post

Интересни неделни информации – 28.06-04.07.2010

Неделни информации на претприемач

Неделни информации на претприемач

Претприемач во духот на создавање и надградба на знаењето и техниките за водење бизнис досега објавуваше текстови поврзани со алатки и вештини кои што треба да ги познава секој што сака да започне, но и тие што веќе имаат бизнис. Овој тренд ќе продолжи и понатаму, но како секој претприемач, постојано размислуваме како и со што да го надградиме нашиот портал, за да биде интересен и прифатлив за поголем број на читатели. Тие што не пратат од почеток, се сведоци дека почнавме од минимални перформанси и порталот неколку пати  претрпе измени и денеска располагаме со над 600 комплетно авторски и секјдневно ажурирани текстови.

Пишувавме дека за започнување на бизнис, потребна е идеја! Имавме опис на помошна алатка за генерирање на нови идеи, но заклучок е дека мора постојано да прибираме информации за се што е околу нас и никогаш не сме свесни што е тоа што би можело да не поттикне да размислуваме за некој нов бизнис, за што порано не ни паднало на памет. Сигурни сме дека голем број од нашите читатели искористија и го оценија за полезно тоа што го објавуваме, за што имаме и повратен фидбек, во облик на коментари и директни e-mail пораки и сме благодарни за тоа.  Но, решивме да го надградиме блогот како извор на информации кои се репрезент не само на нашето искуство и знаење туку и дополнително со вести и кратки извадоци од настани од Македонија и светот кои што ја одбележале изминатата недела. Ќе бидат одбрани вести за кои ние сметаме дека се битни од економски и бизнис аспект и кои би му биле од значење на еден претприемач.

Ќе цитирам еден наш познат бизнис и политички неделник „Само идејата е капитал, се друго е пари“,  јас би додал за да се дојде до идеја мора да се располага со информации !

Ќе почнам со настанот (или веста) од мината недела која и ме наведе да размислуваме за да почнеме со ваков серијал на неделно ниво.

Многумина од вас кои не следат имаат бизниси кои се поврзани со надворешно трговско работење, т.е со извоз-увоз од земјите на Европската Унија. Сигурно ќе ве засега дека од 01.07

Македонските компании ќе треба да обезбедат идентификационен (EORI) број

Тие што имаат извоз или вршат некакви други економски операции во земјите на Европската унија од 01.07.2010 ќе можат да ги поминуваат границите единствено ако поседуваат ЕОРИ. Идентификациониот број се обезбедува од надлежните служби на соодветната земја. Овој број веќе една година се користи во транзитниот сообраќај со ТИР-карнети и се обезбедува на самата граница, се претпоставува дека истата пракса ќе продолжи и со другите економски операции на македонските фирми.

За подетални информации го препорачуваме линкот на страната на Царинска управа на РМ. http://www.customs.gov.mk/eori/main.html

Инвестиција на Бугарската Софика Груп во Македонија

Софика Груп – компанија од Бугарија која се занимава со доставување на оутсорсинг услуги на бизнисот во доменот на финансиите, информатичка технологија и други сектори, планира да инвестира во Македонија помеѓу пет и седум милиони евра.

Услугите се однесуваат на надворешна и внатрешна комуникација и консултативни услуги – информативни услуги, социолошки проучувања, телемаркетинг, услужување на клиенти, ХР оутсорсинг, изработка на индивидуални решенија за подобрување на услужувањето на клиенти и проширување на клиентската база. За почеток се планирани 100 нови работни места, а во наредните 5 години се очекува таа бројка да достигне меѓу 400 и 500.

Поевтинуваат кредитите

По подолг период на скапи кредити и високи каматни стапки, од мината недела највисоката каматна стапка на банкарските кредити за население треба да изнесува 13%, а за претпријатијата до 15%. Ова го налага Законот за облигациони односи по падот на референтната каматна стапка. Најголемите банки веќе најавија пад на каматите кај најбараните кредити во овој период: краткорочните потрошувачки и туристички, но намалување ќе има и кај станбените и автомобилските кредити. Сепак во Комерцијална банка се категорични дека во она група на кредити за правните лица нема да има намалување поради висока неликвидност и висок ризик при сервисирање на долговите од фирмите. Ќе има намалување и на каматните стапки на депозитите – орочени и по видување.

Од август поевтини сметки за мобилен?

Дали еден бизнис, претприемач или вработените во бизнисот може да се замислат онака „немобилизирани“?

Од Агенцијата за електронски комуникации се најавува дека од август годинава им се дава можност на мобилните оператори постепено да ги намалат малопродажните цени за своите телефонски услуги. Ова се должи на фактот што им е упатен налог на трите мобилни оператори до мај 2013 година сукцесивно да ги намалат големопродажните цени за завршување на повик од една мобилна мрежа во друга. Сепак иако цените за интерконекција помеѓу операторите ќе се намалат,  препораката на АЕК не е обврзувачка и не значи дека ние како крајни корисници во кус рок ќе забележиме намалување на сметките кои ни ги праќаат операторите.

Сепак останува како претприемачи да се надеваме дека ќе има скусување на трошоците на ова ставка која сметам дека се доста високи.

Преполовена продажба на нови возила

Авто салоните се жалат на драстично опаѓање на продажбата на нови моторни  возила, што достигнува и пад до 35% во однос на истиот период минатата година. Како главни причини се наведуваат законските измени за увоз на стари половни возила со понизок еко стандард, но и високите каматни стапки од банките и лизинг компаниите. Увозниците прават се за да се одржат на пазарот и да ги задоволат купувачите. Една од мерките е и бескаматно купување на рати кое ќе се обидат да го спроведат до крајот на годината. Моја лична сугестија е, ако размислувате за продажба на кола, сепак да се обидете во салоните каде што моментално се даваат попусти какви што немало порано, а ви препорачувам и дополнително “ценкање“ со продажниот персонал. Сепак Ново си е ново.

Тојота повторно има проблеми со фабричка грешка

Јапонскиот производител на автомобили, Тојота или попозната како фабрика со најперфектниот производствен систем во светот, соопшти дека кај околу 270.000 продадени возила може да има има фабричка грешка во моторите. Портпарол на Тојота изјави дека компанијата ги разгледува мерките за справување со овој проблем. Тојота се труди да ја обнови својата репутација откако повлече над 8 милиона возила поради фабрички грешки.

Зачудува фактот што и покрај сите овие проблеми со Тојота, продажбата кај нив бележи нагорна линија. Иако е човечки да се греши, не секој е спремен да ја признае својата грешка. Тојота ја призна, но имаше и план за прифаќање на возилата за замена на проблематичните возила. Ова мислам дека ја зголеми довербата кај потрошувачите и ги наведе уште полесно да се одлучат за Тојота да биде нивното ново возило. Многумина кај нас ќе се сложат дека, постпродажниот процес – сервисот не е на високо ниво, а токму тоа е она што ќе ме натера по втор пат да купам кола од  истиот бренд.

About Андоновски Александар

Speak Your Mind

*