување на наставките за кои потреби највеќе се користат, стои и дека денес тоа не е стриктно. Може да регистрирате и .org домен иако сте профитна компанија, така да не постојат рестрикции за повеќето од домените, но како што велат самите наставки, пожелно е да ја одберете соодветната наставка.

Географски наставки

Овие наставки се одредени според имињата на државите во Светот. Еве неколку:

  • mk – Македонија
  • rs – Србија
  • de – Германија
  • bg – Бугарија
  • gr – Грција
  • al – Албанија
  • si – Словенија
  • uk – Велика Британија

Според некое правило кое што не е стриктно, една компанија од некоја држава треба да се претстави на интернет со нејзината наставка. Така на пример ако вашата компанија е регистрирана во Македонија, наставката за вашето домен име треба да биде со .mk . Сепак ова не е стриктно. Доколку некогаш би го ширеле бизнисот во друга држава, и сакате вашето бренд име да биде познатливо и таму, како и на интернет просторот тогаш пожелно е да го регистрирате вашето име и со наставката која одговара на државата каде го ширите бизнисот или едноставно отварате филијала.

Македонскиот регистрар на .mk наставката овозможува и регистрација на поддомени со оваа наставка како: com.mk , net.mk , org.mk , edu.mk , gov.mk , name.mk и покрај главната .mk наставка која е карактеристична за нашиот регион.

Ние се имаме одлучено за mkhost.com.mk. Доколку ги следиме правилата, гледаме дека МКхост компанијата е од Македонија поради .mk наставката, а com наставката ни укажува дека е комерцијална организација. Сепак како што претходно нагласивме, ова немора да биде точно и така да ги класифицирате имињата на домените.

Должина на доменот и дозволени карактери

Должината варира, кај одредени наставки е лимитирана на минимум 2 карактера, додека кај други е возможно да се регистрира домен име и со еден карактер. Кај нас во Македонија може да се регистрираат домени со една буква/бројка, како на пример: 0.mk (веб сајтот постои и служи за кратење на линкови). Максималниот број на карактери за името без наставката може да биде до 63 карактера. Додека пак целосното име неможе да пречекори над 253 карактера (заедно со името, наставките, точките како сепаратор). Но во пракса одредени регистри имаат лимити кои не секогаш се исти.

Домените со кратки имиња од една, две, три карактера се речиси 100% веќе зафатени и регистрирани од некого, но доколку имате среќа може да најдете некој истечен домен, овозможен повторно за регистрација.

Во името дозволено е да се користат само латиничните букви, бројките од 0-9, како и карактерот „-“. Може да користите мали, големи букви или комбинации од мали и големи букви, во секој случај ќе го добиете истиот домен. Не е дозволено користење на празни места.

  • Помала должина на името – подобро памтење. Обидете се да најдете име која што ќе има прикладна должина. Не претерувајте во должината. Секако дека со сегашните социјални мрежи и веб пребарувачите, должината не би била толку битна, но што кога ќе бидете во друштво и сакате да му го пренсете усно името на веб сајтот на вашиот другар? Дали е полесно да се запамти името: pretpriemac.com или stanete-uspesen-pretpriemac-besplatni-soveti.com ? Во првиот пример, името се состои само од еден збор, додека во вториот има повеќе зборови, па вие можеби ќе ги запаметите зборчињата, но дали ќе го погодите нивниот распоред?
  • Дали брендот да биде основа? Сега следуваат малку контрадикторности. Ако вашата компанија е позната според одредено бренд име, тогаш не се двоумете, изберете го бренд името како име на доменот. Доколку луѓето ве бараат на интернет а не го знаат вашиот сајт, прво што ќе го напишат е вашето бренд име. Што би се случило ако барате компанија пишувајќи го нејзиниот бренд, а интернет пребарувачот ви излиста име на домен кој не го содржи името на самиот бренд, а всушност тоа е сајтот што клиентот го бара. Дали тој едноставно ќе го игнорира мислеќи дека тоа не сте вие и ќе се откаже од пребарувањето? Но, доколку сте локален бизнис, кој локално има добро препознатлив бренд, но глобално нормално никој не го препознава ќе треба да користите поинаква стратегија. На пример, кога се спремав за службен пат во Брисел, требаше да резервирам хотел. Хотелот требаше да биде блиску до институцијата каде имав состаноци. Тогаш јас тргнав со пребарување на хотели во Брисел. Не знаев кои брендови постојат (иако веројатно сите поголеми се присутни), но со помош на Google, зборот „хотели во Брисел“ и локација (улица на институцијата каде имав состаноци) избрав еден хотел кој беше на 5 минути од моите службени активности.
  • Што е со клучен збор од вашата индустрија? Ќе продолжиме со уште контрадикторности. Земете ја за пример најголемата интернет продавница – Amazon.com . Дали во името гледате дека се содржи зборчето продавница? -Не, но името е интересно и веќе познато помеѓу луѓето и секој кој што ја посетил знае дека е интернет продавница. Ќе дадеме и пример со хотел, вие сте претриемач на одреден хотел, зошто би морало во името да се состои и зборчето хотел? Дали е подобро да го наведете само името на хотелот, а потоа самиот посетител да открие дека се работи за хотел? Со ова се намалува должината на доменот, посетителите полесно ќе го памтат истиот и ќе го стекнувате брендот на интернет. Но, ова е одлична стратегија за бренд како Hilton, но што со некое помало хотелче од Водно кое нуди дури и поперсонализирани услуги за деловни луѓе? Што ако не сакам да паметам? Се одвикнав од чување на информации во мозокот, бидејќи технологијата ми го овозможи сето тоа. Сетете се на неколку интернет страни кои имаат оригинални имиња, кои ви оставиле впечаток и кои немаат никаква конекција со нивната индустрија и област. Еве ви потсетник: google.com – знам дека е мој секојдневен пребарувач, немора да биде search-engine-google.com . Уште еден пример: yahoo.com – нема никаква конекција со емаил сервис или веб портал/емаил портал, но знам дека таму си ја проверувам мојата пошта. Но, едно нешто треба да се знае, Google, Yahoo и Amazon почнаа со работа уште минатиот век кога и не никнуваа милиони нови веб страни на дневна основа. Тие беа во бизнисот кога во Македонија сеуште почнувавме со dial-up конекција. Тие го изградија сопствениот бренд и сопствената бизнис империја. Правилата од пред 10 години се изменија. Затоа добро размислете во однос на брендот и клучниот збор во домен името. Сепак и двете стратегии се добри, но подобра е онаа што ќе биде усогласена со Вашата бизнис стратегија, односно што сакате да постигнете и кого да допрете со Вашата интернет презентација.
  • Купете повеќе наставки, но одлучете се една да биде главна. Доколку имате можност, земете повеќе наставки за истото име. Зошто? Одговорот е едноставен, што ако некој во иднина ви ја закупи другата наставка и ви врши конкуренција или антиреклама или едноставно ги буни вашите посетители? Пример се одлучивте за домен името: primer.com . Ја започнавте вашата интернет презентација и после неколку години приметувате дека некој отворил нова веб страна со истото име но друга наставка: primer.net . Новата веб страна што ја стартувале немора да биде од истата индустрција или да содржи слична содржина, но зошто вашите посетители да се бунат, дали беше .com или .net ? Купете ги и двете наставки и може да ги избегнете овие непријатни ситуации како и за вас, така и за вашите посетители. Поради ова, нашиот регистрар во Македонија воведе едно правило кое ви помага да немора да го правите ова. Имено, ако регистрирате домен име: primer.mk , неможе друг да го регистрира истото име но со друга наставка: primer.com.mk без ваше одобрение. Сепак ова правило не важи за интернационалните наставки и затоа доколку сте во можност закупете повеќе наставки со истото име. Со Македонските наставки немора да го правите ова се додека важи правилото на нашиот регистрар.
  • Направете истражување пред да ја извршите одлуката. Дали можеби под истото име, има веќе регистрирано други наставки кои се познати веб страни или други веб страни кои се во истата индустрија? Извршете пребарување и најдете соодветно име за кое нема многу регистрирано наставки. Ако вашето име е: novbiznis, тогаш направете едно претражување дали постојат наставките: novbiznis.com , novbiznis.net , novbiznis.org , novbiznis.mk , novbiznis.com.mk и слично. Доколку сите или повеќето се слободни, тогаш тоа е добар знак да продолжите со регистрацијата и да ја одберете главната наставка. За да претражите дали одредени наставки за одредено име се слободни или веќе регистрирани следете го линкот на МКхост пребарувачот на домени.
  • Изберете компанија која е позната и има репутација во регистрација на домени. МКхост веќе петта година е во хостинг бизнисот и има извршено регистрација на домени за илјадници клиенти. Ние го цениме бизнисот и работата на нашите клиенти и нема да дозволиме никогаш да бидат разочарани и да го изгубат своето домен име регистрирано преку нас. Прочитајте како до регистрација на mk домен преку МКхост. Внимавајте постојат повеќе Македонски „компании“ кои може да ви го регистрираат доменот, но потоа едноставно да исчезнат, да не ви дозволат да го трансферирате до друг регистрар, да неможете да промените контакт информации, или да промените ДНС сервери, како и префрлање на сопственост на име на друга компанија доколку се работи за mk домени. МКхост може да ви додели правен документ откако ќе го регистрирате доменот преку нас со што ќе бидете 100% сигурни дека тоа е ваше име и неможе никој друг да ви го земе, секако доколку го обновувате навреме и не дозволувате да истече. Ние исто така имаме свој веб интерфејс каде може да вршите контрола на вашиот домен.
  • Проверете дали вашето избрано име за доменот, не е некој познат бренд или трговска марка. Проверката може да ја извршите едноставно со неколку пребарувања на интернет. Добар резултат би бил доколку вашето име е уникатно и не постои друг бренд со истото име затоа што може да имате проблеми во иднина, како и забуна кај вашите посетители.
  • Обновувајте го доменот на време или закупете го за повеќе години. Од искуство и работа со клиенти кои регистрираат домени преку МКхост имаме забележано дека забораваат да направат обнова на доменот или да извршат промена во информациите за контакт доколку истите ги промениле. Секако дека постојат потсетници кои ве известуваат дека вашиот домен ќе истече за одреден период, но тие потсетници се испраќаат на емаилот кој сте го доставиле како контакт емаил при регистрација на доменот. Ако вие го имате променетео вашиот емаил или веќе не го користите истиот, што ќе се случи ако сте заборавиле кога ви истекува доменот што сте го регистрирале, а потсетниците испраќаат известување на емаилот што не го користите веќе? Затоа контакт информациите за вашиот домен секогаш ажурирајте ги доколку има промени за да не дојде до несакана последица – истек на доменот и неможност на враќање назад за подолг период. Како една предност за пребарувачите претставува и домен регистриран на подолг рок. На пример, доменот закупен на 5 години има поголем авторитет отколку оној закупен на една година.
  • Кога ќе се одлучите за еден домен не го менувајте. Повторно совет кој доаѓа од пребарувачите. Ова е уште еден фактор кој се следи од страна на пребарувачите и влијае на авторитетот на Вашата веб страна. Колку е постар доменот толку поголем авторитет ќе имате.

Ова се само неколку совети од нас, кои немора да ги прифатите, но секако добро е да ги прочитате и да размислите. Можеби некои од нив ќе ви бидат добредојдени и ќе ви послужат при изборот.

Секако, последен, но не и нај не битен совет од нас е да направите и интерна консултација и/или анкета со членовите на вашата организација, па заедно да одлучите.