post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 3

Продолжуваме со третиот дел од серијалот на постови за започнување на бизнис за 30 дена. Веќе имавте можност да прочитате за првите 15 дена во Дел 1 и Дел 2 од овој серијал. Во тие први 15 дена веќе имаме завршено голема работа за нашиот нов бизнис. Сега ќе продолжиме со спроведување на останатите активности поделени по денови.

Започнување на бизнис за 30 дена

Деновите поминуваат, а бизнисот напредува!

Ден 16: Размисли и одлучи за бизнис веб страна

Денес еден бизнис не може да се замисли без сопствен веб презентација преку сопствена веб страна. Во овој 16-ти ден вие како иден претприемач ќе мора да донесете неколку важни одлуки за Вашата веб страна. Дали сакате да имате статична веб страна или една динамична која ќе биде основа за генерирање на потенцијални потрошувачи преку веб или пак комбинација на двете? Дали самите ќе ја изработувате или ќе најмите техничко лице кое ќе го стори тоа за вас? Доколку се одлучите за аутсурсинг одлучете кој ќе го изведе тоа.

Овој ден треба да го завршите со еден дизајн на хартија на Вашата веб страна кој ќе содржи:

  • Основни страни од кои ќе биде составена,
  • Текст за секоја страна,
  • Потребна графика,
  • Теми за блог доколку се одлучите за динамична веб страна,
  • 10 први блог написи за блогот,
  • Повик за акција кој ќе се примени,
  • Графички дизајн на процесот на генерирање на потенцијални купувачи.

Ова ќе биде доволно за да може техничкото лице да ја подготви Вашата веб страна.

Ден 17: Социјални медиуми

Во овој 17-ти ден Вашата задача ќе биде да ги изберете највлијателните социјални медиуми преку кои ќе се вмрежувате со потенцијални купувачи, пријатели, познаници и едноставно ќе споделувате информации како за Вашиот бизнис така и за се она што ќе биде од интерес на Вашите „социјални пријатели“. Откако ќе одлучите кои да ги користите (моја препорака е да не се распространите со премногу па на крајот ништо да не постигнете) веднаш направете профил и започнете со поврзувањето.

Обидете се да поставите и различни прашања во врска со Вашата бизнис идеја, можеби ќе добиете квалитетни информации за тоа како да го прилагодите Вашиот нов бизнис.

Ден 18: Анализирајте и изберете ја локацијата на Вашиот бизнис

Денешната задача е да ја пронајдете идеалната локација за Вашиот бизнис. Пред да започнете со барање, првин опишете што за Вас претставува идеална бизнис локација и забележете ги сите критериуми кои една таква локација ќе треба да ги има. Постои разлика за добри локација за различни типови на бизниси. На пример, едно од прашањата кои влијаат на локацијата е дали купувачите сами доаѓаат во бизнисот или пак едноставно бизнисот ги дистрибуира производите?

Кога ќе бидеш на чисто со потребната локација почни со барање и избери ја најквалитетната. Избегнувај ги грешките од следниов вид:

  • Избор на локација бидејќи е блиску до Вашиот дом. Вашиот дом не е важен за локација на бизнисот. Поголема е важноста на потрошувачите и потребите на самиот бизнис.
  • Избор на локација заради ниска цена. Локацијата претставува важен елемент на бизнисот кој влијае на целокупната бизнис потенцијална енергија.
  • Избор на локација заради Вас самите. Без постигнување на основните критериуми кои ги напоменавме погоре бизнис локацијата нема да биде добра за бизнисот.

Ден 19: Направете договор за локацијата

Кога веќе ја избравте локацијата која ќе биде идеална за Вашиот бизнис, овој ден ќе имате задача да го контактирате сопственикот на локацијата и да направите правен договор за закуп. Доколку локацијата е навистина идеална за Вашиот бизнис обидете се да направите долгорочен договор за закуп.

Ден 20: Изгради тим

Кој ќе работи за Вашиот бизнис. Кој ќе се занимава со продажба, кој со административните задачи, а кој со финансии маркетинг? Размислете за идеален тим кој може да победува. Можете да ја имате најдобрата технологија, најдобрите производи или услуги, најдобрите маркетинг активности, но без човечки ресурси Вашиот бизнис ќе биде ништо.

Овој 20-ти ден Вашата задача е да направите листа со можни луѓе кои Вие би сакале да работат во Вашиот нов бизнис. Откако ќе ја имате листата контактирајте ги за да направите еден иницијален договор.

Започнување и водење на бизнис за 30 дена – Дел 4 Следува …

post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 2

Ќе продолжиме со вториот дел од серијалот на постови за започнување и водење на бизнис за 30 дена. Веќе имавте можност да прочитате за првите девет дена во насловот Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 1. Продолжуваме со десетиот ден од овој процес.

Започнување на бизнис за 30 дена

Календар за започнување на бизнис за 30 дена

Ден 10: Направете иницијално истражување на пазарот

Пред да го започнете бизнисот вие како иден претприемач ќе треба да разберете зошто луѓето купуваат одредени производи и услуги, а навистина може да постојат различни причини за тоа. Некои купувачи купуваат заради едни причини додека другите за други причини. Истражување на пазарот е значаен дел од секој бизнис кој сака да понуди производи или услуги на пазарот. Потрошете го 10-тиот ден за да направите одредено иницијално истражување на пазарот. Можете да ги користите упатствата за истражување на пазарот од следните постови:

Ден 11: Направете иницијално проценка на продажбата

Овој единаесети ден од започнување на бизнис за 30 дена потрошете го за да направите иницијална проценка или пак предвидување на продажбата која ќе се остварува во иднината. Ова не е едноставна задача, но ќе мора да ја завршите и имате цел еден ден. Повеќе детали за тоа како да го спроведете предвидувањето можете да прочитате во следниве постови:

Ден 12: Определете ги иницијалните трошоци

Во овој ден време е да го определите буџетот за трошоци кои ќе ги има вашиот нов бизнис за одреден период на време. Вклучете ги трошоците за наемнина, маркетинг, даноци и сите други трошоци кои ќе ги направите во периодот по започнување на бизнисот, а кои во вид на пари ќе треба да ги имате. Користете месечни проценки на трошоци.

Ден 13: Определете ги трошоците за започнување (стартап трошоци)

Откако веќе ги имате предвидено иницијалните трошоци можете да започнете со предвидувања и пресметки на стартап трошоците или трошоци за започнување на бизнисот. Користете ги сите трошоци кои ќе ги имате пред започнување на бизнисот како и потребната актива која ќе треба да ја имате по започнување на бизнисот.

Ден 14: Направете бизнис план

Бизнис планот е една од најопфатените материи на претприемач. Набргу ќе започнам со нов серијал за сите елементи, односно поднаслови на бизнис планот. Веќе досега ги имате направено различните делови од бизнис планот како проценка на продажба и трошоци. Дополнително ќе мора да вклучите и специфични активности кои ќе треба да ги спроведете во иднина, како и организациски дијаграм со различни позиции на различни луѓе во бизнисот. Вклучете и анализа на готовински тек во бизнис планот комбинирајќи ги податоците од проценката за продажба и трошоците.

Повеќе за бизнис планот можете да прочитате во БИЗНИС ПЛАН – СУБЛИМИРАЊЕ.

Ден 15: Направате маркетинг план

Добар маркетинг план ќе ви помогне да знаете кои чекори ќе треба да ги превземете за да привлечете доволен број на вистински потенцијални купувачи за Вашиот бизнис. Искористете го овој 15-ти ден за изработка на добар маркетинг план. Повеќе за маркетинг планот можете да прочитате во:

Започнување и Водење на Бизнис за 30 дена – Дел 3

post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 1

Периодот на започнување на секој бизнис може да претставува вистинска ноќна мора за еден претприемач. Постојат различни активности кои ќе треба да се завршат за да една идеја се трансформира во вистински бизнис.

Започнување на бизнис за 30 дена

Календар за започнување на бизнис за 30 дена

Во периодот на започнување едно прашање кое е актуелно е колку време му реба на еден претприемач да го започне својот бизнис. 30 дена за започнување е доволен период за сите важни задачи да бидат завршени, но ова не мора да значи дека е точно за сите видови на бизниси. Некои може да се започнат за помал временски период, други за подолг од овие 30 дена.

Во овој пост ќе презентирам започнувањето расчленето во период од 30 дена. За секој ден по една задача која ќе мора да се заврши или за некоја задача по неколку дена.

Ден 1: Прибирање на различни бизнис идеи

Секој бизнис започнува врз основа на идеја. Потрошете го првиот ден од вашиот претприемнички пат за да приберете различни идеи кои ќе можете да ги трансформирате во успешен бизнис. На овој ден ќе морате да бреинстормирате колку што можете повеќе идеи. На претприемач веќе има различни постови за развој на добра идеја:

Прочитајте ги овие написи од листата и користете ги за да дојдете до различни идеи кои потоа ќе ги забележите во книгата со бизнис идеи.

Ден 2 – 3: Анализа на бизнис идеите

Вториот и третиот ден потрошете ги на анализа на идеите кои ги собравте во првиот ден. Јас вообичаено сакам да користам една мерка која ќе ми ги даде најдобрите идеи, а тоа е бизнис потенцијалната енергија која е складирана во самите идеи.

Ден 4: Изберете ја најдобрата идеја

Во претходните три дена вие веќе собравте доволно идеи кои ги анализиравте. Сега е време да донесеме одлука која идеја ќе ја започнеме како бизнис. Подредете ги анализираните идеи од претходните два дена и изберете ја онаа која е на прво место.

на крајот на овој четврти ден ќе мора да бидете на чисто која идеја ќе ја започнете.

Ден 5: Сопствеништво

Овој ден ќе биде потребен доколку бизнисот ќе го започнете со некој партнер. И подобро е уште сега да го дефинирате сопствеништвото отколку подоцна кога бизнисот ќе започне да носи приходи и профит. Одговорете на следниве прашања:

  • Чија е идејата за да се започне овој бизнис?
  • Колку пари кој ќе инвестира?
  • Кој и што ќе работи?

Разговарајте со партнерите, евалуирајте и анализирајте. Целта е на крајот од овој ден да го имате процентуалното сопствеништво на секој од партнерите.

Ден 6: Направете иницијален договор за сопствеништво

Сега е време да се направи еден договор со партнерите за тоа кој колкаво учество ќе има во сопствеништвото. Овој договор ќе треба да ги содржи сите точки кои ги дефиниравте претходниот ден (инвестирани пари и време, работни активности и процентуално сопствеништво).

Ден 7: Brainstorm и Избор на најдобро име

Можеби ова звучи како премногу едноставна задача, но запомнете да обрнете поголемо внимание на името. Ова го знам од лично искуство од пред 6-7 месеци кога брзавме да започнеме, а сега се мислиме дали името е ОК за работата која ја изведуваме. Започнете со браинсторминг на повеќе имиња кои ќе го отсликуват Вашиот бизнис и личниот имиџ кој сакате да го изградите. Размислете за тоа како името ќе направи разлика и уникатност од остатаокот.

Ден 8: Направи добро лого

Логото е вториот идентификатор на Вашиот бизнис, односно сликовит приказ на името. Кога потрошувачите ќе размислуваат за Вашиот бизнис во главата ќе им се појави визуелната идентификација – Вашето лого.

Потрошете го 8-миот ден да дизајнирате добро лого или пак да најмите графички дизајнер за да ја заврши таа работа место вас.

Ден 9: Размисли и избери слоган

Слоганот е третиот идентификатор на бизнисот како надополнување на името и логото. Потрошете го овој ден за да дојдете до добар слоган. Добар слоган е оној слоган кој лесно може да се поврзе со Вашиот бизнис и кој лесно ќе се запамети од потрошувачите.

Доста е за овој прв дел, следуваат попрактични работи како истражување на пазарот, предвидувања, маркетинг план…

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 2

post

Бизнисот е Една Обична Игра

Честопати за започнување на бизнисот претставува пречка нашето основно мислење дека немаме доволно вроден талент за претприемач. Ова се случува и за се она друго што планираме да се занимаваме. Можеби оваа претставува и една од најголемите пречки или препреки за започнување на бизнис и секако остварување на лични или професионални цели. За влијанието на препреките како една причина за неуспех пишував и во Цели за 2010 – Како да ги остварите?.

Бизнис како игра

Бизнисот и талентот

Сметам дека талентот не може да се стави само во категорија на „вродени“ карактеристики на еден индивидуалец. Талентот може да има вродени карактеристики или одредени предиспозиции но во исто време талентот е нешто што постојано се гради преку учење, пробување, искуство… Така да не можеме да кажеме дека сите кои се талентирани се талентирани бидејќи се родени со тој талент. На пример, еден фудбалер може да има талент преку некои предиспозиции во вид на пасија за фудбалот. Но, за да го постигне она што го постигнува секој успешен фудбалер во текот на неговата кариера секојдневно тренира, има различни тренери (учители, консултанти…), колку повеќе натпревари игра се е подобар и подобар (искуство).

Стравот од немање на талент и едноставно талентот како една препрека за започнување на бизнис е присутен кај повеќето од нас. Како претприемачи од нас ќе се бара да започнеме и водиме бизнис, да го развиваме бизнисот, да осмислуваме и имплементираме стратегии, да планираме, да превземаме одлучни акции, да остваруваме добивка… Сето ова еден претприемач ќе треба да го работи и размислува секојдневно.

Затоа и многу добри бизнис идеи воопшто не станале бизниси едноставно поради страв од немање на талент за да се биде претприемач.

Игра и бизнис

Многу време помина откако не играм видео игри. Но, во минатото се сеќавам дека кога и да добијам некоја пара од дома трчев во т.н. „флиперници“ во кои купував жетони за да играм некоја видео игра. Како изгледаше еден таков процес:

  • Првин застанував до некој кој веќе игра и гледам што прави. На ваков начин ги учев правилата на игра.
  • Кога ќе дојдев на ред започнував со играта при тоа пробував да ги применам правилата кои ги учев. Почетокот беше проследен со многу грешки и секако губење на многу жетони уште на првото ниво.
  • Потоа повторно следеше гледање на поискусните во играње на играта и учење на дополнителни правила, финти, трикови и игри.
  • Па повторно играње и применување на тие нови правила, финти и трикови. Секако првото ниво е веќе минато го поминував.
  • Потоа следеше комбинација на следење на поискусните и секако разговори за обидите и постигнувањата на пријателите и познаниците со цел да се добијат повеќе информации за нови правила, трикови и финти во самат игра.
  • Повторување на сите тие учења, обиди и тестирања се додека не се стигнував до крајот на играта (превртување) кога и го губев интересот.

Еве како е со бизнисот:

  • Се следи пазарот и се учат правилата на игра на тој пазар. кои се главните играчи, што прават и како прават.
  • Се започнува бизнисот со примена на она што е научено за правилата на игра.
  • Се анализира состојбата со претходните бизнис активности се продолжува со учење на правилата при што наученото се имплементира.
  • Се учествува на семинари, се разговара со поискусни, се продолжува со понатамошно учење и применување на сето она до кое ќе дојдеме.

Значи бизнисот не е ништо повеќе од процесот на играње на една игра. Потребна е упорност, креативност и трпение.

post

Претприемничка Грешка Која Предизвикува Патење

Патење. Нешто што никој од нас не го сака. Патиме кога нешто не ни оди во љубовта. Патиме кога нешто не можеме да извршиме онака како што сакаме. Патиме кога губиме пари во нашиот бизнис. Во секој случај верувам дека никој не сака да пати.

Грешка која може да доведе еден претприемач да пати

Но, како да се избегне патењето. Оваа веб страна е наречена претприемач и обработува теми од подрачје на претприемништвото и малиот бизнис. Па затоа и овој напис се однесува на патење на еден претприемач или патење на неговиот бизнис.

Велам патење на неговиот бизнис зошто бизнисот го гледам како еден жив организам составен од биолошки, технички и организациски системи.

Што е патење за еден претприемач?

Ќе ја искористам дефиницијата во Wikipedia за целите на овој напис:

Патење, или болка во поширока смисла на зборот, е индивидуално влијателно непријатно искуство и аверзија поврзани со штета или опасност од штета. Страдање може да се квалификува како физичко или ментално страдање. Тоа може да има различен степен на влијание, од благо страдање до страдање кое не може да се толерира.

Еве што е карактеристично од оваа дефиниција:

  • Патење претставува еден вид на болка. Болката може да ја чувствува претприемачот.
  • Патење е поврзано се некоја штета или пак опасност од настанување на штета. Штетата може да ја почувствува и претприемачот и бизнисот.
  • Патење може да биде физичко и ментално страдање. Претприемачот најверојатно ќе страда ментално, додека бизнисот физички (недостаток на финансии, немање на можност за исплата на обврските …)
  • Може да биде премногу опасно така да не може да се истрпи. Кога патењето нема да може веќе да се истрпи претприемачот веќе нема да биде претприемач, а бизнисот веќе нема да постои.

Значи патењето на еден претприемач воопшто не му е потребно.

Грешка која предизвикува патење на еден претприемач

Она што го забележувам кај претприемачите и бизнисите кај нас навистина ме плаши, особено за претприемачи на малите бизниси. Имам искуство со еден претприемач кој навистина не се снаоѓа во улогата на претприемач иако има пасија за бизнисот кој го работи, па затоа страда и пати. А сметам дека 80% од малите бизниси се дизајнирани со една таква „фабричка грешка“ која доведува до состојба да повеќето не можат да се снајдат.

Па која е таа грешка која претставува “фабричка грешка“ за еден бизнис или пак за еден претприемач?

Таа грешка е што при дизајнот на бизнисот уште пред започнување претприемачот е насочен само на пазарот.

Оваа грешка вообичаено ја правиме не по наша вина, туку затоа што така сме научени, така пишува во книгите.

Што значи оваа грешка?

Од самиот почеток во креирање на бизнисот преку генерирање на бизнис идеи претприемачот е насочен само на пазарот. Гледа што е трендовски во моментов на пазарот а што не е. Ако е во тренд да се има бутик се започнува бутик, ако е во тренд такси компанија се започнува такси компанија…

Сигурно се запрашувате што е тука погрешно. Да, нема грешка во тоа да се најде што е она што во моментов се бара на пазарот. Во 3 елементи кои секоја бизнис идеја мора да ги има ги опфативме токму овие таканаречени пазарни елементи на една бизнис идеја:

  • Проблем
  • Желба и
  • Слаба конкуренција.

Но, каде е тука претприемчаот? Каде е централната фигура во секој бизнис – претприемачот? Ја нема. Бараме проблем на пазарот, бараме пазарна ниша со висока желба за купување од нашиот иден бизнис, и бараме ниша на која има слаба конкуренција (иако се сомневам во ова). Токму тука ја гледам и најголемата грешка.

Грешка, бидејќи на таков начин бизнисот го дизајнираме за пазарот без да се вклучиме ние како претприемачи во тој дизајн.

  • Дали имаме знаење за тој бизнис?
  • Дали имаме вештини за тој бизнис?
  • Дали имаме пасија за тој бизнис?
  • Дали ќе го постигнеме она што го сакаме во нашиот живот со тој бизнис?
  • Дали ќе бидеме задоволни со тој бизнис?
  • Што ќе биде нашата задача во тој бизнис?
  • ….

Сето тоа го забораваме и нормално дизајнираме бизнис кој ќе има слаба бизнис потенцијална енергија складирана во нас како претприемачи. Затоа набргу ќе почнеме да патиме. Па потоа и нашиот бизнис ќе започне да пати. И, нормално ќе дојде период кога нема да можеме веќе да го издржиме тоа патење со што ќе прекинеме да се занимаваме со тој бизнис.

Ова не значи дека пазарниот елемент треба да се отфрли. Туку, потребно е да започнеме од самите себеси при што ќе ја дефинираме рамката на нашиот иден бизнис, а потоа врз основа на таа рамка и на пазарните елементи да пронајдеме бизнис идеја за нашиот нов бизнис.

Да бидеме реални, секој претприемач, па и Вие како идни или пак сегашни претприемачи го започнувате бизнисот за Ваша подобра иднина. Па, зошто да не започнете при дизајнирањето на бизнисот од таа Ваша подобра иднина.

Кога го дизајнирав премиум на претприемач (ќе биде достапен од 01.01.2010) тргнав токму со еден ваков модел на започнување и дизајнирање на бизнисот. Модел кој е сосема поразличен од она што досега е пракса и што мислевме дека е вистински претприемнички пат.

post

Бизнис Копија – Моќта На Имитација

Копирај го ова, копирај го она, копирај, копирај… Над 90% од се што постои на пазарот е копија на нешто друго. Дали имитацијата е профитабилна и ефективна стратегија за постоечките и идните претприемачи? Мислам, да. Една од најголемите грешки што потенцијалните претприемачи никогаш не стануваат претприемачи е бидејќи тие се обидуваат да најдат уникатен производ за уникатна пазарна ниша која воопшто и не постои. Можеби таа пазарна ниша не постои бидејќи воопшто не постои потреба за таквите производи или услуги. Имитацијата е профитабилна и ефективна стратегија доколку се изведе на вистинскиот начин бидејќи претприемачите ќе имаат повеќе користи:

Бизнис копија - Имитација заради успех

  • Влегувате на пазар кој веќе постои,
  • Имате многу помал ризик (оставете го настрана тоа дека претприемачите се превземачи на ризик сеуште постојат и практични и теоретски дилеми околу тоа бидејќи никој не става здрава нога во трн),
  • Имате многу помали трошоци и
  • Имате многу помал претприемнички стрес.

Денес на светскиот пазар постојат толку многу успешни бизниси кои едноставно се изродиле како копија од некоја друга идеја или пак некој друг веќе постоечки бизнис. Имитацијата едноставно претставува правење на нешто што веќе се прави од некој друг. Таа е користење на идеја која веќе постои.

Би дал неколку совети за копирање на друг веќе постоечки бизнис за да креирате сопствен бизнис кој ќе биде супериорен на пазарот.

Не се обидувајте да најдете бизниси кои никогаш не биле пробани претходно

Понекогаш претприемачите се заглавуваат во наоѓање на бизнис идеја која не постои на пазарот. Не дека не е добро да се има една таква идеја, но постои опасност дека таа идеја не поминала досега бидејќи не била барана. Доколку оваа стратегија со уникатна идеја успее има голема веројатност дека бизнисот ќе биде успешен. Но, процентот на успех со оваа стратегија е многу мал, па така да и веројатноста на успешноста на оваа стратегија се намалува. Со оваа стратегија ќе мора да инвестирате време, пари и енергија за да изградите нешто што не гарантира успех на бизнисот. Што ќе се случи доколку не постои интерес на пазарот за таа идеја? Умните претприемачи не превземаат ризик со нешто што не гарантира успех. Не можеме сите да бидеме еден вид на Bill Gates (Microsoft) или пак Larry Page (Google).

Затоа доколку сте претприемач кој штотуку започнува или пак планира да започнува бизнис или пак веќе сте сопственик на мал бизнис не обидувајте се да најдете бизнис кој не бил пробан. Оставете го тоа за големите компании кои имаат доволно ресурси со кои ќе си го покријат својот неуспех во нешто ново. Но, доколку тие успеат во тоа копирајте го нивниот успех во Вашиот бизнис.

Пронајдете го вашиот идол

Секоја личност има сопствен идол кој сака да го копира за да личи на него, да живее како него, да се однесува како него, да работи како него… Мора да најдете успешен претприемач или пак бизнис кој ќе го копирате во Вашиот бизнис. Вашата задача е да најдете некој кој веќе го има искусено успехот кој што вие толку желно го посакувате. Направете листа од можни претприемачи и бизниси која ќе ви служи за наредните чекори од процесот.

Следете ги вашите идоли

Кога ќе ги најдете и изберете Вашите идоли потрошете одредено време на нивно следење. Ова не значи дека треба да одите по нив, односно да ги следите во буквална смисла на зборот. Ова значи прибирање на информации за нивниот успех. При следењето обидете се да одговорите на следниве прашања за Вашите идоли:

  • Што е тоа што тие го прават за нивниот деловен успех?
  • Кој е нивниот чекор по чекор процес кој ги одвел до успехот?
  • Какво е нивното однесување?
  • Како тие го користат маркетингот во нивниот бизнис или пак производ и услуга?

Проучете и научете за се што тие прават за да бидат успешни

Проучете и научете, проучете и научете… Ова е основата за успешно копирање на нечиј друг бизнис. Ќе мора да одговорите на следниве прашања по проучување на успехот на Вашите идоли:

  • Во што се тие подобри од останатите бизниси во истата индустрија?
  • Што тие прават поразлично од другите?
  • Која е нивната супериорна вредност?
  • По што се препознатливи на пазарот?
  • Како го градат нивниот кредибилитет?

Копирајте ги сите успешни фактори во вашиот бизнис

Откако ќе го соберете знаењето за нивната деловна успешност можете да започнете со планирање на имплементацијата на тоа знаење во Вашиот сопствен бизнис. Имплементирајте ги сите фактори кои ги идентификувавте во претходните чекори. Не се обидувајте да испуштите некој фактор кој ви е идентификуван како елемент кој Вашиот идол го прави успешен претприемач. Копирајте се во Вашиот бизнис.

Подобрувајте ги сите фактори

И за крај зборот кој најмногу ми се допаѓа во целиот овој процес, а кој прави да не бидете обични имитатори – подобрување. Досега во процесот веќе изградивте систем и потенцијал за Ваша сопствена бизнис успешност.Но, Вие сакате да бидете број еден на пазарот. А, кој не сака? Затоа не запирајте тука. Подобрувајте ги факторите на успех. Подобрете ги сите фактори и имплементирајте ги новите кои ќе ги откриете за да бидете подобри од бизнисот кој веќе го копирате. Подобрувајте, доколку сакате да бидете препознаени како нешто уникатно на пазарот.

***

Сега што мислите? Дали Вашиот бизнис е фалсификувана копија или пак уникатен бизнис кој претставува подобрена копија на некој друг бизнис? Мислам дека имате оригинален бизнис иако е роден од идеја и успех на други. Процесот е едноставен:

Пронајди + Научи + Копирај + Подобри = Уникатна успешност





post

БИЗНИС ОД ЗАБАВА, БИЗНИС СО ЉУБОВ И ЗДРАВЈЕ

Малку еден друг момент или пак друга страна на претприемништвото и бизнисот. Досега често пишувавме треба ова или она со цел зголемување на успешноста и рофитабилноста на бизнисот. На таков начин запоставивме неколку важни сегменти од бизнисот атоа е надворешната страна. Не треба да се лажеме и да велиме дека започнуваме бизнис заради тоа и тоа што претставува секаков друг изговор без да се каже дека започнуваме бизнис заради пари. Во суштина длабоко во срцето на секој претприемач целта за започнување на бизнис се пари. Парите претставуваат извор на сигурност. Со пари можеме да си приуштиме добар одмор, да возиме скап автомобил, да си дозволиме било каква играчка за нас или пак за нашите деца.

Но од друга страна парите неможат да ни ги обезбедат следниве работи:

  • љубов
  • здравје
  • среќа

Значи, за успешен претприемач и успешен бизнис ќе бидат потребни пари од бизнисот и љубов, здравје и среќа за претприемачот.

Во овој натпис ќе опфатиме нешто што често пати се заборава, а тоа е среќата. Кога сме среќни? Среќни сме кога сме здрави. Среќни сме кога сме вљубени. Среќни сме кога се забавуваме. Среќни сме кога имаме пари.

Значи за прбите три причинители на среќата не ни е потребен бизнис. Бизнис не ни е потребен за љубов, здравје и и забава. Парите можат на некој начин да влијаат на овие три елементи. И не само на некој начин туку во реалноста навистина влијаат. За пари потребен ни е бизнис или вработување. Но, при вработување сигурно нема да ја имаме можноста за доволно пари при што би се задоволиле апетитите на еден просечен човек. Па затоа како поголема финансиска сигурност останува бизнисот.

Љубов можете да имате и пред започнување на бизнисот. Можете да имате и солидна забава пред започнување на бизнисот.ljubov-pari-sreca-zdravje Здравјето може да биде на одлично ниво пред започнување на бизнисот. Но, бизнисот од друга страна може да допринесе во расипување на овие три елементи кои не се обезбедуваат со пари. Доколку е таков случај што сме направиле? Имаме бизнис и пари, а немаме љубов, здравје или пак среќа.

Па во последно време претприемнштвото како наука бара начини и врши истражувања како да се интегрираат сите овие елементи во еден успешен  бизнис. Постојат многу истражувања за оваа подрачје.

Значи, доколку при работата што ја работиме не се забавуваме нема да бидеме среќни? Доколку заради работата ја изгубиме нашата љубов, повторно нема да бидеме среќни. За здравјето пак да не зборуваме. Сите овие елементи се испреплетени и влијаат еден на друг. На, пример без љубов ќе бидеме депресивни, што ќе влијае на нашето здравје, нема да се забавуваме и бизнисот ќе трпи. Значи едно без друго не оди. Сите пари на светот не можат да заменат некој момент со некој кој го сакате. Изгубеното здравје нема да можат да го надоместат парите. Вашата среќа и среќата на вашето семејство не можат да се надоместат со било која сума на пари.

Значи сево ова може и треба да се интегрира. Целта на бизнисот е да ја зајакне нашата љубов кон оној кој го сакаме, да ни обезбеди добра забава и нормално да ни го одржува здравјето на високо ниво. Но, како ова да се постигне?

Љубовта е поголема доколку повеќе време се поминува со саканата личност. Забавата е подобра кога не работиме или пак имаме бизнис. Со работа се троши и здравјето. Па, што тогаш останува? Три работи:

  • АВТОМАТИЗАЦИЈА,
  • ЕФЕКТИВНОСТ И ЕФИКАСНОСТ,
  • 80/20 ПРАВИЛО

Со автомаизација на сите акивности кои се рутински незабавни ќе ослободиме повеќе време за љубовта и ќе го заштедиме нашето здравје. Со ефективност и ефикасност и 80/20 правило (парето принцип) ќе ги работиме работите кои ни се најзабавни, ни носат најмногу пари и не прават најсреќни.

post

ПЕТ ЧЕКОРИ ЗА УСПЕХ

Пред некое време нарачав еден софтвер и како подарок добив 2 книги и уште некои видео и аудио CD-a за гледање и слушање. Една од книгите (извештај) е и 7 Figure Secrets од Mike Filsaime човек од интернет маркетинг бизниси. Книгата како што кажува самиот наслов се однесува на тајните за бизнис со седумцифрена вредност (во US долари се разбира). И во самата книга авторот напоменува дека овие чекори се  најважните за секаков тип на бизниси па и интернет бизнисите.

Но, да не должам многу. Кои се тие 5 чекори наведени таму?

  1. Бизнис треба да ви биде забавен. Она што го работите треба да биде забавно за Вас. Сигурно нема да го давате својот максимум доколку тоа што го работите не ви е забавно. Кога работите работа што не ја сакате ќе ја сработите само колку да ја завршите. Во вакви сучаи не размислувате за квалитетот на завршената работа. Затоа доколку бизнисот кој планирате да го започнете сметате дека нема да ви е забавен воопшто не го започнувајте туку размислувајте за нова, подобра и позабавна бизнис идеја.
  2. Сонувајте големи сонови. Сонување е карактеристика на секој човек. Секој сака да има одобар живот и сонува за еден таков живот. Некој може да uspeh-cekori сонува за куќа со базени, друга за крстарење низ некои подрачја од светот, трет да постигне ниво да заработува со минимално вложување на труд. И секој сон е остварлив доколку претприемачот сака да го оствари. Големиот сон ќе ви го покаже патот кој треба да го изодите за да стигнете таму. И во оваа книга како и ние претходно што напоменувавме низ текстовите на pretpriemac.com, Mike Filsaime вели дека секогаш ќе постојат луѓе кои ќе ви велат тоа и тоа е невозможно. Не дозволувајте некој друг да ви го отргне сонот освен самите вие.
  3. Верба во себе. Трет чекор на патот кон успехот е веба во себе. Доколку верувате длабоко во себе дека можете да направите нешто во иднината вие ќе го остварите вашиот сон. Доколку не верувате во себе подобро не го започнувајте тоа што го ланирате бидејќи така Вашиот сон ќе биде далеку и неостварлив.
  4. Идентификација на луѓе ки го живеат вашиот сон и започнување да се прилагодувате кон нивниот начин на однесување. Во овој чекор потребно е да најдете луѓе кои го имаат успехот кој вие го посакувате. Откако ќе ги идентификувате проучувајте го нивното однесување и забележувајте ги сите работи кои овие луѓе ги прават успешни. На крајот применувајте ги истите работи во Вашето однесување. На ваков начин ќе можете и да го подобрите начинот на однесување и да станете уште поуспешни.
  5. Поставување на обврска. Последниот чекор според Mike Filsaime е поставување на обврска. Значи можете да имате одлична бизнис идеја која навистинаќе ви е забавна, да сонувате колку што сакате, можете да имате верба во себе и да ги идентификувате луѓето кои се успешни и да ги знаете работите што треба да ги превземете, но се додека не си поставите обврска секој чекор да го спроведете (да превземете акција) сето горе наведено ќе ви биде непотребно. Поставување на обврска може да биде во стил на акционен план, точки ки треба една по една да ги спровеувате. Затоа, pretpriemac.com подготвува посебна веб страна која ќе ги опфати сите аспекти од патот до успехот и во секој чекор ќе бидат дадени подчекори кои треба да ги спроведувате како обврска.

На сликата можете да видите како четворица се качуваат по скалите на патот до успехот додкеа еден стои на страна се чуди што да прави. При пропуштање на некој од чекорите може да ве врати на почеток (како човекот кој стои од страна). А патиштата може да бидт различни важно е да го следите вашиот бизнис план и да се искаите онаму каде што сакате да стигнете.

post

БИЗНИС МОДЕЛ – НЕШТО ШТО ЌЕ ВИ ПОМОГНЕ

Во овој напис сакам да прикажам еден практичен начин на развој на бизнис модел и да го споделам своето лично искуство со Вас. Читателите на претприемач ќе имаат можност да читаат за целиот процес на развој на еден нов бизнис. Овој бизнис модел ми се вртеше во глава со месеци, вршев анализи и истражувања и на крај го ставив на хартија па изработив график со помош на мојот компјутерски софтвер за аналитика и графичка презентација. Но да тргнеме од почеток.

Секој бизнис има свој сопствен модел. Бизнис модел претставува начин на изведување на бизнис активности. На пример за малопродажба, бизнис модел може да биде набавка, изложување, маркетинг, продажба и повторно истото. Но, помеѓу овие процеси во моделот може да има повеќе различни подпроцеси. И токму во тоа е разликата помеѓу различните бизнисите. И токму во тие подпроцеси еден бизнис може да биде успешен, а друг ист таков неуспешен.

Секој бизнис модел како основа ја има бизнис идејата. Во однос на бизнис идејата во главата се појавуваат различни начини на изведување на таа бизнис идеја, се вртат комбинации, пермутации, варијации и што ти уште не. Во овој момент од ден во ден во главата првобитната идеја е се поизменета и позименета. Но, постои и замка. Ова може да трае до бесконечност и бизнисот да остане во фазата на предстартап. Секој претприемач во овој момент изгледа вака:

PretpriemacBiznisModelStart

Многу прашалници. Многу непознати. Многу идеи. Сето ова треба мозокот на претприемачот да го совлада. Опасноста лежи во тоа да постојано се размислува и на крајот ништо да не се превземе. Овие претприемачи, или потенцијални претприемачи или вечити потенцијални претприемачи остануваат во оваа фаза од животниот циклус на бизнисот.

Решение за избегнување на оваа опасност е скицирање. Ова значи да се земе пенкало и лист хартија и да се скицира бизнис моделот за бизнис идејата која ја има потенцијалниот претприемач. Скицата не мора да биде уметничко дело. Скицата може да биде обична шкработина која само Вие ќе ја разбирате. Скицата ќе биде добра се додека Вие ја разбирате. Кога шкработината веќе не е разбирлива и за Вас тогаш веќе скицата не е добра и повторно се запливува во опасноста.

На втората слика е прикажана една таква скица на вистинит бизнис модел што ми се вртеше низ мозокот во последните неколку месеци. Еве ги шкработините од еден таков бизнис модел:

26042009368

Ова е навистина неразбирливо за секој кога ќе го погледне. Но, и не мора да биде разбирливо, бидејќи во оваа фаза оваа скица не е бизнис план. Не мора никој да го чита. Оваа скица е битна само за претприемачот и никој друг. Но, запомнете се додека не е неразбирлива за самиот претприемач. Ова скицирање може да трае се додека потенцијалниот претприемач не бидне задоволен и подготвен за наредната фаза. Но, доколку сакате да не постанете вечити скицирачи на бизнис модел подобро е да зададете рок на скицирање во вид на еден месец, недела или ден.

Но, која е наредната фаза по скицата? Наредната фаза е исто така скица, но сепак поразбирлива и изработена компјутерски со различни бои кои би значеле нешто.

По скицата изработена со рака преминав на изработка на компјутерски график кој е прикажан на сликата подолу.

BusinessModel

Ова веќе значи нешто. Има различни бои, стрелки, ознаки се она што има некакво значење. Веќе оваа скица може да биде разбирлива за секого.

Погледнете како од рачна скица се доби професионален бизнис модел кој за претприемачот има соодветно значење. Можете да забележите и дека помеѓу рачната и комјутерската скица нема многу сличности иако се е опфатено од рачната скица во компјутерската (само можеби некои ситни детали се додадени во компјутерската). Ова е поради фактот што кога ја спремав компјутерската поминав низ целиот бизнис модел повторно, ги увидов некои од слабостите при што ги отстранив од скицата. И така се доби чиста и разбирлива скица на еден бизнис модел.

Со неколку погледнувања на овој бизнис модел можам да забележам неколку слабости кои бргу можам да ги отстранам. Можам да забележам што треба да се додаде за да го подобрам моделот. Секогаш кога ќе го ревидирате додавајте верзија при снимање за да знаете кој е последниот. На пример V01, V01.1, V01.2, V02…

Кога ќе ја имате последната верзија веќе ќе можете да ги извлечете чекорите за отпочнување на Вашиот бизнис, како и за водење. На пример, во еден од овие елементи во моделот имам предстартап, стартап и после стартап елементи. Можам во вид на чекинг листа да наведам што треба да преземам и во кој период за исполнување на активности.

Ова е многу значајна фаза од животен циклус на секој бизнис. Тука се поставуваат темелите на еден нов бизнис. Од овие темели во голем дел ќе зависи и иднината на бизнисот.

post

ЗАПОЧНУВАЊЕ НА БИЗНИС – ДОБРА ИЛИ ЛОША ИДЕЈА?

Ова е многу зачестено прашање во последните неколку месеци не само кај нас туку и низ целиот свет заради тековната глобална рецесија. Но, и во услови на здрава економија секогаш е актуелно прашањето дали да се започне бизнис и да се работи сам за себе или да се работи за некој друг. Прашањето и не е сосема лесно? Со започнување на бизнис секој претприемач се откажува од некаква сигурност. На пример, со започнување на бизнис ќе се откаже од тековната работа која му носи каква таква плата и „преживување“ од денес до утре.

Од друга страна новиот бизнис може да му донесе подобар живот или пак може да го претвори животот во ноќен кошмар. Затоа пак во услови на рецесија оваа прашање е многу полесно, особено за сите оние кои остануваат без работа. Оние кои што остануваат без работа нема што да изгубат. Но, и во вакви услови е потребна одлучност, креативност и спремност.

Ние во Република Македонија сеуште си го носиме историскиот товар на размислување преку големи корпорации. Учиш и завршуваш факултет или некој занает и бараш работа во големи компании. Но, тие веќе не постојат. Па, каде тогаш? Ќе си седиме дома, ќе бараме огласи и ќе конкурираме за вработување некаде. Може и едно кафе во период на „дневна шема“ и муабет со пријатели. Колку е убав овој живот? На крај ќе завршиме како некој шанкер, келнер или пак како продавачка во бутик со некоја плата од 10-15 илјади денари. И добро е, имаме за кафе во дневна шема, па и за цигари, па и за некое парталче, а со еден кредит и добар одмор па ќе враќаме цела година. Познавам многу луѓе кои што работат за плата цела година од која половината ја даваат за враќање за кредит од летниот одмор. Па после нашите банки се вакви или онакви. Банките се бизниси како и секој бизнис. Тие само ги искористуваат можностите што им се понудени од пазарот. А тој пазар сме сите ние.

Познавам еден човек кој беше на печалба во странство и има заработено солиден износ на финансиски сретства. Во разговор со него вели дека е добро има некоја паричка за некој солиден живот, но сега доколку најде работа во Макпетрол да продава бензин би било супер. Вакви ги има многу. Овие луѓе не размислуваат за започнување на бизнис. А замислете колку потенцијал имаат за започнување. Имаат финансии, но немаат бизнис идеја и секако дека се страшливци бидејќи не сакаат да ризикуваат.

Па сега кој ни е крив? ЕУ, НАТО, САД, ММФ, соседи, или пак самите ние. Не би сакал да навлегувам во суштината на овој проблем или би го оставил тоа за некој друг ден бидејќи многу работи се испреплетени од историско минато, преку државни органи, едукациски институции до културата и начинот на размислување.

Можеме да заклучиме низ текстов дека постојат следниве типови на луѓе:

  • Едуцирани со бизнис идеја но без потребни финансии за започнување на бизнисот
  • Едуцирани со финансии но без идеја за започнување на бизнисот
  • Неедуцирани, имаат бизнис идеја но без потребни финансии за започнување на бизнисот
  • Неедуцирани со финансии но без идеја за започнување на бизнис.

Ова навистина е реалноста? Оние кои имаат идеја немаат пари. Оние кои имаат пари немаат идеја. Но и во двете ситуации недостасува една алка, а таа е превземање на ризик. Доколку постои карактеристика на превземање на ризик оној кој нема бизнис идеја ќе изнајми некој за да изработи добра бизнис идеја за него. Оној кој нема пари ќе разговара со роднини и пријатели за заем ќе контактира со банки за подигнување на кредит.

Да сублимираме основни карактеристики на претприемачот за започнување на бизнис се:

  1. Креативност за добра бизнис идеја
  2. Превземање на ризик
  3. Одлучност