Сега доаѓаме во фаза кога треба да ја тестирате вашата „голема идеја”. Дали ќе успеете? Анализите, истражувањата, размислувањата може да покажуваат навистина дека треба да ги имате производите или услугите, процесите или бизнис моделот кои се резултат на тие идеи.
Но, во реалноста често пати се случува и најдобро анализираните и најдобро истражуваните идеи да не поминат бидејќи сепак едно е анализа и истражување, а друго е практична имплементација и добивање на оценка од страна на купувачите.
Сепак, не смеете да си дозволите да инвестирате пари и време во нешто за што ќе добиете „црвен картон” од страна на купувачите. Иако, сето онаа што го кажав претходно има за цел колку што може подобро да ги доближи вашите „големи идеи” до купувачите, сепак не е доволно за да бидете 100% сигурни дека ќе успеете. Мора да бидете свесни дека сеуште во голем дел од вашите идеи вие располагате само со претпоставки, а не факти.
Прашањето кое се поставува е како да се дојде до факти? Возможно ли е да се дојде до факти?
Да, може да се дојде до факти, но сепак процесот не е лесен.
Зошто?
Затоа што единствен начин да се дојде до факти е да се тестираат идеите и претпоставките надвор, со вистински купувачи. Значи не зборувам за роднини и пријатели. Зборувам за купувачи кои немаат никаква врска со вас, освен што претставуваат потенцијални купувачи, односно идеални купувачи за вашата бизнис идеја и кои ќе ја стават нивната рака во џеб и ќе извадат пари за да ви платат.
Луѓето кои веднаш ќе ви кажат дека вашата бизнис идеја е одлична и дека ќе направите богатство со неа без да обрнат внимание да ве сослушаат и да разговараат со вас треба да ги избегнувате. Бидете сигурни дека сите ваши одлуки ќе бидат базирани на истражувањето и на фактите до кои ќе дојдете.
Значи, излезете надвор и обидете се да продадете онака како што сте ја дефинирале вашата „голема идеја”. Доколку успеете на таквите состаноци и обиди за продажба да продадете барем десетина производи или услуги, тогаш може да се каже дека вашата „голема идеја” го поминала тестот. На ваков начин ќе го тестирате процесот на продажбата, цената, квалитетот на производот, дистрибуцијата, односите со купувачите… Но, да не заборавиме дека на ваков начин и ќе обезбедите дополнителни идеи од оние кои се најсоодветни за да ви дадат идеите – купувачите.
Оставете ја хартијата, интернетот, компјутерот…
Излезете надвор и обидете се да продавате. Тоа е единствениот тест кој може да ве доведе до факти, но и до ново знаење кое ќе го искористите за вашиот бизнис.
Speak Your Mind