post

Дали повеќе време работа значи и повеќе завршена работа?

Повеќе работни часови, не значи и повеќе завршена работа

Како 13-то правило во 50 Правила за бизнис продуктивност го ставив правилото дека повеќе работни часови не значи повеќе завршена работа. Дали е ова правило точно и зошто доколку е точно.

Имам видено различни лица, кои работат на исто работно место (за иста плата) со различни резултати и различно потребно време да се комплетира истата работа. Но, зошто е тоа така.

Пред едно два месеци стоејќи пред една наша институција на место каде се пуши, случајно слушнав разговор помеѓу двајца вработени таму. Првиот, разочаран што мора да пие кафе надвор за да запали цигара малку „политички“ наведе дека на менаџментот се ќе му се врати ова „малтретирање“. Тоа беше постар вработен кој можеби повеќе од 20 години работи во таа институција. Помладиот, не сакаше да биде нападнат сегашниот менаџмент возврати со прашање дали тој едноставно прети нешто. Додека постариот вработен си влезе помладиот продолжи да зборува дека тие секој ден си одат во 16:30, додека тој останува до 20:00 на работа. Тука веќе морав да се вклучам во тој монолог едноставно со прашањето: Дали доколку седиш до 20:00 значи дека си ефективен и ефикасен? Всушност сакав да прашам дали ги прави правите работи и доколку ги прави дали ги прави на прав начин. Тој ми одговори, да ние решаваме проблеми, секојдневни работни активности, бла, бла, бла… А, дали си продуктивен следуваше мое прашање. Повторно одговорот му беше да. Иако не знае дека продуктивноста е завршена работа во единица време. Би бил продуктивен доколку успее сите денешни работни задачи да ги заврши до 16:30 како што му е регулирано во систематизацијата на работно место.

Не сакам да навлегувам во политичката омраза помеѓу вработени во ваквите организациски системи, тоа е голем проблем, но тука постојат неколку елементи кои ме наведуваат да заклучам дека нешто во овој организациски систем не е како што треба, од аспект на еден индустриски инженер:

  • Доколку му плаќаат прекувремена работа тој на секои два дена би земал уште една дневница зголемена за законските 35%. Доколку работното место е дизајнирано онака како што треба тој организациски систем ќе има зголемен трошок од скоро 100 часа месечно (со пресметано зголемување од 35%).
  • Доколку работното место не е дизајнирано како што треба, менаџментот има огромни проблеми во обезбедување на ефикасноста и ефективноста на вработените. Освен тоа продуктивноста ќе се намалува поради факторот на замор, а квалитетот на завршена работа ќе биде на ниско ниво.
  • Постои можност доколку некој останува повеќе на работа да едноставно нема капацитет за тие работни задачи. Или пак има капацитет, но бидејќи менаџментот нема други квалитетни вработени го затрупува оној кој може да заврши работа. Па зошто тогаш се плаќаат другите? Повторно, тоа е проблем на менџментот, не на вработените.

Ова е само еден мал процент од лошата реалност во нашите организациски системи – бирократски.

Анализирајќи го еден ваков проблем, дојдов до следниве одговори кои се поврзани со продуктивноста. Тоа се 4 најважни фактори кои влијаат на бизнис продуктивноста:

1. Различен капацитет

Различни лица, различни тимови и различни организации имаат различен капацитет на извршување. Овој капацитет ќе доведе до тоа некои вработени да завршуваат побрзо и поквалитетно иста работа во однос на други. Не можеме да очекуваме секое лице да има ист капацитет за вршење на правите работи на прав начин.

2. Различна пасија

Луѓето ќе имаат пасија за нешто доколку се возбудени, имаат ентузијастички емоции и позитивен афинитет за нешто. Доколку една личност има голема пасија за работата која што ја работи, таа работа ќе биде завршувана побргу и со подобар квалитет. Пасијата е почеток на се околу една личност и неговата работна околина. Затоа, еден претприемач пред да одлучи за избор на лица за вработување, ќе мора да се обиде да препознае за што има пасија тоа лице.

3. Уживање

Доколку уживам во спроведување на работните активности, ќе ги извршувам тие активности најдобро што можам. Некои лица ќе уживаат во работата, но некои ќе работат без уживање, а само заради платата. Продуктивноста ќе се базира на нивото на уживање, и затоа лицата кои не уживаат во работата ќе им требаат повеќе работни часови за завршување на таа работа.

4. Инспирација

Различна инспирација има различно влијание врз извршувањето. Доколку не сум инспириран да го дадам најдоброто од себе, не можам да очекувам дека квалитетот на резултатите ќе биде на посакувано ниво. Некои луѓе ќе бидат инспирирани од парите, некои за идеалите, но она што е важно за претприемачите е дека тие ќе треба да ги препознаат различните извори на инспирација на своите вработени.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. Анонимен says

    Би бил продуктивен доколку успее сите денешни работни задачи да ги заврши до 16:30 како што му е регулирано во систематизацијата на работно место.

    Дали тоа е така?

    Јас ќе презентирам друга теза.

    Дали е попродуктивен оној што ќе си отиде во 16:30 и ќе остави работа за утре (бидејќи на работа никогаш крај. Не може да се каже што имам за денес за работа. Секогаш може да се сработи повеќе, а никогаш да се заврши комплет работата. Секогаш има по нешто за работа), или оној што ќе остане повеќе на работа? Кај нас прекувремена работа не се плаќа. Зошто јас би останувал повеќе на работа? Дали е попродуктивен оној што ќе ја заврши работата „плукни залепи“ или оној што за истата работа ќе потроши малце повеќе време, а работата ќе биде сработена поквалитетно, поисправно?

    • Драган Шутевски says

      Интересна теза Далибор која доста се применува во наши услови.
      Но, сепак постои едно но. Математички гледано за да ја завршиш работата поквалитетно при што ти треба повеќе време (од пропишаното, нормираното, пресметаното) не значи дека си продуктивен затоа што колку го зголемуваш времето за завршување на работата толку се намалува продуктивноста. Затоа постои организациски дизајн кој сите тие елементи во вид на продуктивност, квалитет, квантитет, приоритет итн. ќе ги земе во предвид и ќе создаде оргнизација која во исто време ќе биде и ефикасна и ефективна.
      Интересно е што никој во последниве години не вложува во соодветен организациски дизајн согласно бизнис потребите. Од друга страна доколку се плаќа прекувремената работа ни на менаџерот ни на претприемачот не би му било ОК зголемени трошоци. Затоа и се смета дека е подобро да се остане повеќе за да се заврши и повеќе и поквалитетно. Но, доколку се почитува Законот за работни односи, доколку има силни синдикати, или едноставно доколку сме барем малку понормална држава никој не би размислувал така.
      Значи постои пропуст или во организацискиот дизајн или во вработениот. Нешто треба да се промени (подобри).

Trackbacks

  1. Tweets that mention Pretpriemac Novo: Дали повеќе време работа значи и повеќе завршена работа? -- Topsy.com напиша:

    […] This post was mentioned on Twitter by Goran Mitev, Dragan Sutevski. Dragan Sutevski said: Pretpriemac Novo: Дали повеќе време работа значи и повеќе завршена работа? http://ow.ly/17oGr0 […]

Speak Your Mind

*