post

Бизнис План – Општо за Компанијата

Продолжуваме со туторијалот за изработка на бизнис план втор верзија на претприемач. Досега веќе ја имате изработено насловната страна и секако го поставивте костурот во вид на резиме и содржина. Веќе треба да започнеме да се занимаваме со вистинскиот процес на планирање.

Бизнис план - Резиме и содржина

Бизнис план - Општо за бизнисот

Во овој наслов потребно е да ја дефинирате позицијата на Вашиот нов бизнис или постоечки доколку се работи за бизнис план за постоечки бизнис. Тука се даваат основните карактеристики на бизнисот кои треба да го трасираат патот за понатамошната подготовка на бизнис планот. Веќе во резимето дадовте некои карактеристики за бизнисот или пак можете едноставно кратките црти да ги извлечете од овој наслов. Разликата е што тука ќе треба малку поопширно да го опишете бизнисот. Овој наслов може и да не биде потребен доколку бизнис планот служи само за интерни потреби. Но, препорака е доколку бизнис планот служи за добивање на финансиски средства од финансиските институции или пак учествува на бизнис план натпревар да постои ваков наслов во кој ќе се опфатат повеќе елементи за опис на бизнисот за кој се однесува планот.

Овој наслов генерално ќе ги содржи следниве елементи:

  • Краток вовед
  • Сопствеништво на бизнисот
  • Правна форма на бизнисот
  • Локација
  • Почетни трошоци и потребни инвестиции.

Краток вовед

Веднаш под насловот општо за компанијата дајте краток вовед за она што ќе следува понатаму во овој наслов. Едноставно наведете ги следните поднаслови и напишете по една реченица за истите. На пример, какво ќе биде сопствеништво на бизнисот, која правна форма ќе се избере, кои се плановите за локација или каде е лоциран во моментов и колку пари ќе бидат потребни за започнување на бизнисот.

Сопствеништво на бизнисот

Сопственици може да бидат физички лица, но и правни лица (други компании –  бизниси). Можеби досега согласно Започнување и водење на бизнис за 30 дена во ден 5 и ден 6 сте го дефинирале сопствеништво и имате направено иницијален договор со партнерите, па сега слободно искористете ги тие информации.

Во овој поднаслов од насловот општо за компанијата опфатете ги следниве елементи:

  • Имињата на сопствениците на бизнисот за кој се однесува бизнис планот.
  • За секој од сопствениците на бизнисот наведете кратка биографија во поглед на нивото на образование и досегашното искуство.
  • За секој од сопствениците наведете со колку средства учествуваат во бизнисот. Доколку се работи за парични средства наведете го износот во денари, а доколку се работи за непарични средства наведете го видот на средствата и проценетата вредност во денари на истите. Не значи дека сите мора да учествуваат со парични средства. На пример, некој може да учествува со опрема или пак софтвери потребни за спроведување на бизнис активностите. Некој со идеи. Но важно е уште во ова фаза овие непарични средства договорно да се трансформираат во паричен износ.

Правна форма на претпријатие

Во овој поднаслов опишете ја правната форма на бизнисот, односно дали бизнисот е:

  • Трговец – поединец
  • ДООЕЛ
  • ДОО
  • Јавно трговско друштво
  • Акционерско друштво
  • Командитно друштво
  • Командитно друштво со акции
  • Подружница на странски субјект или пак некој друг вид.

Локација

Овој поднаслов се однесува на локациите на бизнисот без разлика дали станува збор за продажна локација или пак за канцеларии за управување на активностите на бизнисот. Наведете ги сите локации со краток опис на функциите и активностите што ќе се изведуваат во секоја од нив.

  • Доколку вашиот бизнис нуди услуги ќе имате канцеларии кои треба да бидат опремени со опрема за изведување на услугата. Опишете ги локациите на канцеларијата и опременоста на истите.
  • Доколку вашиот бизнис се однесува на малопродажба, тогаш вашата локација претставува критичен фактор. Во овој случај опишете ја околината на вашата локација, движењето на луѓето, место за паркинг итн.
  • Доколку вашиот бизнис ќе се занимава со производство клучен елемент ќе претставуваат погоните, канцелариите, блискоста до патот итн. Опишете ги сите критични елементи во однос на локацијата за производството.

Пожелно е во овој дел да размислите и да ги напишете предностите и слабостите на локацијата која ќе ја користите. Можете да опфатите и планови за иднина како да се надминат тие слабости. Впрочем, ние сме во процес на планирање и нормално е да анализираме и да бидеме објективни за реалните слабости (види SWOТ анализа), а во исто време да бараме можни решенија за надминување на тие слабости со помош на овој бизнис план.

Почетни трошоци и потребни инвестиции

Почетни трошоци и потребни инвестиции

Овој поднаслов претставува можеби најважен поднаслов. Тука се планираат почетните трошоци кои претставуваат трошоци пред започнување на вашиот бизнис доколку се работи за стартап бизниси или пак минати финансиски показатели доколку се работи за постоечки бизнис.

Едноставно дефинирајте ги сите трошоци кои бизнисот ќе ги има пред да започне да работи како и сите потребни средства во вид на готовина или друг имот (на пример потребни залихи) што ќе треба да бидат на располагање на бизнисот првиот ден од започнување со работа.

Доколку се работи за бизнис план за постоечки бизнис во овој дел ќе ги наведете минатите финансиски перформанси на тој бизнис како што се:

  • Приходи од продажба во претходните 2-3 години
  • Оперативни трошоци
  • Бруто маржа
  • Профит
  • Биланс на состојба за претходните 2-3 години

Доколку се работи за нов бизнис овој параграф ќе ги содржи стартап трошоците за бизнисот. Во почетните трошоци за стартап бизнисите најчесто се:

  • трошоци за регистрација на вашиот бизнис (за консултантот или адвокатот како и за Централен Регистар),
  • канцелариски прибор,
  • почетни маркетинг средства,
  • трошоци за развој на производи и/или услуги
  • Потребна готовина
  • Потребни залихи итн.

Освен трошоците за започнување тука треба да се опфати и тоа како ќе се обезбедат пари за покривање на тие трошоци. Имајте на ум дека парите кои ќе бидат потребни ќе треба да опфатат и некој период по започнување, се додека бизнисот не започне да прави пари. Затоа, ние сме во процес на планирање и не мора да значи дека она што ќе го испланираме од првпат ќе биде и конечно. При поминување на останатите елементи од бизнис планот ќе ја предвидуваме продажбата, трошоците, добивка/загуба и готовинскиот тек. Тие анализи и планирања ќе ни помогнат и во регулирање на потребните инвестиции. Целта е постојано да обезбедиме позитивен готовински тек.

На пример, кога ќе завршиме со проекции на готовинскиот тек може да забележиме дека во третиот и четвртиот месец тој е негативен. Ова е невозможно, без дополнителни инвестиции или пак промена на предвидената продажба. Но, дали е реално дека ќе можеме да продадеме повеќе во фаза на започнување? Затоа ќе можете да внесете дополнителни инвестиции за започнување, можеби со заем, кредит итн. (Види 10 Извори на финансии за започнување на бизнис)

И на крај една препорака, користете табели во Excel преку кои ќе ги правите и графиците, потоа поедноставно ќе можете да направите измени.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. trajce veselinski says

    20 104 10

Trackbacks

  1. […] кажавме и за резимето и содржината, напишавме нешто за компанијата, ги дефиниравме производите и услугите кои ќе ги […]

  2. […] го изработивме резимето и содржината, ја опишавме компанијата, ги дефиниравме производите и услугите кои ќе ги […]

  3. […] нацртот на резиме и содржина, па влетавме во насловот општо за компанијата и секако ги дефиниравме производите и/или услугите на […]

Speak Your Mind

*