post

ДВИЖЕЧКА СИЛА НА ПРЕТПРИЕМАЧОТ КАКО ОСНОВА ЗА УСПЕХ

Многу добри бизниси се започнати но сепак доаѓаат до рана смрт заради непостоење или пак немање на движечка сила која ќе го води на патот кон успехот. Оваа движечка сила на секој мал бизнис се наоѓа во претприемачот. Во почетокот можеби тој ќе е сам и газда, и продавач, и набавувач, и ќе води сметка за маркетинг, финансии, право… Доколку во сите овие подрачја нема движечка сила која ќе го натера да ги изврши сите тие активности, веројатноста за поминување во наредната фаза од животниот циклус на бизнисите –  проблематичен период е премала. Подоцна, кога ќе се премине во фазата на проблематичен период, финансиите ќе бидат стабилизирани, односно ќе има постојан прилив ќе може да се вработат луѓе кои би ги изведувале сите овие активности. Во, оваа фаза одреден дел од движечката сила ќе треба да се префрли на вработените. Но, сепак главната улога во поттикнување и префрлување на таа движечка сила ќе биде претприемачот. Е, тука влегуваме во едно ново подрачје кое се нарекува менаџмент.

Dvizecka_Sila Во раната фаза на бизнисот – започнување, движечката сила ќе зависи од:

  • Едукацијата или знаењето на претприемачот
  • Бизнис како хоби
  • Пасија кон тоа што го работи претприемачот
  • Желба за успех.

Првите три беа и првите чекори при креирање на бизнис идеја. Четвртото е желбата за успех која во секоја работа што ја работиме има свое влијание. Доколку немаме желба за успех логично е и да не постигнеме успех. На таков начин на првите проблеми (сопки) ќе се откажеме. А проблеми ќе има секогаш.

Но, движечка сила може да бидат и првите знаци на успех. На пример, првата продажба, првите повисоки приходи, првите задоволни купувачи кои се враќаат. Сето ова може да ја зголеми движечката сила на претприемачот. Сепак, првите успеси може да дојдат и подоцна. Но, доколку се очекуват и се знае дека она што денес го правиме ќе даде резултати утре, секако дека ќе имаме движечка сила.

Она што е најважно е секогаш да постои движечка сила за претприемачите. Ова ќе го постигнеме со:

  • Постојано зголемување на нашата потенцијалната енергија
  • Постојано имање на желба за успех
  • Да имаме пасија за она што го работиме
  • Работата во бизнисот да претставува забава и задоволство
  • Да знаеме да ги префрлиме обврските кон вработените
  • Да знаеме да ги мотивираме вработените за појава на движечка сила и кај нив
  • Планирање кое ќе бара систематско спроведување на активности на патот кон успехот.

Без движечка сила, ќе нема ни потенцијална енергија на бизнисот. Колку имаме поголема движечка сила, толку и потенцијалната енергија ќе биде поголема, толку ќе бидат поголеми и бизнис перформансите, толку ќе биде поголема и веројатноста за успех на бизнисот. А секој успех предизвикува уште поголема движечка сила. Така да влетуваме во еден кружен циклус кој е постојан и никогаш не прекинува. Но, сепак од претприемачот зависи да ги помине првите две фази од животниот циклус на бизнисите.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*