post

Обуки за користење на социјални медиуми за демократија

Покрај секојдневното следење преку Google Reader на се она што е ново и што ме интересира а е објавено на интернетот, вообичаено во саботата го прегледувaм ping.mk (агрегатор на е-содржини во Македонија).

Обука за социјални медиуми

Така наидов на интересна обука која може да ги тангира и претприемачите во Македонија. Обуката е за користење на социјални медиуми за демократија во организација на Фондацијата Метаморфозис и Младински образовен форум.

Темите кои ќе бидат опфатени во обуката се:

  • Вовед во лобирање и застапување преку користење на нови медиуми
  • Пишување за на веб
  • Критичко мислење за аргументирано пишување
  • Блогирање, користење на блог платформи, уредување на блогови
  • Користење и ажурирање на вики сајтови
  • Користење на социјални медиуми за градење  на заедници и промоција на содржини
  • Користење на агрегатори на е-содржини

Веќе измина една деценија откако не сме во XX-от век туку во ХХI-от век. Претприемачот во ХХI-от век претставува или барем треба да претставува еден сосема нов претприемач кој слободно може да се каже дека не треба да има никакви допирни точки со идеалниот претприемач на XX-от век. Една од главните разлики за овие два типа на претприемачи е токму интернетот и социјалните медиуми кои во целост го променија начинот на комуникација и соработка помеѓу луѓето и бизнисите.

Така да доколку сте заинтересирани за запознавање со овие нови медиуми и користење на истите можете да го пополните формуларот за пријавување на страната на метаморфозис.

post

Библија за Социјални Медиуми – преглед на книга

Пред извесно време започнав со посебна категорија на претприемач во која обработувам преглед на книги кои сметам дека можат да бидат од помош за претприемачите во Македонија. Првиот пеглед на книга која што ја обработив е Влезен Маркетинг – Да Бидете Најдени на Google, Социјални Медиуми и Блогови. Со истата нарачка нарачав уште една книга наречена Библија за Социјални Медиуми (Social Media Bible) за која дури сега стигнав да напишам преглед (поминаа повеќе од 2 месеци) бидејќи досега ја читав (има скоро 1000 страни).

Оваа е поради фактот што во овој дел како прегледи на книги ќе објавувам прегледи само за книги кои сум ги прочитал и за кои сметам дека се вредни за Вашето внимание.

Што претставува Билблија за Социјални Медиуми?

Библија за социјални медиуми

Библија за социјални медиуми - книга

Ова книга всушност во оригинал е насловена како The Social Media Bible: Tactics, Tools, and Strategies for Business Success што од самиот наслов може да се забележи дека се однесува на прикажување на различни тактики, алатки и стратегии за да еден бизнис успее преку социјални медиуми да привлече внимание врз себе и секако да ја зголеми продажбата.

Не треба да ја нагласувам потребата за тоа еден бизнис активно да биде вклучен на социјалните медиуми при што потрошувачите, потенцијалните потрошувачи и вработени ќе се поврзат, комуницираат, разменуваат мислења и секако ќе ги промовираат производите и/или услугите што ги нуди Вашиот бизнис.

Авторот на книгата е Lon Safko кој е докажан иноватор со искуство од повеќе од 25 години во претприемништво, маркетинг, продажба, стратешко партнерство и тренинг. Вториот автор е David K. Brake кој е CEO и основач на Content Connections која дава професионални услуги во вид на стратегии кои со помош на социјални медиуми ќе изградат солидни релации околу нивната содржина.

Во секој случај оваа книга навистина претставува еден сеопфатен извор на информации за тоа:

  • Кои социјални медиуми да ги користи Вашиот бизнис?
  • Како да ги користи тие социјални медиуми?
  • Кога да ги користи тие социјални медиуми?

Освен одговор на овие прашања при секое поглавје кое обработува еден социјален медиум има и опфатен пример на реален случај со користење на тој медиум со резултатите добиени од таа примена.

Зошто вреди Библија за Социјални Медиуми?

Важноста на социјалните медиуми за претприемачите и бизнисите се овеќе расте. Се забележува и зголемување на свеста на претприемачите во Македонија на ова поле. Можеби не на едно ниво на кое треба да биде, но предноста е и тоа што можам да забележам секојсневно дека на Facebook се појавува нов бизнис од Македонија, дека Twitter се користи се повеќе и е во еден константен подем. Вчера прочитав дека Facebook достигнал 400 милиони корисници. Ова значи дека единствената земја на светот која е поголема од оваа виртуелна земја наречена Facebook е само Кина. Така, да не смее да се испушти оваа можност од страна на македонските бизниси.

Како што повеќе пати пишував на претприемач улогата на традиционални маркетинг медиуми се повеќе се намалува. Вчера прочитав една статистика дека се повеќе се намалува продажбата на светските познати брендови на магазини во пишана форма под влијание на новите медиуми кои се повеќе земаат еден замав.

А што станува со можноста за брза глобализација на Вашиот бизнис преку овие нови медиуми? Мислам дека не треба да се образложува повеќе. Едноставно треба да ја искористиме можноста и да започнеме повеќе да гледаме глобално наместо локално и регионално.

Карактеристики на Библија за Социјални Медиуми?

Првпат кога ја зедов книгата од пошта и кога видов колкава е помислив дека ќе има еден куп на непотребни информации. Но, самата структура на книгата и содржините на која се чини дека авторите работеле доста време е концепирана така да мора да започнете од почеток. Можете слоборно да започнете од поглавјето за социјален медиум кој сметате дека треба како прв да почнете да го користите. Така да како една особена предност и глас за оваа книга го издвојувам тоа што таа може да служи како еден водич – консултант за користење на социјалните медиуми без да се седне и да се исчита одеднаш 9скоро 1000 страни).

Цената за која може да ја добиете навистина е ништо во однос на содржаните информации во едно такво дело.

Разбирливоста на книгата и содржината во истата во текот на читањето е навистина на едно завидно ниво. Авторите користат едноставен и разбирлив јазик кој секојдневно го употребуваме.

Како една „слабост“ (ова се однесува за мене како еден читател) која можам да ја забележам е премногу навлегување во историјата на секој социјален медиум обработен во книгата. Но, ако не сакам да читам историја за некој социјален медиум слободно го прерипувам тој наслов, а сепак не губам ништо од квалитетот на добиените информации.

Секое поглавје кое претставува еден социјален медиум (а се обработени над 100 социјални медиуми и алатки) е структурирано согласно следниве поднаслови:

  • Што има тука за мене
  • Историјат
  • Техники и тактики за користење
  • Препораки
  • Примери.

Како последен дел од книгата е наменет за стратегија која опфаќа и еден уникатен приод како SWOT анализа на социјални медиуми.

Освен книгата ќе добиете и пристап до веб страна каде ќе можете да пронајдете дополнителни алатки, интервјуа и материјали кои се однесуваат за секое поглавје од книгата.

За кого е идеална оваа книга?

Кога станува збор за кого намената на оваа книга е идеална слободно можам да кажам дека тоа е претприемачот. Но и сите оние кои на некој начин се занимаваат или сакаат да се занимаваат со маркетинг ќе имаат потреба од еден ваков водич.

Тука се и сите оние кои едноставно сакаат да ги истражуваат можностите на сите социјални медиуми.

post

Бизнис лекции од играта Farmville на Facebook

Интересен напис прочитав на Business Accent за лекции кои се научени преку играње на популарната игра Farmville на Facebook. Оваа е популарна игра која има над 55 милиони активни играчи месечно низ целиот свет. Еве кои бизнис лекции ги издвојуваат кои произлегуваат од оваа популарна игра:

1) Трпеливоста е најважна

Без трпеливост за стигнување на ниво кое ќе се нарече некаков успех во бизнисот постои опасност од рано откажување. Успехот не се случува преку ноќ. Постојат повеќе нивоа на животен циклус во бизнисот и започнувањето е едно од најтешките.

2) Потребно е знаење за предвидување

Предвидување на иднината е една од основните задачи на претприемачот. Без квалитетно предвидување ќе се јават потешкотии во алокација на бизнис ресурсите.

3) Троши мудро

Трошење на пари, време и ресусрси на бизнисот може да доведе до брз успех или пак брз пропаст. Тешките времиња доаѓаат со брзина на светлината, а си заминуваат многу потешко. Затоа е потребно да се инвестира во она што ќе го развива нашиот бизнис, но и да се мисли за лошите времиња.

4) Гради пријатели

Ева е едно основно правило од социјалните медиуми како Facebook. Но, тоа е и во реалниот живот и во бизнисот. Некои дури препорачуваат да започнете со продажба уште пред вистинското започнување на бизнисот. Ова значи да пробате да продавате на Вашите блиски и пријатели, за да видите како ќе биде прифатен производот или пак услугата што ќе ги нудите. Колку повеќе пријатели имате толку повеќе потрошувачи ќе имате за вашиот бизнис.

5) Помагај им на соседите

Оваа е едно од поновите правила кои произлегуваат од модерниот бизнис. Не е се во заработката и продавање. Помагајќи на други луѓе (бесплатно) ќе ја градите Вашата репутација како еден експерт во полето на вашиот бизнис.

6) Грижи се за твојата фарма

Постојано следење на бизнисот и насоките во кои се движи истиот е основа за успешен бизнис. Следи ги најважните бизнис показатели заради донесување на правилни одлуки. Основните показатели се:

  • Реализација на бизнис планот
  • Приходи
  • Расходи
  • Готовински тек
  • Успешност на маркетинг активности
  • Производствени показатели

7) Работи напорно

Се смета дека колку понапорно работиш ќе успееш да ги исполниш целите на бизнисот. Но, сепак не е само напорно работење, туку во напорно работење со вистинска организираност која ќе доведе до ефикасност и ефективност во исто време. Доколку имате поставено остварливи цели кои сакате да ги постигнете организирајте ја Вашата работа така да ги постигнете во најкраток можен рок.

8) Oрганизирај

Во бисниот организирање е една од најважните функции (една од функции на менаџментот). Организирање има за цел да ги оптимизира сите бизнис активности за да се извлечат максимални резултати од бизнис ресурсите.

9) Не прекинувај со учење

Мислам дека нема потреба да се коментира. Ширењето на знаење е нешто кое постојано ќе ја надополнува Вашата бизнис потенцијална енергија.

10) Направи пауза од време навреме

Понекогаш нашиот мозок доаѓа до еден застој кој тешко се надминува. Направете пауза и дајте си мал одмор за да ги наполните батериите.

post

ПРЕТПРИЕМАЧ НА FACEBOOK И TWITTER

Конечно најдов време за оваа стратегија од пред 8 месеци што ми стои како нереализирана да ја спроведам.
Од десната страна на блогот на претприемач се наоѓаат лентите со содржина од Facebook и Тwitter. Можете да не следите на Тwitter како и да станете фан на претприемач на Facebook со еден клик. Можам да ветам само дека ќе има многу интересни материјали кои што ќе гледам да бидат попрактични и покорисни за претприемачите.
Facebook е веќе докажан во Македонија како број 1 веб страна за социјално вмрежување. Twitter не е популарен како Facebook но потенцијалот е огромен. Сите во САД и во порзвиените земји се заразени со еден модерен вирус наречен Twitter.
Информации за се и сешто се шират преку Twitter за помалку од 5 минути. За нападот на Word Press добив информација преку Twitter.
Па, доколку скаате да бидете поврзани со претприемач повелете.

post

КОРИСТЕЊЕ НА STUMBLEUPON – ВИДЕО

На ред е нов видео материјал за уште една социјална мрежа како delicious, но сега stumbleupon до кој можете да дојдете преку следнава адреса: www.stumbleupon.com.

Во оваа видео ќе можете да видите за:

  1. Што е тоа stumbleupon?
  2. Како да отворите акаунт?
  3. Како да го користите?
  4. Како да барате пријатели?
  5. Како да поставувате нови стрници?

Неколку пати пишуваме за ефикасност и ефективност, за 80/20 правило, ефект на пеперутка… Сето ова ги зголемува перформансите на Вашиот биснис. Накратко, stumbleupon е социјална мрежа која ќе може да ви помогне да ја зголемите Вашата ефикасност и ефективност во пребарување на интернетот и прибирање на информации за Вашиот бизнис. Од друга страна, со мал напор во рангирање на сајтовите од Вашиот интерес и пронаоѓање на луѓе од целиот свет кои имаат ист интерес како и Вашиот ќе можете да стекнете пријатели кои ќе бидат добра основа за маркетинг активности за Вашиот бизнис.

Погледајте го видеото!

post

ШТО ПРЕТСТАВУВА STUMBLEUPON – СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ

Време е за уште еден сајт кој претставува еден вид на социјални мрежи. Претходно пишувавме за delicious за претприемачи како социјален сајт кој може во исто време да ја зголеми Вашата ефективност и ефикасност во пронаоѓање на содржини кои претходно сте ги забележале како интересни, не сте имале време да ги прочитате. Исто така објавивме и едно видео како да го користите delicious од отворање на акаунт до начин на користење. Сега ќе ве воведеме во еден друг тип на социјална мрежа наречена STUMBLEUPON.

Англискиот збор stumble значи сопнување. Како буквален превод ова би значело да се сопнеш на нешто. Ова нешто што не сопнува е некоја страница на интернет. Stumbleupon.com им овозможува на корисниците да откриваат и да рангираат одредени интернет страници преку посебен вид на технологија за препорака на тие страници кој користи принципи на социјална мрежа. Додека delicious овозможува обележување на страници и брзо пронаоѓање и делење со другите во мрежата, stumbleupon бира која веб страна да ви ја прикаже врз основа на Вашиот профил и Вашето рангирање на страниците кои ви се допаѓаат.

Може да се користи како:

  • Алатка за пронаоѓање на информации од сајтови кои се од интерес на луѓето како Вас и како
  • Алатка за забава за откривање на нови сајтови.

StumbleUpon претставува линија на алатки (toolbar) која се инсталира на Вашиот интернет прелистувач (Internet Explorer или Mozila Firefox) и преку него можете да кликнете на копчето Stumble! и секогаш да ве води до веб содржина која може да биде интересна за Вас. Од друга страна колку повеќе веб страници рангирате дека во се допаѓаат толку поквалитетни страници ќе добивате како повраток при кликнување на копчето Stumble!. Рангирањето го изведуваате со кликнување на копчето I Like It! Линијата на алатки е прикажана на сликата подолу.

ToolbarStumble

На линијава со алатки имате и повеќе функции за испраќање на некоја страна преку e-mail како и можност за да ги видите пријателите преку StumbleUpon. За да ја користите оваа мрежа ќе треба да:

  • Отворите акаунт на SumbleUpon
  • Да ја симнете линијата со алатки и да ја инсталирате во Вашиот интернет прелистувач
  • Откако ќе го инсталирате ќе бидете запрашани да изберете теми кои се од Ваш интерес
  • И веќе ќе можете да го користите со едноставно кликнување на копчињата опишани погоре.

StumbleUpon има база на податоци со веб страници, слики, видео материјали и друга содржина кои што биле испратени од други корисници и коишто имаат некаква вредност.

StumbleUpon не е само линија со алатки туку и социјална мрежа. Исто како на facebook ќе можете да барате и креирате пријатели. Пробајте го и искористете го за Вашиот бизнис.

post

СОЦИЈАЛНИ МЕДИУМИ КАКО МАРКЕТИНГ СРЕДСТВА

Социјалните медиуми претставуваат информативни содржини кои се креираат од луѓето кои користејќи технологија ги објавуваат тие информативни содржини  и поттикнуваат меѓусебна комуникација и интеракција.

Овие информативни содржини можат да бидат различни. Најчесто се користат текстуални информативни содржини, видео материјал, аудио материјал и слики. По објавување на сите овие информативни содржини тие преку глобалната мрежа на социјалниот медиум стануваат достапни за поширок аудиториум. Можат да се препорачуваат од еден на друг, да се препраќаат, да се оставаат коментари …

На социјалните медиуми можете да бидете достапни до десетици милиони луѓе во светот. Маркетинг експертите оваа го забележаа и започнаа да ги препорачуваат социјалните медиуми да бидат опфатени во маркетинг плановите како нешто што има огромен потенцијал.

како примери на социјални медиуми кои постојат и од кои некои се користат и кај нас можеме да ги забележиме следниве:

  • Комуникациски социјални медиуми (блогови, форуми, Twitter како микроблогирање, Faceebook, LinkedIN, MySpace како социјални мрежи …)
  • Социјални медиуми за соработка (delicious, google reader како социјални обележувачи, digg, reddit како социјални весници…)
  • Мултимедијални социјални медиуми (flickr како социјален сајт за размена на форографии, YouTube за видео материјали …)

Извршивме една анализа и го забележавме следново:

  • YouTube е на трето место во светот (веднаш за google и yahoo) по посетеност додека во Македонија е на второ место веднаш зад google.
  • Facebook на светско ниво е на 5-то место веднаш зад пребарувачот Live.com додека во Македонија е на трето место веднаш зад YouTube.
  • MySpace е на светско ниво на 9-то место додека во Мкедонија е на 20-то место.
  • Hi5 на светско ниво е на 20-то место додека во Македонија е на високо 6-то место веднаш зад Facebook.

Можеме да забележиме дека и во Македонија во голем дел се користат се повеќе и повеќе социјални медиуми кои претставуваат голем потенцијал особено за малите бизниси. Искористете го тој потенцијал.