post

Бизнис План – Насловна Страна

Зошто го започнувам овој нов серијал за изработка на бизнис план повторно со насловната страна? Веројатно мислите дека оваа страна е неважна за бизнис планот. Доколку мислите така може да се каже дека веројатно можеби сте во право. Но, не значи и целосно. Она што ми е најважно кога станува збор за насловната страна е следново:

  1. Насловната страна е првата страна со која се среќава читателот на бизнис планот. Во еден таков случај доколку планот служи како средство за добивање на финансиски средства оваа страна може да одигра улога во натамошното читање на целокупната содржина.
  2. Насловната страна е една од страни кои се поедноставни и завршување на едноставните елементи како први од бизнис планот ќе го поттикне претприемачот да продолжи со целокупниот план.

Бизнис план серијал на претприемач

Бизнис план - Прв чекор во процесот на планирање

Што треба да содржи насловната страна на бизнис планот? Насловната страна треба да го содржи:

  • Логото на бизнисот,
  • Името на бизнисот,
  • Слоганот,
  • Наслов на документот,
  • Тип на бизнис во три зборови и
  • Име и презиме и контакт детали на изготвувачот на бизнис планот.

Името, логото и слоганот се трите клучни елементи што му даваат идентитет на секој бизнис без разлика дали се однесува на нов или веќе постоечки бизнис. Додека типот на бизнисот во 3 зборови и идентитетот на оној кој го подготвува бизнис планот само додава дополнителна вредност во очите на читателот на бизнис планот.

Лого на бизнисот

Бизнис лого претставува визуелен и сликовит идентитет на бизнисот. Заедно со името и слоганот на бизнисот логото ќе претставува еден од трите столбови за идентитет на еден бизнис. Не мора уште во ова фаза да имате лого, но сметам дека бизнис планот кој започнувате да го пишувате ќе биде попрофесионален со сопствено лого. Од друга страна целта е уште во оваа рана стартап фаза на Вашиот бизнис да размислите и да изработите сликовит идентитет за бизнисот.

Логото треба да биде составено од:

  • Слика која илустративно ќе го претставува типот на бизнисот. Кога станува збор за слика размислете како истата ќе ги покаже корисностите на она што Вашиот бизнис го нуди на потрошувачите. Ова едноставно значи дека сликата во логото ќе треба да даде одговор на прашањето: Што има тука за мене? Ова прашање секој иден потрошувач ќе си го постави.
  • Инкорпорирано име на бизнисот. Во самата слика од логото би било пожелно да го има инкорпорирано краткото име на бизнисот, со цел на градење на препознатлив бизнис бренд.

Изработка на логото бара две вештини како што се уметност и работа со софтвери за графички дизајн, а од друга страна и време за изработка. Можеби е подобро да изберете консултант и дизајнер кој за одредена сума би ја завршил работата место вас.

Име на бизнисот

Бизнис план насловна книга Секако, пред да започнете со бизнис планот Вие веќе имате бизнис идеја. Можеби до сега ви поминале низ главата различни имиња за Вашиот нов бизнис, но сега е време и официјално да одлучите кое име ќе го има Вашиот бизнис. Името на бизнисот треба да им пренесе на идните купувачи за експертизата, вредноста и уникатноста на производот или услугата што ќе се нуди.

Доброто име треба да биде информативно така да потенцијалните потрошувачи веднаш би знаеле за што се однесува бизнисот. Доброто име треба да биде едноставно, да може лесно да се запомни и секако лесно да се изговори. На пример, во Скопје, поточно во Аеродром, често пати со еден пријател одевме во едно кафуле кое ми се допаѓаше. Но, името беше навистина тешко да се запомни и секогаш кога некој ќе ме прашаше каде сум бил не се сеќавав на името на кафулето. Со тоа тој бизнис губеше многу вредна маркетинг кампања од мене како еден нивен купувач – пренесување на добрите импресии преку збор од уста.

За процесот на одлучување за име на бизнисот следете ги следните чекори:

1. Brainstorming на идеи за бизнис име

Целта на овој чекор е да дојдете до колку што можете повеќе идеи за името. Едноставно започни со донесување на одлука за тоа што треба да пренесе името на бизнисот. На бел лист хартија:

  • испишете ги идеите на кои се базира вашиот производ или услуга
  • испишете ги индустриските гранки на кои се базира вашиот бизнис
  • испишете некои зборови кои се поврзани со вашиот бизнис (На пример, Продавница за козметички производи – Козметика, парфеми, шминка итн).
  • направете комбинација на сите наведени зборови, идеи и индустрии
  • врз основа на фонетичноста и начинот на изговарање повеќе имиња.

2. Тестирање на идеите за имиња

Повеќе луѓе можат да дадат поголем придонес во квалитетен избор. Добро е да ги искористите роднините и пријателите да ви го кажат нивно мислење во однос на звучноста и сложеноста на изговарање на името. На ваков начин можете да ја стесните Вашата листа на можни имиња.

3. Провери дали името веќе постои

Дали името кое ќе го избереме веќе постои? Искористете ги сите расположливи извори за таков тип на информации. Едната е жолтите страници (Златна книга), сајтот на Управа за Јавни Приходи има база на даночни обврзници, контактирајте ја канцеларијата на Централен Регистар во вашата општина, пребарајте на интернетот итн.

Постојат консултантски услуги за избор на вистинско име на фирма. Исто како што сметководителот ќе ти даде совети за финансиското работење така и консултантот за идентитет на нови бизниси ќе ви даде корисни совети. Доколку сте збунети и не можете да се одлучите за вистинското име, не губете време дозволете тоа да го изврши некој друг за вас. Со вистинското име вложените пари ќе ви се вратат повеќекратно.

Слоган на бизнисот

Доколку логото претставува визуелен идентитет, слоганот ќе претставува вербален идентитет на Вашиот бизнис. Пожелно е да се почне со некој слоган кој ќе претставува идентитет на вашиот бизнис. Запомнете дека вашиот бизнис има потреба од свој сопствен слоган кој ќе биде содржан во вашите рекламни и пропагандни програми. Запомнете дека она што тука ќе го одлучите во голем дел ќе се користи во понатамошните фази на Вашиот бизнис.

Добар слоган претставува оној слоган кој лесно се поврзува со вашиот бизнис и лесно може да биде запаметен од страна на потенцијалните и тековните купувачи. Добар слоган може да се каже дека е оној слоган кој не е премногу долг или пак комплициран.

Следните прашања и нивниот одговор ќе ви дадат можност да дојдете до неколку различни слогани за Вашиот бизнис.

  • Во кој бизнис се наоѓаме?
  • Што е она позитивното што треба да го истакнеме за нашиот бизнис?
  • Зошто потенцијалниот купувач би го избрал Вашиот бизнис а не конкуренцијата?
  • Што ќе предизвика чувство на ургентност кај потенцијалниот купувач?
  • Што ќе предизвика поттикнување на потенцијалните потрошувачи за да ја донесат одлуката за купување?

Откако ќе дојдете до повеќе комбинации на различни слогани проверете ја фонетичноста и начинот на изговарање на истите и изберете го најдоброто. Не мора да го фрлите листот хартија со останатите слогани, чувајте го можеби со текот на времето ќе сакате да го смените слоганот.

Наслов на документот и тип на бизнисот

Во средината на насловната страна на бизнис планот треба да се напише насловот на документот (Бизнис план) и секако за кој тип на бизнис се однесува истиот. Ова е централното подрачје на почетокот на документот при што на секого кој го чита ќе му падне во очите. Насловот на документот може да биде со големи букви и големината на фонтот над 30, додека типот на бизнисот треба да биде под насловот со помал фонт од 12 до 20 (по Ваш избор) и секако централно поставени.

Име, презиме и контакт детали

Треба да се знае кој го пишува бизнис планот, особено доколку се конкурира за финансиски средства. Затоа во најдолниот дел од насловната страна ставете го Вашето име и презиме, потоа еден ред подолу Вашето звање (на пример, дипл.инж, дипл.ек…) и еден ред подолу Вашиот e-mail. Сето ова е доволно за да бидете исконтактирани доколку постои таква потреба.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] на претприемач. Досега веќе ја имате изработено насловната страна, потоа го поставивте костурот во вид на резиме и […]

  2. […] туторијалот за бизнис планирање. Досега ја направивме насловната страна, кажавме и за резимето и содржината, напишавме нешто […]

  3. […] потсетиме што се досега беше завршено. Ја направивме насловната страна, кажавме и за резимето и содржината, ја опишавме […]

  4. […] продолжам со бизнис планирање. Досега ја направивме насловната страна, го поставивме скелетот преку резимето и содржината, […]

  5. […] со процесот на бизнис планирање. Досега ја направивме насловната страна, го изработивме резимето и содржината, ја опишавме […]

  6. […] бизнис за наредни 3 до 5 години. Досега ја направивме насловната страна, го изработивме резимето и содржината, ја опишавме […]

Speak Your Mind

*