post

12 маркетинг тактики за стартап бизниси

Да се навратиме на стартап бизниси и особено за една важна функција во оваа фаза, а тоа е маркетинг функцијата преку која ќе се обезбедат и првите купувачи.

успех

Имате бизнис идеја, сте преминале во следната фаза од животниот циклус – започнување и тука започнуваат вистинските проблеми. Немате доволно купувачи, а со тоа и приходите се слаби, а со тоа и финансиите за финансирање на бизнисот се на исклучително ниско ниво.

Потребно е сите сили да ги насочите кон обезбедување на база на потенцијални купувачи, а тоа се постигнува единствено со маркетинг. Секој бизнис се занимава со продажба, односно продава нешто за пари. Без разлика дали продавате производ или услуга на вас како еден претприемач во овој момент ви се потребни купувачи. Затоа една од основните цели е да навлечете колку што можете повеќе потенцијални купувачи во вашата продажна инка.

Првата фаза од Вашата продажна инка за стартап бизнис е преку соодветна маркетинг кампања да пробудите свест за вашиот бизнис кај колку што може повеќе луѓе. На сликата е прикажана продажната инка со фазите во неа.

Продажна инка и маркетинг кампањи

12 Нискобуџетни маркетинг тактики

Од друга страна во оваа фаза од животниот циклус, финансиите не се на некое ниво со кое може да се вложат средства за маркетинг. И токму тука лежи најголемиот проблем во фазата на проблематичен период од животниот циклус на бизнисот. Затоа предлагаме некои од евтини маркетинг тактики за привлекување на потенцијални купувачи да бидат дел од вашите маркетинг стратегии.

  1. Изработете интересно лого со името на вашиот бизнис кое ќе пробуди интерес кај секој кој ќе го види. Логото нека биде во боја и особено интересни бои кои привлекуваат внимание. Подобро е да платите за дизајнот на  лого или пак да побарате на интернет веб апликации за изработка на лого кои може да бидат и платежни и бесплатни.
  2. Направете веб сајт со неколку содржини за вашиот бизнис. Сајтот треба да го отсликува бизнисот, односно јасно и недвосмислено да наведе кои проблеми ги решава бизнисот, како може да бидете контактирани и потенцијалот со кој располага бизнисот.
  3. Не заборавај да започнеш со блогирање за бизнис. Повеќе детали може да најдеш во е-книгата блогирање за бизнис.
  4. E-mail маркетинг е моќно оружје за малите бизниси. Не заборавај на веб сајтот и на блогот да поставиш форма за регистрација.
  5. Поврзете се на социјалните мрежи како Facebook, Linkedin и Twitter. Во почетните фази нема да имате многу луѓе, но направете профил, напишете нешто за вашиот нов бизнис и што нудите, поставете линк до Вашиот блог или веб сајт. И започнете да барате пријатели, познаници и врзувајте се. Оваа стратегија во понатамошниот развој на вашиот бизнис може да одигра голема улога. Отворете акаунт на StumbleUpon и започнете да барате сајтови од подрачје на Вашиот бизнис и поврзете се со луѓе од кои ќе ги пронајдете и кои се заинтересирани за истите подрачја.
  6. Изработете летоци и бизнис картички во боја со логото на Вашиот бизнис. Направете визит картички и за клучните луѓе во вашиот продажен тим. Летоците и бизнис картичките задолжително да ја содржат адресата на твојот веб сајт и по можност како луѓето да ве најдат на социјалните мрежи.
  7. Поделете ги летоците на роднини и пријатели за да тие ги поделат на своите познаници и да кажат неколку збора за вашиот нов бизнис. Но, немојте сите летоци да ги поделите кај роднините и пријателите бидејќи постои опасност тие да не се распространат понатаму туку да завршат како хартија за потпалување. Совет е да се поделат околу 30% од овие летоци на оваа група на луѓе. Така, доколку имате 500 летоци околу 150 можете да поделите на роднини и пријатели.
  8. Изберете 5 деца кои може да бидат од соседството или пак некои роднини и дајте им џепарец од неколку стотици денари за да застанат на посебни реони од градот и да ги делат летоците на луѓето кои што поминуваат. Препорачуваме 50% од летоците да ги поделите на Ваков начин.
  9. Останатите 20% имајте ги вие и вашите вработени за да ги делат онаму каде што се движите во кафетерии, ресторани, фризерници … Оставајте секаде по 10-тина флаери.
  10. Направете листа од 100 луѓе (пријатели, роднини, познаници, интересни групи кои ќе ги пронајдете во именикот) и јавете се по телефон. Разговарајте за она што го нудите и како можете да им помогнете. Но при разговорот немојте да бидете упорни и здодевни да продадете. Бидете подобри слушатели за да дознаете како вашиот бизнис ќе може да им помогне на тие луѓе. Прашајте ги за нивните контакт детали доколку сакаат да им испратите нешто информативно за вашиот бизнис. Ова правете го секој ден јавувајќи се барем на тројца дневно.
  11. Кај секој кој оставил контакт детали (свеста е веќе пробудена, потребно е да се пројави интерес) еднаш неделно или месечно испраќајте дел од вашиот рекламен материјал. Ова комбинирајте го преку e-mail или пак директна пошта.
  12. Изведувајте ги овие чекори постојано.

Пример на користење на нискобуџетни маркетинг тактики

Ова се 12 едноставни нискобуџетни маркетинг стратегии. Да направиме една симулација на еден идеален случај. На пример имаме изработено 500 летоци и 500 визит карти.

  1. Доколку имаме успех од 90% со делење на летоци ќе слушнат за бизнисот 450 потенцијални купувачи.
  2. Визит карти нека се поделат на уникатни (оние кои не добиле летоци) и со успех од 50% ќе имаме 250 потенцијални купувачи.
  3. Доколку пронајдеме 50 пријатели на социјалните мрежи тоа се уште 50 луѓе кои ќе слушнат за нашиот бизнис.
  4. Луѓето кои што преку пребарувачи ќе стигнат до веб сајтот нека бидат исто 50-тина во првиот месец и тоа се уште 50 луѓе кои ќе слушнат за нашиот бизнис.
  5. Луѓе на кои што ќе им се јавите (по 3-ца дневно) се уште 100 потенцијални купувачи.

Значи на ваков начин со овие маркетинг тактики во првиот месец ќе имаме 900 потенцијални купувачи кои ќе разберат за нашиот бизнис. И доколку продолжуваме секој месец во текот на целата година да видиме што ќе добиеме. Летоците нека се преклопуваат (се делат на истите луѓе) и во наредните месеци нека бидат над 50% помалку ќе имаме 200 месечно. Визит карти да се делат на 100 уникатни (оние кои што претходно не добиле ништо). На социјалните мрежи да имаме раст од 20% месечно тоа се по 10 нови пријатели. На веб сајтот да имаме по 20% раст месечно тоа се уште по 10 нови потенцијални потрошувачи.

Потенцијални купувачи како ефект од маркетинг активности

Забележуваме дека само со овие маркетинг тактики во текот на една година можеме да внесеме над 5500 потенцијални купувачи во нашата продажна инка. Ова веќе претставува доста солидна база. Но, за конечен успех потребно е да се помине низ сите фази од продажната инка. Доколку во сите од претходно наведените чекори имаме повеќе ќе имаме и повеќе потенцијални потрошувачи. Сега, ако низ продажната инка поминат 10% од овие потенцијални купувачи и станат купувачи, тоа ќе бидат 550 купувачи. Доколку тие за една година потрошат 2000 денари во нашиот бизнис ќе имаме приход од 1.100.000 денари.

Ако го зголемиме бројот на поенцијални купувачи за 20% ќе имаме 6600 потенцијални купувачи. И во исто време го зголемиме и процентот на поминување низ продажната инка на 20% вистински купувачи ќе бидат 1320 купувачи. И доколку успееме да го зголемиме просечното трошење на овие купувачи за 10% на 2200 денари ќе добиеме приход од 2.904.000 денари што е скоро за 300% повеќе. Значи со зголемување од 20% кај потенцијални потрошувачи и зголемување на стапката на поминување низ продажната инка и просечното трошење на купувачите за 10% ќе добиеме зголемување во приходи од скоро 300%. Ова се нарекува ефект на пеперутка.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*