post

Google Adwords – Вредност на Посетителот

Google Adwords – Вредност на Посетителот

Google Adwords – Вредност на Посетителот

Ќе продолжиме со серијалот за Google Adwords како маркетинг средство. Претходниот во Воведни излагања ги опфативме основите за што претставува Google Adwords и дадовме некои размислувања за тоа како било порано и како треба денес да се процесираат ваквите PPC кампањи. Потоа навлеговме во клучните зборови преку посебни постови – клучни зборови и негативни зборови. Ова досега беше дел од домашната задача која треба да ја завршите пред започнување на било каква кампања. Но, Вашата домашна задача сеуште не е завршена. Треба да определите буџет за вакви кампањи.

Затоа како основа најдобро е да се тргне од вредноста на посетителот, мерка од која што во голем дел ќе зависи севкупната кампања.

Што претставува вредност на посетителот?

Наједноставно кажано вредност на посетителот претставува:

Одговор на прашањето: Колку еден просечен посетител вреди за Вашиот бизнис во приходи.

Ова е клучното прашање кога станува збор за интернет маркетинг воопшто и особено за ваквите PPC кампањи како што е Google Adwords.

Врз база на оваа мерка ќе можете да определите колку сте спремни или во можност да платите за еден клик.

За пресметување на вредноста на посетителот ќе треба да ги имате следниве елементи:

  • Број на уникатни посетители на Вашиот веб сајт
  • Број на продажби
  • Просечен приход по продажба

Тогаш ќе можете да ја искористите следнва формула:

Вредност на посетител = (Број на продажби Х Просечен приход по продажба)/Број на уникатни посетители

Пример за вредност на посетителот

Да земеме еден пример во кој ќе ја искористиме формулата и ќе ја пресметаме вредноста на посетител за еден веб сајт. Имаме веб сајт кој за определен временски период има:

  • 2000 уникатни посетители
  • 5 продажби
  • Просечен износ на продажба е 100$.

Вредност на посетител = (5 Х 100$)/2000 = 0,25$

Ова значи дека во просек можете да потрошите максимум 0,25$ за еден клик кон Вашиот веб сајт.

Што ќе се случи ако плаќате 0,3$ по клик и генерирате 2000 уникатни кликови кои имаат стапка на конверзија 0,25% или поточно кажано 5 продажби во просек по 100$. Кампањата ќе ве чини 600$, а ќе генерирате 500$ приход. Вашиот бизнис е во загуба.

Затоа при една ваква ситуација не смеете максималниот износ наддавање во PPC кампањи да го определите поголем од вредноста на посетителот.

Како да ја зголемам вредноста на посетителот?

Кога сте веќе корисник на ваквите кампањи (кои секако дека претставуваат едно моќно маркетинг средство) ќе мора постојано да ја зголемувате вредноста на посетителот.

  • Затоа што со поголема вредност на посетителот ќе можете да обезбедите профитабилност од PPC кампањите.
  • Затоа што со поголема вредност на посетителот ќе можете да си дозволите поголем CPC.
  • Затоа што со поголема вредност на посетителот и поголем CPC ќе имате можност за поголемо наддавање за главните и профитабилните клучни зборови.
  • Затоа што со поголема вредност на посетителот и поголем CPC и поголемо наддавање за главните и профитабилните клучни зборови ќе имате можност за повисоко рангирање во прикажување на рекламите. (Ова е точно, но не мора да значи, подетално ќе одиме со начинот на рангирање во следниот пост – Quality Score).

За да ја зголемиме вредноста на посетителот ќе мора да ги зголемиме:

  • Број на продажби
  • Просечен износ по продажба

Ова значи дека првин треба да ја зголемиме стапката на конверзија од посетител во купувач. Затоа страната каде ќе ги праќате мора да биде дизајнирана така за да овозможи максимална конверзија – максимален број на купувачи. Тука веќе станува збор за Вашата понуда, Copywriting, дизајн, Call to Action…

Затоа и постои една спрега помеѓу клучни зборови и типот на посетители кои Вие ќе ги сакате преку PPC кампањи. Не знам дали претходно некаде напоменав во клучните зборови, но сепак и доколку се повторувам не е страшно, на Вас ќе ви требаат:

  • Купувачи
  • Оние кои се блиску до одлуката за купување.

Сепак, ако сте мал бизнис за кои и служи овој блог, верувам дека немате пари за фрлање. Грешките скапо ќе ве чинат. Големите компании учат на сопствените грешки но нивните финансиски ресурси им го дозволуваат тоа. Но, она што е најважно тука е дека доколку изберете соодветни зборови ќе имате и поголема конверзија, а со тоа и поголема вредност на посетителот.

Вториот елемент кој директно влијае на зголемување на вредноста на посетителот претставува просечен износ на продажба. Тука повторно интернет маркетингот се јавува во своето вистинско светло. Како тој “продавач-робот” (Ваш веб сајт) да извлече поголема продажба од еден купувач. Многу онлајн бизниси имаа успех во трансферирање на најдобрите практики во офлајн продажбата во онлајн продажбата. Во постот Што можеме да научиме од Amazon за бизнис пишував за некои елементи од кои дел можат да влијаат на зголемување на просечниот износ на продажба од еден купувач. Тука само ќе ги напоменам:

  • Препораки за мене
  • Запознавање со производот
  • Обид за Upsale
  • Презентација и на други „поврзани“ производи
  • Споредба со други потрошувачи

За крај напомена, наместо заклучок…

Морам да напоменам нешто. Не мора да значи дека Вие мора да спроведувате PPC кампањи само за директна продажба преку Вашиот веб сајт. И доколку сте бизнис кој функционира само офлајн можете да имате вакви кампањи, но тогаш наместо до страна за продажба ќе ги праќате до страна преку која тие посетители ќе влезат во Вашата листа, за потоа да се обидете да ги конвертирате во купувачи.

Затоа е важно пред да започнете со PPC кампањи соодветно да ја дефинирате (па дури и да ја нацртате) Вашата продажна инка, како би ја искористиле во поквалитетен дизајн на овие кампањи и подобра оптимизација на истите откако ќе започнете.

Сепак ова е само дел од она што мора или би требало да го направите. Подетално со конкретни видео материјали од подготовка и активирање на кампања ќе обезбедиме во специјализираниот блог SEOLabs.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*