Како што знаеме зборот лојалност потекнува од францускиот збор loyal – што значи искреност, оданост, верност.
Правиот маркетинг концепт не поаѓа од тоа да се продаде, туку да се задоволат потребите на купувачите, со што би се создала лојалност на купувачите кон компанијата. Позитивните искуства се пресудни во формирање на навиките кај потрошувачите, а со тоа се развива лојалност.
Лојалноста на купувачите се креира, развива и негува, доколку компанијата има определена долгорочна маркетинг стратегија, бидејќи многу е полесно да се задржи постоечкиот, отколку да се привлече нов купувач. Најлесно е задоволните купувачи да се убедат да станат лојални купувачи.
Лојалноста на купувачите може да биде константна, растечка или опаѓачка.
Лојалноста на купувачите може да се однесува на:
- лојалност кон компанијата,
- лојалност кон марката,
- лојалност кон производот,
- лојалност кон вработените,
- лојалност кон локацијата на продажниот објект.
Сите овие лојалности сочинуваат вкупна лојалност.
Нивото на лојалност на купувачите е различна. Има купувачи кои се до таа мерка задоволни, што ни значајни промени не влијаат на нивната лојалност, но има и помалку лојални купувачи кои мошне брзо, иако претходно биле задоволни со одредениот производ или услуга, знаат на мала промена на понудата да прејдат кај друга компанија.
Некогаш лојалноста се базира на квалитетот на самиот производ, а некогаш лојалноста се базира врз основа на пријателските релации со вработените во компанијата. Тие релации се од взаемен интерес. Од една страна компанијата се грижи за интересите на купувачите, а од друга страна купувачот, преку купување на производите или користење на услугите, создава профит за компанијата, а бидејќи е задоволен од воспоставената релација, тој шири и бесплатна реклама и пропаганда. За да се задржи лојалноста на потрошувачите, потребно е да се води евиденција за купувачите. Тоа не е секогаш лесно.
Доколку компанијата има огромен број на купувачи тоа не може лесно да се контролира, но сепак можат да им се поделат одредени наградни бончиња и врз база на повторно купување, тие купувачи да се евидентираат. Додека одредени компании кои продаваат коли, компјутери, мобилни, лесно можат да водат евиденција за своите купувачи и можат периодично да ги информираат за новини во компанијата, по различни прашања: како развој на нови технологии, нови производи или услуги, хуманитарни и други акции и слично.
Компанијата може да отвори и сопствен сајт на интернет, со што купувачите сами би се регистрирале со понудени бенифиции и попусти, па компанијата со еден допис може да им пласира маркетинг информации на голем број на луѓе. Доколку купувачите се задоволни од производот и од односот на компанијата кон нив (грижа, информираност), тогаш тие повторно го избираат тој производ или таа марка, со што компанијата создава лојални купувачи.
Но, поради своите негативни искуства купувачите го насочуваат своето купување кон други компании, но им пренесуваат негативни искуства барем на уште 10 луѓе. Доколку купувачот е задоволен од одреден производ, а на пазарот се појави некој сличен производ со подобрени перформанси или цени, купувачката лојалност, доколку тие разлики се мали, може да го спречи купувачот да ја промени компанијата од која досега купувал, бидејќи секогаш постои страв да не биде измамен. Но, доколку промовираните разлики помеѓу производите се поголеми и доколку има потврда од други купувачи дека не се работи за измама, тогаш лојалноста се прекинува и се купуваат производите на другата компанија. Заради тоа, компанијата мора секогаш да набљудува што ново нуди конкуренцијата.
Лојалноста се создава и преку формирање навики или преку одбегнување на ризици. Доколку купувачот научи технички да користи одреден производ, тогаш и во следниот производ ќе бара слични технички решенија. Лојалноста се стекнува и преку семејната традиција, бидејќи секој во рамките на своето семејство за прв пат се запознава со одредени производи или услуги.
Лојалноста кон продажниот објект зависи и од местоположбата на објектот, лесниот транспорт кон локацијата, понудениот асортиман во локалот, понудената цена, пријатниот распоред во локалот, квалитетните услуги, пријатна атмосфера (музика, климатизација), како и престиж, доколку се купува на одредено место. Оценка за тоа колку купувачите се задоволни од производот, тешко е да се добие. Некогаш репер може да претставува количеството на продадените производи, остварениот профит, пазарното учество, но некогаш тие информации не можат да се земат сериозно во предвид, бидејќи купувачите можат да купуваат одреден производ, заради тоа што на пазарот не постои нешто подобро. Доколку конкурентите откријат што е подобро и тоа го понудат на купувачите, тие масовно ќе преминат да купуваат во конкурентската компанија, па матичната компанија ќе почне лошо да работи.
За најточно мерење на задоволството на купувачите, се применуваат анкетите кои повремено се пуштаат, при што се анализираат сите забелешки по прашање на: цените, достапноста, транспортот, локацијата, дизајнот, бојата, квалитетот и други прашања, кои се оценуваат како релевантни за работењето на компанијата. Компанијата е во состојба да го зголеми задоволството, а со тоа и лојалноста кај купувачите со намалување на цените, со подобрување на квалитетот на производите или услугите, или со доделување на одредени награди за редовни купувачи, како и за купувачите кои со купувањето надминале одредени парични износи. Тие надоместоци некогаш можат да бидат и големи, во смисол на одобрување на попусти, преку одобрување на одложено плаќање, а можат и да бидат симболични, како доделување на ситни поклони (чаши, чадори, маици, пенкала).
Купувачот ја менува компанијата доколку не е задоволено неговото очекување или доколку има промени во неговата финансиска состојба, во позитивна или негативна насока.




Speak Your Mind