post

Царинска вредност на стоката при увоз

Царинска вредност

Царинска вредност

Ќе продолжам со серијалот на постови за царински процедури. При увоз на стока за продажба или опрема за Вашиот бизнис, за да таа пратка пристигне до Вас и за да можете да ја пуштите во слободен промет или пак за да ја користите како Ваша ќе мора да платите царински давачки предвидени согласно Законот за царинска тарифа.

Износот на царинските давачки зависи од два елементи:

  • Тарифна ознака во која спаќа стоката која ја увезувате и
  • Царинската вредност на стоката

Врз основа на тарифната ознака кога станува збор за износот на давачките се определува:

  • колкав е износот на царинската стапка (На пример, дали е 0%, 5% или 10%)
  • дали стоката подлежи на други давачки (акциза, прелевман, еколошка такса…)
  • дали за стоката се плаќа целосна (18%) или повластена (5%) даночна стапка.

Од друга страна сето ова започнува да се применува на царинската основица која во голем дел зависи од царинската вредност на стоката.

Што претставува царинска вредност на стоката?

Наједноставно кажано царинската вредност на стоката претставува вредноста на стоката која Вашиот бизнис ја плаќа за да ја набави и да ја добие таа стока.

Согласно царинскиот закон во членост 28 дефинира царинската вредност на стоката:

Царинската вредност на увезената стока е трансакциска вредност, а тоа е вистински платена цена или цена која треба да се плати за стока која е продадена за извоз во царинско подрачје на Република Македонија, прилагодена таму каде што е тоа потребно, во согласност со членовите 35 и 36 од овој закон.

Ова во однос на членовите 35 и 36 и прилагодовуњето кое е потребно се однесува на сите останати трошоци кои се на товар на купувачот (Вашиот бизнис во постапка на увоз на стока) во вид на:

  • провизии и посреднички провизии
  • трошоци за амбалажа и пакување
  • дополнително вградени елементи
  • трошоци за транспорт и осигурување на увезената стока до место на внесување во царинско подраје,
  • трошоци за утовар, истовар и манипулација поврзани со транспортот на стоката и сл.

Еден пример

Да земеме еден пример. Имате фактура за стоката која ја увезувате во вредност од 20.000 евра. Во фактурата имате наведено услови за испорака CIP Скопје што значи дека трошоците за транспорт и осигурување до Скопје ги плаќа испраќачот (за ова во посебен пост). Не постојат други трошоци на Ваш товар. Во таков случај царинската вредност на стоката ќе биде 20.000 евра изразена во денари.

За да биде поилустративно и за да се види дека процесот на утврдување на царинската вредност може да биде сложен ќе го надополнам горниот пример. Да претпоставиме дека стоката претставува некоја машина за Вашиот погон. За да се пушти во функција таа машина потребно е да се изврши обука на Вашите вработени која ја обезбедува испорачателот. Но, таа обука не е наведена во фактурата. Доколку во договорот за купопродажба експлицитно е наведено дека испорачателот обезбедува обука која ќе чини 5.000 евра и ќе трае 3 дена, тогаш царинската вредност на стоката ќе биде зголемана за износот на сумата за обуката (25.000 евра).

Многумина велат дека тоа не е фер. Во моментот на узвозот не е платена обуката. Но, сепак е поткрепено со членот 28 од царински закон став 3:

а) Вистински платена цена или цена која треба да се плати е вкупното плаќање кое е извршено или кое треба да се изврши од страна на купувачот кон или во корист на продавачот за увезената стока и ги содржи сите плаќања кои се извршени или треба да се извршат како услов за продажба на увезената стока од купувачот кон продавачот или од купувачот кон друго лице за задоволување на обврската на продавачот. Плаќањето не е потребно секогаш да се извршува со пренос на пари. Плаќањето може да се изврши преку акредитив или преносливи инструменти, на директен или индиректен начин и

Забележувате дека болдираниот дел од цитатот од законот вели дека царинската вредност ги содржи сите плаќања кои се извршени или треба да се извршат како услов за продажба на увезената стока. Што значи дека плаќањето може да се изврши подоцна како и обуката, но обуката е наведена во договорот и претставува услов за спроведување на продажбата.

И секако ова ние не сме го измислиле. Еве го извадокот од Царинскиот Закон на ЕУ член 29 став 3 под а):

The price actually paid or payable is the total payment made or to be made by the buyer to or for the benefit of the seller for the imported goods and includes all payments made or to be made as a condition of sale of the imported goods by the buyer to the seller or by the buyer to a third party to satisfy an obligation of the seller. The payment need not necessarily take the form of a transfer of money. Payment may be made by way of letters of credit or negotiable instrument and may be made directly or indirectly.

Ова е тема за која има многу за разглобување. Доколку имате некои прашања слободно поставете ги во вид на коментар. Идната недела ќе продолжиме за 6-те методи за утврдување на царинска вредност.

post

Задолжителна тарифна информација

Царински процедури - ЗТИ

Царински процедури - ЗТИ

Сакам да започнам една сосема нова категорија на постови на претприемач која ќе се однесува на царински процедури, прописи, процеси и искуства на бизнисите и особено малите бизниси. Голем број на бизниси имаат контакти со овие царински елементи. Чувствувам дека постои и незадоволство. Затоа ќе се обидам согласно моето искуство (7 години во ЦУРМ) да пренесам некои знаења кои едноставно ќе можат да ви помогнат.

Како прв пост за оваа намена избрав да напишам нешто за задолжителна тарифна информација.

Пред извесен период разгледувавме една опција за увоз на одредени стоки. Тарифирањето на тие стоки е малку потешко бидејќи се базира на некои хемиски состојки. Но, уште потешко е што постои можност два различни тарифни броеви да доведат до две различни даночни стапки (едната 5% и втората 18%). 13% разлика на една пратка од 10.000 евра претставува 1300 евра давачки. Логично веднаш мозокот ми проработи како цариник. Што доколку мене ми дојде за преглед еден таков камион, каде наместо 18% данок во царинската декларација е пресметан 5% ДДВ. Еве што би направил:

  • Како Виш цариник контролор доколку нема соодветни документи кои би ја поткрепиле декларираната тарифна ознака и доколку системот ја селектира декларацијата на зелен кнал би ја префрлил на црвен канал и би дал забелешка проверка на тарифна ознака да се изврши од страна на царинскиот работник.
  • Како Виш цариник кој врши преглед на документи и стока првин би ги проучил сите документи, би го отворил прирачникот за царинење на стоки за да видам каде е тарифирано и каде би можело да биде тарифирано. Би го отворил Коментарот на Хармонизираниот систем и би прочитал дополнителни информации за декларираната тарифна ознака и секако за онаа која води до повисока даночна стапка. Би го повикал декларантот и би побарал дополнителни документи во вид на сертификат за квалитет, состав… Во меѓувреме ќе извршам преглед на стоката и ќе земам примерок за да го споредам она што го пишува на пакувањето со она што е напишано во сите досега споменати документи, правилник, коментар. Доколку по сето вакво анализирање и проверки не сум сигурен сеуште, а декларантот не ми достави цврсти докази дека тоа е тоа едноставно ќе преминам на земање на мостри со записник. За да го ослободам камионот ќе треба да биде обезбеден царинскиот долг доколку анализата покаже дека тарифната ознака е онаа за која сум се сомневал.

Оваа постапка ќе ја задржи нашата пратка на царинсиот терминал. Во исто време ќе бара и врзување на средства за плаќање на разлика во давачки за што можеби имаме право. Се усложнува процедурата и за бизнисот и царинските работници.

Затоа во вакви ситуации кога тарифирањето е сложено и може да предизвика сомнеж најдобро е да се има Задолжителна тарифна информација.

Што претставува Задолжителна тарифна информација (ЗТИ)

Како што кажува и самото име ЗТИ претставува информација која е издадена од овластен орган (Царинска Управа) и која има одредена прaвна сила за применa во спроведување на царинските постапки.

ЗТИ е регулиран со членовите 10 и 11 од Царинскиот закон како и членовите од 6 до 10 во Уредбата за спроведување на царински закон.

Членот 10 од Царинскиот закон вели:

(1) Секое заинтересирано лице може да бара информации цо поглед на примена на царинските прописи од царинскиот орган. Такво барање може да биде отфрлено ако не се однесува на конкретно предвиден увоз или извоз.

(2) Информацијата од ставот 1 на овој член, царинскиот орган бесплатно му го дава на барателот во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето. По исклучок може да се надоместат трошоците на царинскиот орган што настануваат, а особено трошоците настанати како резултат на вршење на анализи и експертизи за стока или поради враќање на стоката до барателот на информацијата.

Значи ЗТИ се добива врз основа на барање поднесено до царинскиот орган кој мора во рок од 15 дена да одговори на барањето. Затоа пред да ја започнете увозната процедура во вакви ситуации поднесете барање за ЗТИ.

Правна сила на ЗТИ

Во членот 11, став 2 од Царинскиот закон стои:

(2) Задолжителната тарифна информација или задолжителната информација за потекло, е задолжителна за царинскиот орган кон имателот на информацијата само во поглед на тарифното распоредување или утвр-дување на потеклото на стоката. Задолжителната та-рифна информација или задолжителната информација за потекло е задолжителна за царинскиот орган само во поглед на стоката за која царинските формалности се завршуваат по денот на кој информацијата била доста-вена. Во случај на потекло се работи за формалности кои се однесуваат на примената на одредбите од члено-вите 24 и 26 став (2) точка б) на овој закон.

Доколку навистина стоката за увоз одговара со описот на стоката наведен во ЗТИ царинскиот орган мора да ја прифати таа тарифна ознака како единствена законски валидна тарифна ознака, а со тоа и царинските давачки предвидени согласно Законот за царинска тарифа.

Барањето, целосната постапка и потребната административн такса за издавање на ЗТИ можете да пронајдете на сајтот на Царинска Управа во делот за Задолжителна Тарифна Информација.

Во секој случај обезбедете се со соодветните документи пред да пристигне камионот на границата, бидејќи тогаш притисокот е многу поголем.