post

Претприемач на Google+

Пред извесен период, поточно во август оваа година напишав еден пост насловен како Google+ и можното влијание врз бизнисите. Тогаш во однос на бизнис профили, или страни беше следнава состојба:

Но, она што е важно во овој момент е дека сеуште Google+ нема излезено со некоја официјална понуда за бизнисите. Дури и оние кои направија личен профил за да го презентирааат својот бизнис едноставно ги снемува (се бришат од страна на Google). Официјално е најавено дека набргу ќе излезат со една таква понуда и дека е најдобро да се почека бидејќи во моментов работат со одреден број на компании за подготовка на платформата за бизнисите.

Google Plus лого

Google+

Пред една недела и бизнис страните станаа реалност со што Google+ станува достапен за брендирани страници.

Сеуште платформата не е богата со премногу карактеристики, но сепак она што може да се прави не ја намалува вредноста и особено заради тоа што сепак компанијата која стои зад оваа социјална мрежа е најголемиот пребарувач, а Google+ ќе има големо влијание во иднина во развојот на SEO индустријата.

Сепак овој пост е само информативен дека можете да го следите Претприемач на Google+, а корисностите и функционалноста и секако идеите за користење од страна на бизнисите во друга прилика.

Што би правеле таму?

Ајде да одиме еден чекор понапред. Едноставно,

  • Ставете ја страната на претприемач во некој ваш круг (дали преку линкот од тука или десно на страничната лента),
  • Поставувајте прашања преку коментарите на постовите кои ќе ги споделуваме за да бреинстормираме квалитетни идеи,
  • Покажете што ви се допаѓа преку +1 копчето,
  • Можеме да имаме видео чет преку hangout каде дури 10-мина ќе разговараме одеднаш и
  • Секако препорачајте ја страната на вашите пријатели.

Се гледаме на Google+.

post

Како да изградиш силни односи со твојата заедница?

Односи со заедница Ти како еден претприемач и твојот бизнис не сте сами во светот на бизнисот.

Имаш потрошувачи, и сакаш тие да купуваат се повеќе од тебе. Имаш потенцијални купувачи, и сакаш тие да станат твои купувачи. Имаш снабдувачи. Имаш партнери.

Имаш сопствена бизнис заедница каде што опстојува твојот бизнис и без која твојот бизнис не може да преживее.

Освен градење и одржување на твојата заедница мора да градиш и подобри односи. Мора да комуницираш со таа заедница. Мора да направиш да ти биднат партнери. Ти треба нивната помош доколку сакаш да го раснеш твојот бизнис.

#1 Првата импресија е многу важна

Веројатно, тоа се неколку секунди за првата импресија која може да доведе до една цела слика за тебе и твојот бизнис во мозокот на лицето со кое комуницираш. Не пропуштај ја можноста да креираш одлична импресија. Во Enchantment: The Art of Changing Hearts, Minds, and Actions, Guy Kawasaki за таа прва импресија навлегува во неколку подрачја кои што се важни како насмевка, облека, ракување и речник.

#2 Пронајди заедничка пасија

Луѓето се приклучуваат во неформални групи и заедници бидејќи имаат нешто заедничко со останатите. Најчесто тоа е пасија за нешто што ги поврзува. Тие сакаат да ги споделат нивните идеи, сличните проблеми кои ги имаат, сличните вредности кои ги негуваат… Пронајди нешто заедничко помеѓу тебе и другата страна и зборувај за тоа.

Доколку се согласувате околу нешто, или пак и двајцата имате ист проблем поверојатно е дека со тие луѓе ќе изградите подобри односи.

#3 Секогаш нека бидат Win-Win ситуации

Никој не сака да губи. Ти не си таму за да победиш, а со тоа другата страна да изгуби. (Потсетете се само на големото враќање на Steve Jobs во Apple кога на негодување на фановите на Apple ја најавува соработката со Microsoft и кога им објасни дека треба да се напушти патот кој се базира на тоа за да Apple победи Microsoft мора да изгуби. Каде е сега компанијата кога тогаш беше во криза?)

Секогаш барај ситуации кога сите ќе победат, тоа е пат за градење на долгорочни односи.

#4 Верувај им, доколку сакаш тебе да ти веруваат

Како можеш да очекуваш некој да ти верува доколку тој/таа не може да види дека ти имаш доверба во нив. Доколку веруваш некому и таа личност може да го забележи тоа, тогаш и таа личност ќе ти верува тебе. Градиш односи на взаемна доверба. Има ли подобро нешто од тоа?

#5 Несебично споделувај го твоето знаење и вештини

Знам дека имаш знаење, искуство и вештини. Но, тоа знаење, искуство и вештини не се само за тебе, инаку се безвредни. Мора да го споделиш тоа знаење, искуство и вештини со твојата заедница доколку сакаш да станеш вистински дел од таа заедница.

#6 Помогни им

Секој има проблеми. (Или како што Исак Адижес вели: проблеми немаме само доколку сме мртви.) Доколку помагаш на заедницата, ќе започнеш да градиш кредибилитет и доверба. Тоа е највредното ниво во твоите односи со заедницата.

#7 Не си најдобар во се

Иако имаш знаење, искуство и вештини, сепак не си најдобар во се. Секогаш ќе има некој што во нешто и знае, и има искуство и има вештини повеќе од тебе. Затоа треба и да слушаш за да научиш нешто од нив.

#8 Учи од нив и покажи дека си научил од нив

Доколку слушаш, ќе слушнеш нешто. Доколку слушнеш нешто и ќе научиш нешто што можеби можеш да го имплементираш во твојот бизнис. Но, кога ќе имплементираш нешто што си научил од твојата заедница, нека знаат за тоа.

#9 Мотивирај ги

Ти си дел од твојата заедница. Треба да помагаш и да ја мотивираш твојата заедница да стане подобра, членовите да си го подобрат сопствениот живот. Тоа е делот во кој ти го градиш твојот кредибилитет.

#10 Биди човек

Ти си човек пред се останато. Твојата заедница е составена од човечки суштества. Зошто да бидеш нешто што не си во твојата заедница.

post

Слушање како нова бизнис функција

Слушање Дали ги слушате вашите потрошувачи?

Дали ги слушате вашите потенцијални потрошувачи?

Видот на малите бизниси кој го познававме во минатото полека но сигурно се губи од сцената на денешниот бизнис свет.

Некои од нив се трансформираат и започнуваат да ги користат новите алатки за водење на бизнис. Некои од нив едноставно исчезнуваат бидејќи едноставно не сакаат да ги прифатат промените. Но, и некои од нив кои сеуште не исчезнале, набргу ќе исчезнат доколку не превземат нешто за да се променат самите себеси.

Мора да започнеш да го слушаш твојот пазар.

Слушај ги твоите потрошувачи и потенцијални потрошувачи

Денес твоите потрошувачи и потенцијални потрошувачи се помоќни од било кога во минатото. Тие се опремени со алатки наречени како социјални медиуми кои им овозможуваат да ја распространат нивната мисла со светлосна брзина. Тие можат да и помогнат на твојата компанија преку споделување на добар збор за тебе, твојот бизнис, твојот бренд или пак твоите производи и услуги. Но, исто така тие можат да те нападнат и создадат лошпублицитет за твојот бизнис.

Затоа како еден претприемач секогаш мора да бидеш блиску до твоите потрошувачи и потенцијални потрошувачи. Мора да започнеш да ги слушаш секаде каде што се наоѓаат, да одговараш и да комуницираш со нив.

Мора да им помогнеш доколку се обидуваат да најдат решение за нивните проблеми, мора да комуницираш со нив за темите на твојата експертиза. Мора да се извиниш за некои твои грешки кога тие зборуваат за нив и да им понудиш можности да се поправат грешките.

Слушај ги твоите конкуренти

Од друга страна, тука се и твоите конкуренти кои што исто така мора да ги слушаш. Што тие велат, нудат, користат, како комуницираат со нивните потрошувачи и потенцијални потрошувачи…? Сите овие прашања се вредни за тебе и твојата компанија бидејќи може да се користат во процесот на учење и подобрување на бизнисот во иднина.

На пример, можеш да дојдеш до конверзација помеѓу твоите конкуренти и нивните незадоволни потрошувачи. Зошто да не започнеш конверзација со тие потрошувачи и да се обидеш да ги конвертираш во твои задоволни потрошувачи.

Ова е нов вид на разузнавање кое може да ја зголеми твојата бизнис потенцијална енергија.

Што треба да слушаш?

Мора да слушаш се што се однесува за:

  • Твојот бренд,
  • Иметона твојата компанија,
  • Името на твојата компанија плус придавки,
  • Индустрија,
  • Производи и услуги,
  • Главните конкуренти,
  • Конкурентските производи и услуги,
  • Твоите тековни потрошувачи и нивните имиња или имињата на нивните компании,
  • Конверзацијата на твоите тековни потрошувачи…

Како што можеш да забележиш слушањето станува една од најважните бизнис активности денес. Тоа е нова функција која носи нова и ја зголемува постоечката бизнис потенцијална енергија на твојот мал бизнис.

Што мислите за слушањето како една бизнис функција? Дали го користите слушањето и што слушате за вашиот бизнис?

post

Google + и можното влијание врз бизнисите

Google Plus лого

Google+

Веќе месец дена Google+ (последниот обид на Google со социјални медиуми) e на глобалната сцена. Во ова време се појавија многу вести, многу пофалби и напаѓања, многу шпекулации во однос на „големата преселба на народите“…

Не сакам воопшто да навлегувам во тоа дали Google+ ќе биде закана за Facebook или за Twitter или пак за некоја друга социјална мрежа бидејќи единствено што знам е дека Google+ е тука веќе поставен на сцената (иако сеуште во тест период и само со покани), има брз раст, има подршка од повеќе луѓе на глобално ниво оние првите кои започнуваат и креваат врева за социјалните медиуми и секако има влијае на подобрување на искуството на социјалните медиуми.

Особено ова последното е нешто што покажува дека е добро да постои конкуренција, Facebook вќе е во оној иновативен модалитет.

Од друга страна иако ова е нов играч на пазарот (претходните обиди беа неуспешни) сепак не треба да се заборави дека има голема предност:

  • Искуство и знаење од претходните промашувања,
  • Комбинација на најдобрите елементи од најуспешните и отфрлање на сето она што не додава вредност и
  • Има други производи кои останатите конкуренти ги немаат (пребарувач, Google Places, Docs, AdWords, AdSense, Gmail, Chrome, YouTube…)

Замислете ја само вистинската комбинација со овие производи и една социјална мрежа. На пример, со Google Docs може да се отвори широк спектар на real time групна соработка преку една социјална мрежа. Со Google AdWords би се добил конечно еден вистински систем за таргетирани реклами на социјални мрежи (што го сметам како една од најголемите слабости на Facebook во моментов иако имаат некои подобрувања, но сеуште се далеку од контекстуални реклами).

Но, дали Google+ ќе биде нешто корисно за бизнисите и особено малите бизниси?

Интересно прашање и секогаш важно пред еден претприемач да започне да гради присуство на некоја платформа. Но, она што е важно во овој момент е дека сеуште Google+ нема излезено со некоја официјална понуда за бизнисите. Дури и оние кои направија личен профил за да го презентирааат својот бизнис едноставно ги снемува (се бришат од страна на Google). Официјално е најавено дека набргу ќе излезат со една таква понуда и дека е најдобро да се почека бидејќи во моментов работат со одреден број на компании за подготовка на платформата за бизнисите.

Затоа и не можеме да дадеме еден конечен и квалтетен одговор на тоа дали ќе биде корисен за бизнисите, едноставно можеме да анализирам и да претпоставуваме. Но, она што во овој момент секој претприемач би требало да се запраша е следново:

  • Дали моите потенцијални купувачи ќе бидат присутни на оваа нова социјална мрежа?
  • Дали персоната, односно профилот на мојот идеален купувач може да одговара на она што во моментов се нуди на оваа социјална мрежа?
  • Дали можам на некој начин и како да ја искористам оваа нова социјална мрежа за зајакнување и подобрување на односите со моите купувачи како и испорачаната вредност на мојот бизнис?
  • Што би можел да понудам преку оваа социјална мрежа и дали тоа што можам да го понудам ќе биде вредно за моите потенцијални купувачи?

Ова се основните прашања на кои еден претприемач би требало да побара одговор.

Од друга страна, по скоро едномесечно користење на Google+ би навел и некои можности за малите бизниси кои едноставно ми навлегоа во глава.

  • Прво што ми падна на памет е бреинсторминг сесии. Едноставно еден круг за лица со кои ќе бреинстормирате и сите учесници ќе имаат круг за таа специфична тема на бреинстормирање.
  • Едноставно следење на ажурирања и персонализирање на истите ќе овозможи постојано учење на нешто ново.
  • Hangout овозможува видео конференциска врска за до 10 лица.
  • Продуктивна соработка со колеги заради подобрување на продуктивноста кај вашиот тим.

И за крај повторно, дали Google+ ќе биде корисен за малите бизниси?

Моето мислење е да, но сепак треба да почекаме да видиме како ќе се зголемува бројот на корисниците, каков профил на корисници ќе бидат присутни, што ќе понудат во однос на бизнис профили и секако во која насока ќе се движи идниот развој на социјалните медиуми бидејќи сепак ова е само почеток

.

post

Герила маркетинг концепт со социјални медиуми

Овој пост е оригинално објавен во еден од двонеделните билтени на претприемач за оваа година.

Генерација X и генерација Y

Генерација X и генерација Y

Да зборуваме малку за концептот наречен како герила маркетинг и социјалните медиуми кои се се поприсутни во нашиот секојдневен живот. Овој концепт и социјалните медиуму може да бидат многу моќни за малите бизниси и нивните севкупни маркетинг активности.

Што претставува герила маркетинг?

Герила маркетинг концепт е дефиниран од страна на Jay Conrad Levinson во 1980-тите години. Во тој концепт маркетингот е дефиниран како секој дел од контактите кои бизнисот ги има, или пак ќе ги има во иднина со надворешниот свет. Од дефиницијата се гледа дека претприемачите имаат огромни маркетинг можности.

Маркетингот не се однесува на парите кои се достапни за трошење, туку се однесува на енергијата и времето инвестирани за да се стане дел од таа конверзација. Маркетингот повеќе се однесува на градење на присутност онаму каде што се наоѓаат потенцијалните потрошувачи и помагање на тие луѓе за да го најдат вашиот бизнис, а не се однесува на декорација на MS Excel графици.

Која е врската помеѓу герила маркетинг и социјални медиуми?

Денеска концептот на герила маркетинг е полесен отколку во времето кога тој е дефиниран и кога се појавил. Денеска луѓето читаат меилови, блог постови, тие допринесуваат во креирање и на содржина и на конверзација на Facebook и Twitter.

Да ги погледнеме следниве реченици:

  • Социјалните медиуми се алатки кои ја подигаат интеракцијата помеѓу луѓето на едно повисоко ниво. Герила маркетинг концептот содржи градење на интеракција со потрошувачи.
  • Социјалните медиуми го подобруваат секојдневниот дијалог помеѓу луѓето од различни страни на светот. Од друга страна, герила маркетинг концептот е нешто што зборува за кршење на бариерите во дијалогот помеѓу луѓето од бизнисот и потрошувачите.

Од ова е јасно дека градење на присуство на социјалните медиуми претставува герила маркетинг оружје..

Традиционално, рекламирањето значи да се направи неодолива понуда, одличен наслов, одлична содржина и дизајн и стартување на кампањата. Постои точка на започнување и точка на завршување. Градење на присуство на социјалните медиуми како дел од герила маркетинг концептот има своја стартна точка, но се чини дека е процес кој никогаш не завршува.

Мора да започнете со градење на присутноста на социјалните медиуми, да учите, да слушате и да ги менувате приодите во градење на таа присутност.

Тактики за спроведување

За крај би навел некои тактики кои би требало да ги спроведете:

  • Започни со изработка на една стратегија за социјални медиуми. Јасно дефинирајте ги корисностите кои твојот бизнис ќе ги испорача на потенцијалните потрошувачи. Стратегијата мора да ги комуницира полезностите, а не карактеристиките.
  • Како еден претприемач мора да делегирате одговорност. Запомнете дека одговорноста е за сите бизнис членови.
  • Започни со градење на таа онлајн присутност. Започни со блогирање за да го распространите вашиот глас. Инсталирајте систем за социјални коментари за да овозможите она што се кажува да се распространи на социјалните медиуми.
  • Користете ги социјалните медиуми какао алатки за интеракција со потрошувачи. Работата не е за тебе и твојот бизнис туку таа е за потенцијалните потрошувачи и нивните потреби.
  • Започни да комуницираш корисност и вредност.
  • Влези во колку што можеш повеќе конверзации.
  • Биди релевантен и конзистентен.
post

11 Чекори за маркетинг со содржина

11 чекори за содржина како маркетинг
11 чекори за содржина како маркетинг

Содржина како маркетинг средство повеќе пати е обработувана тука. Се појасно е дека компаниите мора да земат активно учество во креирање на квалитетна содржина за да допрат до поголем број на потенцијални купувачи.

Промените во маркетингот кои ги носи технологијата и секако однесувањето на потенцијалните купувачи не доведуваат во ситуација кога МОРА да извршиме промени во досегашниот начин на нашето однесување.

Иако во делот на маркетинг средства ја обработивме и содржината сепак не навлеговме во некои од поважните чекори кои ќе треба да ги спроведете за да спроведете успешни кампањи. (Доколку може да се кажат како кампањи бидејќи кампањите асоцираат на нешто што е активно и по одреден временски период прекинува. Од друга страна содржината е нешто што бара континуитет за да се почувствуваат корисностите од истата.)

1. Поставување на цели

Која е целта на содржината како маркетинг средство? Што сакате да постигнете со креирање и споделување на содржина за вашиот бизнис?

Овој чекор мора да започне од севкупните бизнис цели кои ги имате воспоставено и секако од маркетинг целите во вашата маркетинг стратегија.

2. Целен пазар

До кој сегмент од пазарот сакате да допрете со вашата содржина?

Не можете да очекувате дека содржината ќе биде маркетинг средство кое ќе допре до целиот пазар на кој настапува вашиот бизнис. Од друга страна целта на овој чекор е да знаете кои се оние со кои ќе комуницирате преку содржината бидејќи само на таков начин ќе можете да преминете на следниот чекор – дефинирање на нивните потреби.

3. Дефинирање на потребите кои треба да се задоволат со содржината

Што тој целен пазар сака да добива како содржина? Кои се нивните потреби и желби?

Кога го знаете целниот пазар едноставно преминете на бреинстормирање на сите потреби кои тој целен пазар ги има, но во термини на содржинакоја ќе треба да ја креирате.

На пример, доколку сте бизнис кој нуди различни видови на производи, во поголем квантитет по вид на производи, за различни сегменти на пазарот некои од потребите би можеле да бидат:

  • Како да изберам кој производ е за мене и мојата индустрија?
  • Како најефикасно и нејефективно да го користам тој производ?
  • Како да дојдам до тој производ?
  • Како да ги следам новитетите и научно-технолошкиот развој во индустријата?
  • Како да го монтирам тој производ?
  • Кои се најдобрите практики?

На ваков начин со помош на овој чекор вие веќе ќе знаете што треба содржината да опфаќа и во која насока да се развива истата.

4. Платформи за содржина

Каков вид на содржина ќе споделуваме? На кои платформи ќе бидеме застапени? Каде се нашите потенцијални купувачи?

Кога станува збор за содржина иако е најлесно и најчесто се мисли на онлајн содржина сепак реба да напоменам дека оваа маркетинг средство се спроведува и офлајн преку каталози, брошури, билтени, периодични весници…

Затоа во овој чекор првин преминете на бреинстормирање на сите можни видови на платформи на кои можете да настапите. Кога зборувам за платформи мислам на блог, социјални медиуми, електронски билтен, печатен билтен, е-mail маркетинг, писма, упатства…

Понатаму бреинстормирајте и анализирајте каде се наоѓаат тие потенцијални купувачи дефинирани во вториот чекор. Дали се онлајн или пак помалку време поминуваат на интернет? Дали сакаат повеќе да читаат печатени изданија или пак електронски? Дали се присутни на социјални медиуми?

Овој чекор на крајот ќе треба да ви даде една листа на можни платформи комбинирани со сегменти на кои ќе се однесува секоја платформа.

5. Каква содржина имаме во моментов?

Во овој чекор вашата задача е да ја соберете целокупната содржина која ја поседува вашиот бизнис. Можеби тоа се каталози, брошури, упатства, билтени, презентации…

Целта е сета оваа содржина да ја поврзете со претходните откритија од претходните чекори. Од друга страна сакаме да знаеме и што веќе имаме и може да биде спремно да го користиме, а што е она што ни недостасува согласно чекорот 3 (потребите).

На крајот од овој чекор вие веќе ќе имате една мпа која ќе ви покаже на кои платформи до кои потенцијални потрошувачи ќе допрете со која содржина која веќе ја имате и што е она што ви недостасува.

6. Процес на креација на содржина

Кој ќе креира содржина? Кога ќе креира содржина?

Во овој чекор треба прецизно да го дефинирате процесот на креирање на содржина. Веќе знаете која содржина е потребна и преку кои платформи ќе се споделува, сега е време да го креирате и процесот на креирање и споделување на таа содржина.

7. Календар за содржина

Содржината како мркетинг средство користи различни платформи за различни сегменти на пазарот со различна содржина за истите. Затоа за да се зголеми ефикасноста и ефективноста добро е да креирате еден календар каде пред време ќе биде наведена која содржина кога ќе се сподели на кого и од страна на кого.

8. Имплементација

Дали се е имплементирано?

Кога имате календар едноставно можете да ја следите имплеметацијата на истиот. Обидете се да обезбедите дека се она што е наведено во тој календар ќе биде имплементирано во периодот за кој е наменет календарот.

9. Ажурирање на календарот со нова содржина

Ова е процес, а не обична кампања која има почеток и крај. Постојано во временски период пред завршување на календарот од чекорот 7 направете ажурирање со нова содржина и одговорности за наредниот период.

10. Мерење на резултати

Какви се резултатите од имплементацијата?

Едноставно, она што е испланирано не мора да биде се онака како што е планирано. Затоа мора да следите што ќе се случува во процесот на имплементација. Мора да дефинирате како ќе ги следите резултатите и кои ќе бидат мерните индикатори за тие резултати.

11. Подобрување

Што може да биде подобро од денес?

Ова е еден циклус кој никогаш не завршува и секогаш може да се подобри. Претходниот чекор од мерење ќе ви даде добри информации кои ќе ви кажат што дава а што не дава резултати, што треба да се промени, подобри, а што треба да се отфрли.

 

post

Бизнис план – План за социјални медиуми

Бизнис план

Бизнис план

Социјални медиуми во повеќе наврати беа предмет на обработка на овој сајт. Но, иако беше допрено до нив со верзијата на процес на бизнис планирање од 2010 година преку онлајн стратегија сепак истата не резултираше со конкретен план кој би гарантирал спроведување на стратегијата (во делот на социјални медиуми) во пракса.

Користење на она што досега е направено

Кога станува збор за овој план како дел од севкупниот бизнис план вие како еден претприемач веќе имате изработено соодветна онлајн стратегија која на некој начин ќе ги отслика потребите на градење на присутност на вашиот бизнис на интернет.

На пример, со претходниот (ажуриран дел за 2011) пост кој се однесува на дефинирање и редефинирање на бизнис моделот имате дефинирано:

  • Кого опслужува вашиот бизнис?
  • Каква вредност испорачува вашиот бизнис?
  • Како и преку што ќе ја испорачува таа вредност?
  • Каква и преку кои средства ќе се одвива комуникацијата со потроувачите?

Токму овие прашања во комбинација со инлајн стратегијата подготвена во претходниот наслов која навлезе во конкуренцијата, пазарот и целите на онлајн присутноста ќе бидат основа на изработка на план за социјални медиуми.

Изработка на план за социјални медиуми

Во овој дел би ги сублимирале основните чекори кои ќе треба да ги спроведете за изработка на еден ваков план. Првин би тргнал со одговор на шрашањето за тоа што значи добар план за социјални медиуми. Добар план за социјални медиуму претставува:

  • едноставен
  • концизен
  • воден од целите и
  • применлив во пракса.

За да ја исполните целта, да имате добар план за социјални медиуми следете ги следниве чекори:

  • Чекор 1: Дефинирајте ги сите цели на бизнисот кои на било каков начин може да имаат врска со присутноста на вашиот бизнис на социјални медиуми. Ова веќе ви е обработено при дефинирање на онлајн стратегија, па така за целите на овој наслов на бизнис плано можете да ги искористите.
  • Чекор 2: На скицата на бизнис моделот наведете ги сите места каде социјалните медиуми може да имаат одредена улога во спроведување на ефикасни и ефективни активности за комуникација и дистрибуцијата на вредноста што вашиот бизнис ја нуди.
  • Чекор 3: Спроведете SWOT анализа за социјални медиуми. Во овој дел ќе треба да одговорите на 40 прашања (од внатрешноста и надворешноста на бизнисо) по што лесно ќе можете да ја конструирате SWOT матрицата.
  • Чекор 4: Направете еден Scorecard за социјални медиуми преку кој ќе ги анализирате различните социјални медиуми кои согласно бизнис моделот, онлајн стратегијата и спроведената SWOT анализа од претходниот чекор најмногу одговараат за вашиот бизнис.
  • Чекор 5: Изберете ги социјалните медиуми кои ќе имаат најмногу поени согласно претходниот чекор и кои вие и вашиот бизнис ќе ги користите за периодот за кој се однесува планот.
  • Чекор 6: Направете една листа на активности која ќе треба да ја спроведете за градење на соодветен настап на избраните социјални медиуми согласно претходниот чекор.
  • Чекор 7: Определете точен датум на реализација на секоја активност која ја дефиниравте во листата од претходниот чекор.
  • Чекор 8: Определете одговорни лица за спроведување на секоја од тие активности.
  • Чекор 9: Определете мерни индикатори за секоја активност како би можело да се спроведе соодветно мерење на резултатите од истите.
  • Чекор 10: Имплементација, мерење и подобрување

 

post

Facebook и се е можно! Сепак реалноста е поинаква!

Facebook Маркетинг Средство

Facebook Маркетинг Средство

Facebook и се е можно, но сепак не е семоќно. Реалноста е сосема поинаква.

Овој пост се гради веќе неколку недели и едноставно претставува следење на едно практично движење на нов бизнис и градење на присуство на Facebook.

Сите сме свесни за моќта која Facebook ја нуди во поглед на маркетингот. Ова е особено поради фактот што согласно SocialBakers во моментов кога го пишувам овој пост на Facebook има вкупно 831760 корисници од Македонија што претставува над 40% од популацијата.

Кога ја гледаме оваа бројка можеби ќе кажеме дека е лесно да стекнеме 50000 фанови (лајка) за бизнис страната на Facebook кога тоа е само 6% од вкупните корисници во нашата земја.

Зошто ја зедов бројката од 50000? Затоа што тоа ми го кажа еден претприемач кој овие денови направи страна за неговиот бизнис и очекува над 50000 фанови.

Бројката иако е само 6% не може лесно да се оствари особено поради следниве факти:

  • Можеме да имаме голем број на пријатели на личен профил, но сепак само мал процент од истите ќе станат фанови на страната бидејќи тие се пријатели со нас, и не се поврзуваат заради нашиот бизнис (тоа е реалност).
  • Страната секогаш е нова и празна во раните фази на нејзиното формирање и сеуште не може да се види каква вредност истата ќе понуди на потенцијалниот фан. Затоа е најдобро да се започне со креирање на стратегија за градење на настап на Facebook, доколку сеуште не е направено такво нешто. Стратегијата прилагодена на бизнис моделот и севкупните бизнис цели ќе ги даде вистинските насоки за вистинската содржина која ќе се објавува на страната.
  • Иако популацијата е голема, таа неможе да се земе во предвид како бројка за да кажеме дека ќе успееме во нешто. Ако бизнисот опслужува потрошувачи мажи, популацијата која можеби ќе биде заинтересирана за вашиот бизнис ќе биде 50% помала, па така да и бројката која ќе сакате да ја постигнете ќе биде веќе 12%. Ако земете во предвид и локација, старост или било што друго по што е сегментиран вашиот пазар можеби да стигнете до целта дека сакате 50% од потенцијалните потрошувачи за краток период да станат фанови. Што сепак не е невозможно, но временскиот период за остварување ќе биде подолг!
  • Кога бизнисот е сеуште нов и сеуште не се започнати останатите маркетинг активности преку останати маркетинг средства не може да се стигне до оптимална комбинација на различните маркетинг средства со новата страна на популрната социјална мрежа.
  • На крајот на краиштата целта не е да стекнете голема група на фанови за страната, целта е да стекнете повеќе таргетирани фанови за таа страна. Понекогаш 200 можат да бидат многу повредни од илјадници нетаргетирани фанови.

Првиот ден од пратени над 300 покани страната имаше 9 фанови, но сепак како поминуваше време така и растеше бројот на фанови, но сепак таргетот од 50.000 е преголем. Сепак очекувам многу поголема раздвиженост во периодот кој следува за што се надевам ќе имаме ажурирање и тука.

post

План за социјални медиуми – Маркетинг средство 93

План за социјални медиуми

Досега направивте SWOT анализа за градење на присутноста на вашиот бизнис на социјални медиуми од која ги откривте сите ваши слаби и јаки страни како и можности и закани кои доаѓаат од надворешноста на вашиот бизнис. Изготвивте стратегија за градење на присутност на Вашиот бизнис на социјални медиуми која резултираше во активности кои го трасираат патот за посигнување на поставените бизнис цел.

Сега е време да изготвите соодветен план за сето тоа што го опфаќа сратегијата за да може истата да се преточи во реалност. Инако стратегија како документ останува обичен безвреден документ доколку не се примени во пракса. План за социјални медиуми е 93-тото маркетинг средство на претприемач.

Што значи план за социјални медиуми?

Наједноставно кажано планот ќе треба да даде одговор за тоа кои активности ќе треба да се превземат, кога треба да се превземат, од кого треба да се превземат и што значи успех за завршена активност.

Планот треба да служи како патоказ за тоа каде треба да се движиме согласно зацртаната стратегија за градење на присутност на социјалните медиуми. Од друга страна планот ќе ни биде единственото средство со кое ќе можеме да го мериме учинокот од сработеното.

Што треба да содржи планот за социјални медиуми?

Веќе знаете дека не сакам некои сложени планови кои изгледаат повеќе како приказни отколку како план. Во стратегија можеме да користиме приказни преку реченици кои започнуваат на ќе…

Но, во планот мора да имате специфични активности кои ќе го водат вашиот бизнис кон исполнување на се она што е предвидено со планот. Така да минималните елементи кои ќетреба да ги содржи тој план се:

  • Листа на активности
  • Точен датум на реализација на секоја активност
  • Одговорни лица за спроведување на тие активности
  • Мерни индикатори за секоја активност со кои ќе може да ја мерите успешноста на спроведената активност.

Не е лошо оваа листа на активности да ги содржи и специфичните содржини кои ќе бидат споделени на социјалните медиуми. Сепак содржината е нешто што најчесто ќе се спроведува по еден однапред утврден план.

post

Scorecard за социјални медиуми

Scorecard за социјални медиуми

Scorecard за социјални медиуми

Сеуште сме на социјални медиуми како дел од серијалот за маркетинг средства на претприемач. Досега направивте SWOT анализа и резултатите ги имате вклучено во стратегијата. Но, што е со изборот на специфични платформи на социјални медиуми кои ќе ги користите.

Оваа маркетинг средство претставува алатка која ќе ви помогне за останатите маркетинг средства во делот на социјални медиуми. Помошта се однесува на правилен избор на платформи кои ќе ги ористите за вашиот бизнис.

Што е scorecard за социјални медиуми?

Scorecard за социјални медиуми претставува еден лист на кој ќе ги евалуирате и рангирате социјалните медиуми во однос на тоа кои се оние вистинските и вредни за Вашиот бизнис.

Ова е едноставна табела на која од левата страна на прва колона ќе ги имате наведено социјалните медиуми, додека во првиот ред во наредните колони ќе бидат карактеристики за рангирање и вкупна оценка.

Ова може да биде и обичен MS Excel фајл кој ќе ви овозможи рангирање согласно последната колона – вкупна оценка.

Целта на Scorecard за социјални медиуми

Целта на scorecard за социјални медиуми е да направите листа на највлијателни и најкорисни социјални медиуми на кои треба да започнете да ја градите присутноста на Вашиот бизнис.

Некои социјални медиуми ќе одговараат за вашата индустрија, за видот на вашиот бизнис, но некои воопшто нема да одговараат. Затоа не треба да губте ресурси и енергија на тие што нема да одговараат.

На пример, постојат многу платформи за споделување на видео, но YouTube е број еден кога станува збор за популарноста и бројот на посетители како и појавата при пребарување на пребарувачите.

Освен вистинскиот избор, оваа алатка може да ви помогне и за понатамошна анализа, додавајќи уште една колона – резултати од присутноста. Креативноста за користење на една ваква алатка е огромна.

Дизајн на Scorecard за социјални медиуми

Како ќе го дизајнирате ќе зависи од вас и вашиот бизнис. Но, во овој дел би сакал да наведам неколку можни карактеристики врз основа на кои можете да ги рангирате платформите за користење во бизнис цели:

  • Популарност на платформата,
  • Присутност на вашите целни потрошувачи на платформата,
  • Вашата организациска способност за нивно користење,
  • Потребен буџет
  • Постигнати резултати.

За секоја карактеристика ќе треба да дадете оценка. Каков систем за оценување ќе користите повторно ќе зависи од вас. Препорачливо е да ги оценувате карактеристиките на секоја платформа со оценка од 1 до 5 (каде 5 е највисока оценка  додека 1 е најниска оценка).