post

Радио – Маркетинг Средство – 28

Продолжуваме со 28-то маркетинг средство – радио, од овој турбо серијал од маркетинг средства на претприемач. Радиото како маркетинг средство спаѓа во традиционалните маркетинг средства кои се често користени од страна на претприемачите за да ја распространат економско пропагандната порака на сопствениот бизнис.

Во зависност од мрежата што ја покрива радиото има потенцијал да им овозможи на претприемачите обраќање до навистина широко географско подрачје. Но, таа можност е уште побогата бидејќи се пренесува преку еден звук кој може да се чуе. Со вистинскиот избор на соодветна радио станица, како и времето и програмата на која ќе оди пораката, радиото навистина овозможува пораките да допрат до посакуваната целна група на пазарот.

Предности на Радиото како Маркетинг Средство

Ќе презентирам некои од основните редности кои ги има радиото како маркетинг средство.

  • Присуство на радио во секој дом. Бидејќи како технолошко средство радиото е во позрели години нема дом во кој не може да има можност да се слуша радио. Дури и 30-годишен транзистор дава звук од некоја радио станица. Дури и некое планинско место може да има радио врска преку соодветен предавател. Секој дом и голем процент на автомобили се со можност за слушање на радио. Ова го прави навистина силно маркетинг средство.
  • Флексибилност. Пропагандните пораки на радиото се навистина флексибилни бидејќи можат да се менуваат од ден на ден, од месец на месец или како што ќе посакаме. Можеме да ја подготвиме нашата нова пропагандна порака, да се јавиме во радио станицата, да им ја испратиме и веќе од утре во етерот да оди новата порака.
  • Погаѓање на целна група. разични радио станици таргетираат различни целни групи. Со избор на вистинската станица ќе ја погодиме и вистинската целна група за нашиот бизнис. Различните програми на радиото се наменети за различни целни групи што ни овозможува како претприемачи да одиме преку вистинската програма и да го погодиме целниот пазар кој го посакуваме.
  • Попријателска порака заради звукот. Да, радиото пренесува звук кој можеме да го прилагодиме онака како што сакаме. Таа порака може да има пријателска звучност и дури да не се забележе дека сме досадни со промовирање на нашите производи и/или услуги.
  • Цената. За разлика од другите маркетинг средства радиото има навистина пониска цена на чинење. Доколку пак се работи за локално радио на месечно ниво навистина можете да поминете доста евтино во поглед на трошоците.

Недостатоци на Радиото како Маркетинг Средство

Да ги разгледаме и недостатоците на радиото како маркетинг средство:

  • Ефект на слушам ама не слушам. Називот на овој ефект е мој бидејќи навистина сметам дека постои кога станува збор за радиото. Вообичаено радиото се слуша кога работиме нешто друго и всушност пропагандните пораки ретко ги забележуваме. Радиото најчесто го слушаме заради музика која не опушта на некој начин и доколку во една таква психичка состојба не прекинат веднаш се чувствуваме неудобно.
  • Ограниченост на пораката. Пораката која што ја испраќаме е навистина ограничена и може да трае од 30 секунди до една минута. Потребно е во таа порака да бидеме јасни и прецизни за она што сакаме да го постигнеме.
  • Потреба од голема зачестеност. Пропагандната порака преку радио бара навистина голе зачестеност за да може да влезе во мозокот на слушателот. Оваа пак од друга страна ја крева цената и трошокот за радио како маркетинг средство.

Едно Мое Лично Искуство со Радио

Пред неколку години кога започнував еден бизнис го избрав радиото во мојот маркетинг план како едно од маркетинг средства кои ќе ги користам во првите 6 месеци. Избрав радио кое сметав дека е слушано повеќе особено што се слушаше по кафулињата токму тоа радио. Првин имав проблем со тоа што не ме разбираа што реба да се нагласи и како да се нагласи во самата порака. По еден месец ги сублимирав резултатите и се покажа 0. Бидејќи цената беше превисока за еден стартап бизнис се откажав од понатамошно користење на услугите на тоа радио.

По неколку недели ме контактираа од друго радио кое ми даде доста поволни услови (некој вид на компензација и останато плаќање). Си реков ОК, оваа е продажба плус за мојот бизнис и нормално маркетинг средство како радио. Повторно имав проблем со разбирање околу нагласувањето и музиката во позадината на пораката но ги средивме некако тие работи. (Ова особено поради фактот што во локалните радио станици работат волонтери, луѓе кои немаат искуство а ниту познавање од маркетинг.) Но по еден месец повторно ги сублимирав резултатите и навистина беа изненадувачки. Оваа второто радио навистина влиаеше врз голем број на потенцијални потрошувачи за мојот бизнис.

Препорака за претприемачи: Мери ги резултатите и тестирај ги различните радио станици за да видите кое дава најдобри резултати.

Неколку Препораки при Подготовка на „Радио Реклама“

  • Нагласи ги ползите за потенцијалните потрошувачи, а не карактеристики на твојот производ или твојот бизнис.
  • Пораката нека биде едноставна, разбирлива и прецизна. Не претерувај со различни зборови кои не се разбирливи за потенцијалните потрошувачи.
  • Користи звучни ефекти за да го привлечеш вниманието. Радиото ја дава оваа можност и искористи ја.
  • Подготви порака која ќе бида звучна за увото.
  • Потцртај ги зборовите кои треба да бидат нагласени и наведи што треба да се нагласи. Вообичаено ползите нека бидат оние понагласените елементи во пораката.
  • Користи зборови кои ќе поттикнат акција од страна на потенцијалните потрошувачи. Сега, денес, до петок се зборови кои можат да поттикнат акција.
  • Напомени го името на бизнисот како и контакт детали (адреса, телефон, веб страна итн).
  • Мери ги резултатите на спотовите и менувај ги доколку нема резултати.
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] во главата на претприемачите им поминува телевизија, радио, магазини и […]

Speak Your Mind

*