post

Значајност на навремени организациски промени

Значајноста на организациски промени е сè поголема во организациските системи од секаков вид, облик, големина, индустрија или пазар.

организациски промени

Притисокот од околината е сè поголем и поголем, особено изразен преку драстично зголемување на моќта на купувачите во последните пет до шест години и развојот на новата технологија која станува сè подостапна и за организациите и за индивидуалистите.

Она што е забележително денес, е доцнењето на организациите да се прилагодат на новото време и на новата технологија како резултат на постојаното и пребрзото менување на опкружувањето на организациите. Во 2011 година списанието Форбс (Forbes) објави текст насловен како „Големи бизниси… Се ближи крајот: Зошто 70% од Fortune 1000 компании ќе бидат заменети во следните неколку години?”. Во текстот се цитира истражување кое открило дека помеѓу 1973 и 1983 година 35% од најдобрите компании во Fortune 1000 листата се нови компании кои дотогаш воопшто не постоеле. Од 1983 до 1993 г. се стигнало до бројката од 45% нови компании на листата кои дотогаш не постоеле. Трендот на зголемување на овој процент продолжува и од 1993 до 2003 г. кога станува 60% и доколку трендот продолжи, се очекува дека 70% од компаниите на топ 1000 листата ќе бидат нови во периодот од 2003 до 2013 г. Ова истражување го потврдува фактот дека е неизбежна потребата од промени, но и дека циклусот на промени има сè потесна временска рамка.

Навременоста станува значаен фактор кога станува збор за организациските промени. Таа ќе се постигне само доколку организациите се свесни за потребата од промени, а потребата од промени ќе се дознае само доколку организациите на систематски начин го следат поширокото опкружување и преземаат активности за да се прилагодат на новите услови на игра.

Фактите се навистина загрижувачки!

Се сеќавате ли на писмото на CEO на Нокиа до вработените на компанијата? Помина доста време од онаа што тој го напиша во тоа писмо и веќе сме сведоци што се случува на пазарот.

Како една голема компанија може да се доведе во состојба да претставува платформа која гори и од која треба да се бега?

Доколку ги следиме зборовите во писмото, можеме да заклучиме дека Нокиа (Nokia) доаѓа во состојбата во која е во моментот на пишувањето на писмото поради следниве случувања:

  • конкурентскиот притисок во однос на новите технологии бидејќи се појавуваат нови компании со нови производи кои се многу пофункционални од она што го нуди Нокиа;
  • променет бизнис модел кога станува збор за мобилната телефонија бидејќи веќе не се конкурира со производот (хардвер), туку се конкурира на основа на еден еко-систем како што е телефонот, оперативниот систем, апликациите, дизајнерите на апликациите, заедницата на поддржувачите…;
  • ненавремена реакција или едноставно непрепознавање на изворите на промените кои би се примениле во самата компанија за да остане број еден.

Организациските промени не се појавуваат сами од себе. За која било постапка која ја изведуваме постои одредена причина, односно постапката е последица на одредена причина. Доколку не постои причина за одредена постапка или дејствување, логично е дека нема да постои ни таа постапка или дејствување.

Овие причини (поттикнувачи, сили) на организациските промени ги нарекуваме извори на организациските промени. Од каде доаѓа потребата еден организациски систем да спроведе организациски промени? Ова прашање е значајно за менаџментот поради следните причини:

  • Кога се знаат изворите (причините) за организациските промени, ќе може поедноставно да се испланира процесот на промени;
  • Изворите (причините) на организациските промени во поголем број случаи ги расветлуваат проблемите кои треба да се решаваат, односно што ќе треба да се менува во работењето на организацијата;
  • Познавањето на изворите на организациските промени дава одговор на тоа кога организацијата треба да се менува;

Изворите на организациските промени не дозволуваат организацијата да влезе во „зимски сон“, туку ја одржуваат будна за да може соодветно да реагира на сите тие сили кои бараат промени.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*