post

Креативност и смелост преку промени во образованието

Враќање во училиште за да станеш одличен Навистина кога сме деца се е едноставно. Живееме во тој детски свет каде лесно можеме да бидеме кој сакаме, да фантазираме, да креираме, но и да не бидеме разберени.

Потоа доаѓаат зборовите од нашите родители, не тоа, ќе се повредиш, не смееш…

Потоа доаѓа училиштето. Ах, тоа училиште кое уште повеќе не “дотепува”, а тоа е цената која ја плаќаме за да научиме да пишуваме и читаме. Во мое лично искуство, учев во ОУ Крсте Мисирков во Куманово, и освен што научив да не бидам креативен, да јадам ќотек и кога не требав од страна на професорите, да пишувам, читам, собирам, одзимам, множам и делам ништо друго не научив. Всушност научив и за моќта. Кога татко ми не го издаде нашиот дуќан под кирија на мојата професорка по географија од четворка добив единица. Секој час бев пред таа “проклета” географска карта и секој ден бев пред тие книги насловени како географија кои и ден денес ми се гадат. Дали научив географија? Не.

Од мојот професор по историја повторно научив дека има некој со моќ, а некој кој треба да молчи. Првиот час, од тој професор добив шлаканица со изговор дека тој е добар пријател на татко ми, а јас не сум бил на своето место кога влегувал. Вториот час ме влечеше за уво низ целата училница за да ме доведе до моето место, притоа намерно грешејќи го патот. Дали научив историја? Не. Научив нешто по повеќе години кога ги читав томовите од Историја на Македонскиот народ. Но, научив дека треба да молчам, да седам на место, да го слушам моќниот…

Музичко на крајот во осмо одделение имав тројка, иако сите имаа петки затоа што не сакав да пеам, отворено му кажав на професорот не сакам, ќе бидам инженер. Мојата казна затоа што му го нарушив угледот беше единица која со оние просеци дојде до тројка. Казна, затоа што знаев што сакам. И преживеав со тројка музичко. Но, она што е важно е дека не молчев и се побунив. Сепак, не ја уништиле смелоста целосно во мене. Иако целта им беше токму тоа.

Потоа дојде средно. Техничко училиште со најлош глас во градот, но тоа ме смени. Имав професор по математика со кој седевме во кафуле и одговарав следниот час на табла затоа што пиев пиво. Но, математиката ја научив. Целта ми беше тројка и имав тројка. Но, тој ми постави поголема цел да добијам четворка и добив четворка. Потоа ми постави цел која никогаш не мислев дека би можел да ја реализирам, да имам петка математика. Но, и тоа го реализирав. Професорот беше строг, никој не го сакаше, но ме научи математика. Потоа следуваше матурирање кога и ме прогласија за најдобар математичар во последните две децении во тоа училиште.

Дојде и факултетот. Првите години со слабо развивање на креативноста и смелоста, но и доста големи поттикнувачи на креативноста кога се запишав на насоката каде луѓето од Институтот за производно машинство го формираа Индустриско инженерство и менаџмент. ја имав таа среќа да бидам на Машински Факултет во Скопје каде се беше поразлично од останатите факултети во земјата.

Ова е само еден дел од моето искуство кога станува збор за образовниот систем и едно мислење дека тој игра и може да игра важна улога во развојот на претприемништвото (Очигледно дека во последно време се прават се поголеми напори, особено во средното и високото образование). Но што е со основното? Кај мене постојат изгубени 4 години (од пето до осмо).

И сега нема многу промени, освен “ќотекот”. И сега се користат истите методи како пред повеќе од 20 години, а децата се далеку поинтелигентни, баратаат со многу посилна технологија.

Промените се потребни во кои ќе учествуваат сите инволвирани страни, затоа што развојот на претприемништвото бара смелост и креативност кои пак се градат од мала возраст.

Професори, учители, палката е кај вас и родителите. Мора да работите заедно за развој на поквалитетно општество во оваа земја. Тоа мора да ви биде првата работа без разлика на верска, етничка или политичка припадност. Оставете ги проблемите (кои сите ги имаме) пред влезот во училиштето и вклучете се иако несвесно во развојот на претприемништвото.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*