post

Како да откриете за што имате пасија?

Пасијата за нешто што го работиме во секојдневниот живот е многу важен елемент кој донесува квалитет во нашиот личен и професионален живот како претприемач.

Пасија на еден претприемач

Многу луѓе имаат пасија за нешто, но не знаат за што всушност тие имаат вистинска пасија. Дури и не знаат дека нивната вистинска пасија може да се трансформира во успешен бизнис.

Најдоброто решение за претприемачите е нивната бизнис идеја да биде подржана од нивната вистинска пасија како надополнување на проблемот и знаењето. Тие ќе имаат пасија за нивниот стартап, ќе имаат пасија за нивната секојдневна работа во нивниот бизнис и пасија за нивниот иден успех во бизнисот. Сетоа ова само ќе ја зголеми веројатноста за претприемничка и бизнис успешност на еден потенцијален претприемач.

Затоа сакам да ги презентирам моите размислувања за откривање и искористување на пасијата во бизнис цели.

Што претставува пасија?

Во Wikipedia за пасија можеме да го најдеме следново:

Пасија може да се претстави како чувство на невообичаено возбудување, ентузијазам или релевантни емоции кон некој предмет, идеја, личност или пак објект. Се вели дека личноста има пасија за нешто доколку има силен позитивен афинитет кон тоа нешто. Љубов кон нешто и пасија кон нешто се многу слични чувства.

Еве ги најважните зборови од оваа дефиниција:

  • Пасија е лично чувство. Какви се твоите лични чувства за твојот сегашен или пак потенцијален бизнис како еден претприемач? Дали се возбудувачки тие чувства?
  • Пасија е еден вид на емоција. Какви се твоите емоции за твојот сегашен или пак потенцијален бизнис како еден претприемач? Дали се ентузијастички?
  • Пасија е силен позитивен афинитет за она што го работиш. Дали имаш позитивен афинитет во однос на она што го работиш.

Вие ќе имате пасија за нешто доколку сте возбудени, имате ентузијастички емоции и позитивен афинитет за тоа нешто.

Што ќе претставува пасија за еден претприемач?

Доколку сте возбудени и имате ентузијастички емоции и позитивен афинитет за вашето започнување на бизнисот, најверојатно е дека ќе имате добра пасија за претприемничката кариера која сте ја избрале.

10 Прашања за да откриете за што имате пасија?

1. Кое е вашето хоби?

Хоби е резултат на Вашата пасија. Доколку Вашето хоби е градинарство, најверојатно Вие имате пасија за градинарство. Доколку Вашето хоби е играње фудбал, веројатно имате пасија за фудбалот. Затоа започни со твоето хоби кое ќе ти каже за што имаш пасија.

2. Што навистина сакате да правите?

Нешто што го правите секојдневно и го правите тоа со љубов, тогаш Вие имате пасија за тоа нешто. Излистај ги работите кои сакаш да ги правиш за да најдеш за што имаш пасија.

3. Кои се работите во кои што уживате?

Да сакате нешто да работите е една работа, додека да уживате притоа е друга работа. Понекогаш можеби ќе сакате нешто, но реално нема да уживате во тоа нешто. Излистај ги сите работи во кои што ужуваш за да откриеш за што имаш пасија.

4. Што е она за што другите луѓе кажуваат дека вие сте добар?

Понекогаш другите луже ќе бидат пореалистични за вас, и за она во што навистина сте добар. Ова ќе можеш да го искористиш во наоѓање на Вашата вистинска пасија.

5. Кои се наједноставните задачи за Вас?

Кога нешто е едноставно за вас, тоа значи дека имате знаење за тоа нешто. Дел од Вашето знаење е базирано на истражување на нешто за што имате пасија.

6. Што е она што особено повеќе сакате да истражувате или пак проучувате?

Истражувањето и проучувањето може да го зголеми вашето знаење за нешто. Доколку навистина сакате да проучувате и истражувате нешто, тогаш тоа нешто може да биде твојата пасија.

7. Кои се темите за кои можете да зборувате со часови или пак денови без престанување?

Темите за кои можете да зборувате со часови и денови исто така се базирани на Вашето знаење за таа тема. Доколку навистина имате познавање за нешто, тогаш тоа може да биде резултат од Вашата пасија за таа тема.

8. За што имате природен талент?

Вашиот природен талент, како нешто вродено во Вас може да биде предмет на Вашата пасија, бидејќи вродениот талент е предмет на постојано подобрување низ животот на еден човек. Морате да имате пасија за нешто за што имате природен талент.

9. Кои предмети на факултет или пак во средно училиште сте ги сакале повеќе?

Сите ние имаме или пак сме имале некои предмети на факултет или пак средното училиште кои ни биле поинтересни и повозбудливи од другите. Овие предмети може да се предмет на Вашата пасија.

10. Каков тип на луѓе сакате да бидат Ваши пријатели?

Пријателството меѓу луѓето се гради врз база на исти интереси и ист јазик на кој говорат тие личности. Не можете да бидете добар пријател со некој со кој не можете да ги споделувате Вашите полиња на интерес на јазик кој Вие го зборувате. Затоа размислете за личности кои се ваши пријатели во однос на тоа која е нивната пасија и веројатно тука некаде ќе биде и Вашата.

Како Вашата пасија ќе Ви помогне да изградите подобар бизнис?

Доколку немате пасија за бизнисот кој планирате да го започнете или пак кој го имате, вашиот бизнис најверојатно ќе страда. Доколку вашиот бизнис страда, најверојатно, Вие како претприемач ќе бидете следен кој ќе страда.

Уште пред започнување на Вашиот бизнис, ќе морате бизнис идејата да ја прилагодите на Вашата пасија. Тогаш:

  • Ќе имате бизнис кој ќе сакате да го развивате.
  • Ќе имате бизнис кој Вие како претприемач ќе знаете да го менаџирате и подобрувате.
  • Ќе имате бизнис кој ќе има голем потенцијал за успех.
post

Што е Претприемничка Продуктивност?

Можете да забележите дека често пати тука на претприемач го користам зборот продуктивност. Но, што е тоа продуктивност?

Претприемничка продуктивност

Зборот продуктивност на претприемач го користиме во следниве форми:

  • Бизнис продуктивност – еден бизнис да биде продуктивен
  • Претприемничка продуктивност – Еден претприемач да биде продуктивен
  • Продуктивност на вработените – Еден вработен да биде продуктивен
  • Продуктивност на ресурсите – Еден ресурс да биде продуктивен
  • Производствена продуктивност – Продуктивност на производствениот систем во бизнисот
  • Продажна продуктивност – Продуктивност на продажниот тим.

Ова се најважните ентитети во еден бизнис каде се користи зборот продуктивност, иако во однос на се можеме да ја бараме продуктивноста.

Многу користен збор, но дали доволно го разбираме?

Се сеќавам на едно предавање додека уште студирав, мојот тогашен професор и подоцна ментор проф. Д-р Тодор Кралев го постави ова прашање. Но, никој од нас не знаевме да го одговориме.

Сите знаевме дека е добро да се биде продуктивен, но како да ја мериме продуктивноста?

Дефинирање на продуктивноста

Првин би ја искористил дефиницијата од Wikipedia која некако ни го олесни животот на многу полиња:

Продуктивноста е мерка на излезот од производствениот процес по единица на влезот.

Значи на се што влегува на одреден начин во бизнисот и излегува на друг начин можеме да ја мериме продуктивноста. Во еден ваков случај како некој математички израз за продуктивноста би имале:

Продуктивност = Излез/Влез

 

Колку е поголем овој резултат толку ќе имаме поголема продуктивност.

Но, ова дефинирање не ми се допаѓа. Мислам дека е ОК, но сепак може да биде и подобро.

Една од најдобрите дефиниции за продуктивноста ја прочитав на блогот на Steve Pavlina насловен како Што е продуктивност? Како лична дефиниција Steve Pavlina ја дава следнава:

Продуктивноста претставува Вредност поделена со време:

Продуктивност = Вредност/Време

 

Оваа дефиниција ми се допаѓа бидејќи навистина се може да се подреди во вид на време. На пример времето можеме лесно да го пресметаме во вид на пари или пак некој друг облик.

Оваа дефиниција всушност ни кажува колкава вредност сме постигнале да создадаме за одредено потрошено време. На пример, за еден претприемач колку е продуктивен може да биде колку вреди неговиот бизнис во однос на време кои постои тој бизнис.

Како да ја зголемиме продуктивноста?

Втората формула толку ни го поедноставува животот во однос на продуктивноста така да едноставно можеме да забележиме што влијае на тоа да продуктивноста биде поголема.

Следниве активности ќе ја зголемат продуктивноста:

  • Да ја зголемиме вредноста, додека потрошеното време да остане исто.
  • Да го намалиме времето, додека вредноста останува иста.
  • Да ја зголемиме вредноста и да го намалиме времето за добивање на таа вредност.

На пример да го земеме продажниот тим. Колку е продуктивен? Доколку износот на продажба за 30 дена изнесува 500.000 денари продуктивноста ќе биде:

500.000 денари/30 дена = 16.666,66 денари/ден

Доколку се зголеми продажбата на 600.000 денари за 30 дена (времето останува исто) ќе ја имаме следнава продуктивност:

600.000 денари/30 дена = 20.000 денари/ден

На ваков начин произлегува дека нашиот продажен тим е попродуктивен за 20%.

Попродуктивен ќе биде и доколку успее за 20 дена да има продажба од 500.000 денари – 25.000 денари на ден. Исто така попродуктивен ќе биде и доколку успее да оствари 600.000 за 20 дена – 30.000 денари на ден. Ова е за скоро 100% попродуктивен нашиот продажен тим.

Сметам дека со овој напис на претприемач успеавме да ја расчистиме дилемата во однос на продуктивноста.

За крај еден совет: Мерете ја продуктивноста на сите критични елементи наведени на почетокот и обидете се постојано да ја подобрувате.

post

Акција – Прва Претприемничка Особина

Зошто превземање на акција е најважната особина на еден претприемач? Затоа што без акција нема бизнис, па затоа ќе го нема и претприемачот.

Претприемач превзема акција

Пред одреден период, тука на претприемач спроведовме една анкета за тоа кои фактори го прават еден претприемач да биде успешен претприемач. Од таа анкета произлегоа два написа на претприемач:

Во написот за Реалноста за за одлучувачки фактори на еден претприемач како основа или како темел на хиерархијата на факторите за успех ја ставив спремноста да се превземе акција. Токму и затоа во овој серијал на одлучувачки фактори за успешност на еден претприемач започнувам со превземање на акција.

Што е претприемничка акција?

Најпросто кажано акција е нешто што некоја личност може да направи. Да донесе некоја одлука, да шета, да разговара, да јаде, да пие, да поправа…

Кога станува збор за акција на претприемач се мисли на спроведување на некои претприемнички активности. На пример, да се започне бизнис, да се инвестира, да се прошири асортиманот, да се рационализира производството…

Преземање на акција е составено од два процеси:

  • Донесување на одлука за превземање на акција.
  • Спроведување на одлука за превземање на акција.

Донесување на одлука за претприемничка акција

Се вели дека донесена одлука за акција значи половина спроведена акција.

Ова е најважниот елемент од процесот на превземање на акција. Најважен бидејќи доколку еден претприемач не донесе одлука за превземање на акција, акцијата воопшто нема да се случи – ќе нема спроведување.

Колку е побрз процесот на донесување на одлука толку ќе биде побрз процесот на преземање на акција.

Колку е поквалитетен процесот на донесување на одлука, толку ќе биде поквалитетна акцијата која еден претприемaч ќе ја спроведе.

Од друга страна, брзината на донесување на одлука влијае на квалитетот на одлуката. Па така потребно е оптимизација на процесот.

Вообичаено процесот на донесување на одлука се одвива во следниве чекори:

  • Лоцирање на проблем
  • Прибирање на информации за проблемот.
  • Подготовка на атернативни решенија.
  • Анализа и проценка на алтернативни решенија.
  • Избор на оптимално решение на проблемот – што ќе биде акцијата.

Спроведување на одлука за претприемничка акција

Кога веќе знаеме што треба да спроведеме (имаме изберено решение кое ќе го спроведуваме) ги имаме и потребните чекори за претприемничката акција.

Но, овој подпроцес – спроведување, исто така може да влијае на неуспешноста на целиот процес на превземање на акција. Доколку не ја спроведеме одлуката ќе немаме ни акција.

Кога веќе сме донеле одлука за превземање на некоја акција мораме да ја спроведеме таа одлука без некои големи размислувања. Размислувањата претприемачот ги завршува во претходниот процес – донесување на одлука.

Што влијае на еден претприемач да не превземе акција?

Издвоив неколку елементи кои на некој начин влијаат или пак може да влијаат еден претприемач да не превземе акција. Дел од тие елементи се опфатени и во нашите клучни фактори за успех на еден претприемач во Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Реалност (самодоверба, искуство и ризик).

1. Самодоверба

Доколку самодовербата за акцијата која треба да се превземе е поголема тогаш ќе биде поголема веројатноста дека еден претприемач ќе превземе акција. Спротивно кога самодовербата е ниска претприемачот нема да превземе акција.

Совет: Процесот на донесување на одлука треба да ви влее доволна самодоверба за да ја спроведете одлуката.

2. Знаење

Самодовербата во голем дел се базира на знаењето. Од друга, страна колку поголемо знаење имаме за проблемот за кој бараме решение, решението ќе биде полесно за нас како претприемачи.

Совет: Зголеми го сопственото знаење преку соодветно проучување на проблемот.

3. Претходно искуство

Доколку имате претходно искуство во однос на подрачјето на кое се однесува и акцијата ќе биде поголема веројатноста дека ќе ја превземете таа акција. Спротивно кога немате доволно искуство ќе се чувствувате неспремни за таа акција.

Совет: Процесот на донесување на одлука треба да треба да го елиминира немањето на искуство за да ја спроведете одлуката.

4. Страв од грешка и последици од таа грешка

Можноста од грешење постоела секогаш и ќе постои. Па, затоа е нормален и стравот да не се направи грешка. Но, понекогаш најголема грешка може да биде да не се превземе ништо.

Совет: Доколку во процесот на донесување на одлуки, одлуката ја базирате на квалитетни информации веројатноста од грешка ќе биде многу помала.

5. Големината на ризикот

За секоја одлука и за секоја акција која произлегува од таа одлука постои одреден ризик. Ризикот, всушност се јавува тогаш кога ќе излезете од комфорната динамичка рамнотежа во status qua ситуацијата. А секоја одлука и акција удира директно во таа удобна позиција на Вас како претприемач. Па, затоа и ризикот е неминовен.

Совет: Доколку во процесот на донесување на одлуки, одлуката ја базирате на квалитетни информации ќе го одржите ризикот на минимално ниво.

post

Преглед на книга – Влезен Маркетинг – Да Бидете Најдени на Google, Социјални Медиуми и Блогови

Вчера на претприемач пишував за значењето на на влезен маркетинг како маркетинг на утрешницата. Пред неколку дена ми стигна една книга која ја купив од Amazon, Inbound Marketing – Get Found Using Google, Social Media and Blogs од Brian Halligan и Dharmesh Shah и ја прочитав па би сакал да презентирам краток преглед на она што значи оваа книга.

Авторите на оваа книга се луѓето кои стојат зад HubSpot – софтвер за влезен маркетинг. Нивното искуство со сопствената компанија како и искуството работејќи за други компании како консултанти го преточуваат во оваа книга.

Што е Влезен Маркетинг – Да бидете најдени на Google, Социјални медиуми и Блогови

Како што веќе пишував на претприемач, овој тип на маркетинг претставува маркетинг на денешницата и маркетинг на утрешницата. Денес веќе за да бидете добар во маркетингот не е важно колку пари Вашиот бизнис има за да вложи туку колку сте паметни и креативни за да ја искористите технологијата околу Вас во маркетинг цели.

Токму тоа е опфатено во оваа книга. Како што кажува и самиот наслов оваа книга ќе ви ги даде некои од основните стратегии и тактики кои би требало да го променат Вашето размислување во однос на маркетингот за Вашиот бизнис. Тоа е како да бидете најдени на Google, Социјални медиуми и блогови.

Зошто да бидете најдени на Google, Социјални медиуми и Блогови?

Влезен маркетинг - Како да бидете најдени на Google, Социјални медиуми и блоговиВо секоја маркетинг кампања претприемачите се обидуваат да бидат присутни на местата каде што се потенцијалните потрошувачи. А кои се тие места? Каде еден потенцијален потрошувач или интересент за некој производ или услуга започнува со сопственото информирање за производите или услугите кои се нудат?

Можеби порано седеле пред ТВ или пак слушале радио за да видат или пак слушнат некоја реклама. Можеби порано купувале весници и магазини за да видат некој интересен производ. Но, денес оваа однесување на луѓето е намалено и тоа се заради моќта на интернетот. Денес луѓето се онлајн.

Денес кога јас сакам да се информирам дали постои некој производ или пак услуга со што би решил некој проблем одам на Google и пребарувам. Преку Google стигнувам до различни веб страни и блогови кои ги читам за да бидам доволно информиран пред да донесам одлука за купување. Многу корисни информации добивам и преку социјалните медиуми на кои на некој начин сум присутен. Ова значи дека традиционалните маркетинг медиуми веќе воопшто не ги консумирам. А, зошто би ги консумирал кога постојано сум врзан на интернет и постојано информациите ми се достапни.

Затоа Вашиот бизнис треба да биде најден на Google, Социјалните медиуми и Блогови, за што и оваа книга се однесува. Затоа и би требало да ја имате, прочитате, препрочитувате и имплементирате стратегиите и тактиките кои се наведени во истата.

Карактеристики на книгата

Би сакал да издвојам некои карактеристики на Inbound Marketing – Get Found Using Google, Social Media and Blogs кои навистина ми оставија вистинска импресија:

  • Јазик. Првата импресија од читањето на книгата е јазикот кој го користат авторите. Јазикот не е технички јазик, ниту пак научен јазик кој е тешко разбилрлив за обичните луѓе. Користениот жаргон и стилот на пишување на авторите е разбирлив за секого па дури и за оние кои за првпат се среќаваат со овие поими.
  • Сеопфатност. Книгата иако не е голема – 220 страни, сепак е сеопфатна во однос на она што треба претприемачите да започнат уште денес за да имаат успех во влезниот маркетинг.
  • Влезен маркетинг во акција. Секое поглавје во книгата има дел наречен влезен маркетинг во акција, што всушност претставува случај или пример на успех на овој вид на маркетинг.
  • Што треба да направите. По секое поглавје имате листа на активности кои треба да ги спроведете за да навлезете во влезниот маркетинг.

Навистина вредна книга за цената која што чини помалку од $25.

За кого е идеална оваа книга?

Навистина важно прашање. Оваа книга има потенцијал да помогне секому. Потенцијал да помогне на целосен новајлија во оваа проблематика и потенцијал да помогне на секој маркетинг експерт да си го подобри сопственото знаење. Во секој случај мислам дека основната група на оние кои треба да ја имаат оваа книга се:

  • Претприемачи. Секој потенцијален и секој сегашен претприемач кој сака да го максимизира искористувањето на маркетинг активностите на соспствениот бизнис.
  • Луѓе кои се занимаваат со маркетингот. Секој кој има било каков контакт со маркетинг би требало да ја има и користи оваа книга.

Во секој случај ова е книга од која навистина може нешто да се научи и што е најважно да се примени во пракса.

post

Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Реалност

Во вчерашниот напис за Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Резултати со помош на анкетата која ја спроведовме во изминативе две недели и една дополнителна анализа на истите дојдовме до 15 фактори кои влијаат на успешноста на претприемачот. Тие 15 фактори кои ги идентификувавме наведени по важноста на истите се:

  1. Спремност да превземе акција,
  2. Знаење,
  3. Креативност,
  4. Вештини,
  5. Интелигенција,
  6. Истрајност,
  7. Упорност,
  8. Тимска работа,
  9. Вкалкулирано ризикување,
  10. Самодоверба,
  11. Искуство,
  12. Талент
  13. Чесност,
  14. Врски и
  15. Среќа.

Како што наведов во резултатите од анализата еден од одговорите најмногу ми се допадна, а тоа е ниеден од горенаведените фактори.

Зошто ниеден од 10 фактори во анкетата не е најважен?

Првин сите наведени фактори без спремност да се превземе акција претставуваат потенцијал на еден претприемач. Всушност оваа е онаа бизнис потенцијална енергија складирана во претприемачот која може и треба да биде претворена во кинетичка енергија која ќе врши одредена работа. Повеќе за бизнис потенцијална енергија можете да прочитате во:

Ова беа меѓу првите написи кои ги напишав на претприемач во моментот кога како термин и процес на бизнис потенцијална енергија започнав да го развивам и во моментов ова претставува една алатка која може да му помогне на секој бизнис да ја зголеми сопствената бизнис потенцијална енергија и да ја претвори во продуктивен и профитабилен бизнис. За овој процес во некој од понатамошните написи на претприемач.

Но, ниеден од тие фактори нема да го направи еден претприемач успешен доколку не превземе соодветна акција. На пример, џабе знаењето и креативноста ако не го направите првиот чекор да го започнете Вашиот бизнис.

Познавам многу луѓе кои имаат знаење и креативност, вешти се и интелигентни, истрајни и упорни… Сепак тие луѓе не се претприемачи, работат за друга компанија или пак некоја државна служба. Тие не се претприемачи не заради тоа што немаат знаење или пак не се интелигентни или пак не ги поседуваат останатите карактеристики од факторите за успешност, туку заради тоа што не го направиле првиот чекор, односно не превземале акција да станат претприемачи.

Затоа во оваа хиерархиско пирамидална структура на одлучувачки фактори за успешност (сликата на почетокот) на еден претприемач како прва карактеристика или како темел за успешноста ја ставив способноста за превземање на акција.

Каков би бил профилот на успешен претприемач?

Профилот на еден претприемач – супермен би бил:

Спремен да превземе акција која ја надградува со знаење и креативноста при што ги комбинира вештините и интелигенцијата, а е истраен и упорен, има способност да работи во тимови, превзема ризик, но не луд ризик и има самодоверба и искуство, а притоа е чесен, понекогаш има среќа и има некои врски кои можат да го подбутнат во работата.

Во секој случај сите фактори или карактеристики се важни, бидејќи само ќе ја зголемат бизнис потенцијалната енергија на претприемачот, а со тоа и севкупната бизнис потенцијална енергија.

Во наредниот период ќе продолжиме со разработувањето на сите овие фактори или карактеристики за да еден претприемач биде успешен претприемач.

post

Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Резултати

Кои се одлучувачки фактори за да кажеме дека еден претприемач е успешен претприемач? Ова беше една анализа која ја спроведовме во изминативе две недели. Во анализата учествуваа над 100 читатели на претприемач кои одвоија неколку минути од своето драгоцено време. Благодарност до сите кои учествуваа и кои допринесоа во оваа анализа на некој начин.

Овој напис е една анализа на самите резултати и коментар на истите, а секој од овие 10 фактори и сите оние кои беа дополнително наведени од Вашата страна ќе бидат презентирани како посебни наслови.

Резултатите се навистина интересни и откриваат различни размислувања за тоа што го прави еден претприемач да биде успешен претприемач.

Резултати за одлучувачки фактори за да бидете успешен претприемач

Како што можете да забележите на сликата погоре различно е мислењето во однос на одлучувачките фактори за еден претприемач да биде успешен претприемач. Еве како изгледаат истите во проценти:

ФАКТОР ЗА УСПЕХ
% НА ОДГОВОРИ
Знаење
16,50%
Креативност
16,50%
Вештини
13,30%
Интелигенција
12,80%
Истрајност
10,60%
Искуство
10,10%
Воркохоличност
6,90%
Талент
5,00%
Врски
4,60%
Среќа
3,70%



Забалежувате дека знаењето и креативноста убедливо се на прво место. и поради тоа би ги ставил во групата на најважни фактори. Во втората група на важни фактори кои го прават претприемачот успешен претприемач се вештините и интелигенција. Средно важни фактори се истрајност и искуство, додека најмалку важни фактори се воркохоличност, талент, врски и среќа.

Според овие резултати го добиваме следново:

Еден претприемач за да биде успешен претприемач треба да има:

  • Знаење за проблематиката на бизнисот кој ќе го започне,
  • Креативност за да биде уникатен и постојано да го подобрува бизнисот,
  • Вештини за различни бизнис потреби,
  • Интелигенција за да се снаоѓа во секакви ситуации и да ги решава најтешките проблеми,
  • Истрајност за да не се откажува по првиот пораз, бидејќи ќе има многу порази кои не значат и загубена војна,
  • Искуство за да ги применува сите досегашни искуствени состојби кои ги имал.

Значи ова се едни од најважните особини. Истото ова ќе го пронајдете и во секој учебник за претприемаништво и малиот бизнис. Дека не е важно дали е воркохолик или не е веќе пишував во: Дали претприемач воркохолик е успешен претприемач? Талентот може да помогне, но не е неопходен.

Врските ми се малку проблематични бидејќи знам претприемачи кои изградија империја на својот бизнис со помош на одредени врски во Владата во изминативе 15-тина години. Најслатки и најчисти пари за секој бизнис се државните пари, така да некое тендерче, јавна набавка или било што поврзано со трошење на буџетски средства може навистина да му помогне на секој претприемач да изгради успешен бизнис. Но, ОК во учебниците не пишува за можноста една врска да го катапултира претприемачот во светот на успешните.

Среќата претставува психолошки фактор. Некој претприемач може да каже дека нема среќа, некој пак ќе каже дека му се сложиле коцките и едноставно успеал. И навистина има некои „среќлии“ кои едноставно се нашле случајно на вистинско место и во вистинско време. Но, сепак тоа се еден мал процент и не може да се вклучи како некој озбилен фактор за успех.

Дополнителни фактори за успех на претприемачот

Во самиот прашалник како второ прашање имаше можност да се внесат дополнителни фактори за кои сметате дека се значајни еден претприемач да биде успешен претприемач. И навистина некои од размислувањата се креативни и ми се допаќаат. Следниве фактори беа наведени дополнително:

  • Тимска работа. Никој не може ништо да постигне сам па ни претприемачот бидејќи претприемачот не е „супермен“, така да во целост се сложувам дека треба да има карактеристика на тимски играч.
  • Визија, мисија и победнички став. Визијата претставува поглед во иднината и секако дека претставува важен елемент иако мислам дека визијата е комплекс од креативноста, знаењето, интелигенцијата, искуството и знаењето кои пак се елементи кои веќе ги опфативме како најважни. Ќе имам квалитетна визија доколку ги имам наведените карактеристики. Мисија пак е нешто што треба самите да го дефинираме за нашиот бизнис – што ќе правиме во иднина. Но, победнички став е нешто сосема друго. Победнички став е резултат на самодоверба што пак е наведено како една карактеристика подолу.
  • Преземање на ризик. Ова е навистина едно од најотворените прашања: Дали претприемачот превзема ризик? Да, секое започнување на бизнис претставува преземае на ризик. Но, поважно е каков ризик превзема еден успешен претприемач? Најчесто се споменува зборот вкалкулиран ризик како најсоодветен збор за оваа карктеристика на претприемачот. Повеќе за оваа карактеристика во еден од наредните написи кога целосно ќе ги разработиме овие карактеристики.
  • Чесност. Чесноста е важна во секој случај, но понекогаш чесноста, да бидеме реални може да му биде и најголемиот непријател на еден претприемач во сложени услови како што се нашиве.
  • Самодоверба. Навистина самодовербата е еден важен и клучен фактор за секој претприемач. Сметам дека никој не би бил претприемач доколку немал самодоверба дека може, знае и умее да започне и води сопствен бизнис.
  • Упорност. Упорноста едноставно претставува одбивање да се откажете од нешто, односно способност да ги продолжите вашите акции наспроти Вашите лични чувства дека не сте подготвен за тие акции. Чувствата и мотивацијата не произведуваат резултати, туку акција е таа што произведува резултати. Упорноста и истрајноста која претходно ја идентификуваме се значајни фактори за успех на еден претприемач.
  • Спремност да превземе акција. Ова е можеби и најважниот фактор за успешноста на еден претприемач кој намерно го изоставив од предложените 10 фактори. Но, наредниот напис во однос на овие фактори за успех ќе даде целосно обрзложение зошто овој фактор е најважен.
  • Ниедна од горенаведените. Овој предложен фактор ми се допаѓа најповеќе бидејќи навистина мислам дека ниеден од досега изложените фактори (освен спремност да се превземе акција) не се нешто без кое не може да се биде претприемач. Но, и за оваа во утрешниот напис – Теорија наспроти реалност за успешен претприемач.

За крај на овој прв напис од серијалот за профил на успешен претприемач накратко би ги сублимирал сите фактори кои преку оваа анализа ги идентификувавме:

  1. Спремност да превземе акција,
  2. Знаење,
  3. Креативност,
  4. Вештини,
  5. Интелигенција,
  6. Истрајност,
  7. Упорност,
  8. Тимска работа,
  9. Вкалкулирано ризикување,
  10. Самодоверба,
  11. Искуство,
  12. Талент
  13. Чесност,
  14. Врски и
  15. Среќа.

Продолжува: Успешен претприемач – Одлучувачки Фактори – Реалност

post

Претприемач – Маркетинг Средство 31

Оваа недела на ред е 31-то маркетинг средство од овој турбо серијал на маркетинг средства кој го започнавме пред неколку месеци. Досега како 18-то маркетинг средство го опфативме Вашиот продажен тим и како 21-во маркетинг средство го опфативме Вашиот бизнис преку ставови на Вашиот бизнис.

Но, во овие две маркетинг средства фали централната фигура и тоа Вие како еден претприемач. Овие три маркетинг средства (бизнис, вработени и претприемачот) се севкупните внатрешни живи елементи на еден бизнис. Овој термин живи ми дојде на ум сега кога го пишувам овој напис бидејќи сите овие елементи дишат, а претприемачот и вработените се потсистеми на бизнисот. Дишат бидејќи претприемачот и вработените се биолошки системи, додека бизнисот како еден поголем систем ги содржи тие два биолошки подсистеми. Од друга страна оние неживи елементи се производот, услугата, технологијата итн.

Втора работа што сакам да ја напоменам е што овие три елементи (претприемач, бизнис и вработени) го градат кредибилитетот и репутацијата на еден бизнис како посебни маркетинг средства.

Како што постојано ќе бидат следени однесувањето и ставовите на Вашиот бизнис од Вашата околина така и Вие како претприемач ќе бидете постојано следени.

Од кого Вие како претприемач ќе бидете следени?

Како што веќе пишував во ставовите на Вашиот бизнис така и тука ќе бидат идентификувани истите следачи:

  • Потрошувачи. Во оваа група спаѓаат и сегашните и потенцијалните, односно идни потрошувачи. Оваа категорија е една од најважните Ваши аудиенции. Потребно е посебно внимание да се обрне кон истите.
  • Конкуренти. Во оваа категорија спаѓаат Вашите конкуренти кои имаат за цел или да ве стигнат или да се заштитат од Вас и Вашиот бизнис доколку им се приближувате премногу. Оваа категорија како маркетинг средство воопшто не е важна, но сепак има големо влијание врз Вашиот бизнис.
  • Медиуми. Оваа категорија на Ваши следачи може да одигра голема улога за Вашиот бизнис. Еден краток прилог во вестите на некој медиум може да ви донесе огромен публицитет. Но, вниманието на оваа категорија тешко се свртува особено на малите бизниси. Посебно е важно да забележиме дека оваа категорија може и непријателски да се однесува кон Вас па затоа е потребно особено внимание.
  • Вработени. Во категорија на следачи спаѓаат и вработените. Од една страна како потенцијални вработени за да привлечете квалитетна работна сила и од друга страна како веќе вработени кои можат директно да се вклучат во Вашите маркетинг активности и тоа неформални маркетинг активности. Ставовите навашата компанија можат бргу да бидат проширени преку Вашите вработени при нивни секојдневни контакти со надворешниот свет. Треба да се искористат на вистинскиот начин.
  • Добавувачи. Ова е уште една категорија на Ваша аудиенција која постојано ве следи, а може да има огромна улога во Вашите маркетинг кампањи.
  • Влада. Моќта на владата е толку голема што може да има огромни последици за секој бизнис, како позитивни така и негативни. Сведоци сме како со една одлука може да се унишатат империи од бизниси. Но, сведоци сме како со помош на Владата може да се изгради брзо бизнис империја. Потребно е особено внимание.

На оваа група на ентитети кои ќе ве следат би додал уште две групи:

  • Вашето семејство. Каде се движите, како се однесувате, колку време поминувате на состноци и на работа. Оваа е нормална појава кога станува збор за Вас како една личност – претприемач.
  • Вашите роднини и пријатели. Колку можат да ви помогнат, толку можат да бидат и љубоморни на Вашиот успех како претприемач. Затоа сметам дека и оваа група на ентитети од Вашата непосредна близина треба да биде добро избалансирана во Ваша корист и во користа на Вашиот бизнис.

Што е тоа што ќе го следат кај Вас како еден претприемач?

Ќе бидете следени на различни начини и во однос на различни Ваши лични елементи. Како што во Бизнис копија – Моќта на имитација наведов еден начин или пак еден процес како да следите некој успешен идол кој ќе го копирате и вметнете во Ваш сопствен бизнис модел така и некој друг ќе се обиде да ве следи и копира нормално. Освен тоа доколку има можност ќе се обиде да му наштети на Вашиот бизнис и на Вас лично.

  • Ваши општи и бизнис ставови. Вашите општи и бизнис ставови во голем дел може да влијаат на градење на солиден кредибилитет и репутација.
  • Начин на однесување. Вашето лично однесување ќе дава одредена слика на вашиот бизнис воопшто и може да биде едно од клучните маркетинг средства за луѓето со кои доаѓате во контакт.
  • Начин на трошење. Имам еден пријател претприемач кој навистина започнува со сопствен бизнис веднаш по завршување на средното училиште. Бизнисот го води и развива и во текот на неговото високо образование. Може да се каже слободно дека за негови години има квалитетен успех како еден претприемач во однос на она што го има како материјални средства. Но, секогаш кога седиме и разговараме ми вели дека мора да внимава каква кола ќе вози и како ќе се облекува за да не се случи премногу да биде над другите – обичните луѓе бидејќи смета дека ќе му наштетат. И навистина има право. Љубомората е една лоша работа која може навистина да наштети на еден бизнис. Можеби во САД оваа не е проблем, но кај нас мислам дека сеуште постои.
  • Начин на менаџирање на бизнисот. Ако сте успешен претприемач кој успешно го менаџира сопствениот бизнис ќе имате добар кредибилитет и репутација. Вашите вработени ќе бидат задоволни и ќе се обидат на секој начин да го промовираат Вашиот бизнис.
  • Ваша појава воопшто како една фигура. Многу луѓе ќе ве гледаат како една фигура која се појавува и исчезнува. Сликата која ќе им остане во однос на Вас и вашиот бизнис ќе има големо влијание за понатамошната можна соработка со тие луѓе. Секогаш некаков детал кој човекот ќе го запази на Вас ќе остане по што ќе Ве памети. Така да внимавајте оваа Ваша фигура да биде усогласена со типот на бизнисот и кругот во кој се движите.
post

Претприемач – Како Кршач На Правила

Претприемачите по непишано правило се кршачи на правила. Едноставно не ги сакаат. Едни од најуспешните претприемачи се луѓето кои се добри во оваа кршење на правила.

Претприемнички правила

Некаде пред извесно време прочитав дека понудувачите на франшизата не сакаат да продаваат франшиза на претприемачот. Зошто? Единствено поради тоа што франшизата бара следење на строго дефинирани правила, а вистинските претприемачи едноставно сакаат да работат по сопствени правила кои постојано ги менуваат. И навистина има логика.

Но, сепак постојат различни типови на правила. Како основни јас ги поделив на две групи и тоа:

  • Правила кои мора да се почитуваат.
  • Правила кои не мора да се почитуваат.

Правила кои мора да се почитуваат

Во оваа група спаѓаат сите законски и подзаконски акти кои го регулираат работењето на еден бизнис и еден претприемач, а донесени од страна на законодавниот дом или владата.

Знам дека се многу ограничувачки, но тое е нешто што се мора бидејќи може да не заболи на крајот.

Еден проблем кој го гледам тука е погрешното толкување на овие правила. Малите бизниси немаат доволно ресурси да имаат посебен правен оддел кој ќе го следи сето онаа што се менува и донесува секојдневно, а што има влијание врз работата на бизнисот. Па затоа нормално е секој мал бизнис да најми компанија која ќе ги води сметководствените и правните работи. Ода оваа компанија се очекуваат вистински правни совети.

Но, токму тука се случуваат одредени проблеми бидејќи не е лесно во денешно време да ги следиш сите закони кои постојано се менуваат. Затоа овие компании во голем дел своите совети ги базираат на она што ќе им го кажат соодветните надлежни инспекциски организа за примена на одредено правило кое мора да се почитува. На ваков начин произлегуваат еден куп на правила кои немаат врска со онаа што законодавецот го мислел.

Оваа натаму продолжува да се шири со еден огромен вирозен елемент. Еден кажува на друг, тој на трет и се така натаму додека едно измислено правило направи огрома збрка.

Еве еден пример. Пред некое време во еден малопродажен објект наминува купувач кој вели дека некој друг бизнис го казниле заради тоа и тоа. Претприемачот и вработените во малопродажниот бизнис ги известуваат останатите малопродажни бизниси во околината. Сите се растрчуваат и го пренесуваат гласот еден на друг додека веста не се прошири како вирус низ целиот град. Сите се прилагодија во работата согласно новите рекла-казала правила. Се додека еден ден еден претприемач не побара низ службените весници да види за што се однесува тоа правило. И знаете што, немаше никаква врска околу едно такво правило кое сите започнаа да го применуваат.

Значи пред да започнеш со примена на одредено правило обиди се да бидеш сигурен за истото.

Правила кои не мора да се почитуваат

Освен оние правила кои мора да се почитуваат постојат и правила со кои сме бомбардирани секој ден, а кои навистина понекогаш треба да се игнорираат. Понекогаш навистина мислам дека треба да се почитува онаа изрека дека правилата постојат за да се кршат. Во оваа група на правила се и оние кои ги опишавме во претходниот поднаслов – измислени правила кои мора да се почитуваат. Кои се овие правила:

  • Измислени правила кои мора да се почитуваат. Ова се правилата кои веќе ги спомнавме погоре.
  • Правила кои го кочат развојот на бизнисот. Често пати претприемачот несвесно за да се спаси од анархија усвојува правила кои не би требало да важат за луѓето задолжени да донесуваат нови идеи, да иновираат и да го развиваат бизнисот.
  • Правила кои не овозможуват мислење со сопствена глава. Многу правила едноставно го запираат мозокот да си ја извршува својата главна функција – мислење. Ова се навистина правила кои не се потребни.

Неколку размислувања за овие правила

  1. Правилата ја намалуваат инвентивноста на еден претприемач.
  2. Правилата може да превладеат и еден претприемач да престане да биде претприемач бидејќи ќе започне да се занимава повеќе со правила наместо со идеи и резултати.
  3. Правилата замараат.
  4. Правилата ја одржуваат status-quo состојбата во еден бизнис.
  5. Правилата создаваат навики кои претставуваат пречки за промени и подобрувања во бизнисот.
  6. Правилата ја прават работата еднолична и здодевна.
  7. Правилата го штитат бизнисот од анархија.

Забележувате дека само последното размислување е ОК, додека сите останати прават штета на бизнисот. Она што сакам да го кажам не треба да се дозволи да се работи без никакви правила, но претприемачот треба да биде внимателен во она што ќе биде вистинското правило за неговиот бизнис.

post

Што Еден Претприемач Може Да Научи Од Google?

Google е еден од најмладите пребарувачи на интернетот кој започнува при крајот на последната деценија во минатиот век. Но, за кратко време станува број еден пребарувач користен низ целиот свет. Како една млада компанија во еден претприемнички дух Google ја започнува борбата со тогашните џинови во светот на пребарување на интернетот како што се Yahoo, Altavista, Lycos, Inktomi, Excite, AOL Search,  AllTheWeb и уште многу други.

Што еден претприемач може да научи од Google?

Што го прави Google толку посебен?

Кога го купив првиот персоналец во 1998 година продавачот нормално ми инсталираше оперативен систем и придружни програми и ми ја подеси интернет конекцијата (dial-up se разбира). При тоа подесување како почетна страна на Internet Explorer-от ми го ставија Yahoo. И нормално кратка обука дека тоа е пребарувач, напишеш во полето за пребарување клучен збор и тој ти ги листа веб страните кои се најблиску до клучниот збор. Се сеќавам дека во тоа време кога барав некоја информација требаше да одам дури и до 50-тата страна за да го најдам она што го барав. Понекогаш како прв на Yahoo ми се јавуваше некоја страна која немаше никаква врска со тоа што го барав. Она што уште ме нервираше е што почетната страна на Yahoo беше преполна со слики и банери па мојот спор интернет уште поспоро ја отвараше. Не се сеќавам како, но случајно налетав на тогаш новиот пребарувач кој подоцна го измени изгледот и начинот на користењето на интернетот – Google. Од тогаш веќе заборавив на Yahoo како алатка на интернетот за да дојдам до информација. Што е она што мене, а сигурно и милионите корисници во светот ги натера да го заборават Yahoo.

  • Едноставен дизајн. За разлика од другите пребарувачи Google на почетната страна ја имаше само формата за пребарување со сликичката на нивното лого и ништо повеќе. Мојот спор интернет ја отвораше многу побргу во однос на другите пребарувачи. Значи претприемачите мора да размислат за дизајнот на сопствениот производ или пак услуга во однос на корисниците.
  • Точни резултати. Кога пребарував нешто наместо да одам до 50-тата страна успевав да дојдам до потребните информации барајќи низ првите 5 страни од резултатите. Ова значи дека Google даваше многу подобри резултати. Втората работа еден претприемач што може да ја научи од Google e функционалноста на нивниот производ за мене како корисник.
  • Лесно читливи резултати. Резултатите кои ги добивав се лесно разбирливи и читливи. Значи можев брзо да разберам дали е тоа тоа што го барав.
  • Постојано воведување на новини. Постојано Google воведуваше нови функционалности на нивниот пребарувач. Воведоа пребарување на слики, пребарување на весници, пребарување на блогови… Сето ова постојано го подобруваше моето искуство во однос на барање на информација на интернет.
  • Постојано подобрување на релевантноста на резултатите. Google е компанија која со текот на времето постојано учи и го подобрува сопствениот алгоритам. Кога сопствениците на веб страните го научеа алгоритмот на Google и се обидуваа да го преварат тие ги откриваа сопствените слабости и постојано ги подобруваа.

Што е тоа што еден претприемач треба да го извлече како поука?

  • Без разлика што сте нов играч во индустријата, доколку навистина сакате да победите ќе победите.
  • Постојано размислувајте со очите на тековниот и потенцијалниот купувач. Размислувајте за дизајнот, квалитетот и функционалноста на Вашиот производ или пак услуга со очи на корисниците на тие производи или услуги. Нека биде едноставно, високо-квалитетно и функционално.
  • Најдете го проблемот што го имаат потенцијалните купувачи и решете го со Вашиот производ или пак услуга. Проблемот што Google го идентификувал во своето започнување е точноста на резултатите од пребарување и преголемо бомбардирање со банери и реклами. Сето тоа е вклучено во дизајнот и во нивниот алгоритам за пребарување.
  • Постојано подобрувајте. Не треба да помине ниту еден ден без барем еднаш да помислите како да го подобрите Вашиот бизнис или пак Вашиот производ или услуга.

Инаку филозофијата која го води Google да биде тоа што е релевантноста: Дајте им го на луѓето она што го сакаат и тоа што побргу, и колку што може поедноставно.

Доколку имате друга поука од областа на претприемништвото која можеме да ја извлечеме од Google, слободно поделете го Вашето мислење преку оставање на коментар.

post

Како да го Дизајнирате Вашиот Бизнис?

Бизнис дизајнирање е едно од клучните активности кои ќе мора да ги спроведете пред да започнете со бизнисот, а по започнување бизнис редизајнирање е една постојана активност на секој претприемач. Како прво секое започнување на бизнис претставува претприемнички дизајн на еден ентитет – правен ентитет или правно лице. На овој ентитет – Вашиот бизнис со вашето претприемничко дизајнирање му давате живот и доколку се е завршено перфектно бизнисот ќе си го продолжи животот самиот, а на Вас ќе ви носи приход. Ќе си го продолжи патот на животот самиот, но сепак Вие сте тука за негово подобрување – во овој случај редизајнирање од време на време. Ова редизајнирање не значи и целосно ропство во Вашиот бизнис како што претходно пишувавме за претприемачи воркохолици.

Како да го дизајнирате бизнисот?

Зошто е Потребно Редизијанирање на Вашиот Бизнис?

Првин би започнал со потребата од постојано редизајнирање на бизнисот. Претприемачот природа е дизајнер на бизниси. Има бизнис идеја го дизајнира бизнисот и го започнува бизнисот онака како го дизајнирал. На пример, Вие сте претприемач и сте го дизајнирале Вашиот бизнис на следниов начин:

  • Единствен бизнис на светот кој ги обезбедува Вашите потрошувачи со она што тие го сакаат.
  • Единствен бизнис кој го обезбедува тој производ или пак услуга.
  • Потрошувачите немаат друг избор освен Вашиот бизнис.

И оваа е супер, вашиот бизнис ќе си го живее сопствениот живот притоа обезбедувајќи Ви соодветен финансиски надоместок на Вас – Претприемачот. Можете да си помислите, добро време е за пензионирање. Но, реалноста не е таква. Онаму каде што постои пазарот таму се јавува и конкуренција. Немате удобна столица за долго време. Единствениот начин за да ја сочувате таа удобна столица е секогаш да бидете различни од другите. За да бидете различни од другите мора постојано да подобрувате со редизајнирање на бизнисот.

Значи процесот е едноставен првин дизајнирање пред започнување, па потоа постојано редизајнирање. Всушност единствената Ваша задача како претприемач, како вистински претприемач треба да биде подобрување на бизнисот.

Што е Бизнис Дизајн за Еден Претприемач?

Да дизајнирате нешто значи да го испланирате тоа нешто се до реализација на тоа нешто. Како ќе изгледа? Кои ќе бидат функционалностите? Како ќе функционира? Што ќе се постигнува со тоа нешто? Сето ова се прашања кои се разгледуваат при дизајнирање на нешто. Претприемач е личноста која дизајнира бизнис. Понекогаш постои опасност претприемачот да се насочи премногу кон дизајнот на производот и услугата без притоа да го земе во предвид дизајнот на бизнисот. Дизајнот на производот и услугата е во состав на дизајнот на бизнисот, тоа е само подсистем кој е дел од еден поголем систем – Ваш бизнис.

Значи бизнис дизајн е процес во кој ќе ги опфатиме сите аспекти на нашиот иден бизнис. Еве некои прашања на кои ќе треба да се одговори тука:

  1. Што сакаме ние како претприемачи да постигнеме со нашиот бизнис?
  2. Каква ќе биде нашата улога како претприемач во бизнисот?
  3. Како ќе ја изградиме сопствената супериорна вредност?
  4. Кои ќе бидат целните потрошувачи?
  5. Какви односи со потрошувачите ќе градиме?
  6. Каква ќе биде улогата на вработените?
  7. Каков бизнис модел ќе избереме?
  8. Кој ќе се занимава со производство на производ или услига?
  9. Кој ќе се занимава со маркетинг?
  10. Кој ќе се занимава со финансии?

Ова се 10 прашања но не и единствени. Различни бизниси имаат различни потреби при дизајнирање па со тоа и различни прашања на кои ќе треба да се даде одговор.

Неколку Совети при Дизајнирање на Бизнисот

Првин гледајте го бизнисот како нешто што ќе треба да задоволи неколку ентитети:

  • Вас како претприемач,
  • Ваши купувачи,
  • Ваши потенцијални купувачи и
  • Ваши вработени.

Тоа се основните 4 ентитети околу кои ќе треба да го дизајнирате Вашиот бизнис. Редоследот како ги наведов не игра улога, бидејќи сметам дека сите се важни.

Замислете само колку различен ќе биде Вашиот бизнис доколку сите овие ентитети имаат причина да сакаат да го видат растот на Вашиот бизнис. Колку е подобар Вашиот бизнис и колку е понезависен од Вас како претприемач ќе имате поголема лична и финансиска слобода да си го живеете животот како што сакате. Колку се позадоволни Вашите купувачи со Вашите прозводи и услуги кои им решиле некаков проблем толку повеќе ќе сакаат да го видат Вашиот подобрен производ или услуга. Освен тоа тие ќе го препорачуваат Вашиот бизнис на потенцијални потрошувачи. Колку е посупериорен Вашиот бизнис се повеќе и повеќе потенцијални купувачи ќе стануваат вистински купувачи. Колку е посилен Вашиот бизнис толку повеќе мотивација ќе се појави кај Вашите вработени за постигнување на повеќе што нормално ќе им обезбеди и поудобен живот со подобра плата.