post

Придобивки од систематизација на Вашиот бизнис

Системите се корисни за секој бизнис доколку правилно се дизајнираат и доколку претерано не ја нагласат административната функција во бизнисот со што истиот бизнис ќе се претвори во една бирократска организација.

Поволности од систематизирање на малите бизниси

Ова е втор дел од написот за Системски приод во бизнисот – Бизнис систематизирање во кој сакам да изложам неколку придобивки за еден претприемач и неговиот мал бизнис од еден ваков начин на поставување на работите.

Со вистинските бизнис системи Вашиот бизнис ќе:

1. Ги исполни очекувањата на потрошувачите

Вашиот маркетинг систем ќе има подсистем за следење на очекувањата и задоволството на потрошувачите. Тој подсистем ќе анализира, мери, споредува и дава заклучоци во однос на тоа што го сакаат потрошувачите. На ваков начин постојано ќе имате информации за она што треба да се подобри и како треба да се подобри.

Но, без системски приод маркетингот оваа нема да може да го изведе. На пример, доколку еден од начините на собирање на информации од потрошувачите е едноставна анкета на купувачот од страна на продажниот тим во моментот на купување, овој подсистем ќе мора да има соодветна интеграција со подсистемот продажба – вработени од продажба. Така една од задачите на подсистемот продажба ќе биде и собирање на информации за подсистемот маркетинг.

2. Произведува исти резултати секој пат

Ова е нешто што само системите го обезбедуваат во бизнисот. Замислете да немате систем во кој ќе биде структурирана секоја бизнис активност и секоја задача за секој вработен. Сите би работеле различно и при секое повторување на задачите би имале различни резултати од истите. Затоа системите треба да обезбедат квалитетно извршување на работата секој пат со ист или подобар квалитет од претходниот пат.

3. Ги подобри перформансите на вработените

Се сеќавате од написот за продуктивноста каде велевме дека продуктивност е извршена работа во единица време. Доколку завршиме иста работа за побрзо време нашата продуктивност ќе биде поголема. Доколку секоја работа или активност во бизнисот се завршува побрзо од минатиот пат Вашите вработени ќе стануваат се попродуктивни и попродуктивни. Со тоа и ќе се зголемат нивните перформанси. Целта е системот да им овозможи соодветна едукација и можности за завршување на работата ефикасно и ефективно.

4. Ги намали трошоците

Доколку активностите и работите во Вашиот бизнис не се повторуваат повеќе пати за да бидат завршени и бидат завршени квалитетно од првиот пат, тогаш драстично ќе се намалат трошоците како резултат на грешки во бизнисот.

5. Биде многу поорганизиран

Единствено нешто што овозможува квалитетна организација на бизнисот се бизнис системите. Без соодветни системи, тешко дека некој ќе биде квалитетно организиран во бизнисот, а со тоа и тешко дека ќе ги извршува задачите онака како што треба.

6. Ги решава проблемите на конзистентна основа

Системскиот приод овозможува повратна врска. Повратна врска (feedback) претставува како онаа сигнална сијаличка или звук кој дава сигнал да се стопира производството на производствената линија. Со една ваква „сигнална сијаличка“ едноставно секој проблем во бизнисот брзо ќе биде забележан и нормално решен. Решавање на проблеми претставува промена. Промена претставува подобрување. Така постојано ќе ги подобрувате системите во Вашиот бизнис а со тоа и севкупниот бизнис систем.

7. Ја зголеми профитабилноста

И секако на крај како резултат на сите претходни придобивки ќе се зголеми и профитабилноста на бизнисот. Со зголемување на продуктивноста и перформансите, со намалување на трошоците, со задоволување на очекувањата на потрошувачите, со испорака на исти резултати или подобрени резултати секојпат, со поголема организираност, со конзистентно решавање на проблемите ќе ја зголемите и профитабилноста на бизнисот. Зарем тоа не е Вашата цел.

Па затоа, потребно е само да потрошите неколку часа во наредните неколку недели за да воспоставите системски приод во Вашиот бизнис. Потоа, едноставено следете и подобрувајте. Овие придобивки се многу поголеми во однос на она што ќе реба да го вложите.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*