post

Бизнис План – Производи и/или Услуги

Ќе продолжиме со туторијалот за изработка на бизнис план втора верзија на претприемач. Досега веќе ја имате изработено насловната страна, потоа го поставивте костурот во вид на резиме и содржина и го завршивте насловот општо за компанијата. Сега ќе треба да започнеме со процесот на планирање на суштината на секој бизнис, односно она што тој бизнис ќе го продава – производ и/или услуга.

Опис на производи и услуги во бизнис планот

Опис на производи и услуги во бизнис планот

Сметајте го овој дел како еден процес на планирање, а не само препишување на Вашите идеи од книгата со бизнис идеи. Целта на овој наслов е прецизно да се дефинираат карактеристиките на производот и/или услугата како и корисностите кои потрошувачите ќе ги добијат со користење на тие производи и/или услуги. Затоа искористете ја оваа подготовка на бизнис планот за доусовршување на Вашата бизнис идеја.

Секој бизнис продава нешто. За тоа нешто добива пари од кои еден дел повторно ги инвестира во функционирањето на бизнисот. Тоа е основниот циклус на секој бизнис. Тоа нешто може да биде производ или услуга или пак комбинација од двете. Во последните 10-тина години излегува и нов тип на производ кој не може физички да се опипа, но го добивате, а тоа е електронски производ, во вид на книга, софтвер, услуга итн. Досега ги разработувавме воведните елементи кои имаат за цел да создадат интерес на читателите на бизнис планот за понатамошно читање. Доколку во претходниот дел сте привлекле внимание на читателот (банка, финансиска институција или потенцијален инвеститор) следното што ќе сака да го прочита е описот на производот или услугата што ќе ги продава тој бизнис.

Содржина на насловот

Еве што треба да содржи овој наслов од бизнис планот:

  • Воведно резиме за производи и/или услуги.
  • Опис на производите и/или услугите.
  • Конкурентска споредба на производите и/или услугите.
  • Како ќе се добијат производите и/или услугите?
  • Технологија.
  • Планови за идни производи и/или услуги.

Воведно резиме

Воведното резиме треба да биде напишано веднаш под насловот. Пред да започнете со комплетирање на останатите поднаслови од овој наслов можете едноставно под цртички да наведете накратко за што ќе стане збор понатаму. Искористете го овој дел да ве води во понатамошниот тек на планирање кое ќе биде дел од овој наслов.  Откако ќе ги завршите останатите поднаслови, можете да се навратите и да го досредите и ова воведно резиме. Во секој дел од бизнис планот практикувајте да дадете  кратко резиме за она што ќе биде опфатено во насловот кој следува. На ваков начин ќе обезбедите полесно снаоѓање и на читателот и на Вас самите кога го спроведувате бизнис планот.

Опис на производите и/или услугите

Како посебен поднаслов ставете да биде опис на производ и/или услугата. Во овој дел со цртички излистајте ги сите производи и/или услуги што ги продавате или ќе ги продавате. Описот накратко ќе треба да ги содржи следниве елементи:

  • Што ќе претставува производот и/или услугата?
  • Кои корисности ќе ги добие еден потрошувач?
  • Кои се основните карактеристики на истите?
  • За кој тип на потрошувачи ќе се однесуваат?
  • Како ќе се продаваат?
  • Доколку се работи за услуга од кои подуслуги ќе биде составена самата услуга.

За секој производ и/или услуга одговорете на овие прашања и одговорите нека не бидат повеќе од 100 збора или 500 карактери. За поспецифичните производи и/или услуги ова правило не мора да важи.

Целта е преку овој поднаслов во бизнис планот како процес на планирање да размислите за потребите на потрошувачите и корисностите што тие би ги добиле со што ќе се овозможи потенцијално генерирање на нови идеи за потребите на потрошувачи. Сево оваа опфатете го во лесно разбирлив и читлив формат заради лесно снаоѓање на читателот. Немојте само да ги нафрлувате речениците. Тие треба да бидат разбирливи и да го кажуваат она што е важно за секој производ.

Конкурентска споредба

Досега во овој наслов бевме субјективни и нашиот поглед беше насочен само кон нашиот бизнис и потенцијалните потрошувачи. Сега е време Вашиот мозок во овој процес на планирање да го свртите кон Вашите конкуренти или потенцијалните конкуренти доколку сте стартап бизнис.

Иако во посебен дел за анализа на пазарот овој сегмент ќе го разработите подетално, пожелно е во овој дел да накратко да наведете за разликите кои вие ќе ги понудите во споредба со главните конкуренти на пазарот. Користете специфични зборови во поглед на квалитетот, цената, начинот на продажба, локацијата итн. Бидете кратки и концизни заради лесно разбирање. Самиот процес би се одвивал на следниот начин:

  • Дефинирање на главните конкурентски производи и/или услуги.
  • Дефинирање на карактеристиките на тие конкурентски производи и/или услуги.
  • Дефинирање на корисностите кои ги обезбедуваат конкурентските производи и/или услуги.
  • Споредба на тие карактеристики и корисности во однос на Вашите производи и/или услуги.
  • Вклучување на дополнителни конкретни идеи за зголемување на јазот во таа споредба во Ваша корист.
  • Наведување на тие разлики во овој поднаслов.

Начин на добивање

Овој поднаслов ќе треба да опфати опис на тоа како ќе се добијат производите и/или услугите кои ќе се понудат на пазарот. Доколку сте малопродажен бизнис тука ќе треба да опишете од каде ќе ги набавувате производите кои ќе ги продавате. Доколку пак сте услужен бизнис како услугата ќе биде произведена, на пример преку најмување на професионалци, преку користење на специфични алатки за производство на услугата… Доколку пак бизнисот е производствено претпријатие тука ќе треба да дадете опис на производствениот процес и потребните репроматеријали за производство.

Технологија

Во овој поднаслов ќе треба да размислите за тоа како технолошките промени (кои се постојани) ќе учествуваат во Вашиот бизнис. Секој производ па и услуга има свој животен век. Колкаво е времето за замена на производот. Какво влијание ќе има интернетот и компјутерите на Вашиот бизнис и производите што ги продавате. Технологијата може да влијае на сите аспекти на бизнисот и позитивно и негативно. На пример, на услужните бизниси појава на интернетот од корен ги измени услугите кои се нудат. Производствените бизниси мораат постојано да ги следат технолошките промени и да ги инкорпорираат во својот производствен процес. Доколку технологијата не е важна за вашиот бизнис (иако дене тоа е скоро невозможно) можете слободно да го игнорирате овој поднаслов.

Идни производи и/или услуги

Никогаш не треба да застанете на едно место. Бизнис животот претставува динамичен живот кој бара секогаш да се гледа еден чекор напред во иднината. Пожелно е во овој дел да се опфатат и производите и/или услугите кои нема веднаш да ги нудите но планирате во иднина. Во овој дел едноставно размислете и одговорете на следниве прашања:

  • Кои производи и/или услуги можеме да ги воведеме во иднина?
  • Кои ќе бидат предусловите за нивно воведување?
  • До кога би можеле да бидат воведени?

Овој дел се однесува на вашата долгорочна стратегија на производи и/или услуги. На пример, за еден бизнис кој работеше по мои совети се знае за наредните 3 години каков ќе биде интензитетот на ширење на асортиманот на производите. Ова е комбинација на финансиски можности и потребен асортиман. Наведете ги овие ваши идни планови и желби накратко во овој дел.

Неколку совети

Запомнете дека она што тука ќе го дефинирате ќе претставува сржта на Вашиот бизнис во иднина. Повторно ќе напоменам дека ова е процес на планирање и не значи дека немате право да се навратите со нови идеи откако ќе ги поминувате останатите наслови од бизнис планот. Но, кога ќе го усвоите промени веќе се забранети, потребно е да се насочите на обврзување за исполнување на планот.

Овој наслов во кој се опишуваат производите и/или услугите ќе ви помогне уште еднаш да ја разработите Вашата бизнис идеја, да ги разгледате сите можни аспекти и да размислите за главните конкуренти.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. Tweets that mention Бизнис План – Производи и/или Услуги — Претприемач -- Topsy.com напиша:

    […] This post was mentioned on Twitter by Dragan Sutevski. Dragan Sutevski said: Pretpriemac Novo: Бизнис План – Производи и/или Услуги – Ќе продолжиме со туторијалот за изработка на бизнис пл http://ow.ly/17dPwk […]

Speak Your Mind

*