post

Маркетинг Средства 22 – Квалитет

На ред е 22-рото маркетинг средство од овој серијал од над 100 маркетинг средства на претприемач. За оваа недела го избрав квалитетот како едно од маркетинг средства кое спаѓа во групата на оние бесплатни маркетинг средства кои може да се заборават. Квалитетот кога го разгледуваме како маркетинг средство слободно можеме да кажеме дека има најголем вирозен (viral) потенцијал во себе. Ова се однесува на ширење како вирус помеѓу потенцијалните потрошувачи кои може набргу да станат вистински купувачи. За вирозен маркетинг веќе пишувавме на претприемач. Исто така како резултат на тој текст и добивање на повеќе прашања напишав уште еден за тоа зошто користам зборот вирозен маркетинг наместо вирал.

Зошто вирозен потенцијал на квалитетот?

Една од основните елементи кој секој купувач го бара и сака да го почувствува во купениот производ е квалитетот. Сега има и купувачи на кои не им е важен квалитетот и купуваат понеквалитетни производи заради тоа што не можат да си го приуштат поскапиот. Тие потрошувачи ќе велат дека така им одговара и дека тој производ е квалитетен, и тоа е природно бидејќи постои срам. Но, сепак секој би го купил најквалитетниот производ доколку може да го плати. Што би одбрале помеѓу ново Yugo и BMW. Одговорот на повеќето од вас го знам! Но, и во тие поевтините производи може да се најде и бара квалитет. Цената секогаш не е мерило за квалитет. Цената е склоп на Вашата целосна понуда, а во вашата целосна понуда не е само производот, туку и дополнителните производи и услуги што ги нудите за тој производот. Можете да прочитате за маркетинг стратегијата пржено јајце на око која за претприемач ја напиша Предраг Стојковски.

Кога некој е задоволен од квалитетот на производот што го користи ќе го фали на сите страни. Првин дома кај своите најблиски роднини. Потоа на пријателите во време на кафе шема или пијанка во кафана или свечен излез во ресторан. Па потоа пријателите на пријателите ќе посочат нешто што слушнале за тој квалитет итн. Па, новите купувачи кои повторно ќе бидат задоволни го шират вирусот понатаму. На пример еден каже на 5 луѓе, тие 5 кажат на уште по пет и сега се 25, па тие 25 кажат на уште по 5 луѓе и тоа се 125… За еден циклус од 3 кажувања имаме 5 + 25 + 125 = 155 луѓе кои ќе разберат за нашиот квалитет. Но, вирусот продолжува да се шири. Тоа, навистина е неверојатно.

Како да се мери квалитетот?

Во бизнис светот едно од најчесто поставуваните прашања е како да се мери квалитетот на производот или услугата. Поради субјективната природа на квалитетот неговото мерење не е едноставно. Но, од друга страна и различни корисници на некој производ или услуга различно ќе кажат за квалитетот на тој производ или услуга. Па ова дополнително го отежнува процесот на мерење на квалитетот.

Второ, ако земеме четри типа на бизниси – малопродажба, големопродажба, услужен бизнис и производствен бизнис сите имаат различен аршин за мерка за квалитет на сопствените производи.

Но, едно е сигурно. Претприемачот, менаџерот, вработениот, бизнисот не го дефинираат квалитетот. Квалитетот го дефинираат и оценуваат корисниците на производот или услугата, односно оние кои што го купиле од Вас како претприемач. Вие само ги дефинирате стандардите на Вашиот бизнис во однос на квалитетот. На пример, доколку сте малопродажен бизнис имате стандрди за тоа кои производи ќе ги имате а кои не. Доколку сте производствен бизнис ги дефинирате стандардите во однос на толеранции, ги корситите стандардите за процесот на проверка на квалитетот пред да се определи дека производот ги задоволува стандардите и може да оди во продажба.

Како мерка на квалитетот можете да ги користите следниве показатели:

  • Задоволен купувач. Колку повеќе купувачи се задоволни од производот што сте им го продале толку и е поголем квалитетот на тој производ. Доколку се вратат повторно значи дек се задоволни. Сакам повторно да напоменам дека не мора да значи квалитетот само на производот, туку поважен е квалитетот на целосната понуда која сте ја продале. На пример, малопродажен бизнис има исти производи со друг малопродажен бизнис, но задоволен купувач ќе се враќа онаму каде бил подобро услужен или каде се почувствувал навистина прекрасно додека купувал. Малопродавачите немаат големо влијание на квалитетот на производот кој го продаваат освен во избор на брендови.
  • Број на дефекти – потрошувачите го рекламираат производот. Вториот показател кој може да се искористи е бројот на рекламации за еден производ. Доколку бројот на реклмации е голем тогаш квалитетот е помал. Потребна е брза рекција. Производителот да го поправи квалитетот. Малопродавачот веќе да не ги држи производите за кои прима рекламации.

Она што сметам дека е најважно за да се искористи како маркетинг за Вашиот бизнис во квалитетот да се гледа како една поширока категорија за малите бизниси. Освен производот, потребно е да се вклучат и дополнителни услуги, бонус производи, сервисирање, гаранција итн. Кога ја споменав гаранцијата и таа претставува една од мерките за квалитет на производите но од очите на производителот, а не од купувачот. Toyota го изгради својот имиџ на компанија која произведува автомобили кои не се кварат а го докажа истото со поголема гаранција на нејзините возила во однос на конкуренцијата. Дали некој може да го уништи митот на Toyota за висок квалитет. Мислам тешко.

post

МАРКЕТИНГ СРЕДСТВА 21 – СТАВОВИ НА ВАШИОТ БИЗНИС

Продолжуваме со 21-то маркетинг средство за Вашиот бизнис. Ова маркетинг средство кое е предмет на обработка во овој напис на претприемач претставува едно од маркетинг средства за кои воопшто не трошите пари, туку се зависи од Вашите внатрешни елементи на бизнисот. Зависи од Вас како претприемач и Вашиот менаџерски и неменаџерски кадар.

Не можете ни да замислите какво влијание има оваа маркетинг средство врз Вашите сегашните потрошувачи и потенцијалните потрошувачи. Едно е сигурно дека сите Ваши потези се следени од некого. И секој кој ги следи Вашите потези донесува конкретни одлуки и заклучоци за Ваа и Вашиот бизнис. Овие следачи може да бидат:

  • Потрошувачи. Во оваа група спаѓаат и сегашните и потенцијалните, односно идни потрошувачи. Оваа категорија е една од најважните Ваши аудиенции. Потребно е посебно внимание да се обрне кон истите.
  • Конкуренти. Во оваа категорија спаѓаат Вашите конкуренти кои имаат за цел или да ве стигнат или да се заштитат од Вас и Вашиот бизнис доколку им се приближувате премногу. Оваа категорија како маркетинг средство воопшто не е важна, но сепак има големо влијание врз Вашиот бизнис.
  • Медиуми. Оваа категорија на Ваши следачи може да одигра голема улога за Вашиот бизнис. Еден краток прилог во вестите на некој медиум може да ви донесе огромен публицитет. Но, вниманието на оваа категорија тешко се свртува особено на малите бизниси. Посебно е важно да забележиме дека оваа категорија може и непријателски да се однесува кон Вас па затоа е потребно особено внимание.
  • Вработени. Во категорија на следачи спаѓаат и вработените. Од една страна како потенцијални вработени за да привлечете квалитетна работна сила и од друга страна како веќе вработени кои можат директно да се вклучат во Вашите маркетинг активности и тоа неформални маркетинг активности. Ставовите навашата компанија можат бргу да бидат проширени преку Вашите вработени при нивни секојдневни контакти со надворешниот свет. Треба да се искористат на вистинскиот начин.
  • Добавувачи. Ова е уште една категорија на Ваша аудиенција која постојано ве следи, а може да има огромна улога во Вашите маркетинг кампањи.
  • Влада. Моќта на владата е толку голема што може да има огромни последици за секој бизнис, како позитивни така и негативни. Сведоци сме како со една одлука може да се унишатт империи од бизниси. Но, сведоци сме како со помош на Владата може да се изгради брзо бизнис империја. Потребно е особено внимание.

Уште една работа за оваа маркетинг средство е важна освен аудиенцијата. Тоа е начинот на согледување на Вашите ставови. Прашањето е како се дистрибуираат ставовите на Вашиот бизнис. Постојат неограничен број на можности и зависат од Вашата креативност што ќе искористите за да бидете забележани. Како основни групи би ги издвоил:

  • Формални пишани материјали на Вашиот бизнис. Оваа група на дистрибутери на ставови претставува Вашата мисија, визија, цели, интерни билтени, одлуки итн. Оваа група ги опфаќа вашата внатрешна аудиенција но и надворешната.
  • Маркетинг материјали. Понекогаш можете Вашите ставови да ги распространите преку Вашите маркетинг материјали со вклучување на една реченица како што е: „Нашата компанија води посебна грижа за заштита на нашат околина“. Со една ваква реченица го прикажувате Вашиот став дека сте заинтересирани за една посебно популарна проблематика, а тоа е екологијата.
  • Неформална комуникација. Оваа е навистина огромна група и содржи огромен маркетинг потенцијал доколку навистина се искористи правилно. Оваа комуникација може да биде пишана, изговорена или пакелектронска. Социјалните интернет мрежи овозможуваат одличен простор за искористување на споделување на Вашите ставови.
  • Формално и неформално однесување. Како се однесувате формално а како неформално? Каква слика градите за себе? како се однесуваат Вашите вработени формално и неформално? Како се однесуваат при контакт со потенцијални или сегашни потрошувачи? Сето оваа гради одредена слика за Вас и Вашиот бизнис.

Мислам дека не е во целост искористен потенцијалнот на оваа маркетинг средство. Оваа маркетинг средство не бара вложување на пари, но секако ќе бара одреден труд. Па се гледаме во наредното маркетинг средство 22-ро по ред.

post

MАРКЕТИНГ СРЕДСТВА 20 – ИСТРАЖУВАЊЕ НА ПАЗАРОТ

Да продолжиме со 20-тото маркетинг средство – Истражување на пазарот. Сите бизниси егзистират на одреден вид на пазар. Пазарот е составен од тековни и потенцијални – можни идни потрошувачи. Вие како претприемач морате да разберете зошто одредена личност купува производ или услуга од Вас а за тоа постојат различни причини. Некои купувачи купуват заради една причина додека други заради друга причина. Истражување на пазарот е значаен дел од секој бизнис кој сака да понуди производ и/или услуга на пазарот. Оваа маркетинг средство има за цел да ве доближи до потрошувачите како би ги запознале подобро и би ги подобриле сите Ваши бизнис активности.
Истражувањето на пазарот им помага на претприемачите да научат повеќе за минатите, тековните и потенцијалните потрошувачи и со тоа знаење да донесат поквалитетни одлуки.

Што претставува истражување на пазарот?

  • Прво, истражување на пазарот претставува било која активност која има за цел да го разбере однесувањето на потрошувачите на одреден пазар каде што се наоѓа или пак планира да се најде бизнисот.
  • Второ, истражување на пазарот е процес преку кој се собираат информациите од пазарот и по тоа се извлекуваат специфичниподатоци за тековното и идното однесување на потрошувачите и се со цел да се развие ефикасна и ефективна маркетинг стратегија.
  • Трето, освен потрошувачи, истражувањето на пазарот ги анализира и конкурентите на одредениот пазар.

Истражување на пазарот треба да даде одговор минимум на следниве прашања:

  • Кои се целните потрошувачи?
  • Колку често тие потрошувачи ќе купуваат одреден производ или услуга?
  • Колку се спремни да платат за него?
  • Колкава големина на пазарот имаат конкурентите?
  • Која е цената на одредени производи и/или услуги кои ги продаваат конкурентите?
  • Каква импресија обезбедуваме со нашата маркетинг кампања?

Поволности кои бизнисот ги добива со истражување на пазарот:

  • Обезбедува опстанок на бизнисот на пазарот.
  • Ги идентификува можностите за бизнисот и во исто време овозможува заштита од заканите кои доаѓаат од пазарот.
  • Секогаш ќе ги познавате и постојано ќе учите за Вашите потрошувачи, конкуренти и активностите што ги превземате на пазарот.
  • Ќе го намалите ризикот за неуспех на производи и/или услуги кои планирате да ги воведете на пазарот бидејќи тие производи ќе бидат дизајнирани онака како што посакува пазарот.
  • Ќе Ви овозможи да имате основни патокази кои ќе мора да ги комплетирате.

6 чекори за имплементација на истражување на пазарот

  1. Идентификувајте ги целите на истражувањето на пазарот. Што сакате да постогните? Што сакате да дознаете? Што сакате да научите?
  2. Започнете со собирање на информации од пазарот.
  3. Проценете ги собраните информации во поглед на валидноста на истите.
  4. Анализирајте ги собраните информации.
  5. Интерпретирајте ги анализираните информации.
  6. Доставете го финалниот производ до луѓето кои ќе донесуваат одлуки во однос на маркетингот.

Извор на информации

Еден од најтешките чекори во процесот е каде да се најдат информациите. Еве некои извори на информации кои ќе можете да ги користите:

  • Тековни потрошувачи? Прашајте ги за мислење.
  • Бизнис списанија. Можете да најдете веќе завршени истражувања на пазарот во ваквите списанија.
  • Анкети.
  • Интернетот е голем извор на информации за анализа на пазарот.
post

МАРКЕТИНГ СРЕДСТВА – ПОТТИКНУВАЊЕ НА АКЦИЈА

По една мала пауза со маркетинг средствата би продолжил со 19-тото маркетинг средство од ветените над 100. Како 19-то маркетинг средство кое ќе го презентирам денес се одлучив да биде поттикнување на акција. И ова маркетинг средство не е оној традиционлен вид на маркетинг во вид на рекламни кампањи за бизнисот илипроизводот и услугата. Ова маркетинг средство е средство кое е беплатно и може да се користи за повеќе намени.

Слика: FreeDigitalPhotos.net

Како може да се користи ова маркетинг средство?

  • Директно во другите маркетинг кампањи кои ќе имаат за цел да поттикнт акција кај потенцијалните потрошувачи.
  • Од страна на продажниот тим со цел остварување на продажбата.
  • Од страна на сите членови на бизнисот при присуство на било каков настан за да се привлечат повеќе потенцијални потрошувачи.
  • Од страна на Вашите потрошувачи кои ќе го препорачуваат Вашиот бизнис на своите роднини и пријатели.

Што претставува поттикнување на акција?

Не сакам да одам со формални дефиниции туку би сакал едноставно поттикнување на акција да го претставам на следниов начин:

Поттикнување на акција претставува било каква активност од страна на Вас како претприемач, Вашите вработени, Вашите други маркетинг средства или пак Вашите потрошувачи во пишана, изговорена или било која друга форма која ќе предизвика желба за превземање на акција во однос на Вашиот бизнис од страна на потенцијалните потрошувачи.

Едноставно секоја бизнис активност која вродува желба за акција кај потенцијалниот потрошувач претставува поттикнување на акција.

Целта е да ја зголемите продажбата и бргу да се распространува добриот глас за Вашиот бизнис. Но, сево ова не е едноставно.

Како да воспоставам систем за поттикнување на акција?

Следете ги следниве чекори:

  • Изработете план за воспоставување на систем за поттикнување на акција кој ќе содржи цели, начини и методи и техники кои ќе ги користите.
  • Изберете ги вистинските зборови и маркетинг средства кои ќе поттикнат на акција.
  • Направете водич за примена на тие методи и техники.
  • Обучете ги сите Ваши вработени за примена на тие методи и техники.
  • Применувајте ги стандардите во секојдневното работење.
  • Додавајте нови начини и методи и техники за поттикнување на акција.
post

МАРКЕТИНГ СРЕДСТВА 18 – ВАШИОТ ПРОДАЖЕН ТИМ

Често пати се заборава продажниот тим да се гледа како едно посебно маркетинг средство иако продажниот тим е првиот директен контакт со секој постоечки, нов или пак иден купувач. Често пати крајната одлука на купувачот за купување се базира токму на искуството што ќе го проживее со продавачот во Вашиот бизнис.

Сигурно сте забележале огромна разлика од продавница до продавница во однесувањето на продавачите кон Вас како купувач. Сигурно сте се нашле во ситуација да донесете одлука да не купувате заради тоа што сметате дека не сте услужен на соодветен начин од страна на продавачот. Сигурно ви се има случено да влезете во продавница а продавачите да си разговаараат меѓу себе и да не обрнуваат внимание на Вас ниту на Вашите потреби. Сигурно ви се случило продавачите арогантно да ви кажат еве тука е изложено и бирај ако најдеш нешто. Сето оваа е контра Вашиот маркетинг. Вие се обидувате преку Вашиот маркетинг да доведете колку што може повеќе потенцијални потрошувачи додек Вашиот продажен тим може сиот Ваш напос со месеци и години да го урне за само една секунда.

Мене на пример ми се има случено кога сакав да купам теписон продавачот воопшто да не ми помогне при изборот па дури и ме тераше самиот да го вртам парчето за да го измерам бидејќи тој не ги знаеше димензиите. Едноставно си излегов и му кажав чао на продавачот и на можна продажба во тој бизнис. Пред едно месец дена ми се јавуваат од една национална телевизија за да ми продадат реклама за мојот бизнис. Ми вели здраво ние сме од таа и таа телевизија да ви направиме реклама. Ниту ми кажа некоја предност зошто би ги избрал нив, ниту ми кажа во која рубрика би била мојата реклама, и ниту ми кажа колкава гледаност имаат и што би добил јас и мојот бизнис со таа реклама. Нормално, мојот одговор беше благодарам НЕ! Доколку беше поинтелигентен во обидот за продажба можеби и ќе размислев. Но вака воопшто не размислувам за таква реклама.

Ова е огромна штета за Вашиот бизнис. Зошто да не се разгледува продажниот тим како едно маркетинг средство кое ќе овоможи зголемување на продажбата? Забележувате дека веќе навлеговме во маркетинг средства кои се насочени директно кон луѓето како купувачи или потенцијални купувачи. Овој директен контакт има најсилно влијание како маркетинг средство.

Но, кои се елементите на кои треба да обрнете внимание?

Вие како претприемач имате должност да го запознаете Вашиот продажен тим со правилата на игра во Вашиот бизнис. Што е ин а што аут? Следниве елементи се некои кои може да одиграат голема маркетиншка улога во Вашиот бизнис:

  1. Однесување. Како прво и основно е однесувањето на Вашиот продажен тим кон купувачите или потенцијалните купувачи и кон останатите во околината на Вашиот бизнис. Секој продавач мора да биде културен и учтив. Да го цени секој оној кој се интересира за нешто во Вашиот бизнис. Можеби нема да купи ништо, но сепак може да биде вреден потенцијален купувач. Доколку Вашиот продажен тим му остави силен впечаток поголема е веројатноста дека ќе се врати.
  2. Изглед. Во продажбата не се бара модна писта, но не е дозволиво продавачите да бидат сосема неугледни. Продавачите се огледало на Вашиот бизнис.
  3. Речник. Видот на бизнисот бара и различен речник кој ќе се употребува. Вашиот продажен тим мора да ги знае клучните зборови и реченици како да се допадне на потенцијалниот купувач.
  4. Искреност. Мора да се биде искрен со секој купувач или потенцијален купувач. Инаку, на лагата и се кратки нозете. Не е работа да продадете само денес, туку да продадете и утре на истиоут купувач.

Мора да се запомни дека продавачот е тука заради тие купувачи или потенцијални купувачи, а не се тие тука заради продавачот. Се што ќе побара ќе мора да му се покаже и објасни. Па обидете се да го имплементирате ова што го наведов доколку сакате да изградите навистина бизнис со голема бизнис потенцијална енергија.

post

МАРКЕТИНГ СРЕДСТВА 17 – ИЗЛОГ

Стигнавме до седумнаесетото маркетинг средство во овој серијал од над сто маркетинг средства за малите бизниси. Како седумнаесето средство се одлучив да го презентирам излогот на продажниот објект. Излогот претставува прозорец на продавниците каде се изложуват различни производи или пак други дизајнирани предмети за да го привлече вниманието на потенцијалните потрошувачи. Интересно е што честопати оваа маркетинг средство се заборава и не се гледа како нешто што може да ја зголеми стапката на трансформација на Вашата продажна инка.

Излогот како еден дел од Вашиот продажен објект претставува прва вистинска слика за Вашиот бизнис. На пример, потенцијалниот потрошувач поминува и со помош на светлечката реклама го запазува Вашиот продажен објект, но не влегува веднаш туку застанува на излогот за да види што се продава. Доколку излогот му остави силен впечаток и му вроди поголем интерес ќе влезе да види што може да најде за себе во вашата продавница.

Видови на излози

Постојат неколку видови на излози во зависност од типот на бизнисот:

  • Сезонски излог. Овој излог се менува периодично врз основа на сезоната во која се продава одреден тип на производи. На пример бутиците користат сезонски излози кои се различни во зависност од годишното време.
  • Излог за истакнување на производи. Овој излог се користи кога во одреден временски период се сака да се истакнат одредени производи кои се наредени во излогот.
  • Излог за истакнување на брендот. Ова е излог во кој повремено се истакнуваат производи со еден бренд. Се користи за да се зголеми продажбата на производи од одреден бренд.

Можете да ги користите сите три типа на излози во зависност од временски период во кој ги менувате. Во секој случај одредено освежување не може да му наштети на Вашиот излог.

Најважни елементи за секој излог

Може да се најдат многу елементи кои влијаат на успешноста на излогот во трансформција на случајни минувачи во купувачи. Најважните 5 елементи се:

  • Осветленост. Осветленоста треба да биде посилна од вообичаено како би привлекла доволно внимание на случајните минувачи. Но, сепак не треба да се претера со тоа што светлосниот фликс ќе ги замара очите на минувачите и во таков случај да предизвика негативен ефект.
  • Количина на производи изложени. Кога станува збор за излогот не важи правилото колку повеќе е изложено толку подобро. Понекогаш само едно парче производ може да привлече поголемо внимание во однос на пренатрупан излог.
  • Доминантна боја. Внимателно изберете која боја ќе биде доминантна во Вашиот излог. Бојата треба да го нагласува типот на бизнисот и тековниот тренд во однос на производите што ги продавате, а од друга страна да привлече доволно внимание на случајните минувачи.
  • Декорација. На декорацијата постојано треба да се внимава. Не е доволно само да се нафрлаат производите без некоја соодветна декорација. Но, внимавајте да не претерате па да отидете во друга крајност – кич.
  • Постојаност. Излогот не е средство кое ќе се подеси и ќе се заборави. Мора да се менува од време навреме со свежи содржини во истиот. Ист излог подолго време може да стане незабележлив. Но, сепак не треба да се претерува со постојано секојдневно минување. Доволно е еднаш месечно да извршите освежување а на секои два месеци целосно менување на стилот и декорацијата на излогот.

И уште еден совет. направете го Вашиот излог да биде уникатен и несекојдневен. Искористете ја Вашата креативност за да изгледа навистина беспрекорно. Не копирајте туѓи излози. Биднете оригинален, а не обичен копирач.

post

МАРКЕТИНГ СРЕДСТВА 16 – СВЕТЛЕЧКИ РЕКЛАМИ

Досега во оваа серија од над 100 маркетинг средства опфативме некои медиуми кои се делат како брошури, флаери и визит карти. Опфативме некои средства кои претставуваат маркетинг помагала – маркетинг план и маркетинг календар. Сега како 16 средство нешто што се наоѓа надвор од бизнисот а може да има силен маркетиншки ефект во зголемување на бројот на потрошувачите за Вашиот бизнис. Ова 16-то маркетинг средство е светлечката реклама пред Вашиот бизнис. Ова средство е применливо за малопродажните или во одредени случаи за големопродажните бизниси. Иако не е забрането и за производствените и услужните бизниси.

Зошто светлечки реклами?

Едноставно да не ве поминат. Луѓето често пати не загледуват лево или десно од нивниот пат. Особено кога живееме во време кога ретко можеме да видиме човек без проблеми, луѓето едноставно се замислени во своите сопствени проблеми и се случува со години да не забележат дека е отворена нова продавница иако секојдневно поминуваат по таа улица. Затоа е потребно нешто што ќе им го привлече вниманието, нешто што ќе им го сврти погледот кон Вашиот бизнис.

Во ноќните часови ова се остварува со помош на светлечките реклами пред Вашиот бизнис. Тие ќе му го привлечат вниманието на обичниот поминувач низ улицата и ќе го навлечат да влезе едноставно да види што има и што се нуди.

Би зел еден пример:

  • Низ Вашата улица дневно поминуваат 1000 луѓе. Да кажеме дека 10% од истите ќе погледнат кон Вашиот продажен простор. Тоа се 100 луѓе од кои 10% ќе влезат тоа се 10 луѓе од кои 10% ќе купат тоа е еден.
  • Доколку Вашата светлечка реклама привлече внимание на уште 20% од случајните минувачи ќе имате 300 луѓе кои ќе погледнат, 30 ќе влезат, а 3 ќе купат.

Вистинската пресметка на овој ефект ќе ја добиете со вистинските бројки од Вашата продажна инка.

Во секој случај ефект постои. Но од тој ефект ќе зависи и бројот на луѓето кои ќе ја забележат Вашата светлечка реклама. Доколку навистина привлекува внимание наместо 20% дополнителни можеби ќе остварите 50% дополнителни а тоа ќе значи 6 луѓе кои ќе купат.

Како да ја подесите

Ќе наведеме неколку работи на кои треба да обрнете внимание при избор и подесување на Вашата светлечка реклама:

  • Да биде доволно голема за да биде видлива за случајните минувачи.
  • Да постои можност да се гледа и прочита од двата правца на движење по улицата.
  • Да користи бои кои привлечуваат внимание, но не замараат од друга страна.
  • Да го има логото на Вашиот бизнис.
  • Да пренесува порака за Вашиот имиџ на случајните минувачи.
post

МАРКЕТИНГ СРЕДСТВА 15 – ЗАДОВОЛНИ ПОТРОШУВАЧИ

Продолжуваме со 15-тото маркетинг средство од ветените над 100 маркетинг средства. За 15-то маркетинг средство се одлучивме да биде задоволни потрошувачи. Често пати оваа маркетинг средство се заборава како едно од најефикасните и најефективните маркетинг средства. Претприемачите во потрага по нови свежи потрошувачи забораваат на тековните задоволни потрошувачи. Ова маркетинг средство може да претставува како една маркетинг стратегија која претставува win-win стратегија.

Задоволните потрошувачи – нејефективно маркетинг средство

Зошто задоволните потрошувачи претставуваат Ваше најефективно маркетинг средство. Како прво тие не ве чинат ништо, можат да ви донесат уште многу други потрошувачи кои може да станат задоволни потрошувачи. Ова е еден вид на маркетинг од уста до уста. Да земеме еден пример:

  • Имате 10 задоволни потрошувачи кои постојано се враќаат и купуваат кај Вас.
  • Тие 10 задоволни, но навистина задоволни и импресионирани од бизнисот со Вас нека ве препорачаат и испофалат на 5 свои пријатели. Тоа се веќе 50 нови потрошувачи за Вашиот бизнис.
  • Вие успевате и тие 50 да ги претворите во навистина задоволни потрошувачи. Па сега имате 60 задоволни потрошувачи во Вашиот бизнис. Новите 50 нека ве препорачаат на уште по 5 свои пријатели. Така ќе добиете 250 нови потрошувачи.
  • Повторно успевате да ги задоволите истите и да ги претворите во навистина задоволни потрошувачи.И сега имате 310 задоволни потрошувачи. Тие 250 ново задоволни потрошувачи ве препорачаат на уште по 5 свои блиски. Тоа се 1250 нови потрошувачи. Кои доколку ги задоволите ќе станаат задоволни потрошувачи.
  • Продолжете и понатаму со исто темпо.

Да видиме какви се финансиските импликации од ваков начин на работа. На пример секој од задоволните потрошувачи троши по 2000 денари месечно во Вашиот бизнис. Во првиот циклус со 10 задоволни потрошувачи ќе имате приход од 20.000 денари месечно од истите. Во вториот циклус со 60 задоволни потрошувачи по 2000 денари тоа 120.000 денари приход. Во третиот циклус ќе имате 310 задоволни потрошувачи по 2000 денари во просек тоа се неверојатни 620.000 денари месечен приход. Во четвртиот циклус ќе имате 1560 задоволни потрошувачи по 2000 денри во просек ќе имате крајно неверојатни 3.120.000 денари месечно. Забележувате каков експоненцијален раст претставува од еден во друг циклус. Со искачување од прво ниво до четврто ниво Вашата продажба ќе се зголеми за 156 пати.

На ваков начин Вашиот бизнис ќе расте со експоненцијален раст. Влегувате во еден една бесконечна спирала на раст на базата на податоци од Вашите задоволни потрошувачи. А не сте потрошиле дополнителни пари за реклами на радио, ТВ, брошури итн.

Друг начин на искористување на оваа богатство

Освен распространувањето за Вас и Вашиот бизнис преку уста до уста од страна на задоволните потрошувачи постојат и други начини за нивно искористување. Едно од најкористените начини е збогатување на Вашите маркетинг материјали со препораките од Вашите задоволни потрошувачи. Ова значи да ги истакнете препораките во вашите брошури, флаери, продажни писма, бизнис веб страната итн. На ваков начин само уште повеќе ќе ја зголемувата базата на податоци на задоволни потрошувачи.

Луѓето вообичаено сакаат да слушнат од некого некој добар збор пред да донесат одлука за купување. Доколку прочитаат дека некој кој работел со Вас претходно иуште работи навистина е задоволен од Вашите производи и услугата која му ја пружате полесно ќе донесе одлука да купува кај Вас.

Оваа маркетинг средство значи да ги претворите Вашите купувачи во Ваш продажен тим. Оваа ја зголемува потенцијалната енергија како на Вашиот бизнис така и на Вашиот маркетинг.

Да ја провериме оваа комбинација на два начина на искористување на оваа маркетинг средство:

  • Започнуваме со истиот број на 10 задоволни потрошувачи кои препорачуваат на по 5 свои блиски. Во исто време некој на Вашата веб страна чита за препораките од Вашите задоволни потрошувачи, некој ќе ја прочита Вашата брошура со препраката, а некој ќе прочита од некое друго маркетинг средство. На таков начин, на пример добивате уште да кажеме 20 нови потрошувачи. Сега имате 10 задоволни и 70 нови потрошувачи кои доколку ги претворите во задоволни ќе имате 80 задоволни потрошувачи.
  • Втор циклус. Новите 70 задоволни ве препорачуваат на по 5 свои блиски. Тоа се 350 нови потрошувачи кои се надополнуваат на пример со 50 нови потрошувачи кои прочитале некоја препорака за Вас. И сега доколку тие нови 400 потрошувачи ги претворите во задоволни потрошувачи ќе имате 480 нови задоволни потрошувачи.
  • И така натаму до бесконечност.

Која е Вашата работа?

Сето горенаведено изгледа супер. Но, сепак е тешко остварливо. За ефикасно и ефективно користење на оваа маркетинг средство ќе треба да се насочите на следниве 3 работи:

  • Прво и основно секој потрошувач да го задоволите за да стане во исто време и Ваш продавач. Понудете му квалитетен производ, квалитетна услуга. (Прочитајте за маркетинг стратегијата пржено јајце). Таа трансформација од потрошувач во задоволен потрошувач не е лесна. Ја градите со градење на Вашиот кредибилитет, репутација, начин на однесување, дополнителни услуги, имиџот…
  • Контактирајте ги одвреме навреме тие Ваши задоволни потрошувачи. Прашајте ги кои им се потребите. Станете блиски со нив. На ваков начин ќе ја зголемите довербата.
  • Постојано барајте препораки од Вашите задоволни потрошувачи и изберете ја најдобрата препорака која со одобрение на тој Ваш потрошувач ќе ја вметнете во Вашите останати маркетинг материјали.

Треба да знаете дека некаде ќе успее додека некаде нема да успее оваа маркетинг средство. Но, во секој случај не губите, задоволниот потрошувач продолжува да биде Ваш потрошувач.

post

МАРКЕТИНГ СРЕДСТВА 14 – МАРКЕТИНГ ПЛАН

На артиклите на претприемач веќе пишувавме во два наврати за маркетинг планот:

  • Маркетинг план како дел од бизнис планот. Во овој напис го опфативме маркетинг пнаот како еделемнт од бизнис планот.
  • Што треба да содржи маркетинг планот. Во овој напис се дадени точките или поднасловите кои би требало да се опфатат како дел од маркетинг планот.

Оваа маркетинг средство заедно со маркетинг календарот претставуваат средства кои не се директно насочени кон промотивните активности на маркетингот туку кон оптимизирање на самиот маркетинг процес на малите бизниси.

Овој блог напис нема да оди во формализација на маркетинг планот како наслов, резиме, содржина … Туку ќе се насочи кон најосновните елементи кои треба да ги опфатите во Вашиот маркетинг план.

Што претставува маркетинг план

Наједноставно кажано маркетинг планот претставува блупринт за комуникација на пораките за Вашите производи и/или услуги со тековните или потенцијалните потрошувачи. Со други зборови, маркетинг планот претставува детален патоказ кој ги опфаќа вашите маркетинг стратегии, тактики, активности, трошоци и проектирани резултати во однос на временскиот период за кој се однесува маркетингот.

Маркетинг планот претставува пишан документ каде се опфатенеи неопходните маркетинг активности со кои треба да се исполат една или повеќе маркетинг цели.

Целта на маркетинг планот е:

  • да ги координира бизнис целите
  • да го дефинира пазарот и да го сегментира пазарот
  • да го дефинира маркетинг миксот со кој бизнисот ќе излезе на пазарот
  • систематизира активностите за избраните маркетинг сратегии.

Маркетинг планот треба да биде динамичен документ кој може и треба да се менува од време навреме. Да, маркетинг планот претставува бескраен циклус кој започнува и никогаш не завршува. Или би ребало да не заврши.

Минимална содржина на маркетинг планот

Еве во неколку цртки што минимално треба да содржи Вашиот маркетинг план:

  • Прво мора да започнете со дефинирање на бизнис целите во вид на бројки. На пример, зголемување на продажба за 10%, зголемување на приходи за 15% или пак зголемување на профитот за 12%. Овие цели потоа трансформирајте ги во потребни потрошувачи – купувачи. Како? Например Вашата цел е приходот да се зголеми за 15%. Претходната година сте мале приход од 5.000.000 денари што ќе значи дека Вашата цел е наредната година да имате приход од 5.750.000 денари. Просечна продажба по купувач Ви е 1000 денари. Ова значи дека ќе треба да имате 5750 купувачи за да ја остварите целта. Доколку Вашата продажна инка има капацитет на трансформација на потенцијални потрошувачи во вистински купувачи од 5% Вие ќе треба да доведете во Вашата продажна инка 115.000 потенцијални потрошувачи.
  • Бидејќи веќе знаете колку купвачи ќе ви бидат потребни можете да започнете со анализа на пазарот и сегментација на истиот. Целта на овој чекор е да го дефинирате пазарот каде ќе можете да ја остварите бројката од 115.000 потенцијални потрошувачи. Откако ќе завршите со оваа анализа вие ќе имате една едноставна реченица: Ќе се насочам на пазарот на млади луѓе под 30 години кои имаат потреба од моите производи и/или услуги.
  • Значи имате потребен број на потенцијални потрошувачи и го знаете вашиот целен пазар, сега ќе треба да го искомбинирате Вашиот маркетинг микс за да можете да ја постигнете дефинираната бројка од првиот чекор. Во овој дел ги дефинирате предностите на Вашите производи и/или услуги и нивните вредности во очите на потрошувачите. Ги дефинирате дистрибутивните канали и цената на Вашите производи и/или услуги. И на крајот ги дефинирате промотивните стратегии со кои треба да привлечете 115.000 потенцијални потрошувачи во Вашата продажна инка.
  • И како последен чекор од овој мини маркетинг план е да ги систематизирате активностите кои произлегуват од истиот. Ова го извршувате со помош на маркетинг календарот. Темплејтот на овој маркетинг календар ќе можете да го добиете со регистрација за неделни билтени на претприемач.

Со помош на овие едноставни четири чекори ќе имате маркетинг план кој ќе ви овозможи постојано подобрување на Вашите маркетинг активности како и соодветно исполнување на бизнис целите.

post

МАРКЕТИНГ СРЕДСТВА 13 – МАРКЕТИНГ КАЛЕНДАР

Ќе продолжиме со маркетинг средствата за кои пишувме секоја недела. Стигнавме до 13 од ветените над 100 маркетинг средства или оружја за претприемачите и малите бизниси. Сите претходни беа маркетинг средства кои имаа основна пропагандна цел за бизнисот. Веќе имавме еден блог напис за календарчиња како маркетинг средства. Но, овој напис е за маркетинг календар кој претставува елемент од маркетинг планот и служи за ефикасно и ефективно организирање на претприемачот во однос на маркетинг напорите што ги спроведува.

Маркетинг активностите како делење на брошури и флаери, радио и ТВ кампањи, праќање на меилови и писма, телефонски повици, мрежни техники итн. мора да бидат менаџирани и имплементирани во вистинско време.

Маркетинг календарот мора да биде интегрален дел од секој успешен маркетинг план. Наједноставно кажано маркетинг календарот претставува 12-месечен опис на она што Вие како претприемачи планирате да го направите за маркетингот. Да тоа значи дека маркетинг календар е пишан патоказ за Вашите маркетинг активности за одреден временски период. Мора да запомните дека Вашиот маркетинг календар е динамичен документ кој ќе треба да се менува од време на време.

Како да направите маркетинг календар?

Маркетинг календар е алатка која мора да ги содржи следниве елементи:

  • Како ќе го спроведувате маркетингот?
  • Кон кого ќе го насочите маркетингот?
  • Колку ќе ве чини маркетингот?
  • Кога ќе го спроведувате маркетингот?
  • Колку потенцијални потрошувачи ќе опфатите?
  • Резултати за тоа колку потрошувачи сте стекнале со одредена маркетинг активност.

Наједноставен начин да направите маркетинг календар е да направите табела во MS Excel или MS Word и да ги ставите поднасловите како колони за секоја маркетинг активност која планирате да ја спроведете. Маркетинг календарот може да биде во електронска форма како .doc  или .xls фајл или пак да биде во печатена документарна форма. Формата не е важна, туку важна е имплементацијата и содржината на истата.

Наједноставен маркетинг календар би можел да изгледа на следниов начин:

Маркетинг активност Целен пазар Трошоци Датум од: Датум до: Потенцијални потрошувачи Резултати

Но, наједноставно можете да се регистрирате за неделни билтени на претприемач (колоната десно) и ќе добиете темплејт на маркетинг календар со уште 9 други темплејти.

Зошто маркетин календарот е толку важен?

Маркетинг календарот е важен бидејќи тој:

  • Ќе ви помогне да ги мерите Вашите маркетинг активности за одреден период;
  • Ќе ви помогне да ги следите трошоците за маркетингот;
  • Ќе ви помогне да ги подобрите Вашите маркетинг активности и
  • Ќе ви помогне да останете фокусирани.

Да, со маркетинг календарот ќе бидете во можност да ги мерите сите ваши маркетинг ресурси кои ги корстите за привлекување на потрошувачи. Оваа се обезбедува со помош на колоната која ја нарековме резултати. Како резултат ќе мора да внесете број кој ќе ви каже колку потенцијални потрошувачи се трансформирани во вистински купувачи.

Во Вашиот маркетинг календар ќе треба да имате колона која ќе ги прикажува трошоците за секоја маркетинг активност. Поради тоа, маркетинг календарот освен следење на трошоците ќе ви послужи и како средство за буџетирање на маркетинг активностите.

На пример, доколку потрошите 10000,00 денари за реклама во весник, и доколку во таа реклама вклучите попустна картичка ќе знаете точно колку потрошувачи ќе дојдат заради таа реклама. Доколку дојдат 500 потрошувачи кои ќе потрошат по 1000 денари ќе имате приход од 500.000 денари. И доколку вашиот профит изнесува 5% Вашиот профит ќе биде 25.000 денари. Оваа маркетинг камапања е добра бидејќи сте ги покриле тршоците од 10.000 денари и сте заработиле дополнителни 15.000 денари. Но, доколку имаме само 100 купувачи кои дошле со попустната картичка од таа реклама ќе имаме приход од 100.000 денари кој со 5% профитна стапка ќе биде 5000 денари профит. Ова веднаш ќе ни даде сигнал дека таа рекламна кампања веќе не треба да ја користиме. На ваков начи постојано ќе ги подобруваме нашите маркетинг активности.

Маркетинг календарот е навистина корисна алатка со која ќе успеете да ги следите сите Ваши маркетинг активности и на аков начин ќе останете фокусирани на сите планирани маркетинг активности во годината. На ваков начин маркетинг календарот ќе ви помогне да го исполните Вашиот маркетинг план.