post

Интересни неделни информации 13.09-19.09.2010

Неделни вести на претприемач

Неделни вести на претприемач

Избор на интересни вести за минатата недела 13-19.09.2010

ВИП оператор, подршка за млади програмери и иноватори

ВИП

ВИП  се покажува како компанија со општествена одговорност која дава подршка за иновативноста и креативноста кај младите програмери. ВИП веќе имаше конкурс на кој конкурираа околу 300 апликанти со свои проекти. Победниците на конкурсот добија чек од 500.000 ден. и телефон htc desire. Проектот кој што беше награден е софтверска апликација  ”Поправи МК“  која работи на андроид платформата.

Апликацијата овозможува брзо откривање на проблеми и истите бргу да се пренесат до надлежната институција со точна локација и опис на проблемот.

При неодамнешна посета на салонот на ВИП, ни беше презентирана апликацијата за плаќање на паркинг во Скопје. Помага при лоцирање во која паркинг зона се наоѓате и колку би требало да се плати за 1 час паркинг, без дополнително да ја барате таблата на која се истакнати тие податоци.

Дополнително ВИП најавува намалување на цените за мобилната телефонија и вели дека не планираат да се вклучат во фиксната телефонија и телевизијата додека не се исцрпат сите можни услуги во мобилната телефонија. Нивната промотивна понуда за потпишување на договор за користење на нивните услуги за 2 годишен период во кој се плаќа само 50% од претплатата беше одлична можност за сите нас што сакаме да си ги намалиме месечните сметки за телефонски разговори. Најдобра понуда беше за 1500 ден. месечна претплата за која нудат 1000 мин разговор во мрежата на ВИП и 1000 мин разговор кон сите останати мрежи. Со нетрпение ја чекаме следната промотивна понуда на ВИП операторот.

Рокот за регистрација на возилата со бугарски регистарски таблички до 30-ти септември

bg tabla

Минатата недела сопствениците на коли со бугарски регистарски таблички протестираа бидејќи не сакат да ги платат увозните давачки туку само регистрација и осигурување. Владата соопшти дека останува на својот став дека нема да има законски измени и рокот за регистрација останува до 30-ти септември. Доколку некое возило не е пререгистрирано и по потврда од царина дека престојувало во државата повеќе од 6 месеци, следува казна од 100 евра до одземање на возилото. Истите проблеми ги имаат и сопствениците на коли со странски таблички во Хрватска. Но таму за ослободување од царина се бара лицето сопственик да нема никакви приходи во државата, да нема здравствено осигурување или право на пензија. За разлика од Хрватска кај нас единствено се бара возилата да се пререгистрираат при што треба да се плати царина, акциза, ДДВ и хомологација.

Македонија конечно во “Карго 10“

По неколку најави и дилеми дали да се приклучи или не, Македонија конечно влезе во проектот “Карго 10“ за формирање на заедничко претпријатие за железнички сообраќај по иницијатива на Словенија, Хрватска и Србија. Проектот ќе овозможи скратување на времетраењето на патувањето преку кратење на царинските и граничните формалности, но и преку кратење на пругите. Со приклучување на Македонија се очекува патувањето од Солуна до Љубљана да се скрати за 7 часа. Заинтересираност за приклучување кон овој проект постои и кај Грција, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Крајна цел е стоката што се превезува кон Блискот исток да минува низ овој коридор со што патувањето на возовите од Истанбул до Љубљана би се скусило од 57 на 35 часа а и ефектите за “ Македонски железници“  и железниците на земјите вклучени во овој проект би биле големи.

За 20 години 3 пати повеќе пилоти

Моментално во подршка на глобалниот авионски превоз се вклучени околу 223 илјади пилоти и 100 илјади механичари и инженери. Американскиот произведувач на авиони “Боинг“, тврди дека за 20 години на авионскиот сектор ќе му бидат потребни дополнителни половина милион нови пилоти. Како втор најголем произведувач по “Ербас“,  “ Боинг“ предвидува дека ќе треба и половина милион  работници кои ќе работат на одржување. Проценките се темелат на пораст на обемот на патничкиот сообраќај, посебно во азиско-пацифичкиот регион, каде што и ќе се појави потреба за  40% од горе споменатиот потребен кадар.

Извоз на 30.000 тони бостан од Македонија

Ако не може да се пофалиме со друго, тогаш треба да се истакне фактот дека земјоделските култури и производи чинат голем дел од македонскиот извоз. Имено до сега се извезени околу 30.000 тони бостан и диња, главно во Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Чешка, Полска, Украина но и други земји од Европската Унија. Вкупната берба беше планирана во обем од 50.000 тони, но лошите временски услови ги спречија македонските извнозници целосно да ги исполнат договорите за извоз. Земјоделците изјавуваат дека цените за откуп ретко били добри како што беа годинава 7-10 ден за кг лубеница. Лошите временски услови во другите земји наметнаа цените да се движат нагоре и трговците да бараат поголеми количини, но слабите реколти не дозволија да се задоволат нивните барања. Во секој случај ова е позитивно за Македонија, за платниот биланс на земјата, но и за транспортните компании чии капацитети беа  до максимум искористени за извоз на земјоделските производи.

Историски максимална цена на златото.

злато

Минатата недела златото го постигна историскиот максимум во однос на цената. Унца злато се продаваше за 1280,5 долари за фина унца (31,5 грама). Се очекува во текот на оваа недела цената да се покачи дополнително. При нестабилност на финансиските пазари и флуктуација на валутите, инвеститорите се свртуваат кон она што е најстабилно, а тоа е златото и уметничките творби. Паѓањето на каматните стапки на федералните резерви, дополнително ги насочува инвеститорите кон вложување на средствата кон овој скапоцен метал.

Тужби за Стопанска и Тутунска банка

Со тужби од вкупен износ од 275 милиони евра се здобија двете најголеми банки во Македонија “Стопанска“ и “ Тутунска“  банка, пишува неделниот весник „ Форум“. Тужбите се од компании кои ги користеле услугите на двете банки. Компанијата која ја тужи „Стопанска банка“ е  „Капитал консерватор сејвинг енд лоун лимитед“ од Нов Зеланд која пред три месеца почна судска постапка во која од „Стопанска банка“ побарува отштета од 250 милиони евра, што е еднакво на целокупната вредност на капиталот на друштвото.

Во другиот случај тетовската фирма „Плаза“ бара отштета од „Тутунска банка“ од речиси 27 милиони евра, што е 38% од капиталот на банката.

Двете банки не се произнесуваат  за природата на тужбата, но имаа барање до Агенцијата за приватизација да не ги објавуваат информациите што не е можно поради фактот што тужениот износ е поголем од 5% од вредноста на банките.

About Андоновски Александар

Speak Your Mind

*