post

Истражување на Пазар – Porter-ов Модел

Ова е продолжеток на темата за истражување на пазарот. Предходно пишував за методи за истражување на пазарот кои се однесуваат на прибирање на податоци.

Porter-ов модел на истражување на пазарот или пак анализа на индустријата, кој уште се нарекува и Porter-ова анализа на 5 сили претставува една моќна алатка за претприемачите. Овој модел се однесува на анализа на 5-те сили кои што влијаат на конкурентноста на еден бизнис на еден пазар или пак индустрија во која опстојува тој бизнис.

Овој модел е развиен од страна на Michael E. Porter во 1979 година. Суштината на самиот модел се 5 сили кои влијаат на конкурентноста на еден бизнис прикажани како на сликата:

Porter-ов Модел за анализа на индустријата

1. Конкурентност

Оваа сила се однесува на конкурентите кои веќе се наоѓаат на пазарот. Вашата задача како претприемч ќе биде да го определите нивниот број и способноста. На пример, доколку Вашиот бизнис на пазарот на кој се наоѓа има повеќе конкуренти кои нудат слични производи и/или услуги со слични карактеристики и корисност за потрошувачите тогаш Вашата конкурентска моќ ќе биде мала. Од друга страна доколку никој друг не го прави она што Вие го правите на пазарот ќе имате огромна пазарна моќ.

2. Закана од влез на нови компании

Пазарната моќ се отсликува и врз основа на втората сила од овој модел а тоа е влез на нови компании. Прашањето е колку е лесно да се влезе на овој пазар. Доколку влезот на пазарот е едноставен при што нововлезените бргу можат да ги научат правилата на играта, Вашиот бизнис може бргу да ја изгуби предноста како еден „староседелец“ на пазарот.

3. Закана од субститути

Субститути се производи кои не се исти како производите на Вашиот бизнис, но можат да се користат како замена на Вашите производи. Оваа сила доаѓа од способноста на потрошувачите за разлика од претходните две кои се однесуваа на конкуренцијата. Кога велам способност мислам на способноста Вашите потрошувачи лесно да го заменат користење на Вашиот производ со некој субститут. Доколку субституцијата на Вашиот бизнис модел може да постои и е едноставна да се направи, тогаш оваа сила ја намалува Вашата моќ на пазарот.

4. Моќта на купувачите

Ова е реална сила која може да постои во секој пазар. Оваа сила се базира на бројот на купувачи врз кои се потпира Вашиот бизнис, нивната важност за бизнисот, леснотија да го променат Вашиот бизнис со конкурентскиот… Доколку вашиот бизнис е премногу базиран само на неколку купувачи тогаш тие по одредено време ќе сватат дека ќе имаат моќ врз вас како претприемач и врз вашиот бизнис. Инаку оваа сила бара одговор на прашањето колку едноставно купувачите можат да влијаат на намалување на вашите цени.

5. Моќта на снабдувачите

Како пета сила која влијае на позицијата на вашиот бизнис на пазарот согласно овој модел е моќта на снабдувачите. Повеќето претприемачи не се ни свесни колку снабдувачите можат да влијаат на еден просечен бизнис. На пример, снабдувачите имаат моќ да ја диктираат цената на Вашиот производ или услуга бидејќи нивните производи или услуги се вградуваат во вашите. Но, прашањето е колкаво влијание можат да имаат? Оваа сила е под влијание на бројот на снабдувачи, трошоци за да ги замените постоечките снабдувачи, уникатноста на нивните производи или услуги…

Од овие 5 сили кои влијаат на конкурентноста на еден бизнис можеме да забележиме дека на некој начин се опфатени и во оние прашања кои ги дизајнирав за анализа на индустријата. Можете едноставно да ги следите прашањата и да ги одговарате при што ќе добиете една квалитетна слика за тоа што ќе треба да преземете.

Инаку целта со овој модел е да се намали негативното влијание на овие сили. На пример, да воспоставиме доволно силни бариери за да биде тешко некоја нова компанија да влезе на пазарот. Целта по една ваква анализа мора да бидат конкретни чекори кои Вие како претприемач ќе треба да ги превземете за да си ги зајакнете позициите на пазарот.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*