post

Бизнис план – План за социјални медиуми

Бизнис план

Бизнис план

Социјални медиуми во повеќе наврати беа предмет на обработка на овој сајт. Но, иако беше допрено до нив со верзијата на процес на бизнис планирање од 2010 година преку онлајн стратегија сепак истата не резултираше со конкретен план кој би гарантирал спроведување на стратегијата (во делот на социјални медиуми) во пракса.

Користење на она што досега е направено

Кога станува збор за овој план како дел од севкупниот бизнис план вие како еден претприемач веќе имате изработено соодветна онлајн стратегија која на некој начин ќе ги отслика потребите на градење на присутност на вашиот бизнис на интернет.

На пример, со претходниот (ажуриран дел за 2011) пост кој се однесува на дефинирање и редефинирање на бизнис моделот имате дефинирано:

  • Кого опслужува вашиот бизнис?
  • Каква вредност испорачува вашиот бизнис?
  • Како и преку што ќе ја испорачува таа вредност?
  • Каква и преку кои средства ќе се одвива комуникацијата со потроувачите?

Токму овие прашања во комбинација со инлајн стратегијата подготвена во претходниот наслов која навлезе во конкуренцијата, пазарот и целите на онлајн присутноста ќе бидат основа на изработка на план за социјални медиуми.

Изработка на план за социјални медиуми

Во овој дел би ги сублимирале основните чекори кои ќе треба да ги спроведете за изработка на еден ваков план. Првин би тргнал со одговор на шрашањето за тоа што значи добар план за социјални медиуми. Добар план за социјални медиуму претставува:

  • едноставен
  • концизен
  • воден од целите и
  • применлив во пракса.

За да ја исполните целта, да имате добар план за социјални медиуми следете ги следниве чекори:

  • Чекор 1: Дефинирајте ги сите цели на бизнисот кои на било каков начин може да имаат врска со присутноста на вашиот бизнис на социјални медиуми. Ова веќе ви е обработено при дефинирање на онлајн стратегија, па така за целите на овој наслов на бизнис плано можете да ги искористите.
  • Чекор 2: На скицата на бизнис моделот наведете ги сите места каде социјалните медиуми може да имаат одредена улога во спроведување на ефикасни и ефективни активности за комуникација и дистрибуцијата на вредноста што вашиот бизнис ја нуди.
  • Чекор 3: Спроведете SWOT анализа за социјални медиуми. Во овој дел ќе треба да одговорите на 40 прашања (од внатрешноста и надворешноста на бизнисо) по што лесно ќе можете да ја конструирате SWOT матрицата.
  • Чекор 4: Направете еден Scorecard за социјални медиуми преку кој ќе ги анализирате различните социјални медиуми кои согласно бизнис моделот, онлајн стратегијата и спроведената SWOT анализа од претходниот чекор најмногу одговараат за вашиот бизнис.
  • Чекор 5: Изберете ги социјалните медиуми кои ќе имаат најмногу поени согласно претходниот чекор и кои вие и вашиот бизнис ќе ги користите за периодот за кој се однесува планот.
  • Чекор 6: Направете една листа на активности која ќе треба да ја спроведете за градење на соодветен настап на избраните социјални медиуми согласно претходниот чекор.
  • Чекор 7: Определете точен датум на реализација на секоја активност која ја дефиниравте во листата од претходниот чекор.
  • Чекор 8: Определете одговорни лица за спроведување на секоја од тие активности.
  • Чекор 9: Определете мерни индикатори за секоја активност како би можело да се спроведе соодветно мерење на резултатите од истите.
  • Чекор 10: Имплементација, мерење и подобрување

 

post

План за промоција преку одговор на 40 прашања

Бизнис план грешки

Прашања за план за промоција

Минатата недела објавивме пост за подготовка на план за промоција во кој презентиравме 7 основни чекори кои треба да се поминат при изработка на еден таков план. Со овој пост би сакале да го поедноставиме целиот процес преку дефинирање на основните прашања кои треба да ги одговорите за да подготвите еден план за промоција.

Прашањата имаат за цел да ве водат низ целиот процес на креирање на еден план за промоција за вашиот бизнис. Започнете од првото прашање и дајте одговор се до последното. Сите прашања треба да бидат одговорени колку што може попрецизно како би се подготвил супериорен план за промоција кој ќе го одведе вашиот бизнис до едно многу посупериорно ниво.

Прашања за план за промоција

  1. Кои се целите кои се поставени пред бизнисот за периодот за кој ќе се однесува планот?
  2. Кои се маркетинг цели кои ги имате воспоставено во согласност со бизнис целите?
  3. Што треба бизнисот да постигне во периодот за кој се однесува овој план и е во согласност со воспоставените бизнис и маркетинг цели?
  4. Колкава е старосната граница на твоите идеални купувачи?
  5. Колкав е приходот кој тие го имаат?
  6. Кои се нивните најголеми проблеми со кои се соочуваат?
  7. Што е она што може да им го привлече вниманието?
  8. Кои се корисностите кои твојот производ и/или услуга ќе им ги обезбеди?
  9. Каде најчесто го поминуваат денот?
  10. Какво им е нивото на едукација?
  11. Дали тие самите носат одлука за купување?
  12. Доколку не носат самите одлука за купување кој влијае на нивната одлука?
  13. Какви коли возат моите идеални потрошувачи?
  14. Со кого живеат моите идеални потрошувачи?
  15. Што сакаат да читаат, да гледаат, да јадат…?
  16. Кој не е ваш идеален потрошувач?
  17. Кој сеуште не е ваш идеален потрошувач, но би можел да стане?
  18. Кои се моите сегашни потрошувачи?
  19. Колкава е временската рамка на нарачки од страна на тие сегашни потрошувачи?
  20. Која е временската рамка која треба да ја постигнам за да ги исполнам поставените цели?
  21. Колку нарачки прави еден просечен сегашен потрошувач?
  22. Колкав е бројот на нарачките кои се потребни заради остварување на поставените цели?
  23. Колкава е паричната вредност на нарачките на моите сегашни потрошувачи?
  24. Колкава парична вредност на нарачки е потребна заради остварување на поставените цели?
  25. Постои ли можност да се зголеми продажбата кај сегашните потрошувачи?
  26. Доколку постои можност за зголемување што е тоа што би го предизвикало тоа зголемување?
  27. По кои карактеристики најмногу се разликуваат сите досега опфатени сегашни и потенцијални потрошувачи?
  28. Кои сегменти може да се користат врз основа на тие карактеристики?
  29. Кои карактеристики се однесуваат на кој сегмент?
  30. Колкав е буџетот за промоција за периодот за кој се однесува планот?
  31. Кои се промотивни алатки и техники (маркетинг средства) би требало да ги користам за остварување на поставените цели?
  32. Која промотивна алатка и техника е најсоодветна за секој од сегментите дефинирани со прашањето 28?
  33. Колку пари се потребни за имплементација на тие промотивни алатки и техники во периодот за кој се однесува промотивниот план?
  34. Дали буџетот од прашање 30 и потребните пари од прашање 33 се еднакви?
  35. Што треба да исфрлам или додадам доколку одговорот на прашањето 34 е не се еднакви?
  36. Кога секоја промотивна алатака и техника од претходните прашања треба да биде имплементирана?
  37. Дали на календарот соодветно се распределени имплементациите на тие промотивни алатки и техники?
  38. Кој ќе биде одговорен за спроведување н секоја од тие промотивни алатки и техники?
  39. Кои се мерните индикатори врз основа на кои ќе можам да кажам за секоја алатка и техника дека е успешна или неуспешна?
  40. Што треба да променам во текот на имплементацијата за да ја подобрам ефикасноста на секоја алатка и техника?
post

Бизнис план грешки кои не знаете дека ги правите

Бизнис план грешки

Бизнис план грешки

Бизнис план грешки можат да бидат страшни за сопствениците на малите бизниси. Понекогаш некои грешки неможат да бидат избегнати, но не значи дека истите грешки треба да бидат повторени.

Понекогаш, постојат грешки кои едноставно претприемачот не знае дека ги прави. Најголемата грешка на еден претприемач е кога тој не препознава дека направил грешка.

Грешките се болни кога ќе се случат, но години подоцна, колекција на грешки е она што се нарекува искуство. ~ Denis Waitley

Да, тие се нешто што може да доведат до искуство. За ова пишувавме во Подобрување – последица на грешки.

Како и да е, грешките може да бидат трансформирани во искуство само кога знаете дека сте направиле грешка. Без тоа витално знаење, грешките може да се повторат во следниот процес на вашите активности.

10 Бизнис план грешки

Ќе презентирам тука едни од најслабо препознатливи грешки кои вие можете да ги направите кога спроведувате процес на планирање во вашата компанија.

  1. Го гледате планот како документ, а не како производ на процес на планирање. Број еден грешка која спаѓа во група на неприметливи грешки е да го гледате планот само како парче хартија за кое некој побарал да го направите (се мисли на банка, финансиска инсистуција, бизнис план натпревар…). Бизнис план има големо значење за вас и за вашиот бизнис само ако неговото производство претставува процес, и тоа процес кој никогаш не завршува.
  2. Обид да се најде перфекционизам во се. Перфекционизмот е важен елемент, но понекогаш може да ве вовлече во еден циклус на планирање кое никогаш не завршува и планот никогаш да не биде имплементиран бидејќи не е перфектен.
  3. Обид да се задоволат сите страни. Сакаш да се задоволиш себеси како претприемач. Сакаш да ги задоволиш финансиските институции за да ти дадат пари. Сакаш да ги задоволиш вработените. Сакаш да ги задоволиш потрошувачите. Сакаш да ги задоволиш акционерите… На ваков начин го губиш фокусот од најважната работа – бизнис моделот кој мора да се имплементира.
  4. Користење на премногу оптимистичко предвидување. Добро е да се биде оптимист, но во процесот на бизнис планирање погледите кои се премногу оптимистички може да доведат до катастрофа во вашата компанија.
  5. Заборавање дека на пазарот постои и конкуренција. Можеби вашиот бизнис е толку уникатен што ве доведува до констатација дека на пазарот не постои конкуренција. Како и да е, мора да запаметите дека не постои бизнис кој оперира на пазар целосно без конкуренција. Најважната тековна конкуренција и најважната идна конкуренција мора да биде дел од бизнис планот.
  6. Ја објаснувате бизнис идејата, а не бизнис можноста. Можеби вашата идеја е брилијантна, но доколку бизнис идејата не стане бизнис можност тогаш вашата компанија ќе страда. Мора да запаметите дека една бизнис идеја не е секогаш и бизнис можност. Затоа вашиот бизнис план треба да ја објасни бизнис можноста, а не како бизнис идејата е брилијантна.
  7. Не го ажурирате планот постојано. Бизнис планот не е статичен елемент кој може да се напише и заборави. Тој е динамичен документ кој бара постојано мерење, подобрување и ажурирање.
  8. Некомплетно резиме на планот. Понекогаш резимето е единственото нешто што ќе биде прочитано од луѓето кои се задолжени за давање на финансиски средства. Затоа е важно и мора да биде комплетно.
  9. Бизнис планот не содржи конкретни чекори. Секој план мора да резултира во прецизно дефинирани чекори кои мора да се изодат во наредниот период. Без вакви чекори, планот ќе биде само парче хартија.
  10. Одложување на имплементација. Доколку сте го направиле бизнис планот не го одложувајте. Доколку сепак го одложите, тоа е знак дека нешто не е во ред со него.

Ќе го завршам овој пост со уште еден цитат за грешки:

Грешките се тука и чекаат да бидат направени. ~ Savielly Tartakower

post

Бизнис план – Следење на имплементација

Бизнис план - Следење на реализација

Бизнис план - Следење на реализација

Еден бизнис план не служи за да се каже дека имате бизнис план и тој да ви стои во фиока или на полица каде ќе собира прав. Бизнис планот не е нешто што е непроменливо. Запомнете едно нешто, светот на бизнисот е променлив свет, па така и вашиот бизнис е променлив, а со тоа и вашиот бизнис план спаѓа во променлива категорија.

Претприемачите се луѓе кои се секогаш полни со идеи. Идеите се тие кои го водат бизнисот напред. Тие идеи можеби не сте ги имале кога сте го подготвувале бизнис планот. А, сите ваши анализи покажуваат дека имплементацијата на идеите ќе го зголеми вашиот успех. Затоа ќе мора да ги внесете во вашиот план и нормално да извршите прилагодување на истиот бидејќи една мала промена во еден дел од бизнис планот може да доведе до крупни промени во останатите (The Tripping Point – How Little Things Can Make a Big Difference).

Не може да се очекува дека планот ќе биде 100% точен и вистинит бидејќи тој во најголем дел се базира на историски податоци, анализи и проценки за иднината. Грешките се можни и оправдани. Затоа, постојано мора да се споредуваат планираните  во однос на остварените бројки. Да се бара разликата. Да се бараат причините за таквата разлика кои би се имплементирале во следниот циклус на планирање. Само на ваков начин ќе се обезбеди континуирано подобрување не само на процесот на планирање во вашиот бизнис туку и на севкупните бизнис процеси.

Но, што е тоа што треба да се споредува во бизнис планот? Еве некои споредбени точки во Вашиот бизнис план на кои треба да обрнете внимание:

  • Дали минатата година ги исполнив целите кои си ги постави во бизнис планот. Дали тековната работа води кон исполнување на поставените цели? Ова е значајно бидејќи доколку целите не ги исполнувате ќе мора да менувате нешто во самиот процес на работата.
  • Дали имате воведено нови производи кои не се опфатени со Вашиот бизнис план. Дали споредбата на вашите производи во однос на конкурентните е иста како во бизнис планот? Дали имате планови за идни производи кои не сте ги опфатиле со бизнис планот? Производите и/или услугите се тие кои ви носат финансии во вашиот бизнис. Нивното постојано следење е многу важно.
  • Дали движењата на пазарот се токму онакви како што покажува вашата анализа на пазарот во планот? Движењата на пазарот се основа за многу одлуки во однос на вашето работење. Мора да го следите пазарот доколку сакате да останете на него. Инаку, тој едноставно ќе ве отфрли.
  • Дали има крупни промени во индустријата кои не се предвидени во анализата на индустријата во Вашиот бизнис план? Секоја индустрија има посебни карактеристики и движења. На пример, за IT индустријата карактеристика се големи и брзи промени. За да се биде во тренд и во согласност со пазарот мора да се следат движењата во индустријата во која се наоѓате.
  • Дали има или ќе има некои промени во законската регулатива кои би влијаеле на работењето на вашиот бизнис и кои би требало да се имплементираат во самиот план?
  • Имате ли некои промени во Вашата маркетинг стратегија која е опишана во бизнис планот? Како се движат Вашите цени, промоцијата и дистрибуцијата? Вашиот маркетинг, цените, промотивниот материјал и начинот на дистрибуција се променлива категорија. И треба да бидат променливи. Но, какво влијание ќе имаат на продажба, на процесот на работењето, на менаџментот ќе влијае и на планирањето.
  • Дали продажбата се движи како во проекциите во планот? Ова е најважна контролна точка со планот. Од продажбата ќе зависи и рентабилноста, и готовинскиот тек, и видот на маркетингот, вработување… Сето ова се важни елементи на кои се базира Вашиот бизнис план.
  • Има ли промени во однос на маркетинг планот?
  • Дали организациската структура е онаква како што е наведена во планот? Дали работите со истиот менаџерски тим како во планот? Променети ли се плановите за вработување на персонал?
  • Каква е вашата реална рентабилност во однос на планираната?
  • Дали вашата добивка или загуба е во согласност на планот? Продолжувате со ист начин на работа или не?
  • Дали готовинскиот тек се движи како што е опфатено во планот?
  • Дали вашите јаки и слаби страни, како и можности и закани се исти како во планот? Има ли промена во нивното влијание на вашето работење?

Ова се основните елементи кои во текот на годината треба:

  • да се контролираат,
  • да се споредуваат со планот,
  • да се утврдат причините за таквата разлика
  • да се решаваат сите проблеми преку отстранување на негативните разлики (несиполнувањата на планот)

На сликата подолу е даден еден поедноставен дијаграм на текот на активностите при мерење на резултатите и споредбата на оствареното со планираното.

Дијаграм на тек - Следење на бизнис планот

Дијаграм на тек - Следење на бизнис планот

post

Кога започнува бизнисот?

започнување на бизнисот

Кога започнува бизнисот?

Бизнис идеја е стартната точка како на секој бизнис така и на секој претприемач. Претприемач станува тоа што е откако ќе дојде до бизнис идеја, ја трансформира во бизнис можност откако ќе утврди некаков проблем, промена или потреба на пазарот и ја стартува таа бизнис идеја како сопствен бизнис. Бизнисот е последица на бизнис идеја до која што доаѓа претприемачот.

Процесот на реализација на една бизнис идеја при што таа ќе стане вистински бизнис (мислам вистински бизнис кој ќе биде профитабилен и успешен) претставува една временска единица, едни чекори кои ќе треба да се изодат или поминат од страна на претприемачот. Но, доколку тоа време се оддолжи, може да претставува и проблем. Проблем, бидејќи вие не сте сами на пазарот. И најуникатната бизнис идеја може да биде спроведена во реалност од страна на конкурентите. Па затоа и трката започнува уште во овие најрани фази од започнување на бизнисот.

Пред да се започне бизнисот потребно е:

  • Бизнис идејата да се провери со самиот претприемач. Дали имате доволно вештини и знаење за спроведување на таа бизнис идеја? Дали можете да искористите некој друг со потребни вештини и знаење да заедно со вас ја спроведе таа бизнис идеја? Дали имате доволно пари за стартување на тој бизнис? Доколку немате од каде ќе ги набавите? Ова се прашања низ кои треба секоја бизнис идеја да помине пред да се трансформира во вистински бизнис.
  • Бизнис идејата да се провери со пазарот. Освен претприемачот кој ќе биде одговорен за спроведување на една бизнис идеја во реалност, тука е и пазарот кој ќе биде одговорен за прифаќање или отфрлање на истата. Замислете вашата бизнис идеја креира бизнис во кој произведете производ и/или услуга кој нема да се продава на пазарот на кој настапувате. Самоубиствено, нели? Затоа, пред да се започне бизнисот ќе треба да ја проверите бизнис идејата со пазарот, а тоа значи да спроведете истражување на пазарот, што секако бара време и го одложува процесот на започнување на бизнисот. Прочитајте повеќе во бизнис идеја не е бизнис можност.
  • Да се спроведат сите неопходни подготовки за стартување. Локација, залихи, магацини, канцелрии, регистрација, вработување, подготовка на неопходните ресурси… Сето ова се елементи кои треба да бидат спремни пред официјално започнување на бизнисот и кои секако одземаат време.
  • Да се направи план за една до три години однапред. Без соодветен план за Вашиот нов бизнис истиот однапред ќе биде осуден на пропаст. Мора да направите план кој нема да дозволи да избегнете од зацртаниот пат. Но, и планот бара време.
  • Да се произведат неопходните производи и/или услуги за стартување на бизнисот. Доколку Вашиот бизнис претставува производно претпријатие ќе мора да дизајнирате производ, да произведете бета верзија на истиот, да го тестирате и доколку се е ОК да започнете со официјално производство за продажба. Сето ова бара време.

Е сега, кога е вистинското започнување на бизнисот? Дали кога ќе ги добиете потребните документи од Централен регистар и останати институции? Дали кога ќе отворите банкарска сметка? Дали кога ќе легнат парите од првиот кредит заедно со Вашите на Вашата бизнис сметка?

Не, бизнисот во вистинска смисла започнува кога ќе ја имате првта продажба. Бизнисот започнува кога ќе ја имате првата нарачка. Бизнисот започнува кога ќе ги имате парите на рака од првата нарачка.

post

Бизнис план: Најдоброто на претприемач во 2010

Бизнис план - Најдоброто за 2011

Бизнис план - Најдоброто за 2011

Бизнис план претставува третата тема од серијалот најдоброто на претприемач во 2010. Овие постови можете да ги искористите како надополнување на Бизнис план за 2011 во кој презентирвме 22 прашања кои треба да ги одговорите за да ве водат низ процесот.

Како нешто што навистина вреди да се прочита и знае за оваа година во категорија бизнис план ги издвоивме следниве постови:

  1. Процес на бизнис планирање. Оваа е второто издание на постови за процес на бизнис планирање каде се разработени сите елементи кои треба да ги содржи производот од тој процес – бизнис планот. Тука ќе ги најдете сите линкови до упатствата за изработка на бизнис план.
  2. 7 Различни значења на бизнис планот. Во овој пост претставени се 7 различни значења на бизнис планот кои може да бидат инкорпорирани во процесот на бизнис планирање од каде што ќе произлезе еден таков документ.
  3. Бизнис Капацитет – Секогаш мора да биде земен во предвид! Во процес на бизнис планирање, мора да се земат во предвид и капацитетите на бизнисот. Кога велам капацитети на бизнисот мислам на Вашите капацитети, капацитетите на Вашите вработени и капацитетите на Вашата технологија.
  4. Постави ниски но остварливи, наместо високи неостварливи цели. Поставување на објективни цели претставува основа за постигнување на тие цели кои ќе ги опфатиме со нашиот бизнис план.
  5. PEST – Политички, Економски, Социо-Културни и Технолошки Влијаниа.  Во овој пост е направен обид само накратко да се навлезе во сите овие подрачја на околината кои влијаат врз бизнисот и кои секако треба да бидат дел од Вашиот бизнис план.
  6. Бизнис Модел Наместо Бизнис План. Често пати се поставува прашањето дали е потребен бизнис план. Во овој пост се опфатени некои размислувања и препораки дали да се оди само со бизнис модел кој би го заменил бизнис планот.
  7. Претприемничко предвидување – побарувачка.  Најважното предвидување за секој претприемач е да се предвиди побарувачката. Во овој пост е прикажан начин како да ја предвидувате побарувачката за производите и/или услугите кои ги нуди Вашиот бизнис.
post

Бизнис план за 2011

Бизнис план за 2011

Бизнис план за 2011

Крајот на годината и почетокот на новата година е период кога во големо се планираат активностите за годината која што следи. Бизнис планирање е процес кој доведува до осветлување на патот кој сакаме да го изодиме како бизнис во новата година. Бизнис планот е тој кој ќе ни даде можност да ги следиме постигнувањата и секако да подобриме секаде каде што ќе направиме промашување. А, промашувањата се реалност, мора да бидеме објективни.

Во овој пост сакам да презентирам прашања кои ќе треба да ги одговорите за Вашиот бизнис план за 2011 да биде подготвен и спремен за имплементација.

  1. Кои се краткорочните цели на Вашиот бизнис?
  2. Кои се долгорочните цели на Вашиот бизнис?
  3. Кои се Вашите лични цели за 2011?
  4. Каков бизнис модел ќе користите во 2011 година?
  5. Зошто токму Вашиот производ и/или услуга ќе ги надминат производите и/или услугите на конкуренцијата?
  6. Како Вашиот бизнис ќе и помогне на Вашата околина (заедница во која оперира)?
  7. Каде Вашите купувачи ќе го купуваат Вашиот производ и/или услуга?
  8. Колку се спремни да платат за Вашиот производ и/или услуга?
  9. Кои се најважните конкуренти?
  10. Каква вредност има Вашиот производ и/или услуга за купувачот?
  11. Како може да се подобри бизнис идејата?
  12. Кои се целните потрошувачи за Вашиот бизнис?
  13. Која е староста на тие целни потрошувачи?
  14. Од кој пол се тие потрошувачи?
  15. Какви потреби тие имаат?
  16. Каков им е финансискиот статус на тие потрошувачи?
  17. Како ќе дојдете до тие потрошувачи?
  18. Каков слоган ќе користите за привлекување на тие Ваши потрошувачи?
  19. Кои стратегии за финансирање ќе ги користи Вашиот бизнис во 2011 година?
  20. Колкави ќе бидат трошоците на мојот бизнис (фикснии варијабилни)?
  21. Колкав месечен буџет ќе има Вашиот бизнис и за што ќе се троши тој буџет?
  22. Како ќе се движи готовината во новата 2011 година (анализа на готовински тек)?

Ова се основните прашања на кои ќе треба да дадете одговор во Вашиот бизнис план за 2011 година, се она што дополнително сметате дека треба да го одговорите со планот слободно внесете го во истиот. Секој бизнис е различен, па така и ќе бидат различни потребните одговори за соодветниот бизнис план.

post

10 Прашања кои треба да ги одговорите пред 2011

Претприемнички прашања пред 2011

Претприемнички прашања пред 2011

Се ближи новата година и овој период бара многу работа за претприемачи. Потребна е соодветна подготовка за годината која следува. Се разгледуваат остварувањата и успесите од оваа година. Но, сето тоа е безполезно доколку не се извлечат соодветни заклучоци со кои во новата година ќе влеземе поподготвени и секако подобри.

Искуство од една година водење на бизнис за еден претприемач претставува големо искуство. Затоа, само како еден потсетник за тоа кои прашања како минимум ќе треба да си ги поставите и одговорите во овој период од годината. Сепак, сигурно се подготвувате и за прославата за дочек на новата година.

1. Дали планираното за 2010 го остваривте?

Како претприемач, сигурно 2010-тата година сте ја зпочнале со соодветен план за истата во кој ги имавте поставено целите за 2010 и секако акционен план со потребни постигнувања во бројки (мерливи). Доколку е така, а би требало да биде така, отворете го листот хартија или Excel табела во која се наоѓаат тие планови и планирани постигнувања и споредете ги со актуелните бројки. На пример, една цел е да се оствари приход од 20.000.000 денари за 2010 година. Вистински остварен приход може да биде еднаков, поголем или помал од таа сума. Доколку е поголем или еднаков тогаш вие сте ја оствариле зацртаната цел.

Во тој акционен план означете ги стие активности кои предизвикале за остварување на целта која навистина сте ја оствариле.

2. Она што го остваривте зошто го остваривте?

Откако ги имате означено остварените цели и акциите кои придонеле за нивното остварување веднаш поставете си го прашањето ЗОШТО. Зошто успеав да остварам приход од толку и толку денари, зошто профитабилноста ја зголемив за толку и толку проценти? Зошто…

Кои активности сте ги превзеле за тие успеси?

Ова се значајни прашања бидејќи ќе ви дадат одговор за она што сте го направиле исправно во годинава која што изминува, а што навистина дава добри резултати.

3. Како да ги подобрите процесите кои придонесоа до тоа остварување?

И она што може да се чини како најдобро секогаш може да биде подобрено. Разгледајте ги сите процеси кои придонеле до остварување на поставените бизнис цели и активностите од кои се составени. Размислувајте како да ги подобрите, како да ги повторите за следната година.

4. Она што не го остваривте зошто не го остваривте?

Мора да бидете објективни и да кажете доколку нешто не сте оствариле дека навистина не сте го оствариле. Зошто не е остварено? Дали целите биле поставени превисоко? Дали сте направиле погрешно предвидување за иднината?

Сите овие прашања ќе ви помогнат да ги лоцирате елементите кои претставуваат слабост за Вашиот бизнис.

5. Како да ги елиминирате препреките кои довеле до тоа неостварување на планираното?

Сите препреки кои ви се појавиле на патото во текот на 2010 година и кои довеле до неостварување на некои планирани цели потребно е да ги елиминирате. Ова всушност претставува и подготовка на подобрување за Вашиот бизнис во новата година.

Сето она што како причина за неостварување ќе го одговорите во 4-тото прашање ќе претставуват препреки за кои ќе треб да најдете начин како да ги елиминирате.

6. Што сакате да постигнете во 2011?

И повторно, нов циклус на планирање за нова година кој е пред нас. Што е она што сакате да го постигнете во 2011 година? Бидете специфични со желбите, бидете објективни во согласност со реалните можности и секако барем малку обидете се да ги подобрите бизнис перформансите.

Направете листа на она што сакате да постигнете во 2011 со мерливи индикатори како догодина ова време повторно би си ги поставувале овие прашања.

Не заборавајте во овие планови да ги вклучите и препораките од одговорите во 5-тото прашање.

7. Како планирате да го постигнете тоа во 2011?

Лесно е да се постави цел, но цел без конкретни акциони чекори кои во пракса ќе се спроведат и кои треба да доведат до остварување на таа цел имаат многу послаб потенцијал за вистинско остварување.

Затоа одговорете на оваа прашање преку изготвување на конкретна листа на чекори за секоја поставена цел.

8. Дали се подготвени процесите за тие постигнувања во 2011?

Без бизнис процеси тешко дека може да оствари било што во бизнисот. Затоа, уште сега проверете дали ги имате изградено и воспоставено сите бизнис процеси кои ќе ви бидат потребни за реализирање на целите за 2011. Доколку нешто недостасува, поправете го или вклучете го во планот за 2011 како нешто што ќе треба да се направи.

9. Што ќе подобрите во 2011?

Од досегашните прашања веќе можевте да забележите големи можности за подобрувања. Излистајте ги сите и ставете ги на хартија за да не се заборави, и секако за да имаат поголема тежина.

10. Како ќе го подобрите тоа во 2011?

И секако 10-тото прашање е како да ги подобрите сите идентификувани можности за подобрување од 9-тото прашање.

post

Бизнис математика: 20% од 10 е многу помало од 20% од 1000

Бизнис математика

Бизнис математика

Бизнис математика претставува секојдневна работа на еден претприемач. Како и да е, различни гледишта носат различни резултати и констатации за можните идни насоки.

Ист процент од нешто е многу помал од истиот процент од нешто поголемо. Како и да различните бизнис елементи доведуваат до различна математика при што еден ентитет се чини дека е поуспешен од другиот.

Да се поиграме со една проста бизнис математика.

Бизнисот А се наоѓа на пазарот со 100.000 луѓе на кој има 10% учество. Ова не е исто со бизнисот Б кој се наоѓа на пазар со 1.000.000 луѓе и на кој има исто учество од 10%. Бизнисот А има 10.000 купувачи, додека бизнисот Б има 100.000 купувачи. Со оваа математика очигледно е дека бизнисот Б е подобар од бизнисот А.

Но, да продолжиме со „весела математика“ на истиот пример пред да прогласиме дека еден е победник во однос на другиот.

Што ќе се случи доколку просечен износ на купување во пари за едн година од страна на еден купувач кај бизнисот А изнесува 5.000 денари, додека кај Б изнесува 100 денари. Во еден ваков случај А ќе има годишен приход од 50.000.000 денари, додека Б ќе има годишен приход од 10.000.000 денари. Очигледно дека во овој случај А е подобар од Б иако Б има повеќе купувачи.

Што ќе се случи доколку профитната маржа на А е 5% а на Б е 35%? Во овој случај, А ќе има 2.500.000 денари профит, додека Б ќе има 3.500.000 денари профит. Кој бизнис е подобар? Очигледно Б е попрофитабилен.

Забележувате како од математика до математика се случуваат драстични промени во донесување на заклучоци.

Што можам да кажам, освен дека:

  • Се во бизнисот започнува од пазарот и потрошувачите.
  • Се е околу математикта која ја изведуваме.
  • Се се базира на елементи и гледишта кои го разликуваат еден бизнис од друг.
  • Се мора да се евалуира до крај или до линијата финиш.

Започнете да се играте со бројките и различните фактори кои влијаат на тие бројки. Користете рзлични гледишта во различни аспекти. Ќе се изненадите колку се различни работите околу Вашиот бизнис.

Што мислите Вие, како бројките ќе влијаат на вас?

post

Подобар Маркетинг План – 5 Прашања и една табела

Маркетинг план - Мој патоказ

Маркетинг план - Мој патоказ

Се најдов себеси повеќепати заглавен во формализација на еден маркетинг план што ми се чинеше како една вечност. Пишување на еден маркетинг плaн според мое искуство не претставува прекрасен документ кој изобилува со графици и дијаграми, туку едноставно еден патоказ кој ќе ве води во исполнување на поставените маркетинг цели. Повеќе за ова во еден процес на бизнис планирање пишував во Опасности во стилот планирај го твојот бизнис план. Добар маркетинг план е базиран на севкупните бизнис цели кои се трансформирани во една маркетинг стратегија а не на наслови и приказни во тие наслови.

Заради поедноставување и нормално подобрување на квалитетот на еден маркетинг план би извлекол процес кој е составен во одговарање на 5 прашања и изработка на една табела.

1. Кој е Вашиот целен пазар?

Започнете со барање на специфичностите во подрачјата каде што сакате да биде присутен Вашиот бизнис. Секој пазар е составен од повеќе подрачја, односно може да биде разделен во сегменти. Кога зборувам за подрачја не мислам за подрачја како геометриски површини, туку подрачја во вид на индикатори кои го разликувaат еден дел од пазарот од другиот. И да, прашањето е: Кој е Вашиот целен пазар?

  • Мојот целен пазар е подрачје каде што постои проблем кој што мојот бизнис може да го реши.
  • Мојот целен пазар е подрачје со потенцијални купувачи кои ќе сакаат да ги купуваат моите производи и/или услуги.
  • Мојот целен пазар е подрачје со луѓе кои се спремни да платат за моите производи и/или услуги.
  • Мојот целен пазар е подрачје доволно големо до го поддржи постоењето и развојот на мојот бизнис.

Ова се 4 одговори кои мора дa бидат дадени пред да го изберете Вашиот целен пазар. Забележувате дека тука станува збор за 5 елементи:

  • Проблем
  • Желба
  • Спремност
  • Капацитет и секако можеби најважното нешто
  • Да јас и мојот бизнис можеме.

Ова значи дека целниот пазар мора да има проблем доволно голем да постои желба за решение кое нашиот бизнис може да го понуди за цена која пазарот е спремен да ја плати и со доволно голем капацитет да ги поддржи нашите планови за раст на бизнисот.

2. Кои се твоите маркетинг цели?

Сега кога знаеме кој е нашиот целен пазар, ќе мораме да ги формулираме целите на нашиот маркетинг. Што сакаме да постигнеме со нашите маркетинг активности? Овој дел претставува специфични 3 до 4 реченици со кои ќе опишеме што сакаме да постигнеме. Забележувам дека често имаме потреба да дефинираме повеќе цели. Тоа е голема грешка. Ако поставите премногу цели, ќе го загубите фокусот и ќе биде многу потешко постигнувањето на тие цели.

Поставете мерливи цели бидејќи имплементацијата ќе зависи од Вашата способност да го следите прогресот и да ги мерите резултатите. Доколку Вашите цели се генерални без опипливи елементи, обидете се да најдете начин да ги направите поспецифични. На пример:

  • 30% учество на целниот пазар во првата година на плaнот и 45% во втората година.
  • Зголемување на стaпката на конверзија од 5% на 10% во првата година и на 15% во втората година.
  • Зголемен влез во продажната инка за 10% во првата година и 20% во втората година.

Со вакви цели вие ќе имате конкретни бројки кои ќе треба да ги исполните и лесно можете да тргнете од тие бројки наназад за да дојдете до определени активности. На крајот, имате мерливи индикатори за тоа да утврдите дали тоа нешто е остварено или не и доколку не е остварено да барате одговори зошто не е остварено кои ќе ги имплементирате во наредниот процес на планирање на маркетинг активности.

3. Кои ќе бидат Вашите маркетинг стратегии?

Сега кога го знаеме целниот пазар, ги знаеме целите, време е да ги развиеме стратегиите кои ќе го поддржат исполнувањето на тие цели како дел од нашиот маркетинг план.

Стратегија претставува план на акции за остварување на група цели кои нашиот бизнис ги има поставено, а во овој случај тоа се маркетинг цели. Ќе мора да одговорите на следниве прашања:

  • Како ќе ги оствариме поставените маркетинг цели?
  • Што ќе треба да превземеме во генерални термини за да тие цели постанат реалност?

На пример, доколку ја земеме првата маркетинг цел ќе имаме нешто слично како следново:

  • 30% учество на пазарот
    • Стратегија 1: Подобрување на перцепцијата
    • Стратегија 2: Зајакнување на маркетинг кампањи
    • Стратегија 3: Додавање на поголема вредност во понудата.

4. Кои маркетинг тактики ќе ги користиме?

Стратегиите имаат потреба од тактики заради процесот на имплементацијата. Тактиките ќе претставуват група на акции кои ќе треба да се спроведат заради ефективна имплементација на стратегиите. На пример, доколку продолжиме со стратегијата 1 ќе имаме:

  • Стратегија 1: Подобрување на перцепција
    • Тактика 1: Зголемување на онлајн присутноста на бизнисот.
    • Тактика 2: Развој и имплементација на нова политика за услужување на потрошувачи.
    • Тактика 3: Тренирање на вработените за системот за водење на грижа за корисниците.

5. Кои ќе бидат маркетинг активностите?

Секоја тактика се имплементира преку вистинска акција, или активности од страна на персоналот на бизнисот. Сега кога Вашиот маркетинг план веќе го има дефинирано целниот пазар, целите, стратегиите и тактиките време е да се конвертираат тие тактики во опипливи активности. На пример доколку продолжиме со првата тактика ќе имаме:

  • Тактика 1: Зголемување на онлајн присутноста на бизнисот
    • Редизајн на веб страната
    • Изработка на бизнис блог
    • Отворање на бизнис профили на социјални медиуми
    • Комуникација со потенцијални клиенти

Последната работа – Табела

Табела за маркетинг план

Доколку сакате да останете фокусирани на имплементацијата на овој маркетинг план, табелата како оваа е нешто што ќе ви помогне.