
Разноликост, Приоритизација, Интеграција
Се е различно околу нас. Секој човек е различен без разлика какво знаење има, какво образование стекнал или пак какво работно искуство има. Оваа разноликост е последица на акумулираното знаење и искуство во еден човек.
Тоа знаење и искуство се акумулира низ текот на годините преку формално и неформално образование, преку работно искуство, преку личниот живот, преку пробување и грешење…
Она што е интересно и што Вие како претприемач или менаџер треба да го знаете е дека секој ќе си тежи кон своето, не кон туѓото. Порано се слушаа пискотници во стилот:
- Директорите имаат толкава плата, а ние работиме…
- Газдите си го собираат кајмакот, а ние дизајнираме, произведуваме, монтираме, маркетираме и продаваме…
Денеска е најлесно да бидеш експерт, па и секој нормално дека ќе биде експерт во своето подрачје на работа. Заварувачот си ја знае подобро сопствената работа од било кој менаџер во една компанија. Водоинсталатерот исто така.
Дизајнерот знае да дизајнира одлични производи и/или онлајн презентации или пак грбови и бизнис лого, многу подобро од било кој менаџер во една компанија во која работи тој.
Инженерот ќе проектира, конструира, програмира, склопува и пушта производствени линии како и производство на производи со различни функционалности за крајниот купувач. Но, економистот ќе биде експерт за гледање низ призмата на трошоци кои заварувачот, водоинсталатерот, дизајнерот и инженерот ќе ги направи.
Од друга страна маркетинг експертот ќе бара уште поголема функционалност и карактеристики за да излезе во пресрет на пазарот, додека инженерите ќе „цимолат“ дека немаат ресурси за такво нешто бидејќи економистите не им даваат пари за трошење.
И така експерти до експерти во своето поле доколку бидат пуштени секој да тежи на својата страна ќе доведат до појава на еден огромен хаос во бизнисот. Затоа е и менаџментот во поголемите компании или пак претприемачот во помалите бизниси кој треба да:
- интегрира,
- координира,
- произведува,
- пресечува,
- администрира,
- приоритизира,
- насочува…
Две од овие потребни активности на еден претприемач или менаџер би сакал да издвојам тука, интегрира и приоритизира.
Приоритизација
Замислете секој поединец со по една до неколку идеи за нешто. Внесување на свежи идеи во еден бизнис е корисна работа, но не по секоја цена да се имплементираат сите. Затоа мора да постои приоритет. Ова не значи намалување на важноста на некој проект или идеја, ова едноставно значи дека некоја друга идеја или проект има поголемо значење за бизнисот како целина. Истото се однесува и за секој организациски систем било да станува збор за мал бизнис, голема корпорација, држава или пак локална самоуправа.
На пример, замислете еден градоначалник да одлучи да набави нови автобуси за јавниот градски превоз иако знае дека улиците се полни со дупки. Канализацијата не како што треба. Не е обезбедено водоснабдување до секој дом.
Од друга страна притисокот за побрзо исфрлање на нов производ на пазарот останува, па дури и се повеќе се зголемува. Животниот циклус на еден производ и/или услуга станува се пократок. Затоа и бизнисите бараат нови начини за справување со новонастанатата ситуација.
Да го земеме примерот со Google. Во минатото оваа компанија имаше и има успешни лансирања на нови производи иако имаше и неуспешни. Сепак се чини дека Google успеа да воведе еден сосема нов стил на менаџментот во индустријата каде промените не се следат со голо око. Сигурно сте слушнале за огромната слобода за креативност при работа на вработените во таа компанија. На ваков начин се доаѓа до многу потенцијални проекти и идеи. Но, за да се намали бирократијата во донесување на одлука за тоа кој проект ќе биде видлив за јавноста Google го користи системот на евалуација на истите од страна на колегите. Кристат само два основни критериуми во таа евалуација:
- техничка изводливост
- кориснички интерес
Со техничка изводливост како критериум обезбедуваат брзо завршување на истиот. Доколку проектот бара дополнителни техничко-развојни елементи со што нема да биде присутен на пазарот за кратко време тогаш истиот нема д помине бидејќи и можеби интересот кај кориснивите во тој период ќе се загуби, а потребни се време и пари за реализација.
Од друга страна доколку проектот е технички изводлив се поминува на евалуација на истиот низ призмата на корисниците – пазарот. Дали пазарот има потреба од такво нешто? Колкава е желбата за задоволување на таа потреба?
Интегрирање
Сите тие разлики треба да се интегрираат во основниот бизнис модел на бизнисот. Ова не е лесна задача за менаџерите и претприемачите. Постојат многу пречки за природна интеграција на разноликите поединци во еден организациски систем. Иако од надвор можете да гледате некоја хармонија и вистинска меѓусебна интеграција сепак доколку ставите лупа или гледате под „микроскоп“ ќе забележите многу недостатоци.
Како прво, кога ќе погледнам некој вработен во некој поголем организациски систем во над 90% од нив гледам еден страв. Страв од менаџментот, страв од можно идно незнаење, страв од колегата кој седи спроти него… Доколку некој може да си дозволи да седи и да работи 8, 10 или пак 12 часа со некој колега, а кога излезе надвор да почнат муабети од зад грб, тоа не е здрава работна средина. Ова е последица на бирократијата и немоќта на менаџментот навремено да реагира или превентивно да влијае на појава на вакви ситуации.
Повторно ќе се навратам на менаџерскиот стил во Google во кој се избегнуваат неинтегративните стапици. Првин секој вработен може 20% од своето работно време да го користи онака како што сака – на некој свој проект. За да може ваквиот начин на иновативноста да функционира во компанијата менаџментот:
- Ги регрутираат најголемите умови од универзитетите.
- На секој можен начин ја поттикнуваат соработката помеѓу вработените.
- Постојано бараат олеснување на циркулација на разните идеи низ компанијата.
Во секој случај не треба да се дозволи мислењето на еден експерт во едно поле да надвладее во процесот на донесување на одлука. Сепак, корисниците се тие кои треба да го кажат последниот збор.










