post

BCG Матрица за раст наспроти учество на пазарот

Пред извесен период завршивме со серијалот за животни циклуси на производите. Како што можевте да забележите од тој серијал вие постојано следите, навбљудувате и анализирате како се однесува производот на пазарот за да би знаеле во која фаза е истиот. Затоа во овој пост ќе претставиме една алатка која може да се искористи за анализа на Вашите позиции на пазарот.

BCG Матрица

BCG Матрица за раст наспроти учество на пазарот

Вие како претприемач, треба да знаете во секој момент каде се наоѓате на пазарот, кои производи ви носат најмногу приходи, кои деловни единиц и работат најдобро, а кои не даваат резултати. Доколку ги познавате овие работи за вашиот бизнис ќе можете донесете вистински одлуки за понатамошниот изглед и водење на вашиот бизнис.  BCG матрица (BCG анализа, портфолио модел, Boston Consulting Group Analysis…) претставува дијаграм кој бил креиран од страна на Bruce Henderson за Boston Consulting Group во 1970 година за да им помогне на корпорациите да ги анализираат сопствените бизнис единици и линии на производи.

Оваа матрица ги дели производите врз база на можностите за прибирање на парични средства, која се базира врз учество на производот на одреден пазар како и врз растот на пазарот.

Поради желбата да се даде поголем публицитет на методата, а и поради полесно паметење секој сегмент има свое звучно име.

  • Сегмент 1 – крава за молзење.
  • Сегмент 2 – кучиња.
  • Сегмент 3 – ѕвезда.
  • Сегмент 4 – прашалник.

Сегмент 1 – Крава за молзење

Производите кои се наоѓаат во првиот сегмент се наоѓаат на пазарот кој има низок раст, но учеството на производот на тој пазар е големо. Така да овој сегмент носи постојани приливи на пари. Пример пазарот на лебот, е во принцип со мал пораст. Меѓутоа големо учество на овој пазар на бизниси кои го пласираат овој производ (во овој пример леб) носи константна заработувачка. Секој може да најде сличен производ чија побарувачка не расте рапидно но со големо учество на одреден пазар може да се заработи. Па овој сегмент мора да се чува и одржува.

Сегмент 2 – Кучиња

Производ во вториот сегмент има мал дел од пазарот, а растот на пазарот е низок. Тоа значи дека се поседува производ кој е слабо баран на пазарот и на така слабиот пазар има мало учество. Доколку се случи да производот стане баран на пазарот тогаш во терминологија се сретнува израз “куче почнува да трчи”. Тоа најчесто се случува кога менаџментот на фирмата погрешно го проценила пазарот (неквалитетно извршиле SWOT – или некоја друга анализа) па го подцениле производот. Во ваков случај треба сите капацитети на фирмата да се ангажираат за да се задоволи барањето на пазарот и да се профитира. Меѓутоа во пракса има многу малку вакви примери. Сепак на менаџерски позиции се наоѓаат искусни менаџери и тимови на кои тешко може да им се случи толкаво промашување. Па затоа производи во овој сектор се препорачува да се продадат или да се затворат за да не се зголемуваат трошоците и со тоа загуби.

Сегмент 3 – Ѕвезда

Третиот сегмент е најпосакуван. Производот има голем удел на пазарот и проследен со висок раст на пазар. Тоа се пазари за компјутери, мобилни… па доколку бизнисот на таков сегмент има големо пазарно учество, тоа овозможува големи профити. Овој сегмент треба да се охрабрува и развива.

Сегмент 4 – Прашалник

Производот кој се наоѓа во четвртиот сегмент се наоѓа на високо растечки пазар додека бизнисот поседува мало учество на пазарот. За производот и фирмата во овој сегмент, треба да се дискутира. Бидејки има големо побарување за одредениот производот, но пазарното учество е мало, може да се примени и SWOT – анализа за да се утврдат проблемите во работењето и да се елиминираат за да се зголеми продажбата а со тоа и профитот.

post

SEO – Оптимизација за пребарувачи – Анализа 2

SEO Анализа

SEO Анализа

За SEO или оптимизација за пребарувачи пишував во еден серијал од повеќе постови кој можете да го прочитате во насловот SEO – Оптимизација за пребарувачи. Пред едно 2 месеци објавив некои резултати од една континуирана моја анализа на влијанието на повеќе фактори врз позицијата на која се појавува еден веб сајт на резултатите на Google. Таа анализа е претставена во SEO – Оптимизација за пребарувачи – Анализа.

Во овој пост ќе ги претставам дел од најновите податоци од оваа анализа.

Првин, потсетување за текот на анализата на SEO фактори…

Анализата се состои од избор на 20 збора и резултатите за првите 10 веб страни на Google. Месечно се додаваат по 20 нови зборови во базата на податоци заедно со резултатите за секој од долунаведените фактори. Овие резултати доаѓаат од 20 зборови во јули и 20 зборови во август или вкупно 40 зборови. Анализирани се скоро 400 веб сајтови кои се појавуваат на првата страна од резултатите при пребарување на тие зборови на Google со сите нивни SEO фактори.

Факторите кои ги анализирам во однос на позицијата на пребарувачите се следниве:

  1. Google Page Rank – Рангирањето од страна на Google во однос на авторитетот на веб страната
  2. Дојдовни линкови – Колку дојдовни линкови има соодветната веб страна
  3. Зборови – Колку зборови има соодветната веб страна која излегува на резултатите по пребарување.
  4. Повторувања – Колку пати тој збор се повторува во текстот на страната.
  5. Густина – Колкав е процентот на појавување на тој збор.
  6. Наслов – Колку пати е содржан зборот во насловот.
  7. Линк – Колку хиперлинкови има на тој збор во текстот.
  8. Alt – Колку пати во Alt делот се користи зборот (Alt служи за давање на опис на сликата).
  9. Клучни зборови – Колку пати е содржан зборот во клучните зборови.
  10. Опис – Колку пати е содржн зборот во описот.
  11. Болд – Колку пати е болдиран зборот низ текстот.
  12. H1 – Колку пати е содржан зборот во H1 tags.

Резултати од оваа анализа на SEO фактори

Првин да напоменам неколку работи. Како што напоменав овие резултати доаѓаат пред промени на функционирањето на пребарувањето на Google. Како се додаваат повеќе податоци во базата на податоци која ја користам за овие анализи така и се менуваат заклучоците од анализата. Ова е жива материја и влијаат многу елементи кои се надвор од математиката во оваа анализа како на пример;

  • Видот на клучен збор за пребарување
  • Конкуренција за тој клучен збор
  • Индустрија во која се наоѓаат тие веб сајтови

На сликата подолу се дадени резултатите на влијание на определени фактори врз позицијата добиена при пребарување.

Резултати од SEO анализа

Резултати од SEO анализа

Забележувате дека постојат одредени промени во однос на минатиот пат. Тоа е математиката која ја обожувам. Различни податоци различни резултати. Да искоментирам нешто од оваа табела:

  • Насловот и понатаму останува најважен фактор за позицијата на страната со резултатите.
  • Клучните зборови ме изненадија, бидејќи пред два месеци беа последни. Најверојатно, во оваа анализа има доста веб сајтови кои извршиле соодветно поставување на клучните зборови. Но треба да напоменам дека при проверката на веб сајтовите со поголем број на клучни зборови во полето клучни зборови се појавија веб сајтови со висок PR и голем број на дојдовни линкови. Затоа не можам да кажам дека овој резултат треба да се земе како сосема точен, иако треба да го имаме во предвид.
  • Број на зборови е на трето место што не е изненадувачки.

Не би продолжувал понатаму со сите останати фактори, оставам на вас да ги толкувате.

Би сакал да додадам дека оваа е комплексна анализа и не може само од оваа табела да се извлекуваат заклучоци. На пример, имаме позитивна и негативна корелација што значи високо влијание со знак – и високо влијание со знак +. Интересно е дека:

  • Google PR има негативна корелација што кажува дека е точно што повисок PR има еден веб сајт ќе има подобра позиција.
  • Alt има негативна корелација што кажува дека колку повеќе пати се користи Alt Tag на една веб страна ќе се добие подобра позиција.
  • Повторување – негативна корелација. Колку повеќе пати зборот е содржан во текстот ќе има подобра позиција за тој збор.

Нешто за влијанијата

Малку да презентирам и за меѓусебното влијание на одделните фактори (ќе ги изберам најголемите 3 корелации иако има и други кои даваат некој интересен патоказ):

  • Наслов – Опис. Овие два фактори имаат најголема меѓусебна позитивна корелација (0,566). Што значи дека би требало да бидат соодветно усогласени за подобри резултати доколку анализираните веб сајтови ги земеме како најдобри бидејќи се наоѓаат на првите 10 позиции.
  • Густина – Повторување – Линкови. Густината веќе нема да ја анализирам бидејќи е резултат на повторување и број на зборови. Но, овие фактори се на второ место со најголема меѓусебна корелација (0,561). Колку повеќе повторувања имаме во текстот на соодветниот збор ќе треба и повеќе хиперлинкови да бидат содржани на тие зборови. Ова е логичен резултат во секој случај.
  • Број на зборови со линкови. На трето место со корелација од 0,409 доаѓаат овие два фактори, што е логично како и претходото. Значи доколку имаме повеќе зборови треба да имаме и повеќе линкови.

И за крај од презентациите за анализа за овој месец само еден мал сегмент од различните аспекти на анализирање кои ги правам во оваа подрачје.

post

Непознавање на маркетинг на еден претприемач или менаџер

Учество на пазарот Конкурентската предност на пазарот не се стекнува лесно, но лесно може да се загуби. Може да потрошите години и години во развојот на бизнисот но со недоволно залагање и постојана анализа на пазарот постигнатото може да се изгуби за неколку месеци. Пазарот е многу променлива категорија. Денес се бара нешто, утре нешто друго… Примеров е вистинска случка и се однесува на тоа како еден менаџер воопшто не троши време за маркетингот на бизнисот кој го води или барем мојот прв впечаток беше таков. Или не троши време за проучување на маркетингот и анализа на пазарот или нема соодветно познавање, а се нашол во улога да управува бизнис. Менаџерот управува компанија која е увозник на брендирани производи од познат бренд кој има добра побарувачка и добро поминува во нашата земја.

На една презентација на производи на компанијата (од примерот) го прашувам менаџерот за видовите на производи што ги нудат, начинот на испораката и цените. Одговорот беше низ следниве реченици:

  • Ние не работиме со секого!
  • Нашите производи се лидери на пазарот!
  • Нашите производи се многу скапи!
  • Какви други производи имате?
  • Постојано вложуваме во маркетинг, оваа презентација е доказ! (НЕПОЗНАВАЊЕ НА МАРКЕТИНГ)

Од неговите одговори се забележува синдромот на јас, јас и само јас.

Ја забележуваме првата грешка: ПРЕПОТЕНТНОСТ.

Спомнавме со какви производи работиме, дека исто така се скапи, докажани во својата намена, испробани на сопствена кожа, не се многу познати во нашава земја а во светот не се непознаница. Пред да почнеме да работиме со тие производи извршивме пребарување на интернет и тоа:

  • На официјалниот сајт на производителот
  • Пребарување на google за да видиме што кажуваат другите сајтови
  • Разни форуми за да видиме какво е искуството на луѓето што ги користат.

Нашите анализи покажаа дека производите претставуваат добар бренд кој излегува во пресрет на барањата на потрошувачите и не зажаливме кога почнавме да го работиме. На нашето излагање го добивме следниот одговор:

  • Првпат слушам за таков бренд! (РАБОТИ БЕЗ ДА ГО АНАЛИЗИРА ПАЗАРОТ)

Човеков заталкал некаде во ваква работа. Како може да нуди нешто за продажба, а од друга страна да не знае дека полека но сигурно дел од неговото учество на пазарот му го зема друг бренд. Тој воопшто не знае што се се продава на нашиот пазар. Не ми се веруваше дека постои таков менаџер. (Дали може да се каже дека е менаџер?)

Секоја компанија мора постојано да го анализира и истражува пазарот. Во секој момент менаџментот мора да знае во каква позиција се наоѓа компанијата. Дали ја одржува сопствената позиција? Дали бележи раст на учество на пазарот? Дали се бележи некаков пад во учеството на пазарот? Дали треба да преземе некои мерки за да го зголеми и задржи пазарното учество? Кои се производи постојат на пазарот со какво учество? Ова се прашања кои секој менаџер треба да го интересираат и да бара одговор како би можел да носи поквалитетни одлуки. Инаку, секој може да биде менаџер. Овие прашања се одговараат со соодветно истражување и анализа на пазарот.

Можеме да кажеме дека:

  1. Како претприемачи не смееме да бидеме препотентни.
  2. Мораме да знаеме точно што претставува маркетинг.
  3. Мораме постојано да го анализираме пазарот и да ги следиме движењата на истиот.

Секое мало пореметување на продажба треба да даде сигнал дека треба да се преземе нешто. Овие мали пореметувања – промени во околината (пазарот) може кобно да влијаат на нашиот бизнис. А, честопати од страна на менаџерите и претприемачите овие мали пореметувања се занемаруваат. Во овој дел е интересно да забележиме една компарација со жаба која ја дава Питер Сенги во неговото капитално дело Петта дисциплина. Ако жабата ја ставиме во ладна вода и полека ја зголемуваме температурата таа ќе ужива во топлата вода. Како се зголемува температурата на водата и истата почнува да врие жабата веќе ќе ја губи свеста и на крајот ќе умре. Ова се мали промени кои не се забележуваат. Доколку жабата веднаш ја ставиме во врела вода, таа ќе се изгори и ќе скокне од истата, но ќе остане да живее. Повеќе детали за оваа компарација пишував во парабола на варена жаба.Значи често пати се концентрираме само на крупните пореметувања во нашата околина, додека ги занемаруваме малите пореметувања. Да не дозволиме и со нашиот бизнис да случи истото како со жабата во првиот случај.

post

SEO – Оптимизација за пребарувачи – анализа

SEO - Оптимизација за пребарувачи - Анализа

SEO - Оптимизација за пребарувачи - Анализа

Има многу пишувано, нагаѓано и образложувано за SEO – оптимизација за пребарувачи во однос на тоа кои се поважни фактори, кои се помалку важни и што има поголемо или помало влијание. Доколку сте го прочитале серијалот за SEO на претприемач, сигурно сте забележале дека веќе извесен период вршам анализи и истражувања во однос на оваа проблематика. Досега вообичаено анализите се однесуваа преку реална веб страна и аналитиката која покажува различни однесувања и резултати при мои различни активности на таа веб страна.

Но, пред една недела започнав со проширување на мојата SEO лабораторија со анализа на податоци од други веб страни. Започнав со собирање на дополнителни податоци и дополнителни анализи од досегашните при што мерам, анализирам и споредувам различни влијанија на позицијата на пребарувачите. Така, ова ќе претставува прв пост во кој ќе ги споделам првичните сознанија од едната од 10-те дополнителни анализи.

Опис на SEO анализата

Анализата се состои од избор на 20 збора и резултатите за првите 10 веб страни на Google. Што значи дека се анализирани 200 веб страни, со сите нивни SEO фактори и влијание на тие фактори на позиција на пребарувачите.

Во моментов постојано ја проширувам базата на податоци со цел да се добијат поквалитетни резултати.

Факторите кои ги анализирам во однос на позицијата на пребарувачите се следниве:

  1. Google Page Rank – Рангирањето од страна на Google во однос на авторитетот на веб страната
  2. Дојдовни линкови – Колку дојдовни линкови има соодветната веб страна
  3. Зборови – Колку зборови има соодветната веб страна која излегува на резултатите по пребарување.
  4. Повторувања – Колку пати тој збор се повторува во текстот на страната.
  5. Густина – Колкав е процентот на појавување на тој збор.
  6. Наслов – Колку пати е содржан зборот во насловот.
  7. Линк – Колку хиперлинкови има на тој збор во текстот.
  8. Alt – Колку пати во Alt делот се користи зборот (Alt служи за давање на опис на сликата).
  9. Клучни зборови – Колку пати е содржан зборот во клучните зборови.
  10. Опис – Колку пати е содржн зборот во описот.
  11. Болд – Колку пати е болдиран зборот низ текстот.
  12. H1 – Колку пати е содржан зборот во H1 tags.

Врз основа на сите овие податоци анализата се состои од спроведување на корелациона анализа со Пирсонов коефициент на корелација со што го споредувам различното влијание на секој од факторите со позицијата на страната на резултатите на Google.

Резултати од оваа SEO анализа

Глобално од резултатите се забележува релативна слаба корелација на факторите со самата позиција на пребарувачите. Но, сепак резултатите претставуваат една основа и приказ за тоа што пребарувачите го ценат при прикажување на резултати по барање на одреден збор. На сликата е прикажан само дел од анализата кој се однесува на овој пост иако анализата е спроведена и на меѓусебното влијание на еден фактор со друг.

SEO - Оптимизација за пребарувачи - Фактори

SEO - Оптимизација за пребарувачи - Фактори

Од овие резултати прикажани на сликата може да се заклучи следново:

  • Најголемо влијание врз позицијата на страната на резултатите на пребарувачите имаат насловот на веб страната и описот на веб страната.
  • Најмало влијание врз позицијата на страната на резултатите на пребарувачите има делот клучни зборови. Затоа можете да бидете добро рангиран за некој збор иако не сте го поставиле тој збор во клучни зборови.
  • Карактеристично е што PR на веб страната исто така не е премногу импресивно за резултатите. Затоа можете да забележите веб страни со послаб PR да излегуваат на повисока позиција на страната на резултатите.

Овие сознанија би ги издвоил како покарактеристични, иако анализата и истражувањата продолжуваат со зголемување на базата на податоци.

post

SEO – Алатки кои може да се користат

SEO Алатки

SEO Алатки

Ќе го завршам овој серијалот за SEO како дел од маркетинг средства на претприемач со овој пост. Тука ќе се обидам да презентирам неколку алатки кои ќе можат да ви помогнат во овој процес. Во овој серијал поминавме нешто општо за SEO, потоа навлеговме во тоа што претставува SEO, го претставивме првиот основен столб на еден ваков процес – истражување и анализа на клучни зборови, вториот столб – On-Page оптимизација или неколку најважни фактори за оптимизација кои се наоѓаат на самата страна, третиот SEO столб – Off-Page фактори за оптимизација, Блогирање како дел од SEO стратегија која само ќе го подбри севкупниот процес и неколку збора за тоа дали размената на линкови вреди.

Во овој последен пост од овој серијал ќе се обидам да дадам кратка презентација на најважните алатки (бесплатни) кои можете да ги користите и комбинирате за целиот овој SEO процес кој го опфативме досега. Сакам да напоменам дека ова не се единствените алатки кои што постојат, но за оваа цел јас ги избрав овие.

1. Алатки за аналитика

Прво нешто што ќе ви биде потребно пред се друго останато е да ја следите аналитиката на Вашата веб страна. Како што веќе напоменав од аналитиката ќе можете да дојдете до клучните зборови преку кои доаѓат посетителите од страната на пребарувачите. Ќе можете да видите од каде доаѓаат посетителите. Ќе можете да забележувате трендови. И уште многу други елементи кои ќе ви донесат квалитетни информации.

  • Google Analytics. Ова е една од најкористените алатки за веб аналитика на сопствената веб страна и алатка која мора да ја имате.

Google Аналитика

Google Аналитика

  • Google Website Optimizer. Оваа алатка овозможува да спроведете одредени тестирања на различни страни кои имаат иста намена и да проверите како различните кампањи влијаат на остварување на целта на страната и секако да ја иставите онаа страна која е подобра во исполнување на сопствената цел. Целта е да преку тестирање успеете да ја оптимизриате веб страната.

Google Website Optimizer

Google Website Optimizer

2. Алатки за анализа на клучни зборови

Во еден SEO процес клучните зборови претставуваат првиот столб н што се базира се она останато што ќе се изведува. Затоа како основа е да спроведете квалитетна анализа.

  • Google Adwords Keyword Suggestion Tool. Ова е одлична алатка каде што може да се започне процесот. Иако е наменета за анализа на зборови за Adwords кампањи сепак може да биде доста корисна и за овој процес на анализа на клучни зборови. Целта е да се генерираат идеи на клучни зборови преку анализа на она што луѓето внесуваат во пребарувачите кога пребаруваат.

Клучни зборови

Клучни зборови

  • Wordtracker Free Keyword Suggestion Tool. Ова е една одлична алатка која може да се искористи за идеи за клучни зборови. Имаат бесплатен и платежен сервис. Но, претставува една од најнадежните алатки кога станува збор за анализа на клучни зборови.

Wordtracker алатка за клучни зборови

Wordtracker алатка за клучни зборови

Резултати за клучни зборови - Wordtracker

Резултати за клучни зборови - Wordtracker

3. Алатки за анализа на конкуренцијата

Многу е важно да се проучи конкуренцијата за да се откријат нивните силни и слаби страни во рангирањето на пребарувачите. Силните страни ќе треба да се копираат додека слабите страни конкурентите да се направат силни за Вас. Ќе презентирам неколку алатки кои може да се користат во една ваква анализа:

  • Alexa. Иако не може да се каже дека оваа алатка е прецизна и точна сепак може да се искористи за да се види некоја слика за конкуренцијата, да се направи споредба и да видат некои елементи кои конкуренцијата ги користи.

Анализа на конкуренција преку Alexa

Анализа на конкуренција преку Alexa

  • Google Website Trends. Оваа алатка покажува проценка на сообраќај, топ 10 веб страни поврзани со оние анализираните, од кои земји доаѓаат посетителите и 10 поврзани клучни зборови со овие веб страни. Оваа алатка е добра доколку анализирате страни со голем сообраќај, бидејќи за помалку посетувани веб страни не дава податоци.

Google Website трендови

Google Website трендови

Доколку сакате да ги следите PR на Google или рангот на Alexa ќе треба да ги инсталирате нивните додатоци за интернет прелистувачот кој го користите па така ќе имате постојано увид во овие елементи во моментот кога разгледувате некоја веб страна преку Вашиот прелистувач.

За крај сакам повторно да потенцирам дека постојат безброј алатки кои во зависност од тоа што анализирате и кои Ви се потребите можете да ги користите. Ова се само еден мал дел кои како основа може да ви помогнат.

post

Услови за Стопанисување на Малите Бизниси

Извесно време на претприемач спроведуваме истражување на услови за стопанисување на малите бизниси во Република Македонија. Прашалникот е затворен и време е за анализа. Ова тука не е мој глас туку гласот на сегашните и идните претприемачи. Ова не е политика туку нашата реалност. Се надевам дека барем мал придонес ќе дадат овие резултати и ќе бидат разгледани од оние кои имаат моќ да ги подобрат овие услови како на национално така и на локално ниво.

Благодарност на сите кои учествуваа преку одговарање и споделување на прашалникот и кои овозможија да имаме над 500 одговорени прашалници, поточно 524.

Услови за стопанисување

Состојба со услови за стопанисување на малите бизниси

Кои услови за стопанисување треба да се подобрат

56% сметаат дека условите за стопанисување за малите бизниси во Република Македонија се слаби. Иако како втор највлијателен одговор е дека состојбта е задоволителна со 28% сепак далеку е да кажеме дека е одлична. Ова го потврдува и фактот што 70% од одговорите се слаба и за никаде.

Иако верувам дека се прават обиди од страна на централните и локалните власти во Република Македонија за да се подобрат условите, но не сум сигурен дека во креирањето на генералната политика претприемачите на малите бизниси се вклучени на некаков начин.

Бидејќи прашалникот беше дизајниран да може да се одговара и за оние кои имаат бизнис и за оние кои немаат ќе мора да погледнеме какво е мислењето на претприемачите, а какво на оние кои сеуште немаат бизнис.

Мислење на претприемачи

Мислење на претприемачи

Од графикот за мислењето на оние кои имаат бизнис може да се забележи дека состојбата не е многу променета бидејќи сеуште високи 63% сметаат дека условите се слаби и за никаде.

Мислење на непретприемачи

Мислење на оние кои сеуште немаат бизнис

Интересно е што оние кои сеуште немаат бизнис сметаат дека условите за стопанисување не се баш најдобри. Можеби и затоа постои оној страв од започнување на сопствен бизнис како алтернатива на чекање на вработување и барање на сигурна работа.

Каде е потребно подобрување

Во прашалникот преку кој ја изведовме анализава имавме понудено подрачја кои можеби можат да послужат за да ги подобрат условите за стопанисување на малите бизниси во Република Македонија. Еве ги резултатите од овој дел:

Подрачја кои треба да се подобрат

Забележливо е дека финансиските услови доминираат како најпотребни и тоа скоро 40% или поточно 39% сметаат дека намалување на даноци, директна финансиска помош и достапноста на финансии треба да бидат подобрени.

Од графикот може да се забележи дека не постојат големи разлики во резултатите и според тоа може да се каже дека во сите подрачја опфатени со прашалникот би требало да има драстични подобрувања.

Други можни подобрувања

Во прашалникот имаше можност да се наведат и некои други подрачја на подобрувања, каде претприемачите и оние кои немаат бизнис можеа да си ги искажат маките во однос на она што треба да се подобри. Еве ги разновидните дополнувања на условите кои беа наведени погоре:

  1. Олеснување на процедури за затворање на бизнисот. (Ова навистина претставува проблем. Во неколку мои разговори со претприемачи кои поминале низ овој пекол ми рекоа дека процедурате може да трае и со месеци. За сето тоа време треба да имаш стечаен управник за кој ќе треба да плаќаш плата и придонеси.)
  2. Зголемување на можностите за електронски плаќања.
  3. Подобрување на наплата – изнаоѓање на адекватен модул за наплата од крајните купувачи.
  4. Прекинување со драконскиот систем на казнување кој ги уништува малите бизниси.
  5. Уништување на нелојална конкуренција.
  6. Објавување на тендери со објективен рок за подготовка на потребна документација.
  7. Повеќе програми кои обезбедуваат капитално вложување во малите но потенцијално растечки бизниси.
  8. Обезбедување на повеќе обуки за претприемништвото.
  9. Продолжување на проектот „регулаторна гилотина“ и целосно спроведување во пракса.
  10. Намалување на цените на услуги на јавните служби.
  11. Започнување со функционирање на гарантниот фонд.
  12. Доколку на еден се опростува долгот кон државата да се ослободат и сите други па и малите бизниси. (Ова навистина е дискриминаторна пракса од страна на властите. Не е здраво некој редовно да плаќа, а некој со години да наталожува долг и да му се опрости заради економска криза. Ако веќе се прави таков преседан, нека се направи за сите, а да се наградат оние кои редовно си плаќаат.)
  13. Обука за менџери од сите подрачја.
  14. Субвенционирање на набавка на нова технологија.
  15. Субвенционирање на проекти на извозно ориентирани компании.
  16. Субвенционирање (наградување или подршка) на иновации кои доаѓаат од македонски компании.
  17. Подобрување на патна мрежа и инфраструктура.
  18. Подобрување на мерките за вработување на нови лица.
  19. Повисоко ниво на инфлација.
  20. Директни контакти со стопанственици од други земји.
  21. Субвенционирање и обуки во однос на имплементација на некои стандарди (ISO, HACCP, GAP)
  22. Акредитирање на повеќе државни и приватни лаборатории за контрола на квалитетот и безбедноста на храната.
  23. Брендирање и патентирање на традиционалните македонски производи, како и донесување на препорачан техничко-технолошки процес.
  24. Организирање на јавни емисии на национални телевизии кои ќе имаат за цел да го поттикнат претприемништвото преку споделување на знаење и практика.
  25. Првите три години од започнување на бизнисот (мали бизниси) да бидат ослободени од даноци.
  26. Ослободување на дел од даноци за компании кои ќе земат практиканти како редовни студенти.
  27. Законска регулатива за задолжителни интерни обуки за вработени.
  28. Целосно елиминирање на партиската припадност кога станува збор за бизниси.
  29. Поефикасна администрација.
  30. Откоренување на корупција во државната администрација и судството.
  31. Пофлексибилна, попродуктивна и пописмена државна администрација.
  32. Зголемување на квалитетот во образованието и воведување на повеќе практична настава.
  33. Поголема ажурност на Министерството за финансии при исполнување на своите обврски кон малите бизниси и соодветно санкционирање и од таа страна доколку не се испочитува ненавременоста (да се плаќа камата за ненавремено плаќање).
  34. Зголемена контрола кај комисиите за доделување на кредити за самовработување (владин проект).
  35. Намалување на рокот за реализација на судски постапки во врска со наплата од постојните просечно над 365 дена на пристојни 30-60 дена.
  36. Дебирократизација на јавната администрација.
  37. Поттикнување на жените претприемачи овозможувајќи им поголема достапност на финансии.
  38. Обезбедување на стабилна и правна држава во вистински смисол на зборот.
  39. Поголема достапност на статистички податоци за бизнисите.

Овде се претставени одговорите при што оние кои се повторуваат не се претставени во листата. Она што можам да го издвојам како нешто што најмногу се повторува е следново:

  • Ублажување на казнена политика.
  • Дебирократизација на државната администрација.
  • Лесна достапност на финансиски средства за малите бизниси под поволни услови.
  • Државен завод за статистика да биде вистински сервис за малите бизниси и претприемачите.
  • Обезбедување на квалитетен систем за наплата.
  • Навремено плаќање на обврските на државата кон малите бизниси.

Корелација

На крај и за корелационата анализа која што ја спроведов врз резултатите. Целта беше да проверам какво влијание кој фактор има врз мислењето.

Интересно е што не постои корелација помеѓу мислењето за услови за стопанисување во Република Македонија и дали анкетираните имаат или немаат бизнис или колку време го имаат бизнисот. Истото се однесува и на тоа дали се мажи или жени или пак староста. Ова е логично бидејќи најверојатно сите ги чувствуваат тие услови сметаат дека не се баш најповолни. Од слабата корелација која ја добив како највисока може да се извлече возраста на претприемачот во однос на неговото мислење за стопанисување иако нема некое силно статистичко значење би сакал да го напоменам:

Колку е поголема возраста на претприемачот, толку повеќе смета дека условите за стопанисување на малите бизниси се полоши.

post

Зошто сегментација на пазарот?

Сегментација на пазарот Не верував дека ќе налетам на некој кој погрешно ја толкува сегментацијата на пазарот, а на некој начин е вовлечен во процес на бизнис планирање, но од другата страна, не од страна на претприемачите. Но, добро и тоа се случува.

Еве ја приказната од еден претприемач кој ми е роднина.

Мал бизнис таргетира извозни компании. И нормално во процесот на бизнис планирање го интересира колкав е бројот на тие компании кои извезуваат. Тоа го прави во делот на сегментација на пазарот како што го опишав во насловот Анализа на пазарот и индустријата. Тука следуваат пити во вид на графици, се со цел да се види конкретниот број на извозници при што пазарот го сегментира на извозници и неизвозници и делот извозници претставува целен пазар.

Претприемачот не го интересира износот во долари на извозот на една компанија, во тој сегмент од пазарот. За него и оној кој имал извоз од 2000$ а сака да има 10000$ и оној кој има милионски суми е една бројка – број 1. Значи тој едноставно, го прави она што треба да го прави да ги собере во вид на бројка сите извозници за да види дали ќе има доволно критична маса на потенцијални купувачи за неговите производи и/или услуги. Програмерите користат наредба Count за една ваква „сложена операција“.

Податоци кои ги користи претприемачот се податоци за компании кои имале EXA1 декларација. За оние кои не се запознаени тоа е декларација која означува редовен извоз, со пополнета рубрика 24 од ЕЦД-то 11. Тоа пак 11 значи Конечно купување/продажба.

Е сега некој му вели на тој претприемач не е добра сегментацијата бидејќи не се гледа кој процент претставува извоз во вид на лон систем. Не ми е јасно како некој може да меша лон систем со редовен извоз кои што се сосема различни постапки и кои имаат сосема различни декларации. Едната ЕXA1 а лон или поточно кажано повторен извоз на привремено увезена стока заради облагородување со EXA3. И начинот на плаќање е различен (рубрика 24) каде се впишува 51 што значи трансакција после преработка.

Можеби причината е да се види структурата на извозниците. Но, зошто некој да го оптеретува бизнис планот доколку една таква информација не му е важна бидејќи се оди според принципот сите се еднакви.

Едно е важно: Сегментацијата на пазарот се прави за да се измери критичната маса на потенцијални потрошувачи, за да се спореди предвидување на продажба со таа критична маса, за да се мери учеството на бизнисот на пазарот и со тоа да се види колкав процент држат конкурентите…

А не се користи заради поубав график во вид на пита со проценти на различни имиња на потенцијални купувачи. Тоа подоцна самите ќе си го правите во вид на маркетинг или продажна стратегија.

post

Истражување на Пазар – Porter-ов Модел

Ова е продолжеток на темата за истражување на пазарот. Предходно пишував за методи за истражување на пазарот кои се однесуваат на прибирање на податоци.

Porter-ов модел на истражување на пазарот или пак анализа на индустријата, кој уште се нарекува и Porter-ова анализа на 5 сили претставува една моќна алатка за претприемачите. Овој модел се однесува на анализа на 5-те сили кои што влијаат на конкурентноста на еден бизнис на еден пазар или пак индустрија во која опстојува тој бизнис.

Овој модел е развиен од страна на Michael E. Porter во 1979 година. Суштината на самиот модел се 5 сили кои влијаат на конкурентноста на еден бизнис прикажани како на сликата:

Porter-ов Модел за анализа на индустријата

1. Конкурентност

Оваа сила се однесува на конкурентите кои веќе се наоѓаат на пазарот. Вашата задача како претприемч ќе биде да го определите нивниот број и способноста. На пример, доколку Вашиот бизнис на пазарот на кој се наоѓа има повеќе конкуренти кои нудат слични производи и/или услуги со слични карактеристики и корисност за потрошувачите тогаш Вашата конкурентска моќ ќе биде мала. Од друга страна доколку никој друг не го прави она што Вие го правите на пазарот ќе имате огромна пазарна моќ.

2. Закана од влез на нови компании

Пазарната моќ се отсликува и врз основа на втората сила од овој модел а тоа е влез на нови компании. Прашањето е колку е лесно да се влезе на овој пазар. Доколку влезот на пазарот е едноставен при што нововлезените бргу можат да ги научат правилата на играта, Вашиот бизнис може бргу да ја изгуби предноста како еден „староседелец“ на пазарот.

3. Закана од субститути

Субститути се производи кои не се исти како производите на Вашиот бизнис, но можат да се користат како замена на Вашите производи. Оваа сила доаѓа од способноста на потрошувачите за разлика од претходните две кои се однесуваа на конкуренцијата. Кога велам способност мислам на способноста Вашите потрошувачи лесно да го заменат користење на Вашиот производ со некој субститут. Доколку субституцијата на Вашиот бизнис модел може да постои и е едноставна да се направи, тогаш оваа сила ја намалува Вашата моќ на пазарот.

4. Моќта на купувачите

Ова е реална сила која може да постои во секој пазар. Оваа сила се базира на бројот на купувачи врз кои се потпира Вашиот бизнис, нивната важност за бизнисот, леснотија да го променат Вашиот бизнис со конкурентскиот… Доколку вашиот бизнис е премногу базиран само на неколку купувачи тогаш тие по одредено време ќе сватат дека ќе имаат моќ врз вас како претприемач и врз вашиот бизнис. Инаку оваа сила бара одговор на прашањето колку едноставно купувачите можат да влијаат на намалување на вашите цени.

5. Моќта на снабдувачите

Како пета сила која влијае на позицијата на вашиот бизнис на пазарот согласно овој модел е моќта на снабдувачите. Повеќето претприемачи не се ни свесни колку снабдувачите можат да влијаат на еден просечен бизнис. На пример, снабдувачите имаат моќ да ја диктираат цената на Вашиот производ или услуга бидејќи нивните производи или услуги се вградуваат во вашите. Но, прашањето е колкаво влијание можат да имаат? Оваа сила е под влијание на бројот на снабдувачи, трошоци за да ги замените постоечките снабдувачи, уникатноста на нивните производи или услуги…

Од овие 5 сили кои влијаат на конкурентноста на еден бизнис можеме да забележиме дека на некој начин се опфатени и во оние прашања кои ги дизајнирав за анализа на индустријата. Можете едноставно да ги следите прашањата и да ги одговарате при што ќе добиете една квалитетна слика за тоа што ќе треба да преземете.

Инаку целта со овој модел е да се намали негативното влијание на овие сили. На пример, да воспоставиме доволно силни бариери за да биде тешко некоја нова компанија да влезе на пазарот. Целта по една ваква анализа мора да бидат конкретни чекори кои Вие како претприемач ќе треба да ги превземете за да си ги зајакнете позициите на пазарот.

post

Како за неколку минути на прво место на Google?

Целта на веб презентација на бизнисите е да бидат најдени на овој огромен виртуелен простор. Прво, помеѓу се друго останато е да бидат најдени на Google, најмоќниот пребарувач. Инаку зошто на еден претприемач би му била потребна бизнис веб страна.

Веќе пишував за тоа дали веб страната е обична брошура и дополнувањето на тој напис во вид на заборавено поглавје. Во овие написи преку еден пример и преку некои мои размислувања ја претставив разликата помеѓу обична брошура и квалитетна веб страна која привлекува посетители кои ги трансформира во купувачи.

Целта на веб страните е да овозможат еден сосема нов приод во маркетингот, приод кој не е ист со оној маркетинг од ХХ-иот век туку сосема поразличен, а тоа е влезен маркетинг.

Овој напис претставува една моја презентација која произлезе како резултат на едно мое истражување и анализа како за насловот на една страна да излезам прв на Google и тоа на англиски јазик каде конкуренцијата е доста поголема. Оваа истражување во форма на пробување, грешење и забележување траеше неколку месеци. Веб страната на која работев беше Entrepreneurship In a Box, англиска верзија на претприемач која се повеќе ми служи за анализи и пробување на нови работи.

Тука нема да ги забележувам сите оние работи кои веќе ги имам инсталирано за да се известува Google за новата содржина туку едноствано за она што направив за веднаш по кликнување на копчето Publish за фразата која ја таргетирав да се најдам на прво место.

Резултатот од мојата работа

Забележувате дека по 32 минути проверив за насловот и излегов прв од 192.000.000,00 страни. Но, ова постигнување бараше дополнителна работа на самиот напис уште еден час.

Каква врска има ова со претприемачите?

Ќе покажам еден пример. Зборот челични цевки месечно се пребарува 3810 пати. Додека зборот цени на челични цевки се пребарува 990 пати. Дали некоја наша компанија може да излезе во пресрет на бизнисите или луѓето кои го бараат овие зборови. Имаме две компании кои произведуваат челични цевки во Република Македонија, но и двете не се наоѓаат меѓу први кога ќе барате на Google тие фрази на англиски (не сакам да споредувам во однос на македонски јазик бидејќи ние сме мала земја и сметам дека целта е да излегуваме надвор од Македонија преку извоз на нашите производи и услуги).

Од друга страна двете фрази од примерот имаат различно значење, едната е општа, додека втората е специфична и има поголема веројатност дека некој кој ја бара има за цел да купи.

Мислам дека со мала математика ќе можете да го сфатите значењето за претприемачите да нивната веб страна котира повисоко на Google.

Што е тоа што го направив?

Во кратки црти ќе се обидам да направам рекапитулар на онаа што претходеше на овој резултат:

  • Таргетирав специфична фраза. Свесен сум дека доколку одев со фразата business idea нема да постигнам ништо бидејќи е многу поконкурентен. Затоа таргетирав фраза која е специфична и која помалку се бара, а сепак на еден подолг рок може да даде одредени резултати. Во едни вакви ситуации подобро е да имме повеќе страни со различни специфични фрази преку кои на еден подолг рок ќе таргетираме повеќе посетители.
  • Наслов. Фразата која ја таргетирав ја ставив на почетокот на насловот (Title).
  • Комбинација на примарни и секундарни зборови. Доста време потрошив на оваа комбинација, бидејќи примарните зборови требаше да ги усогласам со содржината на текстот.
  • Опис (Description). Не знаев дека големо влијание има и оваа поле кое всушност претставува meta description. Она што го забележав е дека не треба да биде многу долг описот и секако зборот кој го сметам како примарен да биде на почетокот.
  • Hyperlinks. Ова е едно од клучните елементи на ова мое истражување. По повеќе обиди забележав дека треба да има повеќе линкови во самиот текст, но доколку претерав добивав контра ефект. Така да како оптимално мојата математика покажа дека е препорачливо да се има еден hyperlink на 120-150 збора во текстот.
  • Густина на зборовите. На ова најмногу се намачив. Бидејќи текстот беше превод на Имате бизнис идеја – Што понатаму? од претприемач, а примарните зборови се повторуваа премногу па затоа морав на англиски да ги склопам речениците така да не изгубат смисол, а да ги отстранам премногуте повторувања кои се над 2-3% од вкупниот број на зборови.

Забележувате дека ова бара дополнителна работа, а всушност претставува само еден мал дел од целиот процес. На пример, јас веќе имав готов текст, напишан на англиски. Значи содржина е нешто примарно за да Вашиот бизнис успее во влезниот маркетинг.

Ова е само 1% од се она што треба да се прави за да се постигне успех. Но, полека ќе ги склопуваме коцките на претприемач и во оваа поле, а особено кога набргу ќе следуваaт 50-те маркетинг средства кои ќе се однесуваат на онлајн или интернет маркетинг.

post

Истражување – Услови за стопанисување на малите бизниси во Македонија

Претходната година беше тешка, но се чини дека ни оваа нема да биде многу розова за малите бизниси. Затоа и се одлучив оваа четврто истражување на претприемач да биде за условите за малите бизниси. Се надевам дека некој кој има влијание ќе ги види резултатите од анализата и ќе превземе конкретни чекори за постојано подобрување на условите.

Во анкетата ентитетите кои можат да ги подобрат условите се централната и локалната власт.

Анкетата е веќе затворена… Добивме над 500 одговори. Благодарност до сите кои што го одговорија прашалникот.

Резултатите ќе бидат објавени на претприемач.